Лавров: ЕУ е пасивна околу тиранската платформа и кршењето на Охридскиот договор


Белград, 22 февруари, 2018 - 13:13 (META) 

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров на заедничка прес-конференција со српскиот претседател, Александар Вучиќ во Белград вчера повторно ја спомена Македонија, истакнувајќи дека Москва не може „а да не биде загрижена за пасивноста на Европската Унија во врска со иницијативата што се појави од Тирана за т.н. тиранска платформа“, која, како што кажа, е „нескриен повик за создавање на ‘Голема Албанија’“.

– Примерите за тоа се доста вознемирувачки. Неодамна, кога беа одржани парламентарните избори во Македонија, претседателот на Парламентот, откако беше избран на функцијата, влезе во својот кабинет и на работната маса постави албанско знаме. Ова е во Македонија. Деновиве албанскиот премиер, Еди Рама, гордо кажа дека тој од Албанија го иницирал законот во Македонија со кој на албанскиот јазик му се дава статус на државен јазик во земјата – изјави Лавров одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата со Вучиќ, за време на неговата официјална посета на Србија.

На тој начин, рече шефот на руската дипломатија, се прекршува Охридскиот рамковен договор „кој сите ние го примивме како олеснување, бидејќи создаде основи за надминување на кризата во Македонија пред повеќе години“.

– Доколу овие постигнувања и договори сега се уништат, се што било сработено и договорено со големи напори, било да е тоа во Македонија, Босна и Херцеговина и на друго место во Западен Балкан, ќе биде изгубено. Ми се чини дека има доволно причини да побараме од Европската Унија да каже како ги исполнува своите сопствени одлуки и колку тоа кореспондира со довербата што и беше дадена од меѓународната заедница – изјави Лавров.


Лавров: Проширувањето на НАТО е грешка и кршење на „џентлменскиот договор“ со САД


Москва, 19 февруари, 2018 - 11:51 (META) 

Проширувањето на НАТО е грешка и истовремено претставува кршење на „џентлменскиот договор“ меѓу САД и повеќето европски земји (дека Алијанската нема да се шири кон исток) од 1990-те години, вели шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, во интервју за српската новинска агенција „Бета“, одговарајќи на прашањето – „Дали Москва има намера да се спротивстави на очекуваното пристапување на Македонија во НАТО?“.

– Ние постојано ги советуваме нашите колеги од НАТО дека оваа линија ( веќе има три бранови на експанзија, а сега се подготвува уште еден) не го поткопува само она што е договорено во 1990-тите (дека никој нема да ја обезбеди нивната безбедност на сметка на безбедноста на други), туку, е сериозен предизвик за заедничката европска стабилност и безбедност. Обидите се континентот да се подели на два дела. Обидите се овие линии на поделба да се преселат на Исток, поблиску до нашите граници – вели Лавров.

Министерот за надворешни работи на Русија нагласува дека ваквата политика предизвикува огромна штета на напорите за обезбедување стабилност и безбедност на европскиот континент.

– Ништо што сега се прави во НАТО, не ја зголемува безбедноста, вклучувајќи ја и безбедноста на балканските држави, кои, впрочем, не ја загрозуваат безбедноста на Русија воопшто. Ништо од она што се случува сега не е чекор кон подобрување на способноста на НАТО да одговори на вистинските, а не на измислените закани. Не гледам како овие три бранови на проширување го направија НАТО поспособен, на пример, во сузбивање на терористичките и заканите од криминалот со дрога, вклучувајќи ги и оние што потекнуваат од Балканот, каде што, по апсолутно неоправданото, нелегитимно, унилатерално прогласување независност на Косово, беше создадена територија како пример за корупција, што се нарекува “црна дупка” – вели Лавров во интервјуто.


Лавров: Референдумот е сè понепопуларен метод за проверка на расположението на народот


Белград, 19 февруари, 2018 - 11:49 (META) 

Проширувањето на НАТО е грешка и истовремено претставува кршење на „џентлменскиот договор“ меѓу САД и повеќето европски земји (дека Алијанската нема да се шири кон исток) од 1990-те години, вели шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, во интервју за српската новинска агенција „Бета“.

Прашан за конкретен став за Македонија, Лавров дипломатски вели дека не издвојуваат никого и дека зборуваат за она што го гледаат и што го мислат и додава дека приемот на Црна Гора во НАТО бил „апсолутно вештачки и непотребен“.

– Ние разгледуваме се без да исклучуваме која било од страните. Верувам дека приемот на Црна Гора беше апсолутно вештачки и непотребен. Патем, внимавајте, методите за проверка на расположението на народот, како што е референдумот, стануваат се помалку популарни во процесот на носење на судбоносни одлуки – подвлекува шефот на руската дипломатија.


