На викенд трките на „Стенковец“ дроновите јурат и по 150 километри на час


Скопје, 21 август, 2018 - 9:40 (META) 

Речиси секоја сабота и недела на спортскиот аеродром „Стенковец“ се одржуваат тренинг-трки со дронови што летаат со брзина и до 150 километри на час.

Ентузијасти од Скопје, Прилеп и Битола, се во потрага по адреналин од брзината и сатисфакција од умешноста рамо до рамо со истомисленици од целиот свет, натпреварувајќи се на европските и светските купови, од кои три годишно се организираат и во Македонија, велат Здравко Тодороски од воздухопловниот клуб „Фил Феникс“ од Прилеп и Александар Ников од Моделарско аеронаутичкиот колектив „РЦ Скопје“.

Леталата со кои се борат во светска конкуренција се само на прв поглед слични на оние дронови што може да се купат во продавниците или да се нарачаат на интернет за цена до стотина евра, објаснува Ников, кој интензивно учествува на европските и светските шампионати заедно со својот 17- годишен син.

– Добар дрон за некое почетно ниво за тркање може да чини околу 300 евра. На тоа додадете стотина евра за далечинскиот управувач, па уште околу 200 евра за очила, значи некаде околу 600 евра. А ако веќе сакате нешто повеќе за натпревар, тогаш зборуваме за многу повисоки суми, над 1.000 евра – објаснува Ников.

Натпреварувачите ги купуваат компонентите, па ги составуваат, а тука е и подесувањето. Изработката и подготовката одземаат многу повеќе време отколку самите тренинзи и натпреварите со дронови, објаснува тој. Вели дека бидејќи на натпреварувањата се лета со голема брзина, трките ја „цедат“ батеријата трипати подолго мирно летање.

– Брзина од 150 километри на час не може да постигнете со купен дрон. Потребно е знаење и вештина, а поради тоа и тренираме, речиси секоја сабота и недела на спортскиот аеродром „Стенковец“ – вели Ников.

Според Агенцијата за цивилно воздухопловство, во земјава се регистрирани само 52 дрона, иако ги има околу 1.000. Регистрацијата е законска обврска за сите што сакаат да ги летаат своите дронови, а мора и да се придржуваат до правилата. Натпреварувачите што тренираат на „Стенковец“, пак, бидејќи се на ограничено подрачја, не ги нарушуваат правилата.

Прилепчани во октомври ги очекуваат своите колеги од земјава и од светот во својот град, на последниот натпревар од светски ранг што ќе се одржи во земјава годинава. Претходно еден шампионат од светска конкуренција за воздухопловни модели се одржа во јули во Прилеп, како и „Мај Флај“ во мај во Скопје. Со тоа Македонија, иако со мал број натпреварувачи, го исполнува максимумот што Светската федерација на воздухопловни спортови (ФАИ) го овозможува, вели Здравко Тодороски од „Фил Феникс“.

– Светскиот куп Феникс што ќе се одржи на 13 и 14 октомври во Прилеп очекуваме да привлече поголем број натпреварувачи, оти е последниот во годинашниот календар на ФАИ – објаснува Тодороски.


Од околу 1.000 дронови во Македонија, регистрирани се само 52 летала


Скопје, 17 август, 2018 - 15:43 (META) 

Во Македонија од цивилни лица и фирми се користат околу 1.000 воздухоплови без екипаж, а од нив до 15 август кај нас се регистрирани само 52, објаснува Драги Стојаноски, раководител на Секторот за безбедност на воздушен сообраќај и воздухопловна навигација во Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ).

Казните за неовластено користење, се од 300 евра, ако се плати истиот ден, до 600 евра за плаќање подоцна.

– Се надеваме дека сопствениците на леталата ќе сфатат дека и оваа дејност мора да биде регулирана и ќе си ги извршат обврските да се регистрираат според Уредбата за воздухоплови без екипаж – вели Стојаноски.

Тој вели дека е проблем и тоа што кај осигурителните куќи уште нема слух да изготват понуди за осигурување на овие летала, со што би им се овозможило некакво олеснување и помош и на сопствениците на воздухопловите без екипаж и на луѓето што ќе претрпат некакви повреди или штета од овие летала.

Уредбата, како и потребните формулари за регистрирање на  воздухоплови без екипаж може да се најдат во одделот за воздухоплови без екипаж на веб-страницата на АЦВ.

Регистрираните дронови добиваат маркичка со регистерски број и со QR-код, а сопствениците се задолжени 24 часа пред летањето да пријават со електронско писмо каде планираат да летаат со својот дрон и во кој временски период. Од следната седмица тоа ќе се прави директно на веб-страницата на Агенцијата, каде корисниците ќе се логираат и ќе ги оставаат своите податоци.

