Палмер: Македонија би можела да стане членка на НАТО во 2020 година


Сараево, 5 декември, 2018 - 10:37 (META) 

Американскиот заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Метју Палмер, вчера во Сараево рече дека Македонија би можела да се приклучи на НАТО до средината на 2020 година, доколку го примени Преспанскиот договор и со тоа го реши повеќедеценискиот спор со Грција.

Според него, Македонија би можела да стане 30-та членка на НАТО „најрано за 18 месеци“.

– Тоа е потполно реална цел – рече Палмер.

Иста порака – примена на Договорот од Преспа, па потоа зачленување –  но без да наведува временски рокови, упати и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг вчера, пред состанокот на министри од земјите-членки на Северноатлантската алијанса, кој се одржува во Брисел.

Денеска на агендата е Западен Балкан.

Палмер изрази загриженост за руското, како што кажа, „силно влијание“ во регионот на Западен Балкан, во кое е вклучено и „поткопување на напорите на Владата и институциите на Македонија за интеграција во ЕУ и НАТО“.

– Не е на Русија да одлучува што Македонија може или не може да направи во однос на начинот на нејзината интеграција во европските и евроатлантските институции. Напорите да се поткопа изразената волја на граѓаните на Македонија се дестабилизирачки и му штетат на мирот и безбедноста во регионот – додаде Палмер.


Ципрас лобира кај Пахор: Отсега нашиот сосед да го викате „Северна Македонија“


Atina, 4 декември, 2018 - 16:23 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната средба во претседателската палата во Атина со словенечкиот претседател Борут Пахор изразил задоволство што кај „северниот грчки сосед“  бргу напредува на планот на уставните измени.

Истовремено, Ципрас лобирал кај словенечкиот државник дека „земјата која сега ја нарекува според уставното име, односно како Македонија, во иднина ќе треба да ја викаат „Северна Македонија“.

Ципрас се пофалил дека на Балканот Грција преку иницијативи работи на подобрување на соработката, но најбитно „преку многу важниот договор потпишан со БЈРМ во 2018 година, известува грчкиот весник „Катимерини“.

– Тоа значи дека Вие, и Словенија, која е една од земјите што ги признаваат нашите соседи под нивното уставно име, односно „Македонија“, отсега ќе ја признавате и ќе ја нарекувате „Северна Македонија“, оти тоа е многу важно за грчкиот народ, бидејќи Македонија, освен што е голема географска област во Грција, регион на Грција, е исто така важен дел од древната грчка историја, а тоа се признава во овој договор, за кој се надевам дека е со изедначена согласност на двете страни – му рекол Ципрас на словенечкиот претседател.


Тезите за поткуп на пратениците пласирани и на бугарски левичарски портал


Скопје, 24 октомври, 2018 - 12:11 (META) 

Бугарскиот левичарски портал „Поглед“ се приклучи на редицата онлајн-медиуми што ги објавија шпекулациите за притисоци и поткуп на пратениците во македонското Собрание. Притоа статијата објавена вчера пренесува шпекулации уште од пред гласањето за почеток на уставните измени во Собранието во петокот.

Статијата се повикува на информативната агенција на англиски јазик „Мина“ и на Миленко Неделковски, обвинувајќи го официјален Вашингтон дека купувал гласови од пратениците, преку службеник на Стејт Департментот на САД, наведен како Митко Бурчески. Наводно, тој отворил канцеларија во луксузен апартман на Сашо Мијалков, каде на македонските пратеници им се делеле по 2,5 милиони долари за глас „за“ уставните измени.

Наспроти пишувањето на „Поглед“, односно пренесувањето застарени шпекулации, голем дел од пратениците што гласаа „за“ почнување со уставните измени како дел од обврските од Преспанскиот договор, јавно ги негираа таквите обвинувања, порачувајќи дека гласале по слободна волја, затоа што сметаат дека иако Договорот со Грција има проблематични места, е единствениот пат кон целосна интеграција во НАТО и ЕУ, како единствената прифатлива алтернатива за Македонија.


