Почина актерот Мите Грозданов


Скопје, 26 ноември, 2018 - 9:17 (META) 

Во 75-та година од животот вчера почина Мите Грозданов, доајен на македонскиот театар, актер на Драмски театар-Скопје каде што работеше од 1967 до пензионирањето во 2008 година.

Роден е во Струмица на 14 декември 1943 година. Во својата 40-годишна професионална актерска кариера одиграл бројни улоги во претстави, меѓу кои во „Партитура за еден Мирон“, „Лисистрата“, „Болен Дојчин“, „Војцек“, „Болва во уво“, „Јане Задрогаз“, „И бол и бес“, „Цар Едип“, „Солунски патрдии“, „Рибарски караници“, „Црнила“, „Сомнително лице“…

Оствари впечатливи актерски остварувања и во повеќе телевизиски серии, како „Случки од животот“, телевизиски драми, како и во филмови.

Со самопрегор со децении работеше со млади аматери и од неговите театарски аматерски трупи произлегоа неколку славни актерски имиња.

Добитник е и на голем број награди, како „Млад борец“, Златен ловоров венец на МЕСС, Сребрена колајна на Фестивал на монодрама во Земун, Актер на годината на „Екран“, награди за главна машка улога на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на кој во 2010 ја доби и наградата за животно дело.


Сашо Тасевски, в.д. директорот на Драмски театар добил заканувачко писмо


Скопје, 19 јануари, 2018 - 14:21 (META) 

Сашо Тасевски, в.д. директор на Драмски театар – Скопје вчера во полиција пријавил дека истиот ден во службената канцеларија добил писмо со заканувачка содржина, соопшти денеска МВР.

Како што информираат оттаму, Тасевски пријавил дека писмото пристигнало во 10.30 часот, адресирано лично до него, а откако го отворил забележал дека во него има напишана порака со заканувачка содржина за него и за други лица.

Тој појаснил дека вакви пораки со заканувачка содржина добивал и порано од лице на „Фејсбук“.

Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.


Драмска презентација на поемата „Дениција“ во продукција на Охридскиот театар


Скопје, 4 декември, 2016 - 14:25 (META) 

Во продукција на Народниот театар од Охрид и Театарот „Иси ет ла“ (Ici et la) од Париз, вечерва во 20 часот, во Драмски театар во Скопје, ќе се одржи премиерата на драмската презентација на поемата „Дениција“ на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски.

Проектот е подготвуван изминативе две години, додека праизведбата на „Дениција“ во Македонија се совпаѓа со 10-годишнината од смртта на академик Петре М. Андреевски (1934-2006).

Проектот е во режија на Константин Плевнеш.

Во улогата на Петре М. Андреевски настапува првенецот на Драмскиот театар Рубенс Муратовски, во улогата на Дениција – младата актерка Димитрина Мицкоска, а во улогата на божицата Талија – Саша Ефтимова од Македонска опера и балет (МОБ).

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, а видео-уметничката подлошка на Милчо Узунов.

Во рамките на претставата користени се и пет слики на Сергеј Андреевски на тема „Дениција“.