!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Германија ги отфрли тврдењата на Трамп дека им должи пари на НАТО и на САД за одбрана


Берлин, 19 март, 2017 - 16:54 (META) 

Германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лејен, денеска ги отфрли тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Германија должи „огромна сума“ пари на НАТО и на САД за одбрана, јавуваат светските агенции.

„Не постои долг кон НАТО. Парите за одбрана се вложуваат во мировните мисии на Обединетите нации, во нашата европска мисија и во заедничката борба против Исламска држава“, навела во своето соопштение Урсула фон дер Лејен.

Според германската министерка за одбрана, сите сакаат товарот да се дели рамномерно, но за тоа да се случи, неопходно е да се направи „модерен безбедносен концепт“, кој вклучува модернизација на НАТО, но и на одбранбениот систем на Европската Унија.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера на својот твитер-профил напиша дека Германија им должи на САД и на НАТО огромна сума пари за одбрана.


Јакимовски ја задолжил Општина Карпош за 10,5 милиони евра, обвини СДСМ


Скопје, 18 март, 2017 - 13:48 (META) 

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, и „неговите соработници од ВМРО-ДПМНЕ“ ја задолжиле Општината за 10,5 милиони евра, обвинија денеска од општинската организација на СДСМ во Карпош.

Од СДСМ велат дека официјалните извештаи на Општината и завршните сметки покажуваат дека само во 2016 година долгот се искачил за нови 5 милиони евра.

– Непознато е каде отидоа овие пари, кога изминатата година не е изграден ниту еден објект од интерес на граѓаните. Но, затоа, само за ставката „репрезентација“, Јакимовски потрошил 140.000 евра во 2015 и во 2016 година, односно по околу 20.000 денари дневно за гозби и за ручеци од џебот на граѓаните – изјави денеска на прес-конференција претседателот на општинската организација на СДСМ во Карпош, Душко Весковски.

Весковски истакна дека од планираните 300 милиони денари за улици и за патишта, потрошени биле само 68 милиони денари, поради што жителите на Карпош имаат „раскопани и непроодни улици и тротоари, кои служат само за паркирање автомобили“. Тој порача дека по новата реформска влада, доаѓа и нова локална власт во општина Карпош.


СДСМ: Власта во заминување за утре планира нови милионски долгови


Скопје, 9 јануари, 2017 - 10:27 (META) 

Владата во заминување сака утре да ги задолжи граѓаните 15 милиони евра повеќе од обврските што се стигнати за враќање оваа недела, се вели во соопштение на СДСМ.

Во него се додава дека Министерството за финансии, според најавената аукција, утре ќе побара 31,7 милиони евра, а за враќање се доспеани 15,8 милиони евра.

– Бараме од Кирил Миноски веднаш да објасни за кого и за што бара 15 милиони евра повеќе, што треба да ги враќаат граѓаните. СДСМ и со ограничените ингеренции во Министерството за финансии во Владата за организирање и за спроведување на изборите им заштеди на граѓаните повеќе од половина милијарда евра, или точно 570 милиони евра нов долг, без притоа да биде доведена во прашање редовната исплата на платите, пензиите, субвенциите, социјалната помош – се додава во соопштението на СДСМ.


УЈП ја објави новата листа на должници


Скопје, 14 декември, 2016 - 15:02 (META) 

Управата за јавни приходи ја објави најновата 12. листа на должници, на која се наоѓаат вкупно 4.570 компании и граѓани.

Станува збор за субјекти кои должат за данок на додадена вредност, данок на добивка, персонален данок на доход, продонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини.

На списокот се оние кои имаат долгови доспеани за плаќање до 31 август, а се неплатени до 30 ноември.

На листата се објавени имиња на физички лица и самостојни вршители на дејност чиј долг е повисок од 120.000 денари и на правни лица за долг повисок од 300.000 денари.


Државата на компаниите им должи една милијарда евра, вели Заев


Скопје, 24 ноември, 2016 - 11:42 (META) 

Се претпоставува дека институциите на локално и на централно ниво на компаниите им должат една милјарда евра. Ова денеска го истакна претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на средбата со претставници од Стопанска комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ).

Тој додаде дека има многу скриени долгови за кои не се знае, но вети дека во првите 100 дена од формирањето на новата влада, доколку СДСМ дојде на власт, ќе ја објават таа сума.