Ѕанакопулос: Во соседната земја беше направен историски чекор


Атина, 22 октомври, 2018 - 15:45 (META) 

Двотретински изгласаниот предлог во македонското Собрание за почеток на уставните промени е историски чекор што ги носи двете страни поблиску до финалното- стапување во сила на Договорот од Преспа, смета портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос.

-Она што се случи во соседната земја, во ПЈРМ, е историски чекор за почеток на процесите за уставна ревизија и нѐ носи еден чекор поблиску до финалното – стапување во сила на Договорот од Преспа, нешто што создава целосно различни позитивни перспективи и во нашите билатерални односи со соседната земја, но и во регионот, на целиот Балкан. Веќе влегуваме во нова историска фаза. Ги оставаме зад нас конфликтите од минатото и мислам дека оваа нова фаза ќе се покаже како исклучително позитивна за просперитет и соработка на полуостровот – рече Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Реал фм“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на предвидените временски рокови, портпаролот на грчката Влада објаснува дека штом ќе се финализираат уставните измени, кои, според него, не е предвидено да завршат пред крајот на јануари, грчкиот Парламент ќе расправа за Договорот од Преспа, а потоа ќе биде ратификуван со предвиденото парламентарно мнозинство.

-Моето мислење е дека сѐ ова ќе се случи, бидејќи постои парламентарен и политички сооднос за ратификација и стапување во сила на Договорот, без да бидат предизвикани било какви политички разврски, кои не се директно поврзани со самиот овој договор – вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор.


Дачиќ: Нема потреба Србија да ги коментира одлуките на Собранието


Белград, 22 октомври, 2018 - 14:58 (META) 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска порача дека одлуката на македонското Собрание да го почне процесот на менување на Уставот е внатрешна работа на Македонија која што нема потреба Србија да ја коментира.

-Ги почитуваме народот и државните органи. Им посакувам се најдобро на Грција и Македонија, но тоа се внатрешни прашања… Ние сакаме најдобри односи – изјави Дачиќ пред новинарите пред почетокот на Економскиот самит на Србија.

Шефот на српската дипломатија рече дека Србија е заинтересирана за регионална стабилност и дека не е добро ниту македонските политичари да даваат изјави за дијалогот на Белград и Приштина. Сепак, зборувајќи за референдумот во Македонија и гласањето во Собранието, Дачиќ рече дека некои пратеници биле пуштени од притвор за да гласаат и ги праша новинарите: „Како би било договорот на Белград и Приштина да се усвои на таков начин во Србија“?

Тоа беше прва реакција на официјален Белград, по три дена молк за најновите политички случувања во Македонија.


Димитров и Палмер разговарале за новите политички случувања


Скопје, 22 октомври, 2018 - 14:14 (META) 

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска во македонското МНР се сретна заменик- помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, кој престојува во работна посета на Македонија.

На средбата се разговарало за евроатлантските перспективи на земјата, како и за актуелните политички состојби во Македонија и во регионот. Се зборувало за преговорите со НАТО, како и за почетокот на процедурата за уставните измени.

„Министерот Димитров упати благодарност за континуираната американска поддршка на евроатлантските интеграции на Република Македонија. Тој нагласи дека граѓаните иднината на својата земја ја гледаат во евроатлантското семејство и изрази уверување дека успешно ќе го изодиме патот кон заслуженото место во НАТО и во Европската унија“, соопшти МНР.


Арнаудов: Никој не е предавник и ништо не е ветувано за случајот


Скопје, 22 октомври, 2018 - 11:24 (META) 

Пратеникот Љубен Арнаудов, обвинет за случувањата од 27 април во Собранието, денеска пред почетокот на рочиштето во Основен суд Скопје 1 изјави дека не смета оти некој е предавник и дека не знае кој стои зад завчерашното писмо, испратено до медиумите во име на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ што во петокот гласаа за почнување со уставните измени. Истакна дека не е точно дека имале закани и дека примиле пари.

– Ништо не е ветувано за случајот 27 април и затоа не сакам да давам никакви информации. Доаѓаме тука да докажеме дека сме невини – изјави Арнаудов.

Пред него, реагираа и пет од осумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои упатија иста порака – дека не добивале уцени или закани, ниту пак биле подмитени.

