ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го зголемува јавниот долг, а „остварува“ само партиски тендери


Скопје, 7 август, 2018 - 15:31 (META) 

Со денешното задолжување за околу 32,5 милиони преку аукцијата на Министерството за финансии, СДСМ продолжува со постојаното зголемување на јавниот долг, а не ги остварува дадените ветувања. Единствен и најголем проект им се тендерите и државните пари што ги делат на фирмите на СДСМ и на членовите на СДСМ, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

– Само денеска СДСМ го задолжува секое просечно 4-члено семејство за нови 4.000 денари. Граѓаните тонат во долгови, не можат да врзат крај со крај, а СДСМ, Заев, Анѓушев, Филипче, Шекеринска си делат народни пари по нивни блиски и фирми блиски до СДСМ. Јавниот долг во изминативе 3 месеци СДСМ го зголемија за 54 милиони евра, додека пак државниот долг го зголемија за 29 милиони евра – рече тој.

Арсовски рече дека јавниот долг во изминатите три месеци секој ден се зголемува за 580.000 евра, а реализацијата на капиталните проекти „досега е смешна, исто како што е смешен и растот на БДП“. Тој во името на партијата побара СДСМ да се откаже од намерите предвидени од фискалната стратегија со која што државниот и јавниот долг би отишле над 50% од БДП.

СДСМ реагираше на обвинувањата од Арсовски, порачувајќи оти не е точно дека долгот се зголемил за 32 милиони евра, бидејќи позајмените пари ќе се употребат за враќање долг направен од ВМРО-ДПМНЕ.

„Откако ВМРО-ДПМНЕ го создаде јавниот долг и ги задолжи граѓаните, за прв пат после цели 9 години, во 2017 година јавниот долг бележи намалување. Во 2018 година се задржува на тоа ниво. Криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ ги задолжија и осиромашија граѓаните. Наследени се обврски од 2 милијарди 114 милиони евра до 2020 година кои треба да се вратат. Тоа се камати и главнини од задолжувањата направени во времето на ВМРО ДПМНЕ“, стои во реакцијата од СДСМ.


Владата ја финализираше постапката за прифаќање на возачките дозволи во Германија


Скопје, 26 јуни, 2018 - 17:21 (META) 

На својата 76-та седница одржана попладнево, Владата го прифатила текстот на декларацијата со која Македонија и Германија меѓусебно ќе си ги признаваат возачките дозволи.

Тоа е последниот чекор пред потпишувањето на документот, со кое во Германија ќе се прифаќаат македонските возачки дозволи на македонските државјани што имаат законски престој во Германија од најмалку 185 дена во годината, како и на германските државјани со законски престој од најмалку 180 дена во Македонија, се дознава од владиното соопштение.

Мерката ќе донесе олеснување на гастарбајтерите, кои сега мораат да вадат меѓународни возачки дозволи.

Министрите на денешната седница го прифатиле и годишниот извештај на Министерството за финансии за управување со јавниот долг за 2017-тата година. Според извештајот, тој на крајот на 2017 година изнесувал 4.786,9 милиони евра, што претставува 47,6% во однос на БДП. Од оваа сума, 3.187,5 милиони евра отпаѓаат на надворешниот, додека 1.599,4 милиони евра на внатрешниот јавен долг.

Државниот долг на Република Македонија на крајот на 2017 година изнесувал 3.958,5 милиони евра односно 39,3% во однос на БДП.

Според годишниот извештај на министерството за финансии, бројот на вработени во 2017 година се зголемил за 2,4%, односно за околу 17.000 лица споредено со 2016-тата година. Зголемување од 2,6% на номиналната основа и раст од 1,2% на реална основа, лани бележи и просечната нето/бруто-плата.

Владата на седницата го разгледала и го прифатила извештајот за работата на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (ПИОМ) во 2017 година. Според истиот, бројот на регистрирани осигуреници во декември 2017 е зголемен за 5.406 осигуреници во споредба со истиот месец во 2016 година. ПИОМ минатата година остварил плус од 171 милиони денари, односно 2,78 милиони евра.

Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, според извештајот, минатата година остварил вкупни приходи во износ од 65.319,96 милиони денари и вкупни расходи во износ од 65.148,94 милиони денари.


Државата денеска се задолжи 71,6 милиони евра, утре треба да враќа 66,9 милиони


Скопје, 31 октомври, 2017 - 17:32 (META) 

Министерството за финансии денеска издало државни обврзници во вкупна вредност од 71,58 милиони евра, а најголемиот дел од вака добиените пари ќе ги потроши утре за враќање на 66,88 милиони евра земени преку претходно издадени државни хартии од вредност.

