Албанија и Косово ќе ги обединат царините и ќе го укинат роамингот


Пеќ, 26 ноември, 2018 - 15:54 (META) 

Владите на Косово и Албанија на денешната заедничка седница во Пеќ, Косово потпишаа девет договори и протоколи со кои, меѓу другото, во наредните шест месеци ќе се обединат царините и ќе се укине роамингот во меѓусебните телекомуникации.

Потпишани се договори за меѓусебно признавање на возачките дозволи, за заедничка царинска контрола на граничниот премин Морина, за јавниот долг и заедничката соработка со меѓународните финансиски институции, за укинување на роамингот, за соработка во областа на младите и за соработка во здравството. Исто така биле потпишани и договори за признавање на фитосанитарните и ветеринарни уверенија, за создавање на заедничка Стопанска комора на Косово и Албанија и соработка за признавање на индустриската сопственост.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај рече дека граѓаните на Косово и Албанија очекуваат уште повеќе од двете влади, но дека и договорите што се потпишани денеска претставуваат „конкретизација на дамнешните приоритети на двете страни“.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека воведувањето на таксата од 100 отсто на производите од Србија и Босна и Херцеговина била „исправна реакција на неправдите кои се прават кон Косово, често и со поддршка на разни европски земји“.

Од друга страна, како што појасни тој, за кратко време Косово и Албанија ќе направат целосна унификација на царините.

– Кој смета дека ова претставува закана, било во Белград или во Брисел, добредојден е да дојде, да седне на маса и да му објасниме дека не е закана, туку е покана за сите други да земат пример од оваа соработка и Србија прва да го следи овој пример – порача Рама.


МЕПСО потпиша договори со пет компании за нови инвестиции во преносната мрежа


Скопје, 6 ноември, 2018 - 13:52 (META) 

МЕПСО денеска во Владата потпишa договори со пет компании за нови инвестиции во преносната мрежа во вкупен износ од 18 милиони евра.

Станува збор за модернизација и возобновување на преносната мрежа со што ќе се обезбеди стабилно и квалитетно снабдување со електрична енергија за граѓаните и бизнисот на долг рок, и ќе придонесе кон енергетски и економски развој на земјата.

– Крајниот бенефит од овие нови инвестиции во висина од 18 милиони евра во преносната мрежа на електроенергетскиот систем ќе ги почувствуваат компаниите, граѓаните и идните генерации преку навремено, брзо, квалитетно и стабилно снабдување со електрична енергија. Истовремено со реализација на овие нови инвестиции на МЕПСО ќе се отвори можност за намалување на трошоците на работење, со што ќе се создадат услови и за намалување на крајната цена што ја плаќаат граѓаните и компаниите бидејќи очекувањата се дека ќе се намали преносната такса која ја добива АД МЕПСО – порача премиерот Зоран Заев.

Далекуводите кои се изградени пред 60 години, како и трафостаниците кои се исто така застарени, а се од особено значење за пренос на електрична енергија, ќе бидат обновени со нова опрема.

-Реализацијата на договорите кои денес се потпишуваат, ќе се одвива преку заем од ЕБОР, кој е земен уште во 2013 година. Станува збор за вкупни средства во висина од 23 милиони евра, од кои многу мал дел досега се реализирани, а денес се потпишуваат договори за вкупно 18 милиони евра. Минатата влада го земала заемот во 2013 година, во меѓувреме плаќала камати, а не реализирала проекти. Во последната година новото раководство на МЕПСО, објави нови тендери за сите проекти, кои беа заглавени и не имплементирани – потенцираше вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Компании коишто денеска потпишаа договори за реализација на инвестиции од 18 милиони евра во преносната мрежа се „Далековод“ и „Кончар“ од Хрватска, „Енергомонтажа“ од Србија, „Бенинг ПСАМ“ од Македонија и „Доко“ од Албанија.


