Нетанјаху: Прашањето со Ерусалим е веќе решено


Давос, 24 јануари, 2018 - 17:55 (META) 

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху изјави дека нема намера да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп за Ерусалим на Светскиот економски форум во Давос.

Нетанјаху вели дека тоа прашање „веќе е решено“.

Белата куќа соопшти дека Трамп ќе настојува да ја повтори американската силна посветеност на Израел и напорите да се намали влијанието на Иран врз Блискиот исток како начин да се постигне траен мир.

Трамп предизвика бура од реакции со одлуката да ја премести амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим и тој град да го признае како престолнина на Израел.


Рејтингот на Трамп и на САД секаде паѓа, освен во Македонија, Израел, Либерија и Белорусија


Вашингтон, 23 јануари, 2018 - 17:16 (META) 

Една година од инаугурацијата на Доналд Трамп за нов аемрикански претседател, рејтингот на САД како светски лидер е опаднат во сите земји освен во четири, меѓу кои е и Македонија, пишува магазинот „Атлантик“ во текстот со наслов „Што имаат заедничко Израел, Либерија, Белорусија и Македонија?“

Истражувањето на рејтингот, на кој се повикува „Атлантик“ е спроведено од агенцијата „Галуп“ во 134 земји во 2017 година.

Причините зошто Македонија е во ова друштво, според магазинот, може да се лоцираат не во Белата куќа туку во Стејт департментот, поточно во улогата на заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Хојт Ји во разрешувањето на политичката криза и изборот на новата влада на чело со Зоран Заев.

– Во Македонија, каде одобрувањето на водството на САД скокна 15 проценти по долгогодишно опаѓање, објаснувањето може да се најде не во Белата куќа, туку во Стејт департментот. Во мај, македонскиот претседател Ѓорге Иванов му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на опозицијата Зоран Заев по повеќемесечно одбивање – одлука која следеше по инсистирањето на Хој Ји, заменик државен секретар назначен во времето на Обама“, пишува „Атлантик“.

Инаку, според текстот, зголемувањето на рејтингот во Израел се должи на одлуката на Трамп да го признае Ерусалим за главен град на земјата, во Либерија причините се во историскиот контекст, додека во Белорусија, според магазинот, тие најверојатно лежат во тоа што стилот на владеење на американскиот претседател, Белорусите го сметаат за сличен со оној на нивниот шеф на државата, Александар Лукашенко.

Според истражувањето, местото на САД како глобален лидер се повеќе го зазема Германија.


Сандерс: Трамп е срам и патолошки лажго


Вашингтон, 23 јануари, 2018 - 11:54 (META) 

Американскиот сенатор Берни Сандерс во изјава во која ја сумираше првата година од владеењето на американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека претседателот на САД е патолошки лажго.

Според неговите зборови Трамп е „срам за државата“ и вели дека лажел во кампањата за тоа што ќе направи кога ќе се всели во Белата куќа.

-Зар помина само една година. Имам чувство дека поминале 16. Водеше популистичка кампања, вети здравствена заштита за сите, дека ќе се спротивстави на Вол стрит и на фармацевските компании. Лажеше – рече Сандерс.

Според сенаторот, САД сега не се почитувани во светот како што било за време на владеењето на Барак Обама.

-Ние сме на најниска точка од било кога – додаде Сандерс.


Трамп не отишол на Флорида, патувањето во Давос неизвесно


Вашингтон, 21 јануари, 2018 - 13:47 (META) 

Поради делумната финансиска блокада неизвесно е заминувањето на американскиот претседател Доналд Трамп во Давос, каде следната недела ќе се одржи Светскиот економски форум.

Трамп веќе го откажа заминувањето во својата резиденција на Флорида, кое беше планирано за овој викенд, а таа одлука ја донел откако во Конгресот демократите и републиканците не постигнаa договор за финансирање на федералната влада.

-Претседателот сега нема да оди на Флорида, а за Давос ќе биде дополнително одлучено – изјави директорот за буџет во Белата куќа, Мик Малвен.

Според првичниот план, Трамп треба да одржи завршен говор на Светскиот економски форум кој од 23 до 26 јануари ќе се одржи во швајцарскиот зимски центар Давос каде што ќе се соберат шефови на држави, претставници на цивилното општество, академици и јавни личности.


Трамп: Демократите ми дадоа „убав подарок“ за првиот јубилеј како претседател


Вашингтон, 20 јануари, 2018 - 17:03 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини демократите заради тоа што американската влада е во финансиска блокада.

-Демократите се многу позагрижени за илегалните мигранти отколку што ги загрижува нашата војска или безбедноста на нашата јужна граница – напиша Трамп на „Твитер“.

Тој потенцираше дека „лесно можеле да се договорот, но дека одлучиле да одат на блокада“.

Освен тоа тој на „Твитер“ потенцираше дека денеска е една година откако тој стапи на функцијата претседател на САД, и дека демократите му дале „убав поклон“.

-За оние кои се прашуваат, републиканците имаат само 51 глас во Сенатот, а потребно им е 60. Затоа треба да освоиме повеќе места за републиканците на изборите во 2018 година – напиша Трамп и додаде дека Америка е на прво место.