Шчербак: Русија никогаш не се мешала во внатрешната политика на Македонија


Битола, 9 февруари, 2018 - 20:40 (META) 

Дијалогот меѓу Македонија и Русија го карактеризираат одржливо партнерство и повеќевековно пријателство меѓу нашите два народи, изјави рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак кој денеска престојуваше во Битола по повод обележувањето на руската дипломатија во светот.

-Во 24-годишните дипломатски односи меѓу двете земји не е забележана ниту една вмешаност од страна на руската Амбасада во Македонија, ниту на руската надворешна политика во внатрешните работи на Скопје – рече Шчербак.

Тој додаде дека Русија се залага за сеопфатен развој на соработката со Република Македонија во политиката, економијата, културата, хуманитарната сфера.


Лавров: Русија ќе го прифати името што ќе го договорат Скопје и Атина


Москва, 15 јануари, 2018 - 12:23 (META) 

Кое било решение (за спорот за името) што ќе го изнајдат Македонија и Грција и кое ќе биде поткрепено во македонскиот Устав, ние (Руската Федерација) најверојатно ќе го прифатиме, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, одговарајќи на прашање на грчки новинар на годишната прес-конференција на министерот за надворешни работи на Русија, што се одржува денеска.

Лавров истакна дека спорот за името меѓу Скопје и Атина долго време бил во „полузаспана ситуација“ и дека заживеал откако САД одлучиле Македонија да влезе во НАТО.

Шефот на руската дипломатија потсети дека Грција е веќе членка на НАТО и оти не и е неопходно да прави отстапки околу ова прашање, туку дека тоа треба да го стори Македонија, која се надева дека ќе влезе во НАТО.

– Во однос на ревитализирањето на напорите за решавање на проблемот за официјалното име на Македонија, овие напори беа долго во полузаспана состојба и се интензивираа дури тогаш, кога САД одлучија, дека Македонија треба да биде во НАТО…Суштината на она што се случува се надевам дека е разбирлива за сите, тука не станува збор за земање предвид на заедничките и специфичните карактеристики на два блиски народа, туку за тоа дека една од овие земји нужно мора да стане членка на НАТО – рече Лавров.

На традиционалната прес-конференција, која трае неколку часа Лавров прави преглед на централните теми од минатата и на оние кои претстојат во новата година и одговара на новинарски прашања и за други теми од руската надворешна политика.


Руската амбасада шеговито најави засилено влијание во Македонија за празниците


Скопје, 29 декември, 2017 - 13:25 (META) 

Амбасадата на Русија во Македонија „предупреди“ дека земјава за време на новогодишните празници ќе биде под зголемено „руско влијание“, шеговито алудирајќи на „руската салата“ како традиоционална храна на трпезите за новогодишните празници.

„Внимание! Во претстојните денови се прогнозира забележително зголемување на #РускоВлијание на целата територија на #Македонија и пошироко. #РускаСалата“, напишаа на „Твитер“ од руската амбасада во Македонија.

Во коментарите под твитер-објавата, од руската амбасада објаснуваат дека, руската салата на овие простори доаѓа пред речиси еден век, најверојатно, заедно со првите руски доселеници, околу 1920 година.


Руската амбасада и одговори на амбасадата на САД: „Турски тек“ е решение за загадувањето


Скопје, 15 декември, 2017 - 9:44 (META) 

„Турски тек“ е одговорот на Руската амбасада во Македонија на прашањето што амбасадата на САД го постави вчера на „Твитер“ и „Фејсбук“ во кое бара идеи за решавање за големото загадување во државата.

Амбасадата на САД во Македонија вчера во објава на социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ праша „кои се вашите идеи за почист воздух во Македонија“.

„Загадувањето на воздухот во Скопје денеска беше толку големо што едвај можеше да се види амбасадата! Кои се вашите идеи за почист воздух во Македонија?“ напишаа од Амбасадата на САД на „Фејсбук“ и на „Твитер“.

По неколку часа одговор стигна од Руската амбасада велејќи дека решението за загадувањето е „Турски тек“.

„Бидејќи нашите пријатели од амбасадата на САД бараат идеи за аерозагадувањето во Македонија, ние сакаме да помогнеме со решение. #Турски тек“, велат од Руската амбасада на „Твитер“.


Москва: Изјавите на Заев се манијакални конструкции и обид за себепромоција


Скопје, Москва, 9 ноември, 2017 - 16:52 (META) 

Oбидот Русија да се претстави како вмешана во обиди за ликвидација на Зоран Заев е неоснован и штети на односите меѓу двете земји, се вели во реакцијата на амбасадата на Руската Федерација во Македонија на делот од интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев емитувано во неделата на црногорското радио „Антена-М“.

