!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Илјадници луѓе евакуирани во Москва поради дојави за подметнати бомби


Москва, 13 септември, 2017 - 18:26 (META) 

Повеќе од 20.000 лица денеска биле евакуирани од трговските центри, железничките станици, театри и од универзитети во Москва поради речиси симултани дојави дека на повеќе места во градот е поставен експлозив, јавуваат светските агенции.

Иако се претпоставува дека станува збор за лажни дојави, полициски специјалци со кучиња трагачи ги пребаруваат местата. Според информациите на агенциите, досега биле пребарани пет локации, но не бил најден експлозив.

Слични дојави за поставен експлозив изминатите денови имаше и во неколку други градови во Русија.

Првата дојава и евакуација се случи на 10 септември, во канцеларијата на градоначалникот на Омск, кога непознато лице се јавило на телефон и пријавило дека во зградата има бомба.

Зградата беше евакуирана и пребарана, но не беше најден никаков експлозив.

Вчера повеќе од 5.700 ученици и наставен кадар во седум училишта во уралскиот град Перм во Русија беа евакуирани поради дојава и закана со подметната бомба.


Лажна дојава за бомба во Основен суд Тетово ги вознемири тетовци


Тетово, 12 април, 2017 - 16:21 (META) 

Лажна дојава за бомба денеска ги вознемири вработените во Основен суд Тетово. Дојавата била пренесена преку писмо со назнака „ОВК“, оставена на подот од една адвокатска канцеларија, лоцирана на само неколку метри од зградата на судот.

„На 13 април ќе се бомбардира судот во Тетово, големa количинa експлозија има внатре, доста игравте со народот, соопштение ОВК“, гласела пораката напишана на кирилично писмо.

За случајот веднаш бил известен јавен обвинител, кој дал насоки за мерките и за активностите што треба да се преземат.

По целосното пребарување на внатрешноста на објектот и просторот наоколу, припадници на Единицата за антитероризам на МВР не пронашле никакви експлозивни или други средства.

Надлежните работат на расветлување на случајот. Основниот суд Тетово денеска работеше нормално.


Дојава за бомба приземји германски авион со 299 лица


Кувајт Сити, 15 јануари, 2017 - 11:34 (META) 

Авион на германската авиокомпанија „Јуровингс“, кој од Келн летал за градот Салалаха во Оман, принудно слетал во Кувајт поради закана од бомба.

Кувајтската државна агенција „Куна“ јави дека во авионот „ербас а330-203“ имало 299 патници и членови на екипажот и дека бил евакуиран за да се изврши потрага.

Кувајтската агенција за цивилна авијација соопшти дека истражува за што точно станува збор.

„Авионот принудно слета на меѓународниот аеродром во Кувајт поради сомневање дека во леталото може да има бомба. Се врши прелиминарна истрага за да се утврди дали во авионот има експлозив“, соопшти агенцијата.


Египетски авион принудно слетал поради дојава за бомба


Каиро, 8 јуни, 2016 - 11:18 (META) 

Авион на египетската компанија „Иџипт ер“ на летот од Каиро за Пекинг принудно слетал во Узбекистан поради дојава за бомба.

Сите 135 патници и 17 членови на екипажот се евакуирани од авионот, а полицијата и спасувачките служби ја пребаруваат внатрешноста на леталото.

Авионот слетал на аеродромот во градот Иргенш, кој е на околу 840 километри оддалечен од престолнината Ташкент.

Безбедносните агенти на аеродромот во Каиро примија анонимна дојава дека во авионот се наоѓа бомба, соопштија египетските власти.

Авион на „Иџипт ер“ на летот од Париз кон Каиро се урна минатиот месец во Средоземно Море, при што загинаа сите 66 патници и членови на екипажот.


Дојава за бомба во авион на „Туркиш ерлајнс“


Истанбул, 23 мај, 2016 - 20:43 (META) 

Авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ соопшти дека поради дојава за бомба, темелно е пребаран авионот кој од истанбулскиот аеродром „Кемал Ататурк“ требал да полета за турскиот град Кајсери.

По истрагата утврдено е дека дојавата била лажна.

Авионот на летот ТК2014 со 133 патници се подготвувал да полета кон Кајсери, кога на екипажот му било наредено да го врати авионот за да му биде извршен претрес.

„Процедурата е завршена и заклучено е дека предупредувањето било лажно“, стои во соопштението на „Туркиш ерлајнс“.


Чешката полиција врши евакуација во повеќе градови


Прага, 10 мај, 2016 - 13:48 (META) 

Припадници на чешката полицијата во поголем број се распоредени во десетина градови во земјата, вклучувајќи ги главните железнички станици и административните седишта во Прага, Прадубицам и во Плзен, по дојава за бомба која, според повикувачот, ќе експлодира попладне.

Полицијата евакуирала вработени и граѓани, кои по работа дошле во градската управа.

Возовите не возат до главната железничка станица во Прага, туку се насочуваат кон приградските железнички станици.


Дојавата за бомба во Москва била лажна тревога


Москва, 8 март, 2016 - 12:46 (META) 

На пазарот Рижски во Москва, од кој се евакуирани околу 2.000 луѓе поради анонимна закана за поставена бомба, не е пронајден експлозив, соопшти руската полиција.

Утрово анонимна личност се јавила во полицијата и пријавила дека на пазарот е поставена бомба.

Полицискиот тим стигнал на местото и евакуирал 2.000 луѓе, се наведува во полициското соопштение.

Полициските кучиња го пребарале пазарот, но не пронашле експлозивна направа.

Доколку се идентификува личноста што пријавила во полиција дека има бомба, ѝ се заканува затворска казна во траење до три години.


Евакуирана железничка станица во Белгија поради дојава за бомба


Намур, 27 ноември, 2015 - 19:33 (META) 

Белгиската полиција ја евакуирала железничката станица во градот Намур по дојава за бомба, јавуваат локалните медиуми.

Според нивните пишувања, железничкиот сообраќај е во прекин.

Вчера белгиските власти го симнаа нивото на опасност од напади во Брисел од максимално четврто на трето ниво.


Евакуација на „Харвард“ поради дојава за бомба


Бостон, 16 ноември, 2015 - 19:32 (META) 

Неколку згради на Универзитетот „Харвард“ во САД се евакуирани поради дојава за бомба, објавено е на веб-страницата на институцијата.

„Добивме закана за бомба во научниот центар, како и на север, во салите Емерсон и Тајер во кампусот. Зградите се евакуирани, а полицијата е на местото на настанот. Се пребаруваат четирите згради. Очекуваме овој процес да потрае неколку часа. Влезот во дворот е ограничен“, се вели во соопштението од универзитетот.


Лажна дојава за бомба на аеродром во Русија


Екатеринбург, 7 ноември, 2015 - 16:34 (META) 

Околу 150 луѓе беа евакуирани од аеродромот „Колјцово“ во Екатеринбург откако стигнала лажна информација за поставена експлозивна направа.

Извори од полицијата рекле дека аеродромот е прегледан и дека не е пронајдено ништо сомнително.

Според исказите на очевидци, сите што биле во зградата се извадени надвор, а на патниците кои пристигнале на аеродромот не им било дозволено да ги напуштат авионите.