ВМРО-ДПМНЕ ќе бара мислење за Спогодбата со Грција од Венециската комисија


Скопје, 20 јуни, 2018 - 13:26 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска најави дека ќе побара толкување за Спогодбата со Грција од Венециската комисија. На прес-конференција во Собранието пратеникот Драган Данев повторно порача дека за неговата партија Спогодбата е штетна и капитулатнска и дека власта сака да го втурне и Собранието во кршење на процедурите за ратификација на оваа Спогодба.

– Ако овој договор е толку добар за Република Македонија, зошто Владата бега од дебата? Ова е самоволно и шверцеско однесување на власта. Ова е трет случај на грубо непочитување на процедурите. Првин изборот на Џафери за т.н. претседател на Собранието, потоа законот за двојазичност, па сега договорот со Грција. Зошто договорот со Бугарија се разгледуваше во Комисијата за надворешни работи, а овој во Комисијата за европски прашања? Затоа што власта сака да го протурка на мала врата – порача Данев.

Тој рече дека со прифаќањето на Спогодбата се уништува идентитетот и се прифаќа модерен геноцид


Пратениците дадоа зелено светло договорот со Грција да се разгледува по скратена постапка


Скопје, 19 јуни, 2018 - 11:51 (META) 

Пратениците на денешната 51 седница на Собранието дадоа поддршка предлог-законот за ратификацијата на Договорот со Грција, кој беше потпишан во неделата од страна на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, да се гласа по скратена постапка.

Законот го образложи министерот за надворешни работи Никола Димитров кој рече дека е повеќе од неопходно Собранието да го разгледа овој закон по скратена постапка, поради роковите за самитите на ЕУ и НАТО.

– Грција има обврска да го извести претседателот на Советот на ЕУ дека дава поддршка за членство на Македонија во ЕУ и да го извести генералниот секретар на НАТО да ни упати покана за пристапување. Јунскиот самит е пред нас, овие датуми се клучни за европската иднина на нашата земја. За да ги испорачаме овие резултати, предлагам Собранието да одлучи овој предлог-закон да се донесе со скратена постапка – рече Димитров.

Поддршка на владата за овој предлог дадоа 69 пратеници, односно пратениците на мнозинството и сите албански партии, а против, со 40 гласа, се изјаснија пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери ги задолжи Комисијата за европски прашања и Законодавната правна комисија да расправаат за законот, по што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да удираат по масите.

Координаторот на пратеничката група на најголемата опозициска партија, Драган Данев рече дека договорот кој е сервиран пред пратениците е капитулантски чин на владата. Според него, договорот претставува современ геноцид на нашата правна држава и обид за негирање на нашето постоење.

-Противуставен договор со кој се врши измена на Уставот и се навлегува во изменување на идентитетот и прави штета за сите граѓани. Македонија влегува во процес од кој нема враќање бидејќи прифати целосен ултиматум. Се наметнува ново име на државата како резултат на билатерална спогодба под уцена. Целосно откажување на терминот Македонија и македонски дури и во внатрешна употреба. Ова ќе значи целосно ембарго за термините. Европското знаменце е злоупотребено и со тоа се прави флагрантно кршење и на Деловникот, законите и Уставот по трет пат онаму кај што треба најмногу да се почитуваат а тоа е Собранието – рече Данев и додаде дека нема да учествуваат во оваа правна лакрдија, по што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата.

Џафери ги задолжи претседателите на комисиите да закажат термин за комисиска расправа,по што законот повторно ќе се врати на пленарна седница.


Данев: Власта ја одби иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата на горивата


Скопје, 2 мај, 2018 - 16:16 (META) 

Граѓаните на Република Македонија денеска по којзнае кој пат беа сведоци дека пратениците на владејачкото мнозинство на чело со СДСМ уште еднаш ги ставија во преден план партиските и личните интереси наспроти интересите на граѓаните на Република Македонија, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, на прес-конференција во Собранието на Република Македонија.

– Иницијативата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за намалување на акцизата за 3 денари, односно враќање на акцизата за дизел горивото во првобитна состојба како пред први јануари 2018 година, со што треба да се растеретат трошоците за индустријата, стопанството и за сите граѓани, беше одбиена од собраниското мнозинство. Кога власта беше опозиција ветуваше живот, а само една година откако се на власт дојде живот, но како што велат граѓаните, дојде доста поскап живот – рече Данев.

Според координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, зголемувањето на акцизата индустријата ја чини близу 5,5 милиони евра, а транспортот го чини 32 милиони евра.


Собранието ги донесе законите за судовите, за Судски совет и за високотo образование


Скопје, 2 мај, 2018 - 14:26 (META) 

Собранието на Република Македонија на денешната 45. седница ги донесе Законот за високото образование и измените и дополнувањата на законите за судовите, за Судскиот совет, за оружјето и за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и за НБРМ, за класифицирани информации, за оружје и за ловство.

