!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЕЛЕМ ќе донира прочистувачи на воздух, бидејќи загадува при производство на струја


Скопје, 27 декември, 2017 - 18:16 (META) 

ЕЛЕМ ќе донира прочистувачи на воздух во градинки и училишта, бидејќи како што велат, при производство на струја ја загадуваат околината.

„Во АД Електрани на Македонија сме свесни дека компанијата и дел од нејзините производни капацитети се сметаат за објекти кои во еден сегмент негативно придонесуваат кон загадувањето, што е неизбежен дел во производството на електрична енергија. Како ново раководство, се обидуваме да достигнеме што повисоки еколошки стандарди при производството, да ги почитуваме барањата и одредбите и на невладните организации и на домашните и меѓународните закони од оваа област и ќе го правиме тоа континуирано и во иднина“, вели генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски.

ЕЛЕМ ќе донира прочистувачи на воздухот во пет градинки, во општините Карпош, Центар, Аеродром, Тетово и Кичево, како и во училиштата во Општина Новаци, која се наоѓа најблиску до РЕК Битола.

Од компанијата најавија и донација за во болницата во Битола, на одделението за белодробни заболувања

„Набавката на овие апарати ќе чини околу 40 илјади евра и тие пари ЕЛЕМ ги обезбеди со пренамена на средствата кои беа предвидени за адвокатски услуги“, додаде Миновски.


Министерство за здравство уверува: Нема инсулинска криза


Скопје, 27 декември, 2017 - 15:54 (META) 

Нема инсулинска криза, порача Министерството за здравство попладнево, откако во некои медиуми беше пренесен апелот на дијабетичарите до премиерот Зоран Заев да преземе итни мерки да се реши проблемот со инсулинот. Според „Шеќерче – Лолипоп“ еден месец нема инсулин, што директно погодува околу 50.000 пациенти коишто мора да го примаат.

Министерството за здравство вели дека се обезбедени доволни количества преку донација од компанијата – производител.

„Министерството ги уверува болните од дијабетес, кои имаат потреба од инсулин дека може да бидат спокојни, бидејќи овој лек го има. Исто така, сакаме да потенцираме дека проблемот кој го имавме неодамна, беше причина повеќе Министерството да почне со изработка на ново законско решение, процес кој веќе е во тек, односно веќе се работи на системско решавање на овој проблем и создавање предуслови, со кои ќе спречиме во иднина да се јавуваат вакви или слични проблеми“, се вели во соопштението.


Полицијата доби 45 нови „шкоди“, вредни еден милион евра – донација од Чешка


Скопје, 14 декември, 2017 - 14:28 (META) 

Амбасадорот на Чешка во Македонија, Мирослав Томан денеска на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му ја предаде донацијата од 45 возила од марката „шкода“, во вредност од околу еден милион евра.

Спасовски истакна дека за време на мигрантската криза Чешка дала „извонреден придонес за зајакнување на капацитетите на македонската полиција“.

– Нивната финансиска и материјално-техничка помош веќе надминува два милиони евра. Со оваа донација набавени се возила кои ќе служат и за граничната полиција, но и за полициските станици кои се во граничните подрачја, се со цел да може да ја зголемиме ефикасноста на полицијата, а со тоа и безбедноста на граѓаните – рече Спасовски на свеченото примопревање на возилата на паркингот во кругот на Министерството за внатрешни работи.

Амбасадорот Томан истакна дека Чешка со задоволство и помага на македонската полиција и дека тоа ќе го прави и во иднина.

– Со министерот Спасовски разговараме како понатаму Република Чешка да му помогне на МВР. Република Чешка не помага само финансиски туку на јужната граница веќе е 14-от контингент на чешки полицајци, кои помагаат јужната граница да биде што побезбедна. Соработката меѓу македонските и чешките полицајци е одлична и во следната 2018 година ќе продолжиме со истиот број на полициски службеници – рече Томан.

Од 2016 година до сега во обезбедувањето на јужната граница учествуваа 534 чешки полициски службеници, а реализацијата на проектот е предвидена и за наредната 2018 година.

Вчера, македонската полиција доби донација од Европската Унија во возила и опрема вредна околу четири милиони евра, исто така наменета за подигање на капацитетите на граничната полиција.


ЕУ на МВР му донираше возила и опрема вредни околу четири милиони евра


Гевгелија, 13 декември, 2017 - 16:23 (META) 

Македонската полиција денеска доби донација од Европската Унија во возила и опрема вредна околу четири милиони евра.