Општините лани склучиле договори за јавни набавки во вредност од 80 милиони евра


Скопје, 18 јули, 2018 - 11:05 (META) 

Вкупната вредност на јавните набавки на општините во Македонија лани изнесувалa 80 милиони евра, а биле реализирани 2.737 јавни набавки, покажува базата на податоци со сите набавки на општините во 2017 година, изработена од Центарот за граѓански комуникации. Трошоците за јавни набавки по жител изнесуваат 2.401 денари.

Општина која склучила најмногу јавни набавки е Град Скопје со 153, а најмалку Градско со три набавки.

Вкупната вредност на јавните набавки на Град Скопје изнесува околу 10 милиони евра и тие учествуваат со 8,58 проценти удел во општинскиот буџет. Трошоците за јавни набавки по жител во Скопје чинеле 1.179 денари.

На оваа листа, „Пуцко петрол“ е компанија со склучени највредни договори за јавни набавки во вредност од 2,9 милиони евра, на второ место е „Бауер БГ“, со 2,3 милиони евра и на трето „НБ Цомпани“ од Тетово во вредност од 2 милиони евра.

„Пуцко петрол“ е и на листата на фирми со најмногу договори за јавни набавки, 29. На оваа листа, прва е компанијата „Макпетрол“ со склучени 39 договори и „Рики јуниор“ со склучени 35 договори.

„Во 2017 година општините потрошиле за јавни набавки 80 милиони евра, што е за 44 проценти помалку од претходната година. Базата содржи податоци за општинските тендери за последните три години.  Базата на податоци за јавните набавки открива голем јаз помеѓу вредноста на набавките на општините. Само десет општини потрошиле за јавни набавки половина од парите што ги трошат сите општини заедно, односно околу 42 милиони евра. И кај фирмите е забележана истата концентрација. Првите десет фирми со најголема вредност на договорите за јавни набавки заедно учествуваат со 22 проценти во вкупната вредност на набавките на општините“, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Базата овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, како и графички прегледи на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно.


Град Скопје предлага одржувањето на фонтаните во Центар да го преземе ЈП „Водовод“


Скопје, 17 јули, 2018 - 14:39 (META) 

Со предлог-одлуката за отстапување на чување, одржување, заштита и користење на фонтани, која ќе се најде пред Советот на Град Скопје на утрешната седница, се предлага јавното претпријатие „Водовод и канализација“ да ја презеде обврската за чување, одржување, заштита и користењето на поголем број фонтани лоцирани во централното градско подрачје, информираат од Град Скопје.

„Со предлог-одлуката Градот Скопје оваа обврска ја префрла на ЈП „Водовод и канализација“, а со истата се опфатени фонтана „Воин на коњ“, подна фонтана на плоштад Македонија, „Матрикс“, фонтани на плоштад „Филип II“ (Карпошово востание), фонтана на мост „Око“, фонтани на плоштад „Богородица“, фонтана во парк „Жена борец“, фонтана на плоштад „ВМРО“. Одржувањето на фонтаните од 2013 година го вршеше Градот Скопје, за чија цел се склучени неколку договори со „Бетон“, за што од градскиот буџет се одвојуваа од 25 до 30 милиони денари годишно. Средствата што досега беа користени за оваа намена, во иднина ќе бидат пренаменети за реализација на капитални проекти“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Град Скопје се обврзува да ги подмирува сметките за потрошената електрична енергија на фонтаните, но нема да одвојува дополнителни средства за нивно одржување.


Потпишани првите договори за користење на средства од ИПАРД 2-програмата


Скопје, 21 јуни, 2018 - 12:29 (META) 

Вкупно 692 договори за набавка на трактори преку ИПАРД 2-програмата вредни 5,8 милиони евра, ќе бидат потпишани во наредните денови, а денеска во Министерството за земјоделство беа потпишани првите 13 договори.

Најголем дел од средствата се за набавка на трактори, но земјоделците покажале интерес и за приклучна механизација мотокултиватори, ѓубре-растурачи, прскалки, системи „капка по капка“, линии за транспорт на храна.

