!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Повеќе од три милиони севернокорејци се пријавиле во војска, тврди Пјонгјанг


Пјонгјанг, 12 август, 2017 - 11:24 (META) 

Северна Кореја денеска соопштила дека речиси три и пол милиони работници, членови на партијата и војници доброволно се пријавиле во народната војска за да пружат отпор на новите санкции на Обединетите нации и за да се борат против САД, како резултат на актуелните тензии помеѓу Пјонгјанг и Вашингтон, јавуваат светските агенции.

Официјалниот весник на Северна Кореја, „Родонг Синмун“ пишува дека волонтерите се пријавиле да се приклучат или повторно да се вклучат во народната војска откако севернокорејската централна новинска агенција (КЦНА) на почетокот на оваа недела соопшти дека Пјонгјанг ги осудува новите санкции поради ракетните проби.

Северна Кореја оваа недела се закани и дека ќе изврши ракетен напад на американскиот остров Гуам во Пацификот.

КЦНА во средата објави дека во Пјонгјанг се одржани масовни демонстрации во знак на поддршка на властите.

Во август 2015 година еден милион севернокорејци се пријавија во војска по експлозијата на мина во демилитаризираната зона помеѓу Северна и Јужна Кореја, што ги подигна тензиите меѓу двете земји.

Северна Кореја и во 2013 година се закануваше дека ќе ги нападне американските воени бази во Гуам и на Хаваи.


Доброволците уште 24 часа ќе се борат со пожарот кај Трескавец


Прилеп, 11 август, 2017 - 18:56 (META) 

Пожарот кој пред два дена започна да гори околу манастирот Трескавец сè уште е активен и се уште постои опасност да го зафати манастирскиот комплекс. Во борбата со огнот се вклучени прилепските пожарникари, но и голем број доброволци од Прилеп и од околината, од кои дел се вработени во неколку прилепски компании и јавни претпријатија, информира Општина Прилеп.

Според противпожарната едница пожарот е многу непредвидлив поради непристапниот терен и ветерот и на моменти се гасне, но потоа одново се појавува на различни локации.

Доброволците велат дека се труделе со сите сили да го одбранат манастирот, но гаснењето оделoе тешко поради непристапниот предел и ветерот. Се очекува на помош да им дојдат уште околу 50 доброволци од Охрид и се планира да останат кај Трескавец и во наредните 24 часа. На територијата на општина Прилеп има уште два активни пожари, кај селото Крушевица и селото Никодим.


Китовите насукани на плажа во Нов Зеланд спасени благодарение на плимата


Велингтон, 12 февруари, 2017 - 12:08 (META) 

Повеќе од 200 китови кои беа насукани на плажа во Нов Зеланд успеале да отпливаат назад во океанот, соопшти денеска новозеландското министерство за заштита на животната средина.

„Вчера попладне на плажата имаше уште 240 китови и се плашевме дека нема да преживеат. Но, тие самите се спасија бидејќи надојде плимата па можеа да отпливаат назад во водата“, изјавил портпаролот на министерството за заштита на животната средина на Нов Зеланд, Херб Кристоферс, пренесуваат агенциите.

Во петокот на плажата во Нов Зеланд се насукаа над 400 китови, а вчера беше забележано насукување на нови 200. Стотици волонтери деноноќно ги полеваа китовите со вода за да ги разладат, чекајќи ја плимата за да може животните повторно да се вратат во морето. Сепак, поголем дел од китовите не успеаја да преживеат.

На плажата Фервел спит беше забележано најголемото насукување на китови во последните неколку децении на Нов Зеланд. Научниците засега не ја знаат причината за оваа појава, но, претпоставуваат дека таа би можела да биде поврзана со конфигурацијата на подводниот релјеф.


Повеќе од 650 китови се насукаа на брегот на Нов Зеланд


Велингтон, 11 февруари, 2017 - 15:28 (META) 

На брегот на Нов Зеланд денеска се насукале уште 240 китови, само неколку часа откако група волонтери успеаја да вратат дел од китовите кои вчера се насукаа на брегот, јавуваат светските агенции.

За два дена повеќе од 650 китови се насукаа на новозеландскиот брег, на околу 5 километри од плажата Фервел спит на јужниот остров.

Околу 335 китовите угинале, 220 се и натаму насукани, а околу 100 се вратени во морето.

Ендру Ламејсон од одделението за заштита на заливот Голден беј изјавил дека се сигурни дека станува збор за нова група на китови, бидејќи оние кои се насукале вчера биле сите обележани.

Тој изјавил дека околу 20 од китовите што денеска се насукале се еутаназирани бидејќи биле во многу лоша состојба.

Вчера на брегот на Нов Зеланд беа најдени насукани 416 китови, а стотина волонтери од целата земја веднаш пристигнаа да помогнат китовите да ги вратат во вода.

Тие успеаја да спасат околу 100 китови, а потоа формираа ланец за да ги спречат да се вратат на брегот.

Секоја година на плажите на Нов Зеланд се насукуваат околу 300 делфини и китови.


На „Фејсбук“ се организираат волонтери за помош на поплавените подрачја


Скопје, 8 август, 2016 - 10:57 (META) 

Апели за донации на храна, вода, волонтери и секакви информации околу поплавените подрачја граѓаните можат да најдат на социјалната мрежа „Фејсбук“ во групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје.

Активистите кои ја водат иницијативата апелираат сите граѓани коишто се активни на социјалната мрежа и сакаат континуирано да помагаат и континуирано да се во тек со сите случувања и потреби од граѓански активизам да се зачленат во јавната група.

Во групата, редовно се објавуваат информации за:

– потребна помош од волонтери;

– потребна помош во вид на донации;

– информации за нови собирни места за помош;

– информации за расположливи човечки ресурси за директна помош;

– информации за состојбата на терен, и во настраданите подрачја и на местата за собирање донации.

Администраторите на групата се организирани со дежурства и за логистика, давање помош, обезбедување контакти за итно интервенирање и повикување на надлежни институции, теренски активизам итн. Се работи во смени, поради потребата и од теренска активност во којашто активно учествуваат и администраторите и модераторите на групата. Во групата 24 часа има достапен администратор или модератор.


Москва бара Хрватска да го спречи регрутирањето борци за Украина


Москва, 12 февруари, 2015 - 21:01 (META) 

Руските власти денеска ја повикаа Хрватска и другите земји чии граѓани се регрутираат во редовите на вооружените сили на Украина, да прекинат со оваа практика, пренесуваат руските агенции.

„Ги потсетуваме хрватските власти дека денеска во Минск е усвоена одлука на контакт-групата за имплементација на договорот од Минск, во која, меѓу другото, е предвидено повлекување на сите странски вооружени формации, воена техника и платеници од територијата на Украина под надзор на ОБСЕ“, било наведено во соопштението на руското министерство за надворешни работи.

Како што пренесуваат тамошните медиуми, Москва била загрижена по објавувањето на изјавата на хрватската министерка за надворешни работи и европски прашања, Весна Пусиќ, дека има хрватски државјани кои се борат во Украина, но само во редовите на редовната војска.

Хрватските медиуми последниве денови пишуваат дека неколку десетици Хрвати се приклучиле на Азовскиот баталјон, доброволна паравоена формација со седиште во Мариупољ.