Помеѓу првите се огласи Нола Исмајлоска-Старова, а реагираа и Сашо Василевски, Зеќир Рамчиловиќ, и Емилија Александрова. Сите порачаа дека одлуката не била лесна, но сметале дека уставните измени се неопходниот чекор за да продолжат евроинтеграциите.

Во писмото упатено до медиумите во саботата, напишано во име на пратениците од опозицијата кои ги поддржаа уставните измени, се вели дека и посакуваат добро на Македонија и наведоа како сакаат да продолжи процедурата. Бараат гаранција дека ќе се поништат уставните измени ако Грција не го ратификува Договорот и ги попречува македонските евроатлантски интеграции, но и собраниско тело што ќе подготви план за национално помирување, според пораката на премиерот Заев од понеделникот, на првиот ден на седницата за уставните измени.

„Да се пристапи во наредната, но не и конечна фаза, на дискусија по уставните амандмани, само под следните услови од чие исполнување ќе зависат и нашите идни ставови и нашата конечна поддршка за Уставните измени:

1. Прифаќање на амандман на Уставот со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет.
2.Прифаќање на одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро-атлантските интеграции на Република Македонија, ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од имплементацијата на договорот од Преспа.
3.Постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи го процесот што води кон полноправно членство на РМ во ЕУ.
4.Прифаќање на иницијативата на Претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев искажана на 61-та седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 год., за простување во врска со настаните на 27 април 2017 год. во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување, со формирање на собраниско тело составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и Претседателот на Собранието на Република Македонија кои ќе изготват и предложат до Собранието план за национално помирување“, се вели во писмото.


Метју Палмер денеска во Македонија


Скопје, 22 октомври, 2018 - 10:06 (META) 

Заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер денеска ќе престојува во посета на Македонија. Палмер ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со претставници на политичките партии.

МНР соопшти дека на средбата со Димитров ќе се разговара за евроатлантските перспективи на Република Македонија, како и за актуелните политички состојби во земјата и во регионот. Главната тема ќе биде Договорот со Грција и уставните измени, кои почнаа во петокот.


Кривична пријава за маж што се заканувал на пратениците преку Фејсбук


Скопје, 22 октомври, 2018 - 9:34 (META) 

СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР ќе поднесат кривична пријава против 38-годишниот А.Н. од скопско Коњари, поради закани преку Фејсбук. Кривичната пријава ќе биде за загрозување на сигурноста и за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку копјутерски систем.

Полицијата вчера извршила претрес во домот на осомничениот, при што се одземени предмети, а тој бил повикан на службен разговор во полициска станица.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР ги повикува граѓаните што се изложени на вакви закани или ќе ги забележат некаде, случаите да ги пријавуваат во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk.


Драмата со Коѕиас пак го распали огнот на „црните пари“ и тајните фондови за името


Атина, 18 октомври, 2018 - 12:44 (META) 

Обидот на грчкиот премиер Алексис Ципрас да го надмине раздорот во неговиот кабинет, на седницата во вторникот отиде во најлошиот можен правец, кога по острата кавга на министерот за одбрана Панос Каменос и досегашниот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, вториот си поднесе оставка.

Според грчките весници во кавгата се споменувале црните фондови на грчкото Министерство за надворешни работи (МНР). Но, „црни пари“ или тајни фондови, имаат и Министерството за одбрана и други министерства.

Средствата министрите може да ги наменуваат по своја волја без кому било да му полагаат сметка, и сето тоа без каква било документација. Со тие пари може да финансиираат лица или организации заради заштита на националната безбедност, но и за прибирање информации во странски земји, за хонорирање странски новинари и за различни други тајни мисии.

Засега грчкиот парламент има контрола само врз ваквите фондови во МНР, врз основа на заложбата на Коѕиас на почетокот на минатата година.

Во текот на 1989-1993 година, се пишуваше дека од тајните фондови на грчкото Министерство за надворешни работи, предводено од Антонис Самарас, грчки новинари добиле 130 милиони долари за да се промовира “грчкиот карактер на Македонија”!