– Ова е рекорден број на корисници на средства од постоењето на ИПАРД-програмата воопшто. Со оваа поддршка ќе се унапреди состојбата на фармите и земјоделските стопанства, а тоа ќе значи поголема конкурентност – рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски рече дека по детектираните слабости на ИПАРД 1, процедурата за конкурирање за ИПАРД 2 е поедноставена.

Од вкупно проектираните 5,8 милиони евра за што ќе се потпишуваат договорите овие денови, 4,3 милиони се европски пари, а 1,4 милиони средства од националното финансирање.


Сугарески апелираше општините да искористат 12 милиони евра за изградба на водоводи


Тетово, 7 мај, 2018 - 14:33 (META) 

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески ги повика општините да достават инфраструктурни проекти, бидејќи на располагање има околу 12 милиони евра неискористени средства од кредитната линија од Европската инвестициона банка (ЕИБ).

Тој денеска изврши увид во изградбата на резервоар за вода и потисен и доводен цевковод во Општина Желино, каде што има 18 населени места од кои само во едно населено место целосно е регулирано водоснабдувањето. Проектот е со вредност од околу 665 илјади евра, а средства се обезбедени преку заем од ЕИБ.

„Во таа насока, сакам да потенцирам дека, во тек е реализација на десетина проекти во вредност од 3,3 милиони евра за изградба и реконструкција на водоводи и канализации. Исто така со средства од ЕИБ, веќе се склучени договори за изградба и надзор за 11 проекти со вкупна вредност од 4,4 милиони евра, додека пак во фаза на тендерска постапка се осум проекти со вкупна вредност од 3,9 милиони евра“, додаде Сугарески.

Сугарески истакна дека овој проект е дел од програмска определба на Владата за обезбедување на високо ниво на покриеност на територијата со водоводна и канализациона мрежа.


Бертолини: За оваа година 80 милиони евра од ЕУ за Македонија – ако успеете да ги потрошите


Скопје, 19 март, 2018 - 10:41 (META) 

Раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија, Никола Бертолини рече дека финансиската поддршка од ЕУ во Македонија значително се зголемува, па така за разлика од лани кога изнесувала 70 милиони евра, за годинава се предведени 80 милиони евра.

– За оваа година се превидени 80 милиони евра, само за билатералните договори, не сметајќи ги регионалните проекти. Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер при претставувањето на стратегијата за Западен Балкан, најави една милијарда евра. Според тоа, уште повеќе средства и фондови се предвидени за овде и во регионот. Успех е, доколку не се вратат парите назад – изјави Бертолини.

Претседателката на „Транспаренси интернешнл“ – Македонија, Слаѓана Тасева смета дека проблемот со искористување на европските пари до сега бил тоа што не сме биле подготвени да ги повлечеме.

– Не сме имале проекти, ниту капацитет. Парите кои што ЕУ ни ги дава, треба да се одработат. Мора капацитетите да се зајакнат за користење на странските фондови. Ако не е организирана државата, ако нема компетентни луѓе на вистински позиции, системот ќе се распадне  – изјави Тасева за „Мета“.


Потпишани првите договори за програмата ИПАРД 2014-2020


Скопје, 6 март, 2018 - 14:00 (META) 

Денеска во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се потпишаа првите договори за користење на финансиски средства од програмата ИПАРД 2014-2020.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски посочи дека ефикасното искористување на програмите ИПАРД е еден од главните приорити на МЗШВ, со цел приближување до европскиот аграр.

„Станува збор за 60 милиони неповратни средства, европски пари и нашата цел е ефикасно искористување на европските фондови. Ако изминатите години искористеноста била слаба, сега сакаме ова да биде една успешна политика на Владата“, изјави Николовски.

