!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ апелира ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи договорот за добрососедство


Скопје, 27 јули, 2017 - 15:23 (META) 

Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија е во согласност со националните интереси на Република Македонија и одговара на интересите на граѓаните и на Македонија и на Бугарија, порача СДСМ денеска, во реакција на прес-конференцијата на Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија порачува дека со договорот се нагласува дека постојат два посебни народа, со што се затвора едно важно прашање.

„Со договорот се реафирмира позицијата дека се работи за две посебни држави, два посебни народи и два посебни јазика, се затвора прашањето што непотребно одвлекува внимание и енергија, се забрзува процесот на интеграција во ЕУ и во НАТО,  а Македонија станува пример за соработка во Југоисточна Европа. Успехот за постигнатиот договор е заеднички на сите граѓани, партии и за сите досегашни влади, бидејки новата влада го финализира процесот што е почнат во 2009 година, од кога се одржани 10 заеднички состаноци на комисии меѓу Република Македонија и Република Бугарија“, се вели во реакцијата од СДСМ.


Бугарското собрание едногласно ја усвои декларацијата за договорот со Македонија


Софија, 27 јули, 2017 - 15:13 (META) 

Со 206 гласа „за“, ниту еден против и ниту еден воздржан, денеска Народното собрание на Бугарија ја усвои декларацијата за договорот за пријателство, добрососедство и за соработка со Република Македонија.

Како што јавуваат бугарските медиуми, бугарското собрание позитивно ги оценило напорите на двете држави за финализирање на преговорите за договорот за добрососедство и ја истакнало потребата за развој на соработка во сите области на основа на меѓусебна доверба, разбирање и почитување на интересите на двете земји.

Бугарското собрание изразило подготвеност за итно ратификување на договорот по неговото потпишување и истакнало дека европската перспектива на Македонија е гаранција за безбедноста, стабилноста и за просперитетот на регионот.


САД: Договорот меѓу Македонија и Бугарија e пример за решавање спорoви меѓу соседите


Скопје, 27 јули, 2017 - 11:51 (META) 

Амбасадите на САД во Скопје и во Софија денеска преку заедничко соопштение го поздравија предлог-договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија, оценувајќи го како пример за решавање на спорови меѓу соседите.

„Договорот ги потврдува тесните врски помеѓу двете земји и демонстрира добра волја од државите да ја зајакнат соработката во интерес на своите граѓани. Овој ангажман претставува охрабрувачки пример за решавање на спорните прашања меѓу соседите и за зајакнување на политичката стабилност и на економскиот развој на Западен Балкан. Ги поздравуваме Бугарија и Македонија за овој историски, прогресивен чекор“, се вели во соопштението на двете амбасади.


Што сè содржи договорот со Бугарија


Скопје, 26 јули, 2017 - 18:03 (META) 

Владата синоќа го усвои текстот од договорот со Бугарија, а премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција го презентираше и образоложуваше договорот, кој како што рече ќе биде поставен на сајтот на Владата и достапен за сите да направат увид во договореното.

Договорот е составен од 14 члена со кои се уредуваат економските и билатерланите односи на двете земји, врз база на меѓународното право и добрососедство.

Со член 1 и член 2 се предвидува развивање на сестрана соработка меѓу двете земји, како и соработка во рамки на Обединетите нации, ОБСЕ, Советот на Европа и во други меѓународни организации, но и во областа на европската и евроатлантската интеграција на Македонија.

Со договорот се предвидува развој и соработка со државите од Југоисточна Европа, зајакнување на мирот и стабилноста на регионот и реализацијата на регионални проекти како дел од создавање единствена Европа. Двете влади исто така се обврзуваат за одржување контакти и средби на претставниците на државната и на локалната власт.

Властите на двете држави се обврзуваат да создаваат неопходни правни, економски, финансиски и трговски услови за обезбедување на најшироко можно движење на стоки, услуги и капитал, како и да ја зголемат туристичката соработка, да ги подобрат транспортните врски и комуникациите меѓу нив, вклучително во рамките на регионалните инфраструктурни проекти.

Во делот на соработката во област на културата, образованието, здравството, социјалната грижа и спортот, се предвидува во рок од три месеци од стапувањето на договорот на сила да се формира заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која врз база на историски докази ќе работи на подготвување на образовните содржини. Двете држави исто така во делот на културното наследство се обрзуваат со заемна согласност заеднички да чествуваат историски настани и личности.

Член 11 од договорот предвидува и двете држави да не преземаат, поттикнуваат и да не поддржуваат дејства насочени против другата земја, кои имаат непријателски карактер, но и да не дозволат нивната територија да биде искористена од организации и групи за загрозување на мирот и безбедноста на другата држава. Исто така, двете земји гарантираат дека немаат територијални претензии една кон друга, но имаат право да ги заштитуваат правата и интересите на своите државјани на територијата на другата дражва, во согласност со меѓународното право.

Со овој член Македонија исто така се обврзува дека нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија заради заштита на статусот и правата на Македонците во Бугарија, кои не се државјани на Република Македонија.

Во овој член се предвидува и заедничка борба против говорот на омраза и национализмот, но, како што соопшти премиерот Заев, не се предвидуваат казни, туку оградување на Владата од вакви ставови.

За спроведувањето и за почитувањето на договорот ќе биде формирана заедничка меѓувладина комисија, која ќе одржува редовни седници еднаш годишно.

На крајот се наведува дека договорот стапува на сила откако ќе биде ратификуван од двете држави, но и дека може да биде изменет со писмена согласност од двете страни или раскинат со писмено известување на другата договорна страна. Важноста на договорот во токов случај престанува една година од приемот на известувањето.

Договорот за добрососедство со Бугарија, како што соопшти премиерот Заев, ќе биде потпишан на 1 август во Владата на Република Македонија.


Заев ќе го објави и ќе го образложи договорот со Бугарија


Скопје, 26 јули, 2017 - 13:30 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска во 15 часот ќе одржи прес-конференција на која ќе го презентира договорот за добрососедство со Бугарија.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев во придружба на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, ќе ја информира јавноста за усогласениот текст на договорот за пријателство, добрососедство и за соработка со Република Бугарија, кој беше усвоен на синоќешната владина седница.

Претседателот Ѓорге Иванов вчера ја повика Владата да го објави и да го образложи текстот на договорот за добрососедство со Бугарија пред неговото потпишување. Тој истакна дека отсуството на транспарентност предизвикало негативни коментари и загриженост во јавноста, кои треба да се надминат со објавување на текстот на договорот.


Договорот со Бугарија е позитивен чекор за Балканот, оцени амбасадорот на САД во Софија


Софија, 26 јули, 2017 - 12:41 (META) 

Потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија претставува позитивен чекор напред за Балканот, оцени американскиот амбасадор во Софија, Ерик Рубин, по средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов.

– Имав многу добра куса средба со премиерот, на која ја изразив нашата поддршка за плановите за потпишување на договорот со Македонија, кој мислам дека претставува позитивен чекор напред за Балканот – рече Рубин, додавајќи дека официјален Вашингтон силно ги поддржува напорите на Софија и на Скопје за потпишување на договорот.

Рубин, исто така, рече дека САД ја поддржуваат визијата на Бугарија за време на претседавањето со ЕУ да се фокусира на Балканот и додаде дека Софија би можела да одигра клучна улога.


Договорот за добрососедство со Бугарија помина на владина седница


Скопје, 26 јули, 2017 - 11:10 (META) 

Владата доцна синоќа на посебна седница го прифати извештајот за извршените преговори за текстот на договорот за пријателство, добрососедство и за соработка со Бугарија и го прифати усогласениот текст, соопшти владината прес-служба.

„Владата донесе одлука со која се определува претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, да го потпише Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. За ова ќе следуваат конкретни информации за јавноста“, стои во соопштението.

Премиерот и министрите синоќа, исто така на одделна седница, ја разгледале имплементацијата на реформскиот план „3-6-9“, при што е заклучено дека таа се одвива со добра динамика, имајќи предвид дека за три недели, од вкупно 73 мерки предвидени за тримесечниот временски период, реализирани или адресирани се 23.

На седницата била усвоена и Национална програма за усвојување на правото на ЕУ, со која треба да се направи усогласувања во делови на владеење на правото, јавна администрација и зајакнување на административни капацитети, слободно движење на капитал, финансиски услуги, енергетика, образование, животна средина.

Владата, исто така, констатирала дека е потребно институциите кои досега не покажале интерес и капацитет за користење на ИПА-фондовите, да се посветат посериозно на средствата од овие фондови, кои се однесуваат на реализација на реални потреби на граѓаните.

На седницата, Владата ја разгледала и ја усвоила информацијата за ратификување на Договорот за климатски промени од Париз, кој треба да придонесе за заштита на животната средина. Од владината прес-служба наведуваат дека процесот за ратификување на договорот бил почнат, но не бил завршен, поради што побарано е Министерството за животна средина и просторно планирање да го достави до Министерството за надворешни работи оригиналниот текст на Договорот од Париз, со предлог за почнување постапка за негова ратификација и образложение, најдоцна во рок од 15 дена.


Претседателот Иванов ја повика Владата да го објави договорот со Бугарија


Скопје, 25 јули, 2017 - 17:17 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ја повика Владата да го објави и да го образложи текстот на договорот за добрососедство со Бугарија пред неговото потпишување. Како што стои во соопштението од претседателскиот кабинет, отсуството на транспарентност предизвикало негативни коментари и загриженост во јавноста кои треба да се надминат со објавување на текстот на договорот пред неговото потпишување.

„Иванов нагласува дека секогаш треба да се имаат предвид националните и државните интереси на Република Македонија и дека кој било меѓудржавен договор не смеe да бидe на штета на македонските национални интереси“, стои во соопштението.

Македонскиот претседател вчера имаше средба со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на која беше информиран за последната нацрт-верзија на договорот за пријателство и за добрососедство со Република Бугарија.


Захариева: Бугарија нема да преговара за измени на текстот од договорот со Македонија


Софија, 20 јули, 2017 - 9:39 (META) 

Бугарија нема намера да води нови преговори за текстот на договорот за добрососедство со Македонија, изјави вицепремиерката и шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, додавајќи дека текстот е финализиран.

–  Договорот е важна нова страница во односите меѓу двете земји, но по потпишувањето останува да се заврши уште многу работа. Договорот ќе биде потпишан на македонски јазик, според Уставот на Република Македонија, и на бугарски, според Уставот на Република Бугарија – рече Захариева во интервју за државната „Бугарска национална телевизија“ (БНТ).

Захариева наведе дека договорот се темели на Декларацијата од 1999 година и дека во него се вградени механизми за следење на неговата примена. Таа истакна дека експертска комисија ќе работи на подобрување на наставните програми, врз база на легитимни историски извори.

Во однос на барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се признае постоењето на македонско малцинство во Бугарија, таа истакна дека Бугарија не води преговори со политички партии, туку со влада.

– Во Скопје треба да решат дали ќе продолжат да бидат изолирани уште 11 години од своите соседи и од светот, правејќи се многу големи, или сакаат да имаат европска перспектива и развој – рече Захариева.


Милошоски: Договорот со Бугарија има слабости, треба да се подобри преку пет точки


Скопје, 18 јули, 2017 - 16:53 (META) 

Во следниот период, наместо да брза и да брка датум за потпишување на македонско-бугарскиот договор,Владата треба да работи за подобар квалитет на текстот за постигнување на еден договор што ќе значи и заемна почит на двата народа и заемно признавање на двете држави, на двете култури и заемна соработка за перспективата на Македонија и на Бугарија како соседи.

Ова денеска го изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, по завршувањето на седницата на Комисијата за надворешна политика, која на барање на премиерот Зоран Заев беше затворена за јавноста.

Тој во пет точки ги наведе предлозите со кои треба да се надгради договорот, посочувајќи дека за разлика од Декларацијата од 1999 г., која е необврзувачка и има улога на препорака за соработка и за добрососедство, договорот е правно обврзувачки билатерално и меѓународно и затоа треба да се внимава што се потпишува, бидејќи можно е да произведе последици во иднина.

– Прво, нашата главна забелешка и препорака беше, дали македонскиот народ како конститутитвен народ во Република Македонија ќе биде споменат или нема да биде споменат во договорт за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија. Ние сметаме дека ако е договор за добрососедство и договор на добра волја, прјателство и на соработка, не би требало за ниеден политичар ниту во Софија ниту во Скопје да биде проблем, македонскиот народ да биде споменат во овој договор – рече Милошоски.

Како втора забелешка тој го наведе прашањето дали македонскиот јазик во договорот ќе биде споменат дека постои само заради постоењето на Уставот на Македонија или фразата ќе биде таква дека македонскиот јазик има своја посебност независно од Уставот.

Третата забелешка е дали премиерот Заев е подготвен да потпише билателарен договор со кој се обврзува да се грижи за Македонците надвор од државата.

– Четвртата забелешка се однесуваше на фразата „заедничка историја“, каде што пратениците од Коалицијата за подобра Македонија сметаат дека би било многу подобро да се употреби една поширока фраза со која ќе бидат истакнати и дел од заедничката и дел посебните истории на Македонија и на Бугарија и на македонскиот и на бугарскиот народ. И петтата, последна и суштинска забелешка која што ја дадовме во однос на овој договор се однесуваше на забележителната асиметрија на правата и на обврските на двете договорни страни во договорот. Се предвидуваат многу повеќе права за Република Бугарија како страна во овој договор, а многу повеќе ограничувања, рестрикции и обврски за Република Македонија како страна во овој договор – рече Милошоски.