– Сите средства се во црни пластични ќеси, налик на оние црни вреќи ѓубре. Таму никогаш нема проверка, секогаш исплатата беше во готово. Парите се главно за пропаганда на името на Македонија, но наместо да одат во странство, оваа пропаганда е насочена кон внатре, кон нашата земја – рече Мицотакис и пред комисија повика да се разјаснат на случајот.

Самарас беше сменет во 1992 година како министер за надворешни работи од страна на тогашниот премиер Мицотакис, кој го презеде Министерството за надворешни работи.

Истрагата заврши без заклучоци. Самарас јавно призна дека големи суми на пари биле исплатени на издавачи, новинари, па дури и на локалните власти, додавајќи дека сите пари биле искористени за “национално корисни цели”.

На вторничната седница, министерот за одбрана Каменос не само што остро го напаѓал својот колега Коѕиас за злоупотреба на „црни пари“, туку и обвинувал дека од милијардерот и финансиер, Џорџ Сорос, зел 50 милиони евра за „поттурнување“ на Преспанскиот договор. Притоа Каменос го обвинил и весникот „Ефимерида тон синдактон“ („Ефсин“) дека зема пари од Сорос.

Kamenos

Како што пишува „Иефимерида“, Коѕиас долго е цел на напади од Каменос, кој се повикувал на новинарски статии дека Џорџ Сорос, за да го протурка Договорот од Преспа, финансира политичари, бизнисмени и новинари. Каменос во интервју за јавниот радиодифузен сервис ЕРТ го обвинил и весникот сугерирајќи дека е финансиран од Џорџ Сорос за да го оцрнуваат неговиот углед и за да пишуваат позитивно за Договорот од Преспа. „Ефсин“ одговори со насловна страница со фотографија од Каменос и наслови „Тврдоглавиот цицач“ и „Прикриен и неморален, ја продолжува борбата против независното информирање“.

По посетата на Вашингтон, Каменос го предложи одбранбениот договор меѓу Грција, Македонија, Албанија и можеби и Србија, како алтернатива на Преспанскиот договор, но и по сериозните обвинувања, Коѕиас на владината седница во вторникот решил директно да му одговори, без претходно да се консултира со премиерот Ципрас.

Како што пишува „Иефимерида“, Коѕиас го нападнал Каменос за Планот Б за „Скопје“, велејќи дека е опасен и за Владата и за Грција и порачал дека мора да се воспостави контрола врз тајните пари на сите министерства. Шефот на грчката дипломатија рекол дека во 2016 година формирал комисија што ги контролира тајните фондови на МНР и го повикал Каменос да воспостави тајни фондови и во Mинистерството за одбрана.

Министерот за одбрана Каменос експлодирал и викал толку силно што присутните се шокирале, а кавгата меѓу двајцата министри траела 10 минути. Лидерот на „Независни Грци“ го обвинил Коѕиас дека „го протуркува Договорот од Преспа со 50 милиони долари земени од Сорос, дека е вклучен во малверзации со визи и дека ги злоупотребува тајните фондови на МНР“…

Грчкито премиер Ципрас не зазел ниту една страна и се обидел да го смири порачувајќи дека работите треба веднаш таму да прекинат и да престанат кавгите. Тогаш Коѕиас, навреден од нападите на Каменос и разочаран од тоа што не бил заштитен од Ципрас ја напуштил седницата и заминал во МНР.

Според „Ефсин“, Коѕиас се изнервирал што Ципрас кавгата ја претставил како личен конфликт меѓу двајцата министри.

Кратко потоа, на изненадување на сите, тој заминал во кабинетот на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, го информирал дека ќе си даде оставка, и зборувал за правните последици од неговата одлука за Преспанскиот договор.

Сепак, според „Ефсин“, можно е Каменос да не даде оставка на пратеничкото место.

На вторничната седница, според „Иефимерида“, Ципрас не очекувал дека двајцата министри ќе разоткријат толку многу детали за тајните фондови и ќе зборуваат за финансирање на членови на кабинетот од Џорџ Сорос. Наводно, Ципрас му се налутил на Коѕиас што воопшто ја споменал темата за тајните фондови.