Укинати притворите на Чавков, Мукоски и Василески, Тарчуловски и Димовски


Скопје, 27 март, 2018 - 9:36 (META) 

Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василески излегуваат од истражниот затвор „Скопје“ во населбата Шуто Оризари, откако вчера попладне Врховниот суд донесе одлука да им го замени притворот со куќен притвор.

Врховен суд вчера решавашe по жалбите кои Чавков, Мукоски и Василески ги поднесоа на одлуките на Кривичниот и Апелацискиот суд, со кои им се одредуваше и продолжуваше притворот.

Врховниот суд одлучи од притвор да се пуштат и Митко Пешев, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски, Оливер Поповски и Мунир Пепиќ сите вработени во МВР, на кои исто така им е одреден куќен притвор.

По вчерашната одлука во притвор остануваат уште четворица осомничени за настаните од 27 април. Меѓу нив се членовите на патриотското здружение од Велес, Горанче Анѓелов и Илија Славевски.

Врховен суд, исто така, вчера решаваше за жалбите на пратениците Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, кои повеќе од еден месец се во куќен притвор, и им го укина притворот и им одреди мерка на претпазливост, односно одземени им се патните исправи и тие мора задолжително да се јавуваат во суд еднаш неделно.


ВМРО-ДПМНЕ: Притворените се лишени од основните права, целиот процес е конструкција


Скопје, 5 јануари, 2018 - 10:08 (META) 

Апсурдноста на делото „тероризам“ кои им се става на товар на десетици македонски патриоти во врска со настаните од 27 април е вон секоја правна логика. Целиот процес е конструкција и не и служи на правдата, туку на политиката, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Судот како орган кој ја донесува одлуката, не смее да остане нем на прекршувањата во постапката кои ги нотираше Народниот правобранител. Судот не смее да ги занемари ни фактите дека притворените се лишени од основните права кои им се гарантираат со закон, како што неколкукратно информираа медиумите. Република Македонија во 21 век ја живее новата инквизиција. Декларативните заложби на власта за демократизација и владеење на правото, се само празни флоскули, кои го затскриваат кршењето на законите, Уставот и меѓународните конвенции“, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Република Македонија нема да тргне ни чекор кон ЕУ и НАТО се додека институциите се користат за пресметка со политичкиот противник.


ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира пред затворот во Шуто Оризари попладнево


Скопје, 10 декември, 2017 - 10:16 (META) 

ВМРО ДПМНЕ денеска ќе организира протест во 16 часот пред Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, каде се притворени шестмина нивни пратеници, како и неколкумина нивни поддржувачи. Тие се под истрага на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поради насилствата во Собранието на 27 април годинава и се товарат за тероризам.

„Заев и неговата хунта со тоталитаристички методи се пресметуваат со сите оние кои вистински ја сакаат Македонија. Ги злоупотребуваат институциите и неправедно ги затвараат сите оние кои не се согласуваат со политиките на хунтата. Глумци, режисери, уметници и архитекти се притвараат за измислен тероризам само затоа што јавно говореа за распродавањето на националните интереси и за штетните државни политики кои во изминатиот период ги спроведува Заев и неговите послушници“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.


Мукоски, Арнаудов, Дамовски и Јовановски остануваат во притвор, одлучија Кривичен и Апелација


Скопје, 7 декември, 2017 - 16:40 (META) 

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ги отфрли жалбите и ги потврди притворите на пратенците Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, како и решенијата со кои им беше одредена мерка домашен притвор на нивните колеги Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска.

Во врска со жалбата на пратеникот Сашо Василевски, судот дополнително ќе информира, откако ќе го донесе решението.

Пратеникот Љупчо Димовски, пак, како што соопштија денеска од судот, воопшто не поднел жалба на одлуката на судијата на претходна постапка, кој му одреди домашен притвор.

Шестемина пратеници се осомничени за насилствата во Собранието од 27 април годинава и се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата.

Инаку, во врска со истиот случај, и Апелацискиот суд Скопје денеска ги одбил жалбите на Борис Дамовски, на актерот Владо Јовановски и на Горан Ѓошевски, поранешниот шеф на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски.

Нивните адвокати, како што потврдија од Апелацискиот суд, денеска на јавна седница побарале до судот на тројцата осомничени да им го укине притворот и да им ореди поблага мерка, односно куќен притвор.


Вработен во „Идризово“ одгледувал марихуана во својот дом и неовластено чувал оружје


Скопје, 19 ноември, 2016 - 12:34 (META) 

СВР Скопје-Единица за недозволена трговија со дрога до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје со кривична пријава го предаде Г.С.(40), вработен во КПУ „Идризово“, поради основи на сомневање дека неовластено набавил семки од канабис, ги насадил и одгледувал во својот дом. Тој исто така во домот неовластено држел оружје и експлозивни направи.