Процедурално координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, рече дека нема да гласаат за Законот за високото образование бидејќи не бил прифатен ниеден од амандманите што ги поднеле како партија. Според него, многу аналитичари и експерти во оваа област сметаат дека со ова законско решение, високообразовниот систем во Македонија се враќа триесетина години наназад. Тој на почетокот на денешната седница порача дека власта мора да престане со „штанцање“ закони, за што, како што рече, предупредила и Европската Комисија.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, реплицирајќи му на Данев рече дека во однос на пакетот на реформски закони што Република Македонија го прифати како задача и пред домашната и меѓународната јавност, добро е што опозицијата дала свој конструктивен придонес.

Собранието по скратена постапка ги донесе измените и дополнувањата на законите за ревизија, за хартии од вредност, за Кредитно биро и за технолошки индустриски развојни зони.

На денешната седница претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја констатираше оставката на Ѓорги Сламков од функцијата претседател на Комисијата за заштита на првото за слободен пристап до информациите.


ВМРО-ДПМНЕ се врати во Собранието, порача дека оваа влада е најкриминалната досега


Скопје, 11 април, 2018 - 12:29 (META) 

Оваа влада е најнеспособната и најкриминалната вада во историјата на Македонија и треба да биде минато, рече Драган Данев координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во излагањето за интерпелацијата која опозициската партија ја поднесе за работењето на Владата.

-Заев е предводник на најнеработливата влада. Оваа влада покажа и докажа дека нема капацитет на водење на институции и наместо да се зафатите со решавање на реалните проблеми како што ветувавте, вие работите исклучиво за остварување на партиски и лични интереси и за одржување на климавата коалиција со ДУИ. Сериозно ги подривте и националните и државните интереси на Македонија. Во државата повеќе нема демократија, туку е држава во која претставниците на власта се и судии и обвинители и бизнисмени. Има нагло партизирање на сите институции. Има партизирано судство и луксузирање на владините претставници – рече Данев.

Во неговото излагање тој потенцираше дека има назадување во секое поле, дека политичкиот систем е деградиран, а дека кршењето на уставот е секојдневие. Според него животот дошол, но само за партиските функционери на СДСМ и ДУИ и за никој друг.

-Го скршивте Деловникот на Собранието, законите и Уставот со процедурата на носење на Законот за употреба на јазиците. Вакво неодговорно однесување мора и треба да биде санкционирано. Ги замолувам пратениците кои што се поддржувачи на оваа влада, кога ќе дојде времето за гласање пред сè да ги имаат интересите на граѓаните и да кажат „не“ на ваквото владеење, а не да ги води партискиот и личниот интерес– додаде Данев.

Координаторот на пратеничката група на владејачката СДСМ, Томислав Тунтев, како одговор на излагањето на Данев рече дека интерпелацијата е големо разочарување, затоа што преставува очаен обид да се најде оправдување ВМРО-ДПМНЕ да се вратат во Собранието.

-Беше очекувано да се вратат да разговараме за пакетот реформски закони затоа што за 10 дена од денеска очекуваме позитивен и безусловен извештај од Европската комисија безусловен. Овие пратеници што поднесоа интерпелација се истите кои што пред три години ги чуја бомбите и слушаа како криминално се владеело и кои сведочеа на извештајот на Прибе и договорот од Пржино – рече пратеникот од СДСМ.

Тунтев потенцираше дека во интерпелацијата не постои критика на министерствата на ДУИ, туку само за СДСМ, и дека тоа е очигледно обид за политичко додворување, иако ВМРО-ДПМНЕ имале шовинистички и националистички наратив.

-Наместо поделби и омраза, дајте да зборуваме за едно општество, дајте заедно да носиме закони кои ќе ги растеретат граѓаните, дајте економската пропаст да ја замениме со економски раст. Дајте заедно да обезбедиме повисоки плати. Не дека нема грешки, но дајте да ги исправаме заедно. Нема иднина во раздор, ширење на омраза и поделби – додаде Тунтев.


Данев очекува 61 глас на утрешното гласање за интерпелација на Владата


Скопје, 10 април, 2018 - 13:45 (META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се подготвени со дискусија да ги изнесат сите факти и аргументи против 10-месечното владеење на актуелната Влада, изјави денеска координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, откако за утре во 11 часот беше и официјално закажана седницата за доверба на Владата, на барање токму на опозициската партија.

Данев апелираше до сите пратеници на утрешното гласање пред себе да го стават интересот на сите граѓаните на Република Македонија, а не партиските и личните интереси.

– Ако тие интереси ги водат, убеден сум дека ќе имаме над 61 глас – рече Данев.