Изјавите на Заев во интервјуто за црногорското радио денеска беа и дел од редовниот неделен брифинг на портпаролката на Руското министерството за надворешни работи, Марија Захарова, која рече дека „ваквите изјави не само што претставуваат неосновани инсинуации и манијакални конструкции, туку во сушитната наликуваат на обиди за само-прикажување како жртва.

Соопштението на амбасадата во Скопје е за нијанса поблаго и подипломатско.

„Со зачуденост и загриженост истакнуваме дека во тоа интервју, во контекстот на минатогодишните настани во Црна Гора, шефот на македонската влада, повикувајќи се на некои „репорти“ и „аналитичари“, намерно или не, ја претстави ситуацијата на тој начин дека Руската Федерација наводно била вмешана во обиди за „ликвидација“ и подготвувала такви акции против самиот господин Зоран Заев. Категорично изјавуваме дека ваквите тврдења се неосновани и ги сметаме за недозволиви. Со жалење констатираме дека истите ја уриваат атмосферата на доверба меѓу нашите две земји, и нанесуваат штета на повеќегодишната заемно полезна соработка и се косат со декларираната од страна на Скопје подготвеност за градење конструктивна соработка со Русија, желба за развој на пријателските односи меѓу две нашите земји“, стои во соопштението од амбасадата на Руската Федерација во Македонија.

За разлика од амбасадата, Захарова е подиректна и користи многу силни изрази.

„Сметаме дека ваквите изјави не само што претставуваат неосновани инсинуации и манијакални конструкции, туку во суштината наликуваат на обиди за само-прикажување како жртва. Суштината е што ваквите изјави им нанесуваат шетат на руско – македонските односи и се во спротивост со декалрираната подготвеност на Скопје за градење на конструктивна соработка со нашата земја. Ужасите искажани на овој начин единствено служат како оправдување за забрзаното втурнување на балканските земји во Северноатланската алијанса иако тие остануваат надвор од структурите на НАТО. Поради ова, во голем дел беше испровоцирана и неодамнешната политичка криза во Македонија. Русија никогаш не се мешала во внатрешните работи на Македонија“, вели Захарова.


Бошњаковски: Владата нема практика да усогласува соопштенија од средби на Заев


Скопје, 20 октомври, 2017 - 16:24 (META) 

Владата останува на ставовите изнесени во соопштението од средбата помеѓу премиерот Зоран Заев и рускиот амбасадор Олег Шчербаг и покрај реакцијата на амбасадата на Руската Федерација во Македонија.

„Владата на Република Македонија нема практика да усогласува став во врска со соопштенија од овој вид средби“, вели портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски во изјава за државната новинска агенција МИА, во врска со реакцијата на Амбасадата на Руската Федерација на вчерашното соопштение на македонската влада за средбата на премиерот Зоран Заев со рускиот амбасадор Олег Шчербак.

Од Амбасадата на Руската Федерација во земјава тврдат дека во соопштението, Владата не ги пренела точно пораките од рускиот амбасадор упатени до премиерот.

„Амбасадата информира дека текстот на посоченото соопштение не е усогласен со руската страна и не претставува сосема коректен одраз на одделни оценки што беа изнесени за време на разговорот од страна на амбасадорот на Русија“, стои во соопштението од Амбасадата на Русија во Скопје.


Руска амбасада: Владата не информираше точно за средбата на Заев и на амбасадорот Шчербак


Скопје, 20 октомври, 2017 - 13:31 (META) 

Руската амбасада писмено реагираше на вчерашното соопштение на македонската влада за средбата на премиерот Зоран Заев со рускиот амбасадор Олег Шчербак. Од Амбасадата на Руската Федерација во земјава тврдат дека соопштението на Владата не ги пренело точно пораките од рускиот амбасадор упатени до премиерот.

„Амбасадата информира дека текстот на посоченото соопштение не е усогласен со руската страна и не претставува сосема коректен одраз на одделни оценки што беа изнесени за време на разговорот од страна на амбасадорот на Русија. Во исто време, руската страна ја потврдува својата посветеност на сестрано и конструктивно унапредување на традиционално пријателските односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија“, стои во соопштението.

Во соопштението од владината прес-служба стои дека заедничката оценка на Заев и Шчербак била дека евроатланските стремежи на земјава не се и не треба да бидат пречка за развој на билатералните односи меѓу Македонија и Русија, особено зашто и кај двете држави постои став за одржлив систем на безбедност во светот. Ова, соред владината прес-служба, била заедничката оценка од денешната средба на премиерот Зоран Заев со амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак.

Рускиот амбасадор, како што стои во владиното соопштение за средбата, ја поздравил енергичната посветеност на премиерот Заев и неговиот придонес за демократските процеси што ја движат Македонија напред и изразил почитување за политиките кои водат кон евроатлански интеграции на Македонија, но и унапредување на односите со другите држави.