!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хан до Заев: Продолжете да работите демократски на започнатите реформи


Њујорк, 21 септември, 2017 - 12:12 (META) 

Продолжете да работите демократски на започнатите реформи, тоа што ќе го постигнете е важно за перспективите на вашата држава и за целиот регион, порачал еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан на средбата со премиерот Зоран Заев, во рамките на 72. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Хан ги оценил иницијативите на Владата за добрососедство и регионална соработка како корисни во процесот на интегрирање на целиот Западен Балкан во Европската Унија и во НАТО.

Премиерот Заев на средбата истакнал дека Владата е активно фокусирана на реализацијата на планот „3-6-9“ и на активностите потребни за остварување на евроатлантските цели на државата.

– Ја заокружуваме првата фаза според предвидениот рок, до крајот на септември. Го имаме извештајот на експертот од ЕУ, Рајнхард Прибе и неговите сугестии ќе бидат земени предвид во вториот дел од планот на којшто веќе работиме. Работиме напорно, инклузивно, вклучувајки ги граѓаните, граѓанските организации, политичките партии, ги зацврстуваме постоечките пријателства и градиме нови со државите од соседството и на меѓународен план. Со право очекуваме исчекор во европските интеграции на есен, преку тргање на условеноста на препораката, а потоа и датум за преговори – рекол Заев на средбата со Хан, стои во соопштението од владината прес-служба.

На средбата, како што се додава, Заев и Хан разговарале и за отворените можности за напредок на Македонија на економски план, преку зголемениот интерес на домашните и странските инвеститори.

По едночасовната средба со Хан, премиерот присуствувал на вечерата која за лидерите на Западен Балкан ја организираше високата преставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, во седиштето на делегацијата на ЕУ при ОН.


СДСМ: Интерпелацијата на Никола Димитров е неоснована


Скопје, 9 август, 2017 - 15:42 (META) 

Со поднесената интерпелација за министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ВМРО-ДПМНЕ останува заробена во минатото и во политиките на поделби, изолација, раздор и на конфликти, со што продолжува да работи на штета на државните и интересите на граѓаните, се вели во реакцијата на СДСМ на тоа што пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Собранието денеска најавија дека ќе поднесат иницијатива за интерпелација и на министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Од партијата велат дека со „неоснованата интерпелација“, ВМРО-ДПМНЕ докажува дека е против евроатлантските интеграции и добрососедските односи и против решавање на отворените прашања, како што беше потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Договорот помеѓу Македонија и Бугарија е целосно во согласност со националните интереси на нашата држава и во согласност со интересите на граѓаните на Македонија и на Бугарија. Договорот е основа за пријателство и за заемен успех на двете држави, а неговото потпишување е заеднички успех на сите досегашни влади и на сите граѓани“, се вели во соопштението.


Договорот со Бугарија става крај на изолацијата на Македонија, велат од СДСМ


Скопје, 5 август, 2017 - 15:09 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со своите политки на изолација, поделби, конфликти и измислување закани и непријатели, со што продолжува да работи спротивно на државните, национални и стратешки интереси на Македонија, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Антонио Милошоски.

– Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка помеѓу Македонија и Бугарија е во интерес со националните и државни интереси и во интерес на граѓаните на двете држави. Со потпишување на Договорот, се затвори едно отворено прашање, се направи крупен чекор кон евроатлантските интеграции, се унапредува економијата и целосно се заокружува железничкото поврзување помеѓу двете земји – се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата велат дека потпишувањето на овој договор е заеднички успех сите досегашни влади.


И НАТО го поздрави Договорот за кој сметаат дека е пресвртница во односите во регионот


Брисел, 2 август, 2017 - 14:01 (META) 

Заменикот на генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер, го поздрави Договорот за добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија.

„Договорот потпишан од Бојко Борисов и од Зоран Заев е пресвртница во градењето на односите во регионот во иднина“, напиша таа на нејзиниот твитер-профил.

Договорот помеѓу Македонија и Бугарија го поздравија и  САД, ЕУ и Велика Британија.

 


Иванов: Поради идентитетот ни се оспорува правото на просперитет


Скопје, 2 август, 2017 - 12:11 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска по повод државниот празник Илинден, положи венци со свежо цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев. Иванов пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, порача дека „поради нашиот македонски идентитет, ни се оспорува правото на просперитет.“

– За да создаваме услови за просперитет во нашиот глобализиран свет, неопходно е да бидеме дел од Европската Унија и од НАТО. Токму членството досега требаше да ни овозможи конечно да ја достигнеме целата слобода. Но, на тој пат, ние, како држава сме уценети. Ниту една земја членка на својот европски пат не се соочувала со прашањата на кои ние секојдневно трошиме време, енергија и трпение. Од ниту една друга земја членка не се бара тоа што се бара од нас, негирање на правото на човечко достоинство и самоидентификација – изјави Иванов.

