Бошњаковски: Советот за реформи во правосудството успешно си ја заврши работата


Скопје, 10 јануари, 2018 - 12:09 (META) 

Не станува збор за никаква недоверба во претходниот Совет за реформи во правосудството што беше формиран од Министерството за правда, туку едноставно почнува нова фаза на реформите на правосудството, односно нивното имплементирање. Ова го изјави портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашања околу одлуката на Владата за формирање на нов „Совет за следење на имплементација на стратегијата во правосудството за период 2017 – 2022“, со кој ќе претседава лично премиерот Зоран Заев.

– „Совет за следење на имплементација на стратегијата во правосудството за период 2017 – 2022“ е тело кое што е предвидено за делот 9 од планот „3-6-9“ и тој совет сега ќе ја следи имплементацијата на стратегијата што ја изработи Советот за реформи што беше формиран од Министерството за правда. Тој совет успешно си ја заврши својата функција и изработи Стратегија во чија подготовка учествуваа сите експрети вклучени во него – рече Бошњаковски.

Тој додаде дека реформите во правосудството се едни од суштинските од планот „3-6-9“ и дека со новото работно тело тие ќе бидат издигнати на повисоко ниво, односно на ниво на Влада.

За тоа кои ќе бидат членови на новиот совет, владиниот портпарол рече дела тоа ќе биде познато кон крајот на месецот и побара од новинарите да имаат трпение и дека за се ќе бидат невремено известени.

Прашан за разрешувањето на генерашниот секретар на Владата, Драги Рашковски од Акционерското собрание на „Македонски телеком“, Бошњаковски рече дека Рашковски е заменет, меѓу другото и поради големиот број на обврски и дека станува збор за замена од технички аспект во Акционерското собрание каде Владата по закон треба да има свој претставник. Бошњаковски одрече дека станува збор за некоја друга причина.

Во врска со вчерашната средба на премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, со Билал Касами од Беса, Бошњаковски рече дека целта била да се договори поддршка од Беса на реформските закони во Собранието на Република Македонија. Според владиниот портпарол, владината коалиција е стабилна и покрај случувањата во Беса и повлекувањето на Алијанса за Албанците од владината коалиција.


Владата го разреши Рашковски од позицијата владин претставник во „Телеком“


Скопје, 9 јануари, 2018 - 20:05 (META) 

Владата на денешната 48 седница донела одлука да го разреши Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски од позицијата претставник на Владата во Акционерското Собрание на „Телеком“ и на таа позиција ја назначила Тања Чачарова Илиевска, советник за правда во на премиерот.

На владината седница било одлучено за директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство, да биде именуван Ејуп Јахја, за директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Сеад Садуковски и за директор на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

За претставници во Советот на Институтот за македонска литература, Владата ги назначила Димка Митева, Љубица Станковска и Владимир Мартиновски.


ВМРО-ДПМНЕ: Зошто Рашковски молчи и зошто не поднесува оставка


Скопје, 5 октомври, 2017 - 9:40 (META) 

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, молчи и не одговара до кога планира да го крши законот и зошто не поднесува оставка, бидејќи е незаконски да се биде генерален секретар на влада, а во исто време и претседател на собрание на акционери на „Македонски телеком“ за хонорар од 500 евра по одржана седница, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија посочуваат дека Рашковски спротивно на закон се самоназначил на позиција во „Македонски телеком“ за 500 евра хонорар и додаваат дека тој секој месец инкасира повеќе од 1.000 евра плата и по 500 евра од одржана седница во „Македонски телеком“.

– Во согласност со член 18 од Законот за спречување на судир на интереси, службеното лице Драги Рашковски не може да биде член на управен или надзорен орган во трговско друштво, јавни претпријатија, агенции, фондови и сите други организациони облици со доминантен државен капитал, што значи дека Законот за спречување судир на интереси не дозволува Драги Рашковски, како генерален секретар на Владата, да биде назначен и за владин претставник во собранието на акционери на „Македонски телеком“ – се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваата дека неговата тешта, Елена Начевска, мајка на неговата сопруга Вероника Начевска, беше претседател на Комисијата за жалби.

„Исто така неговиот кум, Дејан Костиќ, беше ангажиран за адвокат на Генералниот секретаријат на Владата и покрај тоа што владата има правна служба. Дрвото на непотизам на Рашковски влечело илјадници евра од државата во приватни џебови и за тоа ќе одговараат. Овие лица треба да ги вратат парите кои ги испумпаа на основа на плати и на хонорари од буџетот“, се додава во соопштението.


Пешевски, Наумоф, Самак на државата ѝ должат 300.000 евра за телефонски сметки


Скопје, 29 септември, 2017 - 10:31 (META) 

Поранешните министри во владата на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Пешевски, Горан Мицковски, Џери Наумоф, Веле Самак и Бил Павлески на државата ѝ должат 300.000 евра за пречекорен лимит на службените телефони, вели генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за порталот СДК.