Трамп бара од демократите да спречат блокада на сојузната администрација


Вашингтон, 19 јануари, 2018 - 17:10 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп ги повика сенаторите од редот на демократите да гласаат за законот за привремено финансирање на владата за да не дојде до парализирање на сојузната администрација, јавуваат агенциите.

Трамп притоа ги критикуваше демократите во Сенатот, велејќи дека „тие сакаат нелегална имиграција и слаби граници“.

„Законот за привремено финансирање на владата е одобрен ноќеска во Претставничкиот дом. Сега се потребни гласовите на демократите за да биде одобрен во Сенатот, но тие сакаат нелегална имиграција и слаби граници“, напиша Трамп на „Твитер“.

Долниот дом на Конгресот синоќа го изгласа законот со кој продолжува финансирањето на буџетот до 16 февруари. Сенатот би требало да гласа за законот денеска до полноќ, кога престанува досегашниот начин на финансирање.

Трамп предупреди дека доколку текстот на законот не добие зелено светло во Сенатот, ќе дојде до блокада на сојузната влада, поради што голем број на сојузни агенции може да бидат затворени.


Трамп вели дека за Африканците го кажал тоа што многумина го мислат


Вашингтон, 14 јануари, 2018 - 10:46 (META) 

Извор од Белата куќа тврди дека американскиот претседател Доналд Трамп во врска со неговата навредлива изјава за африканските и некои централноамерикански држави, оценил дека „едноставно го рекол тоа што многумина го мислат, а не смеат да го кажат на глас“.

Истиот извор изјавил дека ваквиот став Трамп го искажал на средба со најблиските соработници, на која се расправало за последиците од неговата изјава дека африканските земји, како и Хаити и Салвадор се „клоака држави“.

Како што објави вчера „Вашингтон пост“, на состанок со конгресмени во Белата куќа, на кој бил претставен компромисот за младите имигранти (ДАКА), Трамп прашал „Зошто сите тие лица од клоака-држави доаѓаат овде? (Why are we having all these people from shithole countries come here?)“.

Според неименувани извори, Трамп алудирал на африканските држави, како и на Хаити и Салвадор, објаснувајќи дека САД наместо нив би требало да примаат државјани од Норвешка, со чија премиерка имаше состанок еден ден претходно.

Трамп вчера негираше дека изрекол навреди. „Речникот што го користев на состанокот за ДАКА беше остар, но не ги употребив тие зборови“, напиша Трамп на Твитер.


ОН: Нема друг збор за Трамп освен расист


Женева, 12 јануари, 2018 - 15:42 (META) 

Обединетите нации остро ја осудија и ја нарекоа расистичка изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп кој африканскиte земји и Хаити ги нарече „дупки“.

-Ако тоа се потврди, во прашање е шокантна и срамна изјава на претседателот на САД. Нема друг збор кој би можел да се употреби освен „расист“ – рече на прес-конфренција портпаролот на ОН, Руперт Колвил.

Трамп на состанок со членовите на Конгресот наводно прашал зошто луѓе со потекло од „вуко….а“ доаѓаат во САД. Коментарот се однесувал на луѓето од Хаити и од некои африкански земји.

Белата куќа не негираше дека Трамп користел вулгарни зборови на состанокот со членовите на Конгресот кој бил посветен на прашањето за имиграцијата.

Африканската унија соопшти дека е „искрено вознемирена“ со изјавата на претседателот и од таму додаваат дека ваквите изјави штетат на глобалните вредности за различноста, човековите права и взаемното разбирање.

Трамп на „Твитер“ напиша дека тоа не биле зборовите кои што тој ги употребил.


Трамп ја откажа посетата на Лондон


Вашингтон, 12 јануари, 2018 - 11:43 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп ја откажа плaнираната посета на Велика Британија, во текот на која требаше да ја отвори новата американска амбасада во Лондон.

Токму новата амбасада, која според Трамп е уште една лоша одлука на неговиот претходник, Барак Обама, е причината за откажувањето на посетата.

„Го откажувам патувањето во Лондон затоа што не сум голем обожавател на администрацијата на Обама која ја продаде најубавата амбасада на најдобрата локација во Лондон за ‘кикиритки’ за да изгради на оддалечена локација нова, за 1,2 милијарди долари. Лош договор. Сакаа да ја пресечам лентата – не“, напиша Трамп на „Твитер“.

Инаку, посетата на Трамп на Лондон беше планирана за февруари.


ЕУ бара од САД да не се откажуваат од нуклеарниот договор со Иран


Брисел, 11 јануари, 2018 - 20:59 (META) 

Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Борис Џонсон ги повика Соединетите Американски Држави да докажат доколку постои подобра алтернатива од договорот со Иран, кој ја ограничува нуклеарната програма на оваа земја, јавуваат белгиските медиуми.

Џонсон по разговорите со колегите од Иран и од Европската Унија денеска во Брисел изјавил дека Заедничкиот сеопфатен план за работа со Иран е значајно постигнување, кое го спречува Иран да добие нуклеарно оружје.

Шефот на британската дипломатија нагласил дека Иран во целост ги исполнува своите обврски од нуклеарниот договор, потпишна во 2015 година, пренесува „Би-би-си“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп кој сака го измени или да излезе од договорот, во октомври, минатата година одби да го потпише документот со кој пред Конгресот на САД се потврдува дека Иран ги исполнува обврските од договорот.