НЛБ – Скопје наплатила повеќе од два милиони евра за кражбата


Скопје, 10 февруари, 2018 - 14:00 (META) 

НЛБ – Скопје од осигурителна компанија наплатила 80 отсто од штетата направена со кражбата во април 2017 година, се дознава од билансот на успех за 2017 година, што банката го објави.

Преостанатиот дел од штетата, во износ од 35,241 милиони денари, банката го евидентирала како трошок во билансот на успех заклучно со 31 декември 2017 година на позицијата останати расходи од дејноста.

Лани во април вработен во банката и уште неколку вработени украдоа околу три милиони евра од банкарскиот трезор. Тие беа обвинети и осудени на вкупна казна од 20 години затвор, но парите не беа вратени ниту осудените кажаа каде се наоѓат.

Во билансот се вели дека во текот на целата 2017 година, НЛБ Банка АД Скопје работела согласно усвоената Деловна политика на Банката за 2017-та година, прилагодувајќи го тековното работење на економските и пазарните услови во земјата.

И покрај големата кражба, билансот на банката се зголемил за  5,7% во однос на 2016 година, што главно се должи на порастот на депозитите од небанкарскиот сектор.

Во декември 2017 година, Банката потпиша договор за продажба на уделот во НЛБ Нов Пензиски Фонд којшто преставува 49 отсто од вкупниот капитал на НЛБ Нов Пензиски Фонд.

Нето добивката на банката во текот на 2017 година е повисока за 34,6% во однос на 2016 година.


Централен регистар го оштетил буџетот за 22 милиони денари


Скопје, 23 август, 2017 - 15:45 (META) 

Претходното раководство на Централен регистар, добивката од 22 милиони денари за 2016 година наместо во буџетот на Република Македонија, ја исплатил на градежната компанија АД „Бетон“, информираат од Влада.

Исплатата била на барање на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор, бидејќи компанијата „Бетон“ ја градела зградата каде што сега е сместена оваа институција, без за тоа да има правна основа.

Од Владата информираат дека парите се префрлени врз основ на одлуката на Управниот одбор на Централниот регистар, со што била нанесена штета на редовното работење на институцијата.

Од таму додаваат дека добивките на државните претпријатија или агенции треба да одат на сметка на буџетот. Владата му препорачала на новото раководство на Централниот регистар да ја преиспита правната основа за оваа одлука на Управниот одбор на институцијата.


Политичката криза лани ја намалила кредитната активност на банките


Скопје, 27 април, 2017 - 14:17 (META) 

Кредитите на банките ја завршија 2016 година со пораст од само 1,2 отсто, што е значително послабо остварување во споредба со претходната година, кога тој изнесуваше 9,7 проценти, велат од Народна банка во нивниот годишен извештај за 2016 година.

„Сепак, движењата на кредитите во голема мера беа условени од измената во постојната регулатива од страна на Народната банка, според која, најдоцна до 30 јуни 2016 година банките имаа обврска да ги „исчистат“ кредитните портфолија од нефункционални кредити“, се вели во извештајот на Народна банка.

Учеството на нефункционалните во вкупните кредити се спушти до нивото од 6,6 проценти на 31 декември 2016 година.

Лани банките имале за една третина повисока добивка во работењето споредено со 2015 година.


НБРМ: Банките се изложени на ризик од идно зголемување на каматните стапки


Скопје, 16 декември, 2016 - 12:23 (META) 

„Банките се изложени на ризик од идно зголемување на каматните стапки, но широката примена на прилагодливите каматни стапки во договорите за кредити и за депозити вршат замена на овој вид ризик. Притоа се презема индиректен кредитен ризик поради чувствителноста на кредитоспособноста на клиентите од нагорни промени на каматните стапки“, се вели во соопштението на Народна банка.

Во текот на првите девет месеци од 2016 година, според народна банка, банките покажале повисок износ на добивка од работењето споредено со истиот период минатата година, а со тоа се подобриле и стапките на поврат на капиталот и средствата.

Показателите за солвентноста на банките во третиот квартал од 2016 година покажаа мало подобрување. Стапката на адекватност на капиталот на крајот од третиот квартал на 2016 година изнесува 15,7 проценти и овозможува доволен простор за апсорбирање на евентуалните неочекувани загуби на банките. Поволен факт е и доминацијата на основниот капитал во структурата на основните средства.


„Скопски пазар“ ја зголеми добивката за 18 отсто


Скопје, 9 ноември, 2014 - 11:57 (META) 

„Скопски пазар“ во првите девет месеци од годинава оствари добивка од 40.405.000 денари, што е зголемување за 18 отсто во однос на истиот период од минатата година, кога компанијата реализира добивка од 34.205.000 денари.

Податоците во финансискиот извештај на компанијата објавен на Македонската берза покажуваат дека приходите од продажба опаднале за 111,4 милиони денари (1,8 милиони евра) во споредба со првите девет месеци лани.


Топлификација со добивка од 24 милиони денари


Скопје, 7 ноември, 2014 - 13:50 (META) 

Групацијата „Топлификација“ за период од 