!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Рејтингот на Трамп на најниско ниво


Вашингтон, 27 февруари, 2017 - 11:27 (META) 

Помалку од половина од Американците сметаат дека новиот американски претседател Доналд Трамп добро ја врши својата работа, покажува најновата анкета на телевизиската мрежа „Ен-би-си“ и на дневникот „Вол стрит џурнал“.

Според истражувањето кое е спроведено во период од 18 до 22 февруари годинава, а објавено вчера, 44 отсто од испитаниците го одобруваат начинот на кој Трамп раководи со земјата, 48 отсто не го одобруваат, додека 8 проценти се неодлучни.

Исто така, 32 отсто од испитаниците навеле дека првиот месец од преземањето на функцијата покажува дека претседателот не е дораснат за функцијата што ја извршува.

Трамп е единствен претседател во современата историја на САД кој го почнал мандатот со негативен рејтинг од минус 4 отсто. За споредба, неговиот претходник, Барак Обама, во февруари 2009 година имал за 34 отсто поголем рејтинг.


Белата куќа забрани пристап за неколку медиуми


Вашингтон, 25 февруари, 2017 - 11:33 (META) 

Белата куќа забрани новинарите од неколку медиуми да присуствуваат на неформални средби со претседателот Доналд Трамп, јавуваат светските медиуми.

Администрацијата на американскиот претседател ги забранила брифинзите со новинарите на „Си-ен-ен“, „Би-би-си“,„Њујорк тајмс“, „ЛА тајмс“, „Њујорк дејли њуз“, „Дејли мејл“.

Пристапот е дозволен на медиумите кои застапуваат десничарски ставови, како „Вашингтон тајмс“, „Уан америка њуз нетворк“, „Брајтбарт њуз“ и други.

Главниот уредник на „Њујорк тајмс“, Дин Баки, изјави дека ова никогаш не се случило во Белата куќа.

– Транспарентна влада и слобода на медиумите се од витално значење за националните интереси – изјави Баки.

Здружението на дописници од Белата куќа реагираше на ваквата одлука на администрацијата на американскиот претседател.


Демократите подготвиле план за смена на Трамп


Вашингтон, 24 февруари, 2017 - 13:12 (META) 

Претставниците на Демократската партија на САД подготвиле план за смена на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува „Раша тудеј“.

По состанокот на демократите со инвеститорите на Флорида е изработен план. Документот кој го подготвил Дејвид Брок, содржи план за отстранување на Трамп од власта. Авторите на иницијативата се сигурни дека импичментот ќе може да биде изведен до 2020 година.

Тие оценуваат дека главно оружје им се грешките на сегашниот американски лидер. Планирано е да се оформи тим кој ќе го следи секој чекор на новата администрација, да го следи секој однос на претседателот со неговите колеги од странство.

Главна задача на демократите е борбата против наводните дезинформации на конзервативните медиуми кои се против Трамп. Притоа, демократите планираат да соработуваат со социјалната мрежа „Фејсбук“ за лажните вести да не се шират во државата.


Антисемитизмот е грозен и мора да престане, порача Трамп


Вашингтон, 21 февруари, 2017 - 18:27 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги осуди неодамнешните закани кон еврејските центри во САД и ги окарактеризира како „грозни и болни“.

За време на посетата на националниот музеј на Афроамериканската историја и култура, Трамп рече дека заканите се „тажен потсетник“ за тоа што уште треба да се направи.

Во изминатите неколку недели, 27 еврејски центри во САД добија закани за подметнување бомби, а само во текот на вчерашниот ден поради такви закани се евакуирани 11 центри.

Трамп рече дека Афроамериканскиот музеј потсетува зошто треба да се бори против дволичноста, нетолеранцијата и омразата во сите облици.

– Ќе ви кажам дека антисемитизмот е грозен и ќе престане и мора да престане – рече Трамп.
Кон истрагите за бомбашките закани, кои ги води ФБИ, се приклучи и министерството за правосудство.


Трамп ги нарече „Си-ен-ен“, „Ен-би-си“, „Еј-би-си“ и „Си-би-ес“ непријатели на Американците


Вашингтон, 18 февруари, 2017 - 17:33 (META) 

Претседателот на САД повторно ги нападна американските медиуми, нарекувајќи ги непријатели на американскиот народ.

Трамп од својата викендичка во Калифорнија објави твит во кој се наведуваат медиуми како што се „Њујорк тајмс“, „Си-ен-ен“, „Ен-би-си“, „Еј-би-си“ и „Си-би-ес“ дека не се негови, туку непријатели на Американците.

Трамп за време на претседателската кампања ги обвинуваше медиумите дека се пристрасни. Тој ги обвини новинарите дека не покажуваат доволно почит кон неговите успеси.

Американскиот претседател на конференција за медиуми одржана во четвртокот ги обвини медиумите дека се виновни за неуспесите на неговата администрација.

За четири недели на власт, на Трамп му се случи оставка на советникот за национална безбедност, повлекување на кандидат за член на кабинетот и пропаст на политиката за имиграција.