На првиот јавен повик од ИПАРД- програмата 2014-2020 кој беше објавен лани, има рекордно голем број на добиени барања за ко-финансирање. Пристиганти се 1.648 барања, со вкупна побарана финансиска поддршка од околу 73,6 милиони евра.

Вкупните финансиски средства од целата програма ИПАРД 2014-2020, која може да се користи до 2023 година, изнесува 79,6 милиони евра, од кои 60 милиони евра се од европските фондови, а останатите се национално буџетирање.

До денеска се одобрени пет решенија за одобрување на барање за финансиска поддршка од мерката 3 „Инвестиции во основни средства за преработка на земјоделски и рибни производи“ со вкупна вредност на финансиска поддршка до 310.000 евра, од кои  232.500 евра се европски средства.

Во тек се проверките на останатите предмети од трите мерки и се очекува овој и следниот месец, да бидат склучени договорите за сите мерки.

Еден од проблемите со кој се соочуваат потенцијалните корисници на програмите ИПАРД е недостаток на средства за реализација на инвестицијата, затоа, од МЗШВ велат дека во соработка со другите институции работат на воспоставување на механизам, односно гарантен фонд, кој би овозможил предфинансирање за програмите ИПАРД.


Договорите за јавни набавки ќе бидат објавувани на „e-nabavki.gov.mk“


Скопје, 9 јануари, 2018 - 15:50 (META) 

За зголемување на транспарентноста и отчетноста во јавните набавки, на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) отсега ќе се објавуваат и доделените договори, при што во нив јавноста ќе има увид, информираат од Министерство за финансии.

„Договорите ќе бидат достапни во рамките на самите известувања за склучена набавка. По спроведување на набавките договорите ќе се објавуваат на следниот линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/Home.aspx#/home“, информираат од министерство.

Владата оваа мерка ја најави со цел да се спречи обидот за корупција при склучување на договори помеѓу државни органи и компании.

Лани во март, на конференција на УСАИД, „Јавните набавки во Македонија: искуства и предлози за законски решенија за нивно подобрување“ беше истакнато дека од околу 70.000 активни компании во земјава, само 4.800 се вклучени во бизнисот со јавни набавки, кој годишно вреди околу една милијарда евра.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Утре попладне заедничка седница на владите на Македонија и на Албанија во Поградец


Скопје, 14 декември, 2017 - 18:46 (META) 

Владите на Македонија и на Албанија утре попладне ќе одржат заедничка седница во Поградец, Албанија. На седницата, како што соопштија од владината прес-служба, ќе се разговара за повеќе теми за унапредување на билатералната соработка, особено за инфраструктурното поврзување, изградбата на Коридорот 8, за олеснување и интензивирање на размената на стоки и услуги и за зајакнување на соработката во областа на безбедноста.

„На седницата е планирано да се потпишат неколку документи за соработка, вклучувајќи план за консултации помеѓу министерствата за надворешни работи на двете држави, меморандум помеѓу министерствата за внатрешни работи за соработка во областа на внатрешна контрола, како и формирањето на мешовит комитет за економска соработка. Од ресорот на образование и наука, ќе се потпише и меморандум за интензивирана билатерална соработка преку Институтот за културно и духовно наследство на Албанците од Република Македонија. Дополнително ќе се потпише меморандум за соработка во борбата против насилен екстремизам и радикализам, како и договор за соработка во спречување на кризи“, стои во соопштението за средбата.

Заедничката седница на владите на двете земји ќе се одржи во хотелот „Химети Палас“ во Поградец. Македонската владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев е планирано да пристигне во 14.30 часот и ќе биде свечено пречекана од неговиот албански колега, Еди Рама и претставници на владата на Албанија.

По завршување на седницата, во 16.30 часот предвидена е заедничка прес-конференција на премиерите на Македонија и на Албанија.

В сабота, премиерите Заев и Рама во придружба на владини претставници ќе одат во Пустец каде ќе се сретнат со претставници на локалната самоуправа и ќе го посетат училиштето каде ќе донираат опрема за учениците.