Заев: Суетата ја ставам на страна, пријателството со Бугарија треба да се негува и доградува


Скопје, 13 август, 2018 - 15:01 (META) 

Правам сè за да изградам пријателство. Гледате дека моите суети ги ставам на страна, сакам искрено да градам пријателство. Бугарија е партнер на Македонија и тоа го покажа неколку пати и не е во ред тоа да го заборавиме, рече премиерот Зоран Заев на новинарско прашање дали изјавата на бугарскиот премиер Бојко Борисов ја гледа како закана за евроатланските аспирации на Македонија.

– Апелирам сите заедно да ги тргнеме политичките интереси, голиот популизам и она што навистина не предизвикува да бидеме недоволно внимателни. Договорот со Бугарија го потврдивме преку нашите потписи но треба тоа да го негуваме и доградуваме и постојано да тежнееме кон градење пријателство кое од обостран интерес на двете земји и двата народи и на генерациите кои што доаѓаат. Треба сите да внимаваме и да придонесуваме во тоа заедничко пријателство – рече Заев кој на прашањето дали двете земји конечно ќе се договорат за Илинденското востание тој одговори дека веќе одбележуваме дел од нашата заедничка историја.

Премиерот Заев потенцираше дека директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски иако е професионалец, направил грешка и поради тоа треба да поднесен одговорност и потенцираше дека предлогот за неговото разрешување на е внатре партиска пресметка.

– Станува збор за понесување одговорност кое граѓаните го очекуваат од политичарите и носителите за јавните функции. Господинот Велковски е еден од моите први соработници и соработници на министерот Оливер Спасовски, но грешката е направена и одговорноста мора да се понесе. Секако јас верувам дека тој ќе остане и понатаму значаен фактор во МВР заради тоа што е важен со неговото искуство и е од помош на државата. Спасовски даде предлог за разрешување, владата на утрешната седница ќе го разгледа предлогот а потоа ако владата одлучи да постапи по овој предлог ќе разгледуваме и можни решенија. Господинот Велковски е припадник на СДСМ и секогаш важел за сплотувачки фактор во СДСМ. СДСМ е единствен и сплотен посебно пред вакви важни моменти – изјави Заев и додаде дека до сега не размислувале за нови имиња кои би можеле да го заменат Велковски и напомена дека ќе треба време да се најде вистинско решение преку добра анализа.

Во врска со кампањата за референдумот Заев вели дека таа дополнително ќе се засили во јавноста и ги повика граѓаните да го погледнат договорот и да видат дека идентитетот е потврден а дека македонскиот јазик е загарантиран.

– Владата утре на седница ќе дебатира и ќе донесе одлука како да помогне во информативниот дел на кампањата за можат овие 3 проценти кои што го прочитале Договорот да станат 100 проценти – информираше Заев.


Ахмети предлага името да се реши по моделот на Договорот со Бугарија – без референдум


Скопје, 28 јануари, 2018 - 11:47 (META) 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ предлага прашањето за името да се реши според моделот на Договорот за добрососедство со Бугарија, со консензус меѓу двете влади и со ратификација во двата парламенти, пренесува македонската државна новинска агенција МИА.

– Најдобар начин за затворање на ова прашање е моделот на Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија, преку консензус меѓу двете влади, а потоа ратификација во двете собранија – вели Ахмети во интервјуто со наслов „Решение сега, без референдум“, објаснувајќи дека владата и опозицијата имаат историска одговорност да постигнат решение и да ги одведат граѓаните и земјата во НАТО и во Европската Унија.

Ахмети наведува дека владата ќе преговара за да се постигне договор, а не само за да преговара, нагласувајќи дека „подобро време од сега не постои“ за решавање на спорот.

Околу предлозите на медијаторот Метју Нимиц, лидерот на ДУИ вели дека владата заедно со опозицијата ги разгледува и се обидува да има позитивен и конструктивен пристап. Тој објаснува дека терминот „Македонија“ бил дел од предлозите и во 2008 во Букурешт, но и во 2011 година, во рамките на предлогот „Република Северна Македонија“.

– Терминот „Македонија“ во името на нашата земја не претставува закана за територијалниот интегритет и суверенитет на Грција – вели Ахмети за „Катимерини“.

Тој предупредува дека не решавањето на проблемот може да ги отвори старите ставови за нови граници на Балканот.

