Објектот на Архивот во Тетово се осовременува со лим, граѓаните реагираат


Тетово, 8 октомври, 2018 - 16:28 (META) 

Одлуката на Архив на Македонија зградата од првата половина на 20. век во кој е сместена неговата Регионална единица во Тетово да добие нова фасада од лим, предизвика бројни реакции од граѓани и од политичка партија. По негодувањето дека со ваквата постапка се деградира архитектонската вредност на овој стар објект, инспекторите на Општина Тетово го посетија Архивот со цел да вршат увид во документацијата, но немаат надлежност да ги прекинат работните активности, бидејќи за тоа надлежност има единствено Државниот градежен инспекторат, пишува Порталб.мк.

„Груевизмот пристигна и во Тетово“, напиша на својот Фејсбук-профил екоактивистот Арианит Џафери, споделувајќи го написот на сограѓанинот Нгадњим Мемети, кој што порачува: „Зградата на објектот на градскиот архив, некаде од почетокот на 20. век, денес ќе биде завиткан со алкубонд-лим. Обезличување на градот. Скандалозно“. Реагираше и Алијанса за Албанците, која што порача дека наместо да се конзервира и зачува автентичноста на објектот, еден од симболите на Тетово, тој се претвора во една обична зграда.

„Во Тетово се осакатуваат и оние малку преостанати архитектонски вредности коишто го карактеризираа Тетово како древен град. Тоа се случува со Архивот, кој се „изолира“ со алуминиумска фасада, бришејќи ги трагите на одредени историски периоди. Каде остана заштитата на културното наследство, за што Владата доделува приближно 1 милион евра на годишно ниво за заштита, конзервирање и реставрирање на старите објекти под заштита? Наместо да се конзервира и да се зачува нејзината автентичност, овој објект се претвора во обична зграда. Министерството за култура и Општина Тетово треба да преземат одговорност!“, се вели на реакцијата на Алијанса за Албанците.

„Порталб“ ја посети зградата и разговараше со раководителот на Регионалната единица на Архивот во Тетово, Мален Матовски, кој вели дека поседуваат документи од кои се гледа дека зградата не се води како објект на културното наследство, туку е државен објект.

– Имаме имаме документи дека овој објект не е објект од културното наследство, туку е државна сопственост и се води под Државниот архив на Македонија, кој донел решение и доделил свои средства за фасадата. Ништо повеќе не можам да кажам – изјави Матовски.

Додека екипата на „Порталб“ се наоѓаше во просториите на Архивот, таму беа и претставници на Инспекторатот на Општина Тетово, кои вршеа увид во документацијата. Од Општината велат дека отишле за да ја проверат документацијата, но немаат надлежност да ги прекинат работните активности, бидејќи такви ингеренции има само Државниот градежен инспекторат.

„Инспекторатот на Општината, во рамки на спроведување на законот, има право да врши инспекција во објекти од втора категорија. Предметниот објект се води како објект од прва категорија (национална институција). Владата има усвоено програма за целосна реконструкција на таквите објекти. Ние како инспекторат, имајќи ги предвид барањата на граѓаните, излеговме во терен, но што се однесува до прекинување на работните активности, таква надлежност има единствено Државниот градежен Инспекторат. Имајќи го предвид овој факт, се обративме до сите надлежни институции да го разгледаат нашето барање како институција. Не сме против реконструкцијата, меѓутоа стоиме на ставот дека треба да се зачуваат архитектонските вредности како културно наследство“, порачаа од Општина Тетово.

 


Апостолска: Нема оштетени документи, нова зграда за Државниот архив е најдобро решение


Скопје, 4 април, 2018 - 12:40 (META) 

Министерката без ресор, задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, на прес-конференција потврди дека Државниот архив ќе добие нова зграда. Таа потенцираше дека материјалите во Архивот не се оштетени и додаде дека изградбата на нова зграда за оваа институција е најдоброто можно решение.

Старата зграда на Ахривот ќе биде користена за потребите на Обвинителството за организиран криминал, а за пренамената се искористени пари од европските фондови.

-Обвинителството за организиран криминал и корупција се наоѓа веќе пред непосредно вселување. Направена е пренамена. Потрошени се средства за да се отворат лаборатории и истражни центри. Да го вратевме Архивот во старата зграда ќе создадевме проблем со ист карактер – изјави денеска Апостолска.

Одлуката за иселување на Архивот, како што рече таа, е донесена во 2012 година. Просториите во Археолошкиот музеј, не се соодветни за архиварска дејност, од тие причини, додаде министерката, е донесена одлука за изградба на нов објект иако Владата е свесна дека тоа решение ќе ја чини државата поскапо.

