„О2“: Да се испита колку воздухот во Скопје го загадува индустријата


Скопје, 24 декември, 2018 - 15:25 (META) 

Потребно е во Скопје да се направат испитувања и за загадувањето на амбиентниот воздух од индустриските капацитети, а не само на загадувањето кое доаѓа од загревањето на домаќинствата и од сообраќајот, велат од иницијативата „О2“ во врска со аерозагадувањето.

Во програмата за 2019 година на Град Скопје за активности од доменот на заштитата на животната средина се издвоени 5 милиони денари за продолжување на две испитувања кои веќе неколку години се спроведуваат во Скопје, а имаат за цел да утврдат колкаво е загадувањето на воздухот од греењето на домаќинствата, а колкаво од возилата, но не е предвидено да се истражи во колкава мерка за загадувањето придонесува индустријата.

– До сега неколку пати се споменува дека најмалку е испитано загадувањето кое потекнува од индустриските капацитети и поради тоа сметаме дека е потребно да се прошират испитувањата и на индустриските емисии – вели Невена Георгиевска од „О2“. Таа смета и дека се потребни измени на постојните закони со цел засилување на контролата на емисии од индустријата.

„О2“ во повеќе наврати јавно ги повикуваше надлежното Министерство за животна средина и Градот да се испитаат енормните зголемувања на аерозагадувањето во ноќните часови во Скопје, кога е намалено греењето на домаќинствата и кога е слаба фреквенцијата на сообраќајот, како и на случаите на аерозагадување во летните месеци, кога не се горат дрва за греење.


НБРМ: Нефункционалните кредити на историско најниско ниво од пет проценти


Скопје, 20 декември, 2018 - 14:00 (META) 

И во третото тримесечје од годинава, банкарскиот систем ја задржа својата стабилност велат од Народна банка по одржувањето на редовната седница на која беше разгледан и усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во третиот квартал од 2018 година.

„Според податоците и согледбите презентирани во Извештајот, во текот на првите девет месеци од 2018 година, банките остварија позитивен финансиски резултат од работењето. Притоа, главен носител на подобрениот финансиски резултат се пониските трошоци за исправка на вредноста што ги одразува активностите на банките за наплата на нефункционалните кредити, пред сè во првиот и вториот квартал од 2018 година“, се вели во соопштението на Народна банка.

Во усвоениот извештај, меѓу другото, е одбележано дека во третиот квартал од 2018 година, растот на нефункционалните кредити позначително забави, со што учеството на овие кредити во вкупните кредити на нефинансискиот сектор минимално се намали до историски најниското ниво од пет проценти.


Стапката на пораст на БДП во третиот квартал е три проценти


Скопје, 6 декември, 2018 - 12:42 (META) 

Стапката на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) во третиот квартал изнесува три процeнти, објави Државниот завод за статистика.

Во третото тримесечје од 2018 година, најголем пораст од 17 проценти е забележан во секторите уметност, забава и рекреација, други услужни дејности, дејности на домаќинствата како работодавачи и друго.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата номинално расте за пет проценти, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 62,5 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 16,4 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 12,6 проценти.


Мерките против загадувањето на воздухот треба да почнат од домаќинствата


Скопје, 3 ноември, 2018 - 8:54 (META) 

Мерките кои треба да се спроведуваат за намалување на загадувањето треба да почнат од домаќинствата, оцени академик Глигор Каневче на конференцијата „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“, што се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.

– Мерките кои треба да се спроведуваат за намалување на загадувањето треба да почнат од домаќинствата. Треба да имаат печки со висока ефикасност, да се подобри изолацијата на постојните домови и да се користат топлотни пумпи. Во индустријата, пак, треба да има пречистување со повисока ефикасност и горива со ниски емисии, да се подобри енергетската ефикасност, развој на енергетски екстензивни гранки, и да се воведат мерки за намалување на емисиите во градежништвото – предложи Каневче.

Проблемот не е во законите, смета академик Таки Фити, туку во нивната имплементација

– Не се спроведуваат законите, и тоа се гледа и со голо око – нагласи Фити.

