„МакеДокс“ организира бесплатна филмска работилница за тинејџери


Скопје, 21 јуни, 2018 - 10:33 (META) 

Отворен е конкурс за млади лица од 13 до 19 години кои сакаат да научат за креативниот документарен филм. Учеството на филмската работилница за избраните кандидати за годинешната работилница за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“ е бесплатно, порачува организаторот „МакеДокс“, кој ќе ја реализира работилницата заедно со фестивалот „ДримОН“.

Заинтересираните треба да снимат кратко видео (најмногу пет минути, снимено со мобилен телефон или веб-камера), во кое одговараат на прашањата на кој начин бегаат од секојдневието, кое животно би сакале да бидат, како и кое е нивното прво сеќавање во животот. Треба да се даде одговор и на прашањето кога би сретнале магаре што зборува, што тоа би му кажало на кандидатот/ката, а треба и да се посочи кој документарен филм оставил најголем впечаток кај кандидатот/ката. Дополнително, треба да напоменат која приказна би сакале да ја раскажат, како и да напоменат неколку работи што им се важни или ги одликуваат како личности.

Рокот за пријавување е до 30 јуни, а може да се направи со испраќање на видеото  преку WeTransfer на dokunikulci@makedox.mk, или да се закачи на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а потоа на погоренаведената електронска адреса да се испратат линкот и лозинката. Избраните ќе бидат известени до 5 јули.

Работилницата ќе се одвива во четири наврати, односно во рамките на Патувачкото кино на „МакеДокс“ и „ДримОН“, кое ќе се одвива во Струшко од 21 до 28 јули, со продолжение во рамките на Филмскиот фестивал „МакеДокс“ од 16 до 23 август, а како последно, по договор, ќе се организираат две есенско-зимски сесии, кои би траеле од пет до седум дена.

Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но сместувањето некогаш може да биде и спиење под отворено небо.


Талески да се откаже од снимањето на филмот или да си го плати од свој џеб, бара битолската опозиција


Битола, 10 март, 2017 - 12:28 (META) 

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, да се откаже од снимањето на филмот за „глорификација на неговата работа во изминатите три градоначалнички мандати“, побара денеска опозицијата на почетокот на седницата на Советот на Општина Битола.

Бидејќи вчера заврши огласот за прибирање понуди за снимање документарен филм за развојот на Битола во периодот 2005-2017 г., во вредност од 508.474 денари (околу 8.000 евра), опозицијата во Битола побара да се стопира ваквата идеја на градоначалникот.

– Снимањето ваков филм во овој момент претставува една голема лудорија. Да се планира да се потрошат 508.000 денари во време кога на Битола ѝ недостигаат основните, а и многу други работи, да се снима филм во кој се глорифицира работата на Талески е непотребно – рече советникот на ЛДП, Валентин Груевски.

Тој побара да се запре огласот за прибирање понуди за снимање на филмот и предложи Талески филмот да си го плати од свои пари, што, како што тече, „нема да му биде тешко“, но никако со пари на граѓаните на Битола.

Советничката на ВМРО – Народна партија, Габриела Илиевска, пак, идејата за снимање филм ја нарече „шизоидна идеја на Владимир Талески“, по што реагираше претседателката на Советот, Силвана Ангелеска, која рече дека ќе ѝ го одземе зборот на Илиеска, ако продолжи да користи вакви зборови.

Илиевска побара на дневен ред на седницата да се стават две точки, односно да се испита од каде и на кој начин Талески решил да обезбеди средства за филмот бидејќи, како што рече, опозицијата долго време нема пристап до аналитичките подафоци за трошењето на градоначалникот Талески, и втора точка, Советот да има право да се изјасни дали Општината има потреба од снимањето на ваков филм.

По барањата на опозицијата, претседателката на Советот, Силвана Ангелеска, даде пауза да се одлучи дали овие точки да се стават на дневен ред.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ по паузата гласаа против предложените две точки за дневниот ред, поради што настана кавга меѓу советничките групи, па претседателката Ангелеска ја прекина седницата на Советот.


Вечерва промоција на документарниот филм „Танцот со пастрмките“


Охрид, 17 јануари, 2017 - 10:23 (META) 

Вечерва, од 19 часот, во Центарот за култура „Григор Прличев“, ќе биде промовиран документарниот филм „Танцот со пастрмките“, на кој во изминативе неколку години работеа членови на Нуркачкиот центар „Амфора“, од Охрид.

– Филмот е сниман пет години во водите на Охридско Езеро, за време на мрестот на пастрмката. По промоцијата на филмот, ќе следи и изложба на подводни фотографии. Собраните средства од продажбата на фотографиите ќе бидат наменети за социјално загрозените граѓани – вели Милутин Секулоски од „Амфора“.

Освен филм, ќе се одржи и изложба на атрактивни досега неприкажани подводни фотографии, која е од продажен и хуманитарен карактер.

Со овој настан почнуваат активностите за одбележување на големиот верски празник Богојавление – Водици, во четврток на 19 јануари, кога во Охрид се очекуваат и голем број гости од земјава и од странство.