-Самото враќање на Архивот капацитетно не го решава проблемот, затоа што имаме голема документација која не е повлечена од институции и која стои таму неколку години. Оваа Влада ги решава на најдобар начин проблемите создадени од претходната. Имајќи го предвид значењето на сите институции, особено на архивскиот материјал, најцелосходна одлука е да се гради нов објект – додаде Апостолска.

Како што рече таа, засега нема ништо уништено во поплавите и протекувањата на покривот во Археолошкиот музеј.


Владата реши да гради нов објект за Државен архив


Скопје, 4 април, 2018 - 9:48 (META) 

Владата на вчерашната, 62 седница донела одлука за почнување постапка за изградба на нов објект за Државниот архив. Додека тоа не се случи, го задолжила архивот, до изградбата на новиот објект да спроведе постапка за санација за спречување на протекување на атмосферска вода во постоечкиот објект.

Исто така, одобрена е предлог-одлуката за прогласување на манастирот „Свети Андреја“ на Матка изграден во годините 1388 – 1389 година, за културно наследство од „особено значење“, во поткатегоријата „големо значење“.

Исто така, за втор портпарол на Владата е именуван Муамет Хоџа.


Архивскиот материјал од Државниот архив не е оштетен, утврдила Владата


Скопје, 9 февруари, 2018 - 18:30 (META) 

Архивскиот материјал кој се наоѓа во зградата на Државниот архив не е оштетен, утврдила комисија составена од претставници од Влада, Државниот архив и Јавното обвинителство.

Увидот бил извршен на барање на министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска. Во увидот, како што информираат од Владата, учествувале и секретарот на Јавното обвинителство, Митко Митревски и заменик директорот на Државен Архив, Музафер Бислими со својот стручен тим.

Комисијата констатирала дека дел од архивскиот материјал од прва категорија, од најголемо национално и историско значење, освен во просториите на новото, се наоѓа и во старото депо.

„За време на увидот е констатирано дека во новата зграда на Архивот, архивскиот материјал не е оштетен од неодамнешните поплавувања на објектот, ниту пак директно е загрозен и дека е целосно заштитен во непропустливи метални сефови. Дополнително од увидот е заклучено дека има потреба да се направи дополнителна проценка на состојбата на микрофилмуваниот архивски материјал, со цел да се утврди дали има потреба од негово преместување во старото депо“, стои во владиното соопштение.

Со увидот било констатирано дека е потребна итна санација на покривот на зградата, со што ќе се спречат понатамошни поплавувања на објектот.


СЈО одзело документи за „Скопје 2014“ од Државен архив


Скопје, 14 јануари, 2017 - 10:44 (META) 

Специјалното обвинителство одзело документи од Државниот архив, во рамките на предистражна постапка, објави телевизија „Телма“.

Од СЈО не коментираат за каков тип документи се работи, ниту што е предмет на нивната предистражна постапка.

Директорот на архивот, Филип Петровски, изјави дека се работи за документи поврзани со проектот „Скопје 2014“.

И Петровски и од СЈО велат дека соработката била коректна и дека немало никакви проблеми, но директорот Петровски сепак смета дека обвинителството е автор на лажни информации кои се појавија на интернет дека имало инциденти во архивот меѓу него и обвинителите во кои била инволвирана и полиција и тврди дека не порталите, туку СЈО преку нив диригирало напади кон него денеска во јавноста.


Филип Петровски најавува тужба за Институтот за национална историја


Штип, 3 ноември, 2016 - 14:13 (META) 

Директорот на Државниот архив, Филип Петровски, одби да го коментира поништувањето на решението на рецензентската комисија за избор на виш научен соработник во Институтот за национална историја (ИНИ).

На новинарско прашање за коментар, Петровски им го сврти грбот на новинарите и си замина со краток одговор дека за тоа нема коментар.

Сепак, за кратко се врати и неофицијално соопшти дека ќе чека да го добие решението, по што ќе излезе во јавноста со соопштение, а размислува и да тужи.

Докторот по политички науки Филип Петровски, со одлука на рецензентската комисија на ИНИ беше избран за виш научен соработник во Институтот, за подоцна да ја повлече одлуката.

Комисијата образложи дека одлуката ја повлекува поради процедурални грешки и констатирала дека Петровски, освен што не ги исполнува условите, не доаѓа од областа за која се избира.

Петровски денеска во Штип ја промовира едицијата „Црните досиеја на УДБА“. Едицијата е составена од девет тома со 16 книги, а на 13.000 страници се пренесени 202 досиеја. Меѓу овие досиеја, како што рече Петровски, има и неколку на помалку познати штипјани.