Како што соопшти Министерството, издадени биле едногодишни денарски обврзници, во вредност од речиси 49 милиони евра, со камата од 1,85 отсто, потоа двегодишни денарски обврзници во вкупна вредност од 5,14 милиони евра и камата од 2,1 отсто и тригодишни денарски обврзници во вредност од 8,72 милиони евра и камата од 2,35 отсто, како и 15-годишни девизни обврзници во вредност од 8,61 милиони евра со камата од 3,8 отсто.


Државниот и јавниот долг намалени во третото тримесечје од годинава


Скопје, 31 октомври, 2017 - 16:35 (META) 

Министерството за финансии денеска ги објави податоците за државниот и за јавниот долг за третото тримесечје годинава, според кои, има намалување на државниот и на јавниот долг во однос на претходното тримесечје.

Заклучно со вчера, државниот долг изнесува 3,87 милијарди евра или 37,8 отсто од домашниот бруто-производ (БДП), што споредено со претходното тримесечје е намалување за 9,6 милиони евра, односно за 0,1 процентен поен.

Јавниот долг на државата, кој ги вклучува државниот и гарантираниот долг, за третото тримесечје годинава изнесува 4,69 милијарди евра, што претставува 45,8 отсто од БДП или, споредено со претходното тримесечје, претставува намалување за 16,8 милиони евра во апсолутен износ, односно за 0,2 процентни поени.

Намалувањето на јавниот и на државниот долг, според Министерството за финансии, се должи на отплата на обврски за надворешен стар долг, во вкупен износ 101,9 милиони евра.


Хоџа: Долгот на државата кон приватните компании е околу милијарда евра


Скопје, 18 јуни, 2017 - 11:39 (META) 

Новата влада треба да направи ревизија на тоа колку должи државата и кои институции колку должат за да можеме понатаму да размислиме дали ние би влегле во преговори за соработка со некоја од тие институции, вели Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

Тој вели дека долгот на владата или на државата кон приватните компании, најверојатно изнесува некаде околу една милијарда евра.

– Долгот на владата или на државата кон приватните компании, се шпекулира дека е некаде околу една милијарда евра, меѓутоа тоа во сите држави е така, секаде државата му должи на приватниот сектор. Најбитниот фактор е тоа тие задолжувања да не бидат подолги од три месеци, затоа што во приватниот сектор секое задолжување е товар за бизнисот. Во однос на тоа, нормално дека новата влада треба да направи ревизија на тоа колку тие долгови изнесуваат, за да можеме ние како бизнис-сектор во иднина да имаме увид кои државни институции колку должат за да можеме понатаму да размислиме дали ние би влегле во преговори за соработка со некоја од тие институции – вели Хоџа.

На прашањето може ли бизнис-секторот да си дозволи зголемување на минималната плата, а просечната плата да се искачи на 500 евра, тој вели дека тоа е не само изводливо, туку и неопходно за да се задржи квалитетниот кадар во земјава.

– Ние како стопанска комора подолго време го промовираме тоа дека митот на евтина работна сила во Македонија мора да се промени, поради тоа што со таква социјална политика ние не можеме да имаме некоја перспектива во однос на сите држави во опкружувањето. Во друг контекст гледајќи ние како стопанственици не можеме со таква евтина работна сила да ги држиме нашите капацитети или нашите човечки ресурси од повисок ранг. Во овој случај сите капацитети кои излегуваат од нашите универзитети, кои мислиме дека ќе бидат прифатливи за нашите компании, размислуваат да избегаат од државата. Со ваква просечната плата, каква што беше во минатото, мислиме дека нема да има некаков успех и ќе бидеме повеќе социјална политика, отколку економска политика – вели претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија.


ВМРО-ДПМНЕ: Забавувањето на економскиот пораст е последица на кризата создадена од Заев


Скопје, 27 септември, 2016 - 15:31 (META) 

Светска банка јасно и недвосмислено посочи дека забавувањето на економскиот пораст, странските инвестиции, а со тоа и зголемувањето на буџетскиот дефицит за да се задржи порастот, се директна последица на политичката криза, која во Македонија ја создадоа аболираниот криминалец Зоран Заев и СДСМ, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, како реакција на соопштението на дополнителниот-заменик министер за финансии, Кире Наумов.

Според партијата на власт, „срамно и лицемерно е пулените на Заев да ги користат за дневно-политичка пропаганда последиците од политичкото заложништво во кое СДСМ ја држи Македонија долго време.“

– Наумов и СДСМ добро знаат дека половина од државниот долг е направен во време на СДСМ, со таа разлика што тие немаат ниту еден единствен проект со кој може да го оправдаат овој долг. Дополнително, ден-денес има околу 40 активни кредити од времето на СДСМ, кои земјава сè уште ги отплаќа, пари кои испарија во воздух, односно во џебовите на функционерите на СДСМ – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението, исто така, се додава дека Македонија е меѓу најниско задолжените земји во Европа и дека нејзинот долг е речиси двојно помал од европскиот просек.