Донацијата, со која треба да се подигнат капацитетите на граничната полиција, се состои од осум комбиња, осум патнички возила, осум четирицикли и пет специјални возила за надзор на границата со термални камери, од кои едно опремено со радар, потоа 100 рачни радио терминали и програмски алатки, 250 рачни палки со ознака „Стоп полиција“со лед светла, четири детектори за срцево отчукување, четири рачни скрининг-системи за карго-товар и проверка на возила, шест системи за проверка на валидност на документи – ВИСПЕК, комуникациска мрежа, како и локално распоредлив координативен-комуникациски центар, мобилен систем за надгледување со камери и радар.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека самиот слоган „ЕУ за тебе“ значи дека Европската Унија е тука за да и помогне на нашата земја да се справува со предизвиците.

– Со оваа донација, полицијата ќе биде поподготвена да се справува со предизвиците со кои се соочува на границата. Европската Унија останува посветена на давањето поддршка за да може полесно да се справите со овие предизвици – рече Жбогар.

Спасовски ја посети и полициската станица во Гевгелија, каде беше информиран дека безбедносната состојба во општината е на задоволително ниво, а беше запознаен и со условите и проблемите со кои се соочуваат полицајците при извршувањето на задачите.


Скопје ја откажа новогодишната програма, средствата ќе ги донира


Скопје, 20 ноември, 2017 - 16:24 (META) 

Град Скопје се откажува од организирање новогодишна прослава, што ќе биде втора година по ред да се прави тоа, а планираните пари ќе се подарат на Клиниката за белодробни заболувања, соопшти градоначалникот Петре Шилегов на денешната седница на Советот на Град Скопје.

На расправата за првичните мерки за загадувањето, Шилегов истакна дека следејќи ги препораките да не се одржуваат средби на отворено, настанот се откажува и ги повика и спонзорите да ги донираат парите предвидени за прославата на оваа ноќ во добротворни цели.

Предновогодишните празнични активности, односно базарот на ракотворби, трката на дедомразовци и детската програма не се откажани и ќе се одржат.


Општина Аеродром ќе донира 300.000 денари за лицата со аутизам од здружението „Во мојот свет“


Скопје, 8 ноември, 2017 - 10:42 (META) 

Општина Аеродром ќе донира 300.000 денари финансиска поддршка за Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром – „Во мојот свет“, за вработување на две лица во втора смена.

На средбата, претставници на Здружението „Во мојот свет“ го информирале градоначалникот на Општината, Златко Марин, дека имаат потреба и од простории, по што Марин им ветил дека ќе им помогне и за тој проблем.

Здружението „Во мојот свет“ веќе соработува со градинките и со училиштата од Општина Аеродром во сферата на едукација на кадри, а Марин им ветил дека Општината ќе продолжи да се залага за уште поуспешна соработка и ќе нуди постојана поддршка.

– Ветувавме целосна поддршка и инклузија на лицата со попреченост и почнавме веднаш со работа во таа насока. Очекувам уште многу заеднички корисни проекти, заради максимална инклузија за секој граѓанин – изјави Марин.


Со пари од странски организации ќе се уредува депонијата Русино


Тетово, 6 април, 2017 - 16:17 (META) 

Со пари од УНДП и на швајцарската агенција за развој, ќе се уредува регионалната депонија Русино. Ова денеска го изјави градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, по средбата со министерот за животна средина и за просторно планирање, Башким Амети.

Проектот, како што рече Арифи, има цел целосно да го реши проблемот со сметот во Полошкиот Регион.

– Од УНДП и од швајцарската агенција за развој ќе обезбедиме седум милиони евра. Со овие пари ќе се уреди депонијата Русино, која треба да работи по сите стандарди и таму непречено да се носи сметот. Со оваа депонија, откако ќе се уреди, ќе управуваат комуналните претпријатија од Полошкиот Регион, кои претходно треба да се обучат во врска со ваквото управување – рече Арифи.

Градоначалничката Арифи за време на средбата, од министерот Амети ја прими техничката документацијата за цевководот од новиот водоснабдителен систем, со што практично надлежноста за новиот водовод премина во рацете на Општина Тетово.

Арифи рече дека при крај е и изградбата на филтер-станицата од новиот водовод и се очекува пролетва да се пушти во употреба новиот водоснабдителен систем.

– Имаше некои проби деновиве на филтер-станицата, очекуваме да се проверат и филтрите, да се пушти струјата и конечно да се пушти во употреба станицата, а со тоа и да се пушти во употреба новиот водовод, со кој ќе се реши деценискиот проблем со водоснабдувањето во нашиот град – рече Арифи.


Хан ја предаде донацијата од ЕУ на граничната полиција и на ЦУК


Скопје, 10 февруари, 2017 - 12:46 (META) 

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, денеска во Министерството за внатрешни работи ја предаде донацијата од 33 теренски возила наменети за зајакнување и за модернизирање на капацитетите на македонската гранична полиција и на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Хан, во своето обраќање по повод примопредавањето на донацијата, истакна дека таа е силен знак за блиската соработка меѓу „семејството на Европската Унија и Македонија во справувањето со најсериозната бегалска и мигрантска криза со која се соочи Европа“.