Џафери даде нова пауза за пауза за координација за законот за јазиците


Скопје, 14 март, 2018 - 15:35 (META) 

По првата пауза од еден час, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја продолжи 32. седница на Собранието на која како прва точка на дневен ред требаше да биде третото читање на законот за употреба на јазиците, но Џафери повторно ја прескокна.

По барањето на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, Џафери даде пауза од половина час за координација откако ќе се изгласаат другите точки од 32 седница.

Експресно, пратениците ги изгласаа од 32 до 45 точка меѓу кои имаше повеќе одлуки и годишни извештаи на државни агенции.


Драган Данев на местото на Ѓорчев како координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 22 февруари, 2018 - 16:56 (META) 

Владимир Ѓорчев повеќе нема да биде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, соопштија денеска од опозициската партија.

Ѓорчев, како што соопшти генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев на денешната прес-конференција, самиот побарал да се повлече од функцијата, поради „голем обем на обврски и презафатеност“.

– Извршниот номитет на негово место за координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија го назначи Драган Данев, додека за негови заменици се поставени пратениците Горан Манојловски и Драган Цуклев – соопшти Јанушев.

Тој информираше и дека се формирани 25 комисии на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе области на кои што „примарна цел ќе биде да бидат коректор на власта и да даваат предлози, а истовремено и критики во однос на работењето и во однос на тоа како треба да се подобри животниот стандард на граѓаните.

Како што соопшти Јанушев, комисијата за финансии и монетарни прашања ќе ја предводи екс министерот Кирил Миноски, за локална самоуправа поранешниот градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, претседател на комисијата за семејни прашања и демографија ќе биде Владимир Ѓорчев, комисијата за политички систем ќе ја предводи Тања Каракамишева – Јовановска, комисијата за здравство докторот Виктор Камилоски, комисијата за култура ќе ја води актерот Роберт Вељановски, а комисија за енергетика професорот Горан Чогеља.


ВМРО-ДПМНЕ: Договорот со Бугарија е асиметричен, Македонија е оштетена


Скопје, 15 јануари, 2018 - 14:55 (META) 

СДСМ, спротивно на ставот на експертите и и без присуство на опозицијата во Собранието, одлучи на своја рака, заради нивни политички интереси да го истурка договорот со Бугарија, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев на прес-конференција во седиштето на партијата.

– Власта, спротивно на интересите на македонскиот народ ратификуваше целосно асиметричен договор во однос на правата и обврските што ги имаат двете страни. Во овој договор Република Македонија е оштетена и затоа истиот еуфорично е поздравен само во соседна Бугарија. Договорот има сериозни пропусти и не го дефинира македонскиот народ како реална и идентитетска посебност. Македонија своеволно се откажа и од македонското малцинство оставајќи илјадници луѓе на цедило. СДСМ со овој договор сам го негира постоењето на македонскиот јазик и дозволува истиот да биде ословуван како јазикот според Уставот – вели Данев.

Според ВМРО-ДПМНЕ, со овој договор и е овозможено на Бугарија да ја блокира Македонија на секој чекор кон ЕУ, доколку тие оценат дека одреден дел од договорот не е исполнет.

– Ситуација во која една страна или нејзиниот народ ќе се чувствува поразен или понижен дефинитивно не е патот по кој треба да се гради соработката. ВМРО-ДПМНЕ има позитивен став за односот на Македонија кон Република Бугарија и е за продлабочување на врските помеѓу двете држави преку градење на мостови – додава Данев.


Правдата е спора но на крајот секогаш доаѓа, порача Данев на протестот пред затворот „Шутка“


Скопје, 18 декември, 2017 - 20:12 (META) 

За седум дена нашите судии пак ќе одлучуваат за правдата, односно за слободата на нашите браќа и сестри кои сега се на другата страна од оваа ограда. Јас ги замолувам, од моето лично име и од името на сите нас, на сите чесни и искрени граѓани на Република Македонија, да судат човечно, да одлучуваат по правда, а не по политички инструирани одлуки донесени некаде надвор од судовите, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев на протестот пред истражниот затвор во Шуто Оризари.

– Правдата кога тогаш ќе победи, правдата е спора но секогаш на крајот доаѓа. Сите ние веруваме во неа, веруваме во судството кое што сигурно има, имало и ќе има луѓе кои што судат по словото на правото и после шест дена ќе донесат правилна одлука, овие наши браќа и сестри за Нова година и Божик да бидат со своите семејства – изјави Данев.

Тој кажа дека нив ги чекаат дома дечињата, затоа замоли оние што одлучуваат за судбината на овие луѓе, да одлучуваат по словото на правдата и човечноста.

Данев најави нов протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ утре во 18 часот пред Министерството за правда.