Тоа, според него, им овозможува на компаниите да ги избегнуваат обврските за заштита на животната средина.

– Основна цел на компаниите во пазарната економија е да го максимизираат профитот. Ако сакате да го максимизирате профитот, доколку тоа некој ви го дозволи, вие нема да вградувате филтри за прочистување на воздухот, нема да вградувате технологија за прочистување на водата, туку едноставно ќе ги фрлате во воздухот, во блиската река и ќе ја деградирате животната средина. Зошто? Бидејќи ако инвестирате во технологии за заштита на животната средина, ви растат трошоците и ви се намалува профитот. Значи, пазарот ве тера тоа да го правите, профитот. Но, затоа државата треба да каже стоп – вели академик Фити.

Домаќинствата, односно греењето на дрва, и индустријата, особено производството на електрична и топлинска енергија, се најголеми загадувачи на воздухот по речиси сите параметри, што е документирано во десетици извештаи.

На пример, во последниот вкупен годишен извештај за состојбата на животната средина, објавен од Министерството за животна средина и просторно планирање, стои:

„Согорувањето на дрва за затоплување во домаќинствата е клучен извор во вкупните национални емисии на цврсти честички со удел од 44 отсто до 63 отсто (во зависност од големината на честичките), како и во вкупните емисии на јаглерод моноксид со удел од 65 отсто“, стои во извештајот.

„Мета“ објави неколку стории и инфографици за стапката на смртност како резултат од загадувањето на воздухот, количеството на загаден воздух и за нецелосното функционирање на мерните станици.

Пишува: Игор К. Илиевски


НБРМ: Пораст на кредитирањето на фирмите и на домаќинствата


Скопје, 25 октомври, 2018 - 13:46 (META) 

Во второто тримесечје од годинава банкарскиот систем ја задржа и ја зацврсти својата стабилност, информираат од Народна банка по усвојување на Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија во вториот квартал од 2018 година.

„Истовремено, при разгледувањето на Извештајот беше нагласено дека, забрза растот на активностите на банкарскиот систем, а профитабилноста забележа натамошно подобрување. По остварениот сезонски пад во првото тримесечје од годината, во вториот квартал од 2018 година, во услови на натамошно умерено олеснување на кредитните услови, кредитната активност на банкарскиот сектор оствари квартален раст од 2,7 проценти. Поголем придонес кон растот на активноста на кредитниот пазар имаше секторот домаќинства, но и кредитирањето на корпоративниот сектор беше исто така солидно и имаше значителен придонес кон кварталната промена на кредитната активност“, се вели во соопштението на Народна банка.

Во него се додава дека кварталниот пораст на нефункционалните кредити на домаќинствата се забрза до нивото од три проценти, за што најголем придонес дадоа потрошувачките кредити одобрени на подолги рокови.

„Поради солидниот раст на кредитната активност на банките, учеството на нефункционалните во вкупните кредити во второто тримесечје од годината не се промени во однос на претходниот квартал и изнесува 5,1 проценти“, се вели во соопштението.


НБРМ: Банкарскиот систем стабилен и профитабилен


Скопје, 27 септември, 2018 - 13:38 (META) 

Во првиот квартал дојде до значително подобрување на показателите преку кои се следи банкарскиот систем, меѓу другото и како резултат на стабилизацијата на очекувањата во домашното опкружување, велат од Народна банка.

„Вкупната актива на банкарскиот систем забележа пораст од 3,9 милиона денари или 0,9 проценти. Овој раст се должеше на поголемата склоност на банките за кредитирање на домаќинствата, во споредба со корпоративното кредитирање кое што се намали што освен на сезонските фактори се должеше и на еднократната наплата на побарувања. Во април и мај 2018 година, стапката на раст на корпоративните кредити повторно беше позитивна. На годишна основа, заклучно со првиот квартал, растот на кредитите кон домаќинствата е многу посолиден од тој кон корпоративниот сектор, односно 9,8 проценти и 2,6 проценти соодветно, вредности што го следат трендот од претходните години“, велат од Народна банка.

Од таму додаваат дека историски најниската и непроменета стапка на нефункционални кредити на домаќинствата од 2,4 проценти меѓу другото се должи и на солидниот раст на кредитите кон овој сектор.

