!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Министерство за култура: За Домот на културата во Охрид речиси ништо не е сработено


Скопје, 11 јули, 2017 - 14:39 (META) 

Министерството за култура денеска се огласи со реакција на вчерашната прес-конференција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски, кој обвини дека министерот Роберт Алаѓозовски ги прекинал и ги поништил постапките за реализација на проектот за реконструкција, надградба и за осовременување на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.

„Лага е дека за овој објект бил обезбеден буџет и дека била завршена постапката за избор на проектант. Всушност, токму за тоа идејно решение бил распишан тендер за избор на проектант, а поради промени во буџетот, односно несоодветно испланирани финансии за реализација, министерот за култура одлучи да ја поништи оваа постапка. Од изнесените наводи, точно е само тоа дека досега било избрано само идејното решение за новиот изглед на Центарот за култура“, се вели во реакцијата.

Министерството за култура информира дека ја анализира документацијата за проектот, по што ќе следува избор на проектант преку јавен тендер.