Според претседателот, членството во Европската Унија и во НАТО бара жртва, за која, како што рече, потребен е широк национален и државен консензус.

Тој се осврна и на соработката со новата влада за што рече дека „Уставот упатува да соработуваат на полето на надворешната политика.“

– Кај мене ќе поминат само оние предлози за амбасадори кои ќе ги исполнуваат критериумите за професионалност, стручност и искуство. Од сегашните и од идните амбасадори очекувам засилен ангажман во насока на реализација на поставените стратегиски цели на Македонија – рече Иванов.

Тој се осврна и на ребалансот на буџетот и рече дека претставувањето, безбедноста и одбраната на државата не се луксуз, туку потреба.

– Буџетот за претставување на државата не е трошење, туку инвестирање во нови пријателства и партнерства за Македонија. Буџетот за безбедноста и за одбраната не е трошење, туку инвестирање во услови за нормално функционирање на државата – додаде Иванов.

Иванов за Договорот со Бугарија рече дека ја поддржал и иницијативата за преточување на Декларацијата за добрососедство од 1999 во Договор за пријателство, добрососедство и соработка.

– Ако почнеме да ги отвораме старите рани, лесно ќе најдеме причини за кавги. Затоа, уште на почетокот јасно посочив дека со Бугарија треба да ги славиме само светлите датуми од заедничката историја на нашите две соседни, суверени и рамноправни држави – рече Иванов.

Тој изрази надеж дека е можно постигнување заемно прифатливо решение со Грција за надминување на прашањето за името.


Договорот со Бугарија нуди перспектива за евроинтеграција, велат од ЛП


Скопје, 2 август, 2017 - 11:35 (META) 

Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка помеѓу Македонија и Бугарија, не само што ѝ нуди ЕУ-перспектива на Македонија, туку ја потврдува и перспективата на практикувањето европска политика во регионот, велат од Либералната партија (ЛП).

„Либералната партија оценува дека со потпишувањето на овој договор два месеца од формирањето на новата влада, по децениска стагнација, Македонија се враќа на патот кон ЕУ и го реплицира француско-германскиот модел на политичка соработка, економски развој и на мирно решавање на разликите помеѓу соседите на Балканот “, велат од ЛП.


Стејт департмент: Договорот за добрососедство ќе придонесе за стабилност на регионот


Вашингтон, 2 август, 2017 - 9:52 (META) 

Соединетите Американски Држави им честитаат на Македонија и на Бугарија за потпишување на Договорот за добрососедство и за пријателство, се вели во соопштението на Стејт департментот.

„Овој важен, прогресивен договор ги препознава веќе силните врски помеѓу двете земји и отвора врата за уште поблиска соработка, која се проширува и во други области како инфраструктурата и културата. Потпишувањето на овој Договор ќе придонесе за политичка стабилност и за економски развој пошироко во регионот и е охрабрувачки пример за тоа, како разликите помеѓу соседите може да се решат мирно“, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Потпишувањето на Договорот вчера го поздравија Европска Унија и Велика Британија.


ФРОДЕМ: Договорот со Бугарија е голем исчекор за Македонија во евроатлантските процеси


Скопје, 31 јули, 2017 - 10:09 (META) 

Фронт за демократска Македонија (ФРОДЕМ) го поддржува договорот за пријателство помеѓу Македонија и Бугарија, бидејќи тој е голем чекор напред за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО, велат оттаму.

Во соопштението се додава дека со подобрувањето на односите со Бугарија, Македонија докажува дека е фактор на стабилизација и на развој на добрососедските односи на Балканот и за затворање на спорните прашања со соседите.

– Со овој договор Македонија јасно покажува дека одбива да биде затворена, криминализирана, пропадната енклава на Балканот. Овој договор е почеток на крајот на долгогодишните вештачки заладени односи. Кремот на бугарското општество е со потекло од македонските краишта. Во оваа смисла, Македонија не може да посака поголем сојузник и европски промотор на нашите интереси и заедничките вредности – се додава во соопштението на ФРОДЕМ.


Груевски – Петков: Договорот за добрососедство е важен за евроатлантските интеграции


Скопје, 26 јули, 2017 - 19:03 (META) 

Република Македонија има интерес за развивање и за продлабочување на односите со соседна Бугарија, бидејќи е заемен интерес понатамошниот прогрес на земјава во евроатлантските инеграции, било заклучено на средбата помеѓу претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, и амбасадорот на Бугарија во Македонија, Иван Петков.