Рекордер во надминување на лимитот на службениот мобилен, за овие два месеца бил ексминистерот Џери Наумоф, кој според извештаите за направените сметки, ја пречекорил дозволената сметка за 259.580 денари.

– Наумоф два месеца не зеде апанажа, зашто морав да му одбијам за јули и за август по 51.916 денари за пречекорена телефонска сметка. Бидејќи остануваат за одбивање уште 155.748 денари, што е околу три наредни цели апанажи (за септември, октомври и за ноември), Наумоф се откажа од апанажата – вели Рашковски.

И Бил Павлески два месеца немал земено апанажа, но неговиот долг бил расчистен. За септември, ќе го земе целиот износ.

Освен на министрите без ресор, генералниот секретар на влада му скратил и на поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски од апанажата за јуни, јули и за август вкупно 20.148 денари, за колку што го пречекорил лимитот на службениот мобилен телефон во мај и во април, пред да ја напушти функцијата.

Од апанажата за јули, Рашковски му скратил 8.926 денари и на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, кој го пречекорил ограничувањето на сметката на службениот телефон за оваа сума. Рашковски против овие петмина поранешни министри поднел пријава до МВР и бара од нив парите да ги вратат назад во буџетот.

Александар Никовски, син на поранешниот дипломат Ристо Никовски, бара од Владата да му исплати хонорар како советник на експремиерот Никола Груевски, за мај, јуни и за јули 2017 година во износ од 9.000 евра и да му рефундира трошоци за службено патување во мај годинава од 450 евра, но Рашковски вели дека парите нема да му бидат исплатени.

– Нема да му бидат исплатени тие 3.000 евра за јуни и секако за јули. Нека тужи, судот ќе каже дали се плаќа за неодење на работа. За две години потрошил 60.000 евра само за патување. Дополнително му биле исплаќани секој месец по 3.000 евра хонорар, две години. По 20-30.000 денари Владата му плаќала и сметки во ресторани – вели Рашковски.


ВМРО-ДПМНЕ му поднесе кривична пријава на Рашковски за злоупотреба на положбата


Скопје, 11 септември, 2017 - 12:58 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека поднела кривична пријава против генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, поради злоупотреба на службената положба и овластувања.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Рашковски, од неговото назначување на функцијата генерален секретар на Владата до денот на распишување на локалните избори, повеќепати организирал именувања за в.д. директори на лица „кои не ги исполнуваат законските основи да бидат именувани и лица кои не поседуваат соодветна писмена препорака од надлежен орган за места за кои тоа било потребно“.

– Рашковски до седница на влада доставувал некомплетна документација за предложените кандидати, а Владата ги именувала без да бидат исполнети со закон предвидените критериуми. Именуваните в.д. директори кои немале соодветна писмена препорака, истата ја добивале денот по назначувањето и таа била заверена од архива на владата пост фестум. Лицата именувани на ваков начин законски се нелегитимни, а лицата кои го дозволиле сето ова мора да поднесат кривична одговорност за свесно креираниот правен хаос – изјави денеска Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција пред Владата.


Рашковски до ВМРО-ДПМНЕ: Тој што ви ја пишувал кривичната пријава е правно неписмен


Скопје, 9 септември, 2017 - 18:35 (META) 

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, на својот фејсбук-профил одговори на потегот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која поднела кривична пријава против него поради злоупотреба на службената положба и овластување.

„Господа од ВМРО-ДПМНЕ, кој и да ви ја пишувал кривичната пријава е правно неписмен и треба да му се земе дипломата (ако ја има). Повелете краток час по кривично право од професорот“, напиша тој, наведувајќи повеќе образложенија.

Рашковски вели дека генералниот секретар не ги носи одлуките за назначување, туку Владата како колективен орган.

„Генералниот секретар дури и не учествува при гласањето. Џабе 11 години на власт кога не го знаете законот за влада“, напиша Рашковски.

Тој на ВМРО-ДПМНЕ им порача дека доколку е донесено незаконско решение, треба да се оспори решението, а не да се тужи неговиот носител. Рашковски ги праша луѓето од ВМРО-ДПМНЕ, доколку станувало збор за незаконски смени на директори, зошто не повеле постапки против решенијата.

„Доколку вашите директори беа незаконски сменети, зошто не поведоа постапка против решението за разрешување? Послатка им беше апанажата која брзаа да ја земат. Сите ваши директори поднесоа барање за апанажа“, пишува, меѓу другото, Рашковски.


ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава за генералниот секретар на Владата, Рашковски


Скопје, 9 септември, 2017 - 15:47 (META) 

Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека нејзината партија поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство за генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за злоупотреба на службената положба. Го товарот за незаконско именување директори.