Оттука, постојат основи на сомнение дека сторил две кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.

За сторените кривични дела, судија на претходна постапка на Г.С. му изрече мерка – домашен притвор во траење од 30 дена.


400 електронски алки за домашен затвор ќе профункционираат по изборите


Скопје, 8 ноември, 2016 - 9:45 (META) 

Управата за извршување санкции набавила 400 електронски алки за надзор на осуденици кои ќе издржуваат домашен затвор, бидејќи на 1 ноември, како што беше предвидено, почна примената на Законот за пробација.

Од Управата за извршување санкции за „Мета“ велат дека веќе се набавени уредите за електронски надзор, монитори и софтвер, а обучен е и кадар кој ќе работи со нив и ќе го спроведува куќниот затвор, кој е новина во македонскиот казнен систем.

Сепак, кога ќе биде донесена првата пресуда и кому ќе му биле изречена казна домашен затвор со електронска алка, останува неизвесно, бидејќи сè уште не се завршени организациските работи за да почне целосната примена на законот.

Како што ни изјави директорката на Управата за извршување санкции, Лидија Гавриловска, по стапувањето на сила на примената на законот, управата треба да ја подготви систематизацијата на персоналот, да ја организира пробациската служба, да ги формира локалните канцеларии за пробација (една на ниво на Град Скопје и во Битола, Прилеп, Гостивар, Охрид, Куманово, Велес, Тетово, Кочани, Струмица и во Штип) и да вработи пробациски службеници. Овие активности, според Гавриловска, се во тек, но поради изборите на 11 декември, не одат како што е планирано.

Organizaciska struktura na probaciskata sluzba

Организациска структура на пробациската служба во Македонија, која сè уште е во подготовка. Законот за пробација почна да се применува од 1 ноември 2016 година.

– Сега е невреме со изборите, тогаш никој не очекуваше дека ќе бидат закажани во овој термин – вели Гавриловска.

Покрај издржувањето на домашен затвор со домашен надзор, со Законот за пробација како алтернативни мерки се предвидени и условна осуда со заштитен надзор и општокорисна работа.

Засега, според наши информации, електронската алка нема да се применува за случаите на изречен притвор, бидејќи за такво нешто потребно е да се направат измени во Законот за кривична постапка.

Адвокатот Звонко Давидовиќ за „Мета“ вели дека досега не добиле известување околу почетокот на примената на Законот за пробација. Тој вели оти не очекува наскоро законот да почне да се применува и дека од тоа што е предвидено во него, нема да биде спроведено ништо.

Инаку, со спроведувањето на Законот за пробација треба да се растоварат затворите и да се заштедат пари од буџетот кои сега се трошат во казнено-поправните установи низ земјава.

Проектот за воведување на законот почна во 2010 година и се реализира со пари од ИПА-фондовите на Европската Унија, во износ од 1,8 милиони евра.


Судот им го продолжи куќниот притвор на Савески и Куновски од Левица


Скопје, 27 мај, 2016 - 16:41 (META) 

Кривичниот суд денеска им го продолжи куќниот притвор за уште 30 дена на членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски, кои се обвинети за демолирање на народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, на протестите против аболицијата од 13 април.

Судскиот процес против Савески и Куновски на два пати беше одложуван, а следното рочиште е закажано за 31 мај.

Тројца демонстранти, кои беа обвинети за истото дело, односно учество во толпа која ќе изврши кривично дело, беа осудени на условни казни.


Домашен притвор за членовите на Левица


Скопје, 25 април, 2016 - 19:23 (META) 

На приведените двајца членови на Левица, Здравко Савески и Владимир Куноски, попладневно судот им одредил мерка домашен притвор и одземање на пасошите.

Од судот потврдија дека судија на претходна постапка на Савески и Куноски им одредил мерка домашен притвор во траење од 8 дена.

Здравко Савески, член на партијата Левица, утрово беше повикан на информативен разговор, а потоа и приведен во полициската станица Пролет, поради учество во протестите против аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов.

Од МВР попладнево соопштија дека Савески се товари дека за време на протестот на 13 април, со дел од толпата демонстранти, влегол во народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, каде запалил фотографија со ликот на претседателот и фрлил предмет кон канацеларијата.

Од Левица на прес-конференција денеска изјавија дека апсењето на Савески е отворен прогон на членовите на партијата и претставува обид да се исплашат луѓето кои учествуваат и ги поддржуваат масовните протести на граѓанската иницијатива „Протестирам“.