– Една од работите што ќе ја направиме е тоа што навремено ќе ги исполниме обврските кон компаниите и ќе ги расчистиме долговите што се трупале со месеци. Барањето за повраток на данокот на додадена вредност во оваа држава се смета за грев, наместо пари ќе си добиете инспекции – истакна Заев.

На новинарско прашање во однос на државните субвенции што странските компании ги добиваат во слободните економски зони, Заев истакна дека тие добиваат од 3.000 до 8.000 евра субвенции по вработен, што домашните компании ги става во подредена положба.

– Овие субвенции за странските компании ги ставаат во подредена положба домашните. Истовремено, им се овозможува да ги црпат ресурсите од домашните компании, односно да го привлечат веќе создадениот кадар. Во нашата економска програма предвидуваме 140 милиони евра за субвенции за домашните компании, кои ќе ги доделиме во следните четири години – истакна Заев.

Претставници од Стопанската комора на Северозападна Македонија денеска разговараа со лидерот на СДСМ, Заев, со Оливер Спасовски, Драган Тевдовски и со Петре Шилегов за економската програма на СДСМ, но и за платформата што оваа комора им ја претстави на политичарите пред претстојните избори за подобрување на економијата во земјата.

Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, истакнаа дека 80 проценти од барањата што ги имаат во платформата се и во економската програма на оваа партија.

– Побаравме реформи во јавните институции, поголема транспарентност на власта, отчетност, зголемување на домашниот бруто-производ. Зголемувањето на минималната плата на 16.000 денари и на просечната на 500 евра не е нереално доколку ни се овозможи тоа да го правиме во извесен период – додаде Хоџа.

Во однос на ова прашање, Заев рече дека бизнисмените ќе можат да ги зголемат просечната и минималната плата само ако државата создаде услови за тоа.


Обама ја почна посетата на Атина


Атина, 15 ноември, 2016 - 11:02 (META) 

Американскиот претседател Барак Обама пристигна во Атина. Министерот за одбрана Панос Каменос, со највисоки државни почести, го пречека на аеродромот во 10.30 часот по локално време. Обама ќе биде во Атина два дена и ќе има средби со грчкиот државен врв.

Американскиот претседател е во придружба на министерот за финансии, Џек Лу, и на помошникот државен секретар за европски и евроазиски работи, Викторија Нуланд.

Околу 13.30 часот по локално време, Обама ќе се сретне со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. Средбата ќе трае околу еден час, а потоа американскиот претседател ќе замине во премиерската палата, каде ќе се сретне со премиерот Алексис Ципрас. По средбата со Ципрас, двајцата ќе одржат прес-конференција.

Главни теми на кои се очекува да се фокусираат Обама и грчките власти се грчкиот долг, реформите во грчката економија договорени со кредиторите, бегалската криза, грчко-американските односи и можностите за инвестиции, како и кипарското прашање.

По пладневните средби, Обама ќе присуствува на вечера во претседателската палата во присуство на 120 грчки и американски гости.

Атина е под силни безбедносни мерки поради посетата на Обама. Во центарот на градот ќе има 5.000 полицајци, 500 агенти на ЦИА, специјалци и снајперисти. Улиците низ градот ќе бидат блокирани и затворени за сообраќај половина час пред Обама да тргне од аеродромот кон центарот на градот, а во тој период нема да има метро од аеродромот кон Атина. Метро-станиците во центарот ќе бидат затворени од пладне, а од безбедносни причини нема да има настава во училиштата во строгиот центар на градот. Новинарите имаат посебни акредитации, ќе поминат специјална проверка и со придружба ќе заминат на средбите со Ципрас и со Павлопулос.

Грчката полиција строго забрани протести денеска и утре, но и покрај тоа дел од синдикатите и анархистичките здруженија повикуваат на протести против американскиот претседател и политиката на САД.


Наумов: Миноски ги задолжи граѓаните со 18 милиони евра


Скопје, 8 ноември, 2016 - 15:58 (META) 

На денешното задолжување на домашниот пазар на капитал министерот за финансии, Кирил Миноски, иако побаруваше 12,1 милиони евра, ги задолжи граѓаните со нови 18 милиони евра, се вели во реакцијата од дополнителниот заменик-министер за финансии Кире Наумов, на денешното задолжување на државата.

Во него се додава дека јавниот долг поради ова темпо на задолжување ги надминал критичните 50 проценти од домашниот бруто-производ, граница која Меѓународниот монетарен фонд препорача да не се надминува.

