Меј го преживеа гласањето недоверба во парламентот


Лондон, 17 јануари, 2019 - 10:06 (META) 

Британската премиерка Тереза Меј синоќа доби доверба за продолжување на мандатот од пратениците  во британскиот парламент, еден ден откако нејзиниот договор за Брегзит претрпи тежок пораз.

Владата на Меј доби 325 гласови, наспроти 306 кои беа против.

По овој крупен чекор, Меј ќе разговара со сите парламентарни партии во обид да се изнајде решение за проблемот.

Излегувањето на Велика Британија од ЕУ, односно Брексит, треба да се случи на 29 мај, а со оглед дека договорот за регулирање на меѓусебните обврски што Меј го постигна со ЕУ не беше прифатен во парламентот, излегувањето би било „брутално раскинување“ и Велика Британија ќе се третира како секоја друга земја надвор од ЕУ. Тоа го потврдија високи претставници на Европската Унија, кои вчера порачаа дека нема да се прифати друг договор освен оној што беше постигнат со Меј.


По пропаѓањето на договорот со ЕУ за Брексит, денеска се гласа доверба на владата на Меј


Лондон, 16 јануари, 2019 - 10:47 (META) 

Владата на британската премиерка Тереза Меј денеска се соочува со гласање доверба во Парламентот по синоќешниот пораз на нејзиниот предлог за Брексит, односно договорот со ЕУ за регулирање на меѓусебните однос по излегувањето на Велика Британија од европската заедница.

Долниот дом на британскиот Парламент синоќа со 432 гласа „против“ и 202 „за“, го отфрли Договорот за истапувањето на Велика Британија од ЕУ, што минатата година во ноември го постигнаа Владата на Меј и Брисел.

По одбивањето на договорот, лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин ги повика пратениците да ја урнат владата на Меј. Сепак, според аналитичари, се очекува владата на Меј да добие доверба, откако Унионистите од Северна Ирска и одметничкото крило од конзервативците се изјаснија дека ќе ја поддржат.

Меј по гласањето синоќа, изјави дека го слушнала мислењето на Парламентот, но дека е битно да се слуша и волјата на британскиот народ, што зборува дека таа веројатно ќе го почека гласање доверба пред да соопшти ново решение, односно План Б.