Од ВМРО- ДПМНЕ информираат дека бугарскиот амбасадор Петков посочил дека со потпишување на договорот за добрососедство се затвора едно исклучително важно прашање, а Македонија добива уште еден партнер и поддржувач во нејзините напори за членство во ЕУ и во НАТО.

Груевски, како што се вели во соопштението, позитивно ја оценил волјата на Бугарија да помогне во остварување на овие цели, бидејќи тие се приоритет и на ВМРО ДПМНЕ.

Лидерот на опозициската партија, исто така, посочил дека ВМРО-ДПМНЕ напорно работела на приближување на ставовите на двете земји за потпишување на фер договор и дека заради нетранспарентноста со која актуелната влада го водела процесот, сега се вознемирува и општата и стручната јавност.

„Како партија, ВМРО-ДПМНЕ даде неколку конструктивни предлози кои доколку се вградат во финалната верзија, значително би го подобриле договорот и би биле јасен показател за искреноста на двете страни во подобрувањето на односите“, посочил Груевски.

Според него, откако партијата ќе ја има на увид финалната верзија на договорот и откако таа ќе биде анализирана во партиските тела и комисии, ВМРО-ДПМНЕ ќе заземе став во однос на документот.


Заев: Договорот за добрососедство со Бугарија е во согласност со националните интереси


Скопје, 26 јули, 2017 - 15:34 (META) 

Договорот за добрососедство со Бугарија е во согласност со националните интереси и овој голем чекор одговора на интересите на народите на Македонија и на Бугарија, а е одраз на новиот дух на политики од генерација политичари кои градат мостови, а не уриваат, сплотуваат граѓани, а не ги делат, изјави премирот Зоран Заев на презентацијата на договорот за добрососедство со Бугарија во Владата.

Тој рече дека договорот ќе биде објавен на веб-страницата на Владата и дека така секој ќе може да го види.

– Договорот е основа за добрососедство и за пријателство, за поврзување на патната и на гасната инфраструктура. Тој претставува унапредување на размената на стоки и на услуги и на капиталните инвестиции. Трговската размена со Бугарија сега изнесува 500-600 милиони евра, зошто да не биде една милијарда евра? Македонија во Трст доби 70 милиони евра за изградба на Коридорот 8 – изјави Заев.

Премиерот рече дека со договорот двете држави се обврзуваат заеднички да се борат против говорот на омраза и национализмот, за спречување на недобронамерната пропаганда од страна на институции и на агенции. Прашан дали тоа значи дека ќе се казнуваат медиуми и личности што ќе прават вакви дејства, Заев рече дека во такви случаи Владата ќе се огради од ставовите на други лица и институции.

Тој додаде дека значајно е што Бугарија цврсто го поддржува приемот на Македонија во ЕУ, без условувања, и дека таа ќе го пренесе своето искуство во процесот на европски интеграции.

– Европската индина им е потребна на Република Македонија и на регионот. Европската Унија на самитот во Трст препозна во Македонија мотор за развој на регионот – рече Заев.

Тој изјави дека потпишувањето на овој договор е финализирање на процесот почнат во 2009 година, од кога комисиите на Македонија и на Бугарија имале 10 меѓусебни средби.

Во однос на делот на договорот со кој Македонија потврдува дека нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија заради заштита на статусот и на правата на Македонците во Бугарија кои не се државјани на Македонија, Заев рече дека македонскиот Устав е демократски и дека со последните негови измени отстранет е членот што овозможува земјата да се грижи за македонското малцинство во другите земји.

Премиерот очекува конструктивна дебата во Собранието и опозицијата да учествува во заокружувањето на процесот и да даде поддршка на договорот. На прашање дали за договорот е консултиран претседателот Ѓорге Иванов, Заев рече дека градат добра кохабитација и дека и пред посетата на Бугарија имале двочасовна средба, како и дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров, редовно има средби и состаноци со претседателот.

На новинарско прашање во врска со јазикот на кој ќе биде потпишан договорот, Заев појасни дека тој ќе биде составен во два примероци, на македонски и на бугарски јазик, и дека во таква форма ќе биде потпишан од двете страни. Тој истакна дека договорот станува обврзувачки откако ќе биде потпишан, но рече дека истиот, иако тој тоа не би го сакал, може да го раскине која било од страните со испраќање писмено известување. Важноста на договорот, во таков случај, престанува една година од датумот на приемот на известувањето.