!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Коалицијата на премиерот Шинзо Абе пред убедлива победа на изборите во Јапонија


Токио, 22 октомври, 2017 - 16:42 (META) 

Владејачката коалиција на јапонскиот премиер Шинзо Абе доби најголема поддршка од гласачите на предвремените парламентарни избори што денеска се одржаа во Јапонија, покажуваат резултатите од излезните анкети, јавуваат светските агенции.

Јапонските медиуми ги објавиле проекциите на резултатите за кратко време по затворањето на избирачките места во 20 часот по локално време.

Според извештаите на медиумите, владејачката коалиција на Шинзо Абе ќе добие 311 места во долниот дом на парламентот, кој има вкупно 465 пратенички места.

Абе пред три недели го распушти долниот дом на парламентот, со очекување дека неговата Либерално-демократска партија во овој момент може да оствари добар резултат на избори, откако најголемата опозициска Демократска партија се распадна кон крајот на септември, а неговиот рејтинг се зголеми.


Британскиот парламент го поддржа предлогот на Меј за предвремени парламентарни избори


Лондон, 19 април, 2017 - 20:05 (META) 

Со 522 гласови „за“ и со 13 „против“, пратениците во Долниот дом на Парламентот го поддржаа предлогот на премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј, да се одржат предвремени парламентарни избори на 8 јуни.

Меј вчера повика на одржување на предвремени парламентарни избори за да се обезбеди стабилност во текот на преговорите за Брексит.

Изборите ќе се одржат речиси една година по референдумот за истапување на Британија од ЕУ.


Холандскиот парламент изгласа делумна забрана за носење бурка и зар


Амстердам, 29 ноември, 2016 - 18:28 (META) 

Долниот дом на холандскиот парламент го поддржа предлог-законот за делумна забрана за носење зар (дел од муслиманска женска облека што го покрива лицето) и бурка на јавни места, како што се школите, болниците и јавниот превоз, јавуваат светските медиуми.

Ваквата мерка, која ја има владината поддршка, треба да помине и во холандскиот Сенат за да добие статус на закон.

„Облеката што го покрива лицето во иднина нема да биде прифатлива во образовните и во здравствените институции, во државните згради и во јавниот превоз“, било наведено во соопштението на холандската влада.

Холандскиот премиер Марк Руте пред новинарите изјавил дека забраната не се однесува на оние кои носат бурка на улица, туку се однесува на специфични ситуации, во кои е важно луѓето да бидат видливи.

Руте, кој доаѓа од владејчката либерално-работничка коалиција, предлог-законот го опишал како „религиозно неутрален“.

Според предлог-законот, оние што нема да ја почитуваат забраната ќе се соочат со парична казна до 410 евра.


Долниот дом на францускиот парламент одобри продолжување на вонредната состојба


Париз, 20 јули, 2016 - 10:10 (META) 

Долниот дом на Францускиот парламент утринава со огромно мнозинство гласаше за продолжување на вонредната состојба за уште шест месеци, по минатонеделниот масакр во Ница, а попладне за тоа ќе гласа и горниот дом, Сенатот.

Вонредната состојба беше воведена по минатогодишните напади на Париз, извршени во ноември, а со ова до јануари 2017 година се продолжуваат и мерките што на полицијата ѝ даваат овластувања да вршат претреси и да ставаат лица во домашен притвор.

Долниот дом, или Народното собрание, исто така гласаше на властите да им се овозможи да се претресува багажот и возилата без претходно одобрение од обвинителството.

Дебатата за новиот закон била напната, а пратениците на крај, утринава го поддржаа законот за продолжување на вонредната состојба со 489 гласови „за“ и со 26 „против“.

Законот сега треба да мине во Сенатот, кој попладне ќе гласа.

Ова е четврто продолжување на вонредната состојба во Франција.