– Проверуваме и со МВР и со Министерството за одбрана, оти, на пример, иако за некој објект го знаеме ограничувањето, министерствата може во некои случаи, односно во некои денови, да наложат многу поголема оддалеченост од објектите. Од почетокот на месецот до 15 август имавме 63 пријавени настани и сите можеа да се следат на картата на нашата веб-страница – објаснува Момироски.

Од 63-те лета, по околу една четвртина отпаѓа на Скопје и Охрид, а потоа следуваат Куманово со 17 отсто од летовите, Тетово со 7 отсто, како и Струмица и Македонски Брод со по 5%.

Од Агенцијата апелираат сите сопственици на дронови со долет поголем од 15 метри и максимална височина над 15 метри или тежина при полетување од половина килограм да ги регистрираат овие летала, за да избегнат проблеми со законот.


Павле Трајанов предлага со дронови да се откриваат загадувачите на воздухот


Скопје, 5 јануари, 2018 - 10:15 (META) 

Демократскиот сојуз предлага со дронови да се детектираат загадувачите на воздух во Скопје и во другите градови со голема концентрација на штетни честички во воздухот, како Тетово, Куманово и Битола.

Од партијата на Павле Трајанов велат дека малиот број на “еколошки инспектори” не можат да се справат со загадувачите на воздух, посебно тие што користат искористено моторно масло или масло за јадење, пластика, гуми, стиропори и други недозволени средства за затоплување или што се користат во процесот на производство, поради што му сугерираат на Министерството за животна средина и просторно планирање да набави дронови и да започне со откривање на загадувачите на воздухот.

„Демократскиот сојуз предлага засилен и постојан мониторнинг над депонијата ‘Дрисла’ за да се спречи загадување при горење на медицински отпад или можно депонирање на друг опасен отпад. ДС ја поддржува идејата на Град Скопје за отворање телефонски број (193) на кој граѓаните можат да се јават и пријават загадувачи на воздух, но сугерираме да се разработи апликација каде можат граѓаните да праќаат и смс и вибер пораки, фотографии, видеа, или маил со информации за загадувачите“, стои во соопштението на Демократскиот сојуз.


Дроновите (не)законски влетаа во политиката


Скопје, 24 април, 2017 - 11:31 (META) 

Дроновите станаа политички алатки пар екселанс во Македонија и на Балканот.

Првиот случај на користење дрон во политички цели беше регистриран на средината на октомвври 2014 година на мечот меѓу репрезентациите на Србија и на Албанија во Белград, кога среде натпревар, на стадинот на ФК „Партизан“, се појави дрон на кој беше закачено знаме со мапа на „голема Албанија“. Настанот тогаш ги зовре емоциите меѓу двете држави и неколку недели беше главна тема во медиумите.

Дрон со ист таков плакат на „голема Албанија“ вчера се појавил на стадионот во Чаир во Скопје, на фудбалскиот натпревар меѓу екипите на „Шкупи“ и „Вардар“, што беше повод ВМРО-ДПМНЕ вината за овој случај да ја префрли на СДСМ, кого го обвини дека е поттикнувач на ваквите случувања.

Во изминатиов период, протестите што се одржуваат во Скопје пред Владата и пред Собранието редовно се снимаат од воздух со беспилотни летала (дронови).

Владата на почетокот на 2015 година донесе Уредба за условите под кои воздухоплов без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор.

Во членот 12, став 5 од уредбата стои дека „воздухоплов без екипаж не може да лета во радиус од 500 метри од објектите на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, објектите на Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, резиденцијата на Претседателот на државата, дипломатските претставништва, високо ризични натпревари и голем собир на луѓе (протести)“.

„Операциите на воздухоплов без екипаж од став 5 на овој член може да се реализираат само со претходно одобрение од Агенцијата за цивилно воздухопловство, Министреството за внатрешни работи и Министерство за одбрана“, се наведува во став 6 од членот 12 на истата уредба.

Инаку, протестите се снимаат со дрон за потребите на информативната програма на „Телевизија Нова“. Оттаму за „Мета“ велат дека за користењето на дронот ги имаат обезбедено сите дозволи, а секое летање во близина на државните објекти претходно се пријавува во полиција.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство не сакаа да одговорат на прашањето дали од нив била побарана и дали е издадена дозвола за користење на дроновите на протестите.

Истото прашање го испративме и до МВР, но оттаму нè препратија во Агенцијата за цивилно воздухопловство, бидејќи, како што ни рекоа, таа е надлежна за издавање на одобренијата за летање.

Во уредбата на АЦВ, сепак, не се предвидени казни за тие што ќе ги прекршат условите за користење дронови.

Казни треба да има во правилникот за користење на дроновите кој, како што информираа од Агенцијата за цивилно воздухопловство во ноември минатата година, е веќе готов, но го чека новото Собрание да профункционира за да биде донесен.

Инаку, полицијата во декември 2015 година приведе момче кое со дрон го снимаше студентскиот протест во Скопје. Момчето по „информативниот разговор“ беше пуштено, а снимките и дронот беа задржани од полицијата.