„Профитабилноста во првиот квартал беше висока. Стапките на поврат на просечната актива и просечниот капитал и резерви достигнаа историски највисоки нивоа, од 3,1 проценти и 28 проценти, но треба да се напомене дека еднократна наплата на побарувања од страна на повеќе банки е главната причина за овој резултат. Со изолирање на овој ефект, кој што имаше најголемо влијание врз добивката во првиот квартал од 2018 година, профитабилноста на банкарскиот систем би била вообичаена и би се задржала речиси на исто ниво како во првиот квартал од 2017 година“, се додава во соопштението.


Балкански барометар 2018: Регионот врви кон подобро, Македонија полека го следи


Скопје, 6 јули, 2018 - 12:20 (META) 

Задоволството во животот генерално се зголемува во регионот на Балканот, без членките на ЕУ, а загриженостите полека опаѓаат, се вели во најновото издание, за 2018, на Балканскиот барометар на Регионалниот совет за соработка (РСС).

Изданието ги пренесува наодите од повеќе анкети, кои за  РСС се спроведени од ГфК на крајот на минатата година, со над 6.000 граѓани од Балканот и 1.200 компании.

Генералното задоволство од животот се подобрува и сега изнесува 42 отсто, наспроти 35 отсто во 2015 година, што пак значи и пораст на оптимизмот за годините што следуваат. Во Македонија од 1.005 испитаници, 20 отсто рекле дека се целосно незадоволни од својот живот, главно незадоволни се 29 отсто, 34 отсто се изразиле како ниту незадоволни, ниту задоволни, додека 17 отсто рекле дека се главно задоволни од животот, а само 1 отсто се целосно задоволни. Ниту еден од 1.005 испитаници во Македонија не одбил да даде одговор ниту пак немал став.

Кај бизнис секторот на Балканот, 62 отсто позитивно се изразиле за сегашната ситуација и перспективите, што е голем пораст од 2015 година, кога со такво генерално расположение биле 47 отсто од фирмите.

Загриженоста кај населението во регионот во поглед на невработеноста е 61 отсто, за разлика од резултатите минатата година, кога таа биле 66 отсто. Загриженоста за економската ситуација изнесува 46 отсто, за разлика од 48 отсто лани. Следна на листата е корупцијата, кога сега е причина за загриженост кај 29 отсто од испитаниците, за разлика од 32 отсто во 2017 година. Криминалот предизвикува загриженост кај 16 отсто од луѓето, што е еден процент помалку од лани, пораст на загриженоста е забележан во поглед на одливот на мозоци и емиграцијата, што е важно за 12 отсто од испитаниците, и овој индекс пораснал за 2 проценти во однос на 2017 година.

Дури 56 отсто од граѓаните се незадоволни со актуелната состојба на економијата во нивната земја.

Во Македонија, од 1.005 испитаници на прашањето колку сте задоволни од финансиската состојба на Вашето домаќинство, 11 отсто кажале дека е комплетно незадоволни, 23 отсто дека се главно незадоволни, а 37 отсто ниту задоволни, ниту незадоволни. Главно задоволни се 27 отсто од испитаниците, а 3 отсто од нив биле целосно задоволни.

Во поглед на безбедносната ситуација, односно ризиците од криминал, тероризам, неконтролирани миграции и оружени конфликти, во Македонија 14 отсто се целосно незадоволни и загрижени, главно задоволни се 26 отсто, 35 отсто се ниту задоволни, ниту незадоволни, а главно се задоволни 22 отсто. Само два отсто се целосно задоволни.

РСС е меѓувладино оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во ЈИЕ, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.


Струјата поевтинува за 0,1 проценти


Скопје, 29 јуни, 2018 - 14:36 (META) 

Цената на електричната енергија за потрошувачите во Македонија се намалува за 0,1 проценти, a ќе важи од 1 јули. Одлуката ја донесе денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Како што соопшти новиот претседател на РКЕ, Марко Бислимоски, цената по која што струјата ќе ја продава државниот производител ЕЛЕМ се намалува за 3,39 проценти, цената на АД МЕПСО за дистрибуција се намалува за 5,34 проценти, додека цената на ЕВН Македонија за дистрибуција се зголемува за 2,59 проценти.