Од 7 часот почнува богослужба во сите парохиски храмови, а во 8.30 часот ќе почне светата божествена литургија, по што во 9.45 часот ќе следи поаѓање на литијата кон градското пристаниште, каде во 10 часот ќе се фрла крстот во осветените езерски води.


Ратајковски од власта ќе добие пари за да снима документарен филм за птици, обвинува СДСМ


Скопје, 9 јули, 2016 - 15:30 (META) 

Главниот и одговорен уредник на првиот програмски сервис на Македонската телевизија, Диме Ратајковски, е дел од проект за кој власта ќе додели 30.000 евра државни пари, обвини денеска на прес-конференција Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.

„Од сите познати сценаристи, од сите продуцентски куќи во Македонија, ете, токму документарниот филм во кој сценариото го пишува послушен уредник на власта во МТВ, добива од Агенцијата за филм 2.000.000 денари или повеќе од 30.000 евра. Ова е документот од страницата на Агенцијата за филм, чијшто линк во последниве неколку часа пред оваа прес-конференција не можеше да се отвори. Од него се гледа дека Ратајковски ќе снима филм за птици насловен „Боите на Преспа – Птици“. Чудна спојка за еден историчар со наука за птиците. Дали овие пари се „благодарам“ за послушноста на Диме Ратајковски? На очиглед на целата јавност, МТВ, веќе четири година под палката на Ратајковски и на неговите кадри во информативниот сервис, е претворена во партиско гласило на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ – рече Шилегов.

Тој додаде дека овие пари се уште еден доказ дека власта корумпира медиуми и главни уредници и во националниот сервис и затоа се неопходни медиумски реформи во предизборниот период.

филм-за-птици


Документарецот за Тамара наскоро и на веб-страницата на „Телма“


Скопје, 25 ноември, 2015 - 16:04 (META) 

Телевизија „Телма“ го објави документарниот филм „Кога здравствениот систем убава дете“ за малата Тамара Димовска од Велес, која имаше сериозен деформитет на ’рбетниот столб и почина чекајќи одобрение за седмата операција. Документарниот филм на новинарката Билјана Николовска, која ја откри приказната на Тамара, во целост ја објаснува борбата на Тамара со болеста и борбата што семејството ја водеше со институциите пред таа да почине од бронхопневмонија.

Во моментов филмот не може да се види и да се најде на официјалната веб-страница на „Телма“ и тој, најверојатно, ќе биде објавен откако ќе го репризираат.

Авторката Николовска вели дека сè што имала да каже, кажала со филмот, но дека би била среќна доколку тој придонесе нешто да се промени во системот и во институциите.

Во меѓувреме, како што велат од „Телма“, филмот бил неовлатено објавен на нечиј приватен јутјуб-канал, а во тек била постапка тој да се отстрани.

Два и пол месеци родителите на Тамара чекаа да завршат бирократските процедури околу праќањето на девојчето на операција во странство. Потоа, Фондот за здравство чекаше официјален документ од Клиниката за ортопедија и траумотологија, односно ново конзилијарно мислење.

Родителите постојано предупредуваа дека ситуацијата се влошува, дека искривувањето за една година двојно се зголемило – од 40 отсто на 80 отсто, притиска врз срцето и врз белите дробови и прави дополнителни компликации.

На 9 февруари Тамара почина, а две недели подоцна, по извршената обдукција, Институтот за судска медицина потврди дека причината за нејзината смрт е бронхопневмонија.

На 24 февруари, 15 дена по смртта на Тамара, оставка од фукнциите поднесоа директорите на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева-Змејкова и Џемали Мехази.

Иако повеќе стотици граѓани, заедно со родителите на Тамара, неколкупати протестираа пред Министерството за здравство и во Велес и бараа оставка од министерот Никола Тодоров, тој изјави дека е разочаран, но дека не чуствува одговорност за смртта на Тамара.

За лекувањето на малата Тамара беа потребни 30.000 евра за седмиот оперативен зафат во странство. „Мета“ објави текст дека со парите за панорамското тркало, кое чини 15,5 милиони евра, може да спасат 516 деца како Тамара.


Документарен филм за Вања Лазарова


Скопје, 15 јули, 2015 - 9:59 (META) 

Документарниот филм „Вања: Со маки сум се родила“ премиерно ќе биде прикажан во Кинотека на Македонија. Филмот е посветен на животот и на делото на легендарната певица Вања Лазарова.

Реализацијата на филмот е на продуцентската куќа „Медиа броадкастинг“ и на Агенцијата за филм на Македонија.

Вања Лазарова испеала стотина македонски изворни народни песни, од кои најголем дел се снимени во продукцијата на МРТ. Има работено во Операта при МНТ, била член на Државниот ансамбл на народни игри и песни „Танец“ и настапила на голем број концерти низ светот.

Пеела во „Алберт хол“ во Лондон пред британската кралица Елизабета Втора и премиерот Винстон Черчил. Особен придонес има во соработката со групата „Анастасија“ за музиката за филмот „Пред дождот“, кој во 1994 освои „Златен лав“ во Венеција.