Дроновите во Македонија го чекаат новото Собрание за да летаат по правилник


Скопје, 14 ноември, 2016 - 15:45 (META) 

Агенцијата за цивилно воздухопловство подготви правилник за регулирање на управувањето со беспилотни летала, односно дронови, и истиот е доставен до Министерството за транспорт и врски, информираше генералниот директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Горан Јандреоски, на работилницата за авијација на „ТАВ Македонија“ во Струга.

– Правилникот не може да биде донесен бидејќи Собранието е распуштено. Треба да почекаме за да се запазат законските процедури и регулативата да стапи на сила – изјави Јандреоски.

Тој вели дека до Агенцијата стигнувале многу поплаки во однос на користењето дронови и додаде дека последни два такви случаи се забележани со паѓање на дрон во близина на Собранието, а еден летал и врз зградата на „Македонски телеком“, па требало присилно да го отстранат.

– Дроновите кои се од познати производители, во нивниот софтвер имаат одреден вид запис каде можат да летаат. Така, ако се обидете да ги летате врз стратешки објекти, не можат да полетаат. Тестиравме такви дронови во близина на арената „Филип Втори“ и претседателската резиденција на Водно. И навистина, дроновите не се активираа, што не е случај со дроновите од кинеско производство – додаде Јандреоски.

Тој истакна дека во Македонија ќе се користи искуството од Сингапур за тоа како во таа земја е развиен моделот на летање беспилотни летала.

– Според тој модел, дроновите, независно чие производство се, се регистрираат и потоа корисникот ја информира Контролата на летање за тоа кои се неговите фреквенции. Со добра програма за инвестирање, може да се направи и мал надзорен центар за летање дронови – изјави Јандреоски.

Во моментов постои уредба за услови под кои летало без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор, што Владата ја донесе на почетокот на минатата година.

Со оваа уредба пропишана е далечината на која дроновите може да летаа во висина и во ширина, како и тоа дека не смеат да бидат во близина на државни институиции, помала од 500 метри.


Турција ги бомбардираше положбите на ИД во Сирија


Истанбул, 2 мај, 2016 - 11:44 (META) 

Турската војска со беспилотни летала ги бомбардираше положбите на Исламска држава во Сирија при што убиени се 63 екстремисти.

Четири дронови биле испратени од базата Инџирлик во Јужна Турција да учествуваат во операциите, при што убиени се 29 екстремисти. Другите борци на Исламска држава се убиени во ракетни напади од Турција.

Офанзивата почна вчера кога четири ракети беа лансирани од Сирија на турскиот пограничен град Килис, при што беа повредени осум лица.


Франција развива програма за пресретнување беспилотни летала


Париз, 28 ноември, 2014 - 11:29 (META) 

Генералниот секретаријат за одбрана и национална безбедност на Франција иницирал програма за развивање методи за откривање и за пресретнување на беспилотни летала, по пријавите за голем број такви летала над француските нуклеарни постројки, објавуваат француските медиуми.

Од генералниот секретаријат изјавиле дека наведените прелети не претставуваат опасност за работата и за безбедноста на нуклеарните централи, но претставуваат предупредување за можни ризици од нивна злоупотреба.

Генералниот секретаријат за одбрана и национална безбедност ја ангажирал Националната истражувачка агенција, која треба да ја развие програмата за пресретнување беспилотни летала, која ќе чини околу еден милион евра.

Од 19 октомври, над нуклеарните постројки во Франција биле забележани околу 20 прелети на неидентификувани летала, иако според француските закони тоа е забрането.

Подрачјата каде се наоѓаат нуклеарните постројки се заштитени како зони за забранети летови во радиус од 2,5 километри и на висина од 1.000 метри.


„Амазон“ вработува летачи на дронови


Сиетел, 16 ноември, 2014 - 16:50 (META) 

Дроновите годинава се во центарот на вниманието, а плановите на „Амазон“ да врши испорака со беспилотни летала отвори нова шанса за сите оние кои се вешти со џојстик.

Компанијата за онлајн-трговија сака што побргу да го тестира својата програма „Прајм ер“ за испорака, па распиша конкурс за инженери и за пилоти.

Условите, секако, се прилично строги, па за работа во „Амазон“ потреби ви се пет години искуство во управување со беспилотни летала, а предност ќе имаат сите што имаат сертификат за летање од вистинските пилотски академии.

„Амазон“ уште минатата година ја најави програмата, но леталата на кои смета команијата сè уште не се дозволени за лична употреба во САД.

Сепак, федералната управа за цивилна авијација најави измена на регулативите за 2015 година, по што „Амазон“ ќе почне да ги тестира своите летала.

Доколку немате искуство како пилот, во програмата има место и за други занимања.

„Бараме експерти за аеронаутика, летачки системи, но и правници и експерти за регулатива“, стои во конкурсот на „Амазон“.