Харвард одби да биде советник за национална безбедност на Трамп


Вашингтон, 17 февруари, 2017 - 9:50 (META) 

Американскиот вицеадмиралот Роберт Харвард ја одби понудата на претседателот на САД Доналд Трамп да биде советник за национална безбедност.

Харвард требаше да го заземе местото на Мајкл Флин кој во понедeлникот беше разрешен откако се обелодени дека не му пренел „целосни информации“ на потпретседателот Мајк Пенс за контактите со рускиот амбасадор во САД.

– Тоа е целосно личен избор. По 40 години во армијата сега имам уникатна можност да се радувам на мојот приватен живот, рече Харвард, кој е поранешен заменик-командант на американската Централна команда (Сентком).


Вашингтон е подготвен за соработка со Москва, но само во одредени области, порача Тилерсон


Бон, 16 февруари, 2017 - 19:29 (META) 

Вашингтон е подготвен да соработува со Москва, но само во одредени области, кои ќе бидат во интерес на американскиот народ, изјави државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон по денешната средба со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Бон.

„САД ќе ја разгледаат можноста за соработка со Русија кога ќе најдеме област за практична соработка која ќе биде од корист за американскиот народ. Онаму каде што нема да се сложиме, САД ќе ги потенцира своите интереси и вредности, како и своите сојузници“, изјавил Тилерсон, пренесуваат светските медиуми.

Новиот американски државен секретар ја повика Русија да ги исполни своите обврски во Украина во согласност со договорот од Минск.

„Додека бараме нов заеднички терен, очекуваме Русија да ги почитува своите обврски кон договорот од Минск и да работи на смирување на насилствата во Украина“, изјавил Тилерсон по состанокот со Лавров.

Инаку, ова е прва средба меѓу Тилерсон и Лавров и воедно е прв контакт на највисоко ниво меѓу САД и Русија откако Доналд Трамп ја презеде должноста претседател на САД. Тие се сретнаа на маргините на конференцијата на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Г-20 во Бон.

На прашањето дали Русија е загрижена поради превирањата во администрацијата на Трамп, односно по оставката на советникот за национална безбедност на Трамп, Мајкл Флин, Лаворов изјавил дека стандарден став на Москва е „да не се меша во внатрешните работи на други земји. Тој додал дека двете земји имаат „многу прашања“, за кои треба да разговараат, изразувајќи надеж дека ги „воспостават параметрите за идна соработка“.


„Ден без имигранти“ – акција во САД против Трамп


Вашингтон, 16 февруари, 2017 - 10:23 (META) 

Во неколку американски градови имигрантите се повикани да останат во своите домови, да не одат на училиште или на работа и да не им помагаат на своите работодавачи во рамки на акцијата „Ден без имигранти“.

Организаторите на акцијата велат дека „Ден без имигранти“ има за цел да покаже колку имигрантите придонесуваат за американската економија и за општеството.

Такви акции се спроведени во Филаделфија, Вашингтон и Остин и претставува реакција на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на депортациите на имигрантите кои немаат документи и за изградба на ѕид на границата со Мексико.


Трамп очекува Русија да го врати Крим на Украина


Вашингтон, 15 февруари, 2017 - 13:40 (META) 

Американскиот претседателот Доналд Трамп даде до знаење дека САД очекуваат Русија да го врати Крим на Украина и да го намали насилството во Источна Украина, соопшти претставникот на Белата куќа Шон Спајсер.

– Претседателот Трамп многу јасно даде до знаење дека очекува од руската Влада да го намали насилството во Украина и да го врати Крим, соопшти Спајсер, додавајќи дека Трамп очекува и сака добри односи со Москва, додаде претставникот на Белата куќа.

Спајсер истакна дека Трамп зазема неверојатно цврста позиција кон Русија.


Советник на Трамп даде оставка поради контакт со Русија


Вашингтон, 14 февруари, 2017 - 12:34 (META) 

Мајкл Флин, советникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, поднесе оставка поради контакти кои ги имал со Русија, соопшти Белата куќа.

Флин наводно, пред доаѓањето на Трамп на чело на САД, разговарал со амбасадорот на Русија, Сергеј Кислјак за санкциите кои администрацијата на Барак Обама и ги воведе на Русија.

Кога скандалот се открил, Флин негирал дека бил во комуникација со рускиот амбасадор, но потоа признал.

„За жал поради брзиот развој на настаните, ненамерно не сум го информирал потпретседателот Пенс за нецелосната информација во врска со мојот телефонски разговор со рускиот амбасадор. Искрено му се извинив и на претседателот и на потпретседателот и тие го прифатија моето извинување“, напиша Флин во оставката.

Контактот на Флин со амбасадорот на Русија пред инагурацијата на Трамп би можело да биде кршење на американскиот закон затоа што на обичните граѓани не им е дозволено да водат надворешна политика.

Оставката на Флин е внатрешна работа на САД, изјави портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.

Песков претходно изјави дека Флин и рускиот амбасадор не разговарале за укинување на санкциите, но денеска одби да одговори на прашањето за тоа.