Цената за домаќинствата ќе изнесува 4,44 денари за киловат-час за еднотарифните броила, додека кај двотарифните броила, скапата тарифа изнесува 5,54 денари за киловат-час, додека евтината тарифа е 2,78 денари за киловат-час.

Евтината тарифа е на важност во неделите и од 14 до 16 часот во другите денови.

Како што информираа вчера од РКЕ, компанијата ЕВН побарала зголемување на цената за девет проценти, ЕЛЕМ намалување за 1,5 проценти, а МЕПСО не побарале ниту зголемување, ниту намалување.


Само пет проценти од домаќинствата во Македонија се осигурани


Скопје, 26 февруари, 2018 - 12:39 (META) 

Само пет проценти од домаќинствата во Македонија се осигурани и свесноста за осигурувањето кај граѓаните се уште е мала, изјави денеска претседателот на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија, Ѓорѓе Војновиќ.

Тој рече дека во следниот период една од задачите на осигурителните компании ќе биде едукација на населението од потребата за осигурување, заради инвестирање во иднината.

Војновиќ потенцираше дека компаниите се повеќе размислуваат нивните осигурителни производи да ги продаваат преку интернет, за да ги направат што поблиски до граѓаните, како што е за автомобилското осигурување од одговорност.

Кај земјоделското осигурување се забележува пад од 10,49 проценти на остварената бруто полисирана премија (БПП) која изнесува 157,26 милиони денари, како и во бројот на склучени договори лани 2.243, односно пад од 44,26 проценти во однос на претходната кога биле склучени 4.024 договори.

Според претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Климе Попоски ова се должи на тоа што самите осигурителни друштва ги заостриле условите при приемот на барањата за осигурување, зголемување на цените, но и високиот степен на ризици од неповолни временски услови.

– Втората причина за намалено земјоделско осигурување е што како претходната така и сегашната влада вршат директно обесштетување на сите земјоделци погодени од катастрофи – појасни Попоски.

Во делот на осигурување на имот од катастрофални ризици како земјотреси и поплави исто така се забележува намалување. Граѓаните ги осигурувале имотите еден до два месеци после земјотресот и поплавата, а потоа интересот се намалил.

Минатата година се забележал подем на здравственото осигурување, биле склучени 1.752 договори и има зголемување во однос на 2016 година кога биле склучени 1.256 договори.

Во Македонија работат 16 друштва за осигурување и тоа 11 друштва за неживотно и пет друштва за животно осигурување.

Лани приходите биле зголемени за 3,1 процент во однос на 2016 година и изнесувале 8,99 милијарди денари бруто-полисирана премија.

Во 2017 година, друштвата за осигурување склучиле 1.385.676 договори при што се забележува пораст од 7,19 отсто во однос на 2016 година кога беа склучени 1.292.749 договори.


ЕВН од утре ќе ги усогласува броилата во домаќинствата за да се воведе евтина струја


Охрид, 24 септември, 2017 - 16:46 (META) 

ЕВН од утре ќе почне со усогласување на броилата, за домаќинствата од 1 октомври да добијат евтина струја. Претседателот на управниот одбор на ЕВН, Штефан Петер, информираше дека тоа ќе се прави постепено.

Усогласувањето на броилата ќе почне како резултат на одлуката на Владата, од 1 октомври да се воведе евтина струја од 14 до 16 часот.

За цената на електричната енергија, Петер рече дека за оваа година може да се очекува намалување.

– На долгорочен план, тоа зависи од глобаниот пазар на електрична енергија. Мора да се одлучува година по година – изјави денеска Петер, кој во Охрид учествува на конференција за енергетика.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, најави инвестирање во соларни паркови и субвенционирање на уреди за домаќинства.

– Македонија мора да го зголеми сопственото производство на електрична енергија и да го намали увозот, притоа водејќи сметка за зачувување на чистата животна средина преку поголема експлоатација на обновливи извори на енергија – изјави Манчевски.