– Министерот за финансии јавно се обврза дека по секое ново задолжување ќе ја објавува состојбата на државните депозити. Досега ниту еднаш го нема сторено тоа – се додава во соопштението.


Наумов: Јавниот долг и во ноември продолжува да се зголемува


Скопје, 4 ноември, 2016 - 14:39 (META) 

„И покрај тоа што во периодот од 8 до 15 ноември, за кога е планирано ново задолжување на домашниот пазар на капитал, не доспеваат долгови за враќање, министерот за финансии на аукцијата на домашни хартии од вредност на 8 ноември побарува 12,2 милиони евра. Jавниот долг ќе го зголеми за нови 12,2 милиони евра“, се вели во соопштението од кабинетот на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Во него се додава дека јавниот долг поради ова темпо на задолжување ќе ги надмине критичните 50 проценти од домашниот бруто-производ БДП, граница која Меѓународниот монетарен фонд препорача да не се надминува.

– Министерот за финансии јавно се обврза дека по секое ново задолжување ќе ја објавува состојбата на државните депозити, но досега ниту еднаш го нема сторено тоа – се додава во соопштението.


Тевдовски: Долгот по жител денес изнесува 2.350 евра


Скопје, 3 ноември, 2016 - 16:24 (META) 

„Загрижувачка е брзината со која актуелната власт го зголемува долгот. Долгот по жител денес изнесува 2.350 евра и тој е трипати поголем во однос на 2008 година кога изнесуваше 750 евра по жител“, изјави претседателот на комисијата за економија и член на извршниот одбор на СДСМ, Драган Тевдовски.

Тој додаде дека од 2008 година, актуелната власт ја задолжува Македонија со еден милион евра на ден, односно го задолжува секој жител со половина евро на ден просечно.

– Годинава, темпото на задолжувањето е уште посилно и изнесува речиси два милиони евра на ден, односно едно евро на ден по жител. Згора на сè, јавниот долг е поголем од тоа што го кажуваат бројките на Министерството за финансии, бидејќи тие не го вклучуваат долгот на Народната банка, негарантираните долгови на јавните претпријатија и преземените, а неплатени обврски од страна на државата – додаде Тевдовски.

Тој истакна дека намерата на СДСМ е, кога ќе дојде на власт, да се откажат од непродуктивните трошења за фасади, споменици и за административни згради. Како што посочи, нема да се дозволи владини претставници да користат по пет возила од администрацијата.

– Нашиот прв чекор ќе биде граѓаните да имаат увид во тоа како се троши секој денар од државниот буџет. Нашата цел е да обезбедиме поголеми приходи преку посилно оданочување на најбогатите граѓани. Нашиот план е да воведеме независен фискален совет и правила за јавниот долг, кој ќе ги ограничи политичарите да се водат само од сопствениот интерес при донесувањето одлуки за долгот – додаде Тевдовски.


Синот на Субрата Рој на суд за неплатен закуп за земјиштето на Џумајлија


Штип, 29 октомври, 2016 - 16:09 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го тужи Сушанто Рој, синот на бизнисменот Субрата Рој, за долг од 100.000 евра, односно за неплатен закуп за земјиштето Џумајлија.

Сушанто Рој и неговата фирма „Сахара пјур“ не платиле закуп на 5.300 хектари земјиште, поранешна сопственост на агрокомбинатот Џумајлија од Лозово. Рочиштето во Основниот суд во Штип е закажано за почетокот на декември.

На земјиштето чие заорување го направија тракторите во кои се качија тогашните министри за земјоделство и финансии, Зоран Ставрески и Љупчо Димовски, беа посадени само неколку декари грашок. Подоцна грашокот немаше кој да го собере од нивата. Пропадна и бизнисот со регионалната млекарница, каде директорот на „Сахара пјур“, А.П. Сина најави дека ќе се носи млекото од 20.000 крави во фармата што требаше да ја гради на некогашниот имот на Џумајлија, а министерот за финансии Зоран Ставрески со шампањ најави отворање на 2.000 работни места.

Државата подоцна го раскина договорот со фирмата на Субрата Рој, кој го склучи во 2013 година, а активирана е банкарската гаранција од три милиони евра.

Дел од некогашната плодна житница во Овче Поле е доделен на копманијата „Агрија“, додека за другото земјиште нов концесионер се бара преку оглас.