– Рашковски ја употребил својата положба и овозможил именување на директори од страна на Владата без тие да ја имаат исполнето со закон потребната квалификација. Единствена квалификација која тие ја имаат е тоа што се активисти на СДС. Рашковски од периодот на негово назначување за генерален секретар до датумот на распишување на изборите, повеќепати организирал именување на повеќе в.д. директори од страна на владата, на лица кои не ги исполнуваат законските основи за да бидат именувани, но и именувал луѓе кои не биле писмено предложени од надлежни органи, како, на пример, управен одбор, за позициите за кои тоа било потребно – рече Колариќ.

Таа рече дека СДСМ и Рашковски ги употребиле сите можности за поставување партиски кадри.

– Рашковски од позиција на генерален секретар до Владата доставувал решенија без комплетна документација за именување в.д. директори на институции, а именуваните кои требало да имаат писмен предлог за именување од одредена институција, го немале или истиот бил доставен до архивата на Владата и заверен по именувањето.  Ова е грубо и свесно кршење на законот, со цел целосна партизација на институциите и нивно ставање под јаремот на партијата на власт. За ова одговорност мора да има и ќе има – рече Колариќ.


ВМРО-ДПМНЕ: Рашковски и Заев вршат притисок врз вработените во државните институции


Скопје, 29 август, 2017 - 19:57 (META) 

„СДС спроведува тортура врз вработените во јавната и во државната администрација. Владата на дело го реализира ветеното од Заев за јадење живи луѓе“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, на која тој обелодени дека 600 лица вработени до Државниот секретаријат примале плата, а не оделе на работа.

„Рашковски и Заев ја злоупотребуваат власта и вршат притисок врз вработените во државните институции. Рашковски смислено им се заканува на вработените во државната администрација за да ги избрка и за на нивно место да постави партиски послушници и шарени активисти. Владата на СДС и Рашковски, за да отворат места за партиските послушници и за кадрите од невладиниот сектор кои одработија за Заев, прави директен удар врз припадниците на помалите етнички заедници кои се вработени во тие институции, како турската, српската, бошњачката, ромската и влашката заедница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата соопштуваат дека Заев и Рашковски и сите нивни соработници ќе одговараат за незаконското работење.

„Со враќањето на демократијата и на правната држава во Република Македонија, секој еден прекршител на законот ќе биде изнесен пред независен суд и против него ќе се поведе законска и правична постапка, за добивање соодветна кривична санкција за криминалот што го сторил“, велат од партијата.


ВМРО-ДПМНЕ: Владата сака да избрка вработени од помалите етнички заедници


Скопје, 28 август, 2017 - 20:24 (META) 

Она што Заев и Рашковски го прават е незаконски и ќе дојде време кога ќе одговараат. Зад превезот и измислиците дека има злоупотреби тие сакаат да остават на улица стотина вработени најголем дел припадници на помалите етнички заедници. Ова е директна дискриминација на турската, српската, бошњачката, ромската и влашката заедница, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на обвинувањата на сегашната Влада дека претходната власт вработила луѓе кои не доаѓале на работа туку седеле дома.

„СДС ја преполни владата со скапо платени српски советници, твитерџии, шарени револуционери, луѓе од подземјето, насилници, и луѓе кои Заев смета дека треба да бидат наградени само затоа што му помогнале во кампања. Затоа на СДС му треба да бара виновници и луѓе кои би ги бркал од работа. На Заев му се потребни места за да ги задоволува партиските апетити. Последната манипулација на СДС не е ништо друго туку обид на грбот на припадниците на помалите етнички заедници да се отвори простор за оние на кои Заев се уште им должи. Покрај тоа, Заев и Рашковски занесени во мислата дека вечно ќе се на власт и можат да прават што сакаат без за тоа еден ден да се соочат со одговорност, сакаат истовремено да покренуваат нови хајки кон поранешни функционери. Сите овие незрели и во вознес донесени одлуки еден ден ќе им се вратат како бумеранг“, се вели во партиската реакција.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски обвини дека вкупно 166 државни службеници кои не доаѓале на работа во 2016 година го оштетиле буџетот за преку 800.000 евра, а ршенијата за нивно вработување ги потпишал претходниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.


Рашковски: Претходната Влада потрошила 800 илјади евра за вработени кои седеле дома


Скопје, 28 август, 2017 - 11:03 (META) 

Вкупно 166 државни службеници кои не доаѓале на работа во 2016 година го оштетиле буџетот за преку 800.000 евра, објави Генералниот секретар на владата на својот „Фејсбук“ профил.

„Како се трошеле нашите пари. Веќе е покрената дисциплинска постапка и зависно од исходот ќе следува и соодветна судска постапка. Нанесена штета од преку 800.000 евра. Додека некој се потсмева на покачување на минималецот, на своите партиски војници им давале плата без да одат на работа“, напиша Рашковски.

Според документите кои ги објави Генералниот секретар на Владата, 78 вработени кои биле на платниот список а не доаѓале на работа, на 22 мај годинава биле повикани на работа од кабинетскиот службеник во Кабинетот на генералниот секретар, Билјана Митева, која ги прераспределила во останатите организациони единици на Генералниот секретаријат.

Решенијата за нивно вработување ги потпишал претходниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.