Во врска со прашањето колку е можен политички консензус во Македонија за прашањето за името, Ахмети го критикува претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, а за опозицијата вели дека поддржува решение на проблемот.

– Господинот Иванов испушти одлична можност за да ја подобри неговата слика кај албанската заедница, оставајќи и негов белег во завршувањето на регулативниот дел на Охридскиот договор. Тој одбра да остане на патот на законитоста заглавена на линиите од партијата. Јас очекувам да нема ист пристап и за толку сериозното и долгогодишно прашање за името – вели лидерот на ДУИ во интервјуто за Катимерини.


Захариева: Реално е Македонија годинава да добие покана за преговорите за членство во ЕУ


Софија, 20 јануари, 2018 - 14:57 (META) 

Реално е да се очекува Македонија оваа година да добие покана за почеток на преговорите за членство во Европската Унија, изјави за радиото „Дарик“ бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Таа сепак спомна два услова: напредок на преговорите за името на земјата и на планот на реформите.
Захариева напомена дека Македонија има статус на кандидат за членство во ЕУ уште од 2005 година, но нејзината политика на нерешавање на проблемите со соседите ја доведоа до тоа, веќе 12 години преговорите да не се почнати.

– Се радувам што Владата во Македонија разбра дека политиката „против“ не е политика на европските вредности – рече Захариева.

Таа го оцени потпишувањето на договорот за добрососедство со Македонија како настан на 2017 година.

-Многу Влади работеа на ова прашање и ме радува што конечно заврши. Уште поважно е што овој договор се почитува уште пред да стапи на сила. Лично јас не можев да замислам премиерите на двете земји заедно да застанат пред споменикот на цар Самуил во Софија или пред споменикот на Гоце Делчев во Скопје. Промената на ставот на политичко ниво се чувствува и кај луѓето – додаде Захариева.


Бугарскиот парламент го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија


Софија, 18 јануари, 2018 - 10:10 (META) 

Националното собрание во Бугарија денеска едногласно го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија.

Ратификацијата на Договорот беше поддржана од 186 пратеници, а во салата присуствуваше и македонскиот амбасадор во Бугарија, Маријан Ѓорчев, пренесуваат бугарските медиуми.

Во понеделникот македонското Собрание со 61 глас „за“ и еден „воздржан“ го изгласа Предлог-законот за ратификација на Договорот кој  беше потпишан на 1 август минатата година, од премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, вчера во Европскиот парламент рече дека Бугарија и Македонија се пример во регионот за решавање на проблемите.

Говорејќи за интеграциите во регионот, Борисов потенцираше дека ЕУ треба да им каже на земјите од Западен Балкан кога ќе бидат прифатени во Унијата и рече дека Македонија и Бугарија се вистински пример за решавање на проблемите, откако двете земји се согласија на потпишување на Договорот за добрососедство.

Бугарскиот премиер изрази и надеж дека македонско-грчкиот спор наскоро ќе биде решен и дека Македонија во брзо време ќе стане членка на НАТО и на ЕУ.


Борисов во ЕП: Бугарија и Македонија се вистински пример за решавање на проблемите


Брисел, 17 јануари, 2018 - 12:24 (META) 

Бугарија и Македонија дадоа вистински пример за тоа како можат да се решат проблемите, користејќи тактика и добра волја, рече премиерот на Бугарија, Бојко Борисов пред Европскиот парламент, каде детално се осврна на четирите приоритети за време на бугарското претседателство со Советот на Европската Унија.

Говорејќи за интеграциите во регионот, Борисов потенцираше дека ЕУ треба да им каже на земјите од Западен Балкан кога ќе бидат прифатени во Унијата и рече дека Македонија и Бугарија се вистински пример за решавање на проблемите, откако двете земји се согласија на потпишување на Договорот за добрососедство.

-Договорот, кој со години беше одолговлекуван, неодамна беше потпишан и ратификуван од македонскиот Парламент, се надевам дека следната недела тоа ќе го направи и бугарскиот – рече Борисов.

Бугарскиот премиер изрази и надеж дека македонско-грчкиот спор наскоро ќе биде решен и дека Македонија во брзо време ќе стане членка на НАТО и на ЕУ.