– Европската комисија стои покрај вас и ќе продолжи да биде покрај вас и во иднина. Мигрантската криза помогна да се илустрира како вашата земја, но и целиот Западен Балкан, е дел од европската целина и како се работи заедно во справувањето со предизвиците – рече Хан.

Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, заблагодарувајќи се за донацијата, истакна дека таа ќе ги зајакне капаицитетите на граничната полиција во справувањето со предизвиците од мигрантската криза, меѓународните закани и со меѓуграничниот криминал.

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, нагласи дека МВР и македонската влада за време на мигранстака криза покажале солидарност и дале значаен придонес во делењето на одговорноста со Европската Унија и со меѓународната заедница во справувањето со овој феномен.

– Оваа донација не само што значи поддршка туку е и мотив за понатамошно ангажирање во решевањето на овој проблем, особено на меѓуграничниот криминал и криумчарењето мигранти – рече Чавков

Вицепремиерот за европски прашања, Арбер Адеми, истакна дека иако движењето на мигрантите сега е под контрола, сепак ситуацијата и понатаму е неизвесна, а соработката е најдобар одговор за сите предизивици. Тој нагласи дека мигрантската криза покажала дека Македонија и другите земји од регионот треба што поскоро да станат дел од ЕУ и од нејзините безбедносни капацитети.

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Агрон Буџаку, рече дека секоја помош придонесува за зголемена ефикасност на институциите и дека Македонија ќе даде пример како се бранат и се чуваат европските вредности и како се спроведуваат правото и правдата врз оние што ја злоупотребуваат и сакаат да остварат корист од човечката несреќа.

На свеченоста по повод примопредавањето на донацијата беа присутни и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

Инаку, станува збор за донација на 33 теренски возила од марката „сангјонг рекстон“, во вредност од околу 800.000 евра. Од нив, 31 се за потребите на граничната полиција, а две се за Центарот за управување со кризи.


ЕУ ќе донира 33 теренски возила за да ни помогне во справувањето со бегалците


Скопје, 9 февруари, 2017 - 11:57 (META) 

Европската Унија ќе ѝ додели 33 теренски возила на Македонија за полесно справување со мигрантите.

Примопредавањето на возилата ќе се одржи утре во МВР, со почеток во 10 часот, а на церемонијата ќе присуствуваат еврокомесарот Јоханес Хан, министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, како и директорот на Центарот за управување со кризи, Аргон Буџаку.

31 теренско возило ќе бидат дадени на Граничната полиција, а две возила се наменети за Центарот за управување со кризи.

Возилата се набавени во рамките на проект финансиран од ЕУ, во насока на поддршка на владините институции на национално и на локално ниво.

Возилата се погодни за тешки теренски услови и имаат седишта за седум полицајци. Со оваа донација, националните институции ќе бидат во можност да ги зголемат своите напори за управување со миграцијата, борба против криумчарење мигранти и прекуграничниот криминал.


Алтхаузер – Нухиу: Создавањето правна држава е главен столб за развој


Скопје, 6 февруари, 2017 - 11:41 (META) 

Германската влада на Министерството за внатрешни работи на Македонија му донираше опрема за потребите на граничната полиција. Договорот за примопредавање на опремата денеска во МВР го потпишаа министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, и амбасадорката на Германија во земјава, Кристине Алтхаузер.

Станува збор за донација вредна 60.000 евра, а која се состои од четири возила од марката „дачија дастер“ за граничната полиција.

По тој повод, министерот Нухиу истакна дека донацијата ќе ги зајакне капацитетите на граничната полиција во справувањето со предизвиците и дека интензивните реформски зафати што се одвиваат во полицијата се должат на партнерството и на помошта што МВР ја добива од повеќе европски земји, меѓу кои и Германија.

Германската амбасадорка изјави дека возилата се симбол на соработката меѓу двете земји, односно меѓу германската сојузна полиција и македонската гранична полиција.

Алтхаузер нагласи дека во краткиот разговор што го имале со министерот Нухиу, главна тема било создавањето правна држава како главен столб за развојот на земјата.

Таа рече дека опремата што денеска беше донирана на МВР е дел од планот мерки договорен меѓу германската сојузна полиција и македонската гранична полиција за 2017 година.

– Покрај техничката опрема, договорот, исто така, опфаќа и обука за проверка на документи, обука на возачи, гранича контрола, обработка и анализа и безбедност на воздушниот сообраќај. Оваа година ќе се спроведат вкупно седум обуки на граничната полиција во Германија – рече Алтхаузер.