Комисиите на бугарскиот Парламент ќе го разгледуваат Договорот за добрососедство


Софија, 17 јануари, 2018 - 9:51 (META) 

Ратификацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија денеска влегува на разгледување на две парламентарни комисии во бугарскиот Парламент.

Договорот најпрво ќе се најде на седница на Комисијата за надворешна политика, а потоа ќе го разгледува Комисијата за европски прашања и контрола на европските фондови.

Пред два дена, македонското Собрание со 61 глас „за“ и еден „воздржан“ го изгласа Предлог-законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Договорот беше потпишан на 1 август 2017 година од страна на премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, заради зацврстување на меѓусебните пријателски односи, унапредување на добрососедството, развивање на сестрани меѓусебни односи, согласно меѓународното право.

Тој е резултат на петгодишен договарачки процес на работните групи на двете министерства за надворешни работи и претставува надградба на договорот потпишан во 1990 година.


СДСМ: Договорот со Бугарија е во согласност со националните интереси на Македонија


Скопје, 16 јануари, 2018 - 15:47 (META) 

Реакциите на ВМРО-ДПМНЕ за Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија се неосновани, велат од СДСМ  по прес-конференцијата на Никола Србов од ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму додаваат дека Договорот за добрососедство и пријателство помеѓу Македонија и Бугарија е во интерес на двете држави и нивните граѓани и е во согласност со националните и државни интереси на Република Македонија.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност пред граѓаните и да ги напушти политиките на изолација, конфликт и поделби во кои со години е заробена и да даде поддршка на политиките што обезбедуваат пријателство, соработка, добрососедски односи и целосна интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО што истовремено е и врвен државен и национален интерес“, стои во партиското соопштение.


Србов: Македонија со Договорот со Бугарија се обврзува на потценувачки отстапки


Скопје, 16 јануари, 2018 - 14:15 (META) 

Договорот за добрососедство со Бугарија кој што го преговараше владата на Заев, а го ратификуваше мнозинството предводено од СДСМ не е соодветна основа за натамошно зближување базирано на взаемна почит, а неговата примена ќе значи промена на историјата на земјата, изјави денеска Никола Србов од ВМРО-ДПМНЕ.

– Во овој договор Република Македонија се обврзува на нелогични и потценувачки отстапки додека Бугарија нема никакви обврски. Ова е минирање на позициите на сопствената држава и легален инструмент за кочење на Македонија подарен од Заев на Република Бугарија. Договори од ваков тип не се склучуваат под еуфорија на моменталните политички констелации бидејќи тоа е погубно за државата. Македонската посебност како народ сериозно се разнишува со овој договор, преку формирање на комисии кои ќе испорачуваат политички предлози за измени во учебниците кои потоа треба да се реализираат – вели Србов.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека продлабочувањето на односите со Бугарија треба да се базира на економијата и технолошкиот прогрес и дека наместо негирање и потценување, во заемните односи треба да има конструктивност и градење на доверба.


Кукан: Ратификацијата на Договорот со Бугарија е позитивен чекор напред


Брисел, 16 јануари, 2018 - 10:32 (META) 

Европратеникот Едвард Кукан денеска ја поздрави ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија оценувајќи ја како позитивен чекор напред во регионалната соработка.

„Добри вести од македонското Собрание каде е ратификуван Договорот за пријателство со Бугарија. Позитивен чекор напред, кој се надевам дополнително ќе ја зајакне регионалната соработка“, напиша Кукан на „Твитер“.

Инаку, Кукан е дел од европратеничката тројка, заедно со Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн, која беше посредник во постигнувањето на Договорот од Пржино во 2015 година.

Кукан во Европскиот парламент е член од групата на Европската народна партија (ЕПП), која е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера ратификувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија, го поздрави и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.


Хан: Договорот со Бугарија е репер за добрососедски односи на Балканот


Брисел, 15 јануари, 2018 - 17:02 (META) 

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, на својот твитер-профил, го поздрави ратификувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија.

„Ратификацијата на македонскиот парламент на Договорот за пријателството со Бугарија е важен чекор во вистинската насока на патот кон ЕУ на земјата. Договорот, исто така, е репер за добрососедски односи во целиот регион на Западен Балкан“, напиша Хан.

Премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега, Бојко Борисов, Договорот го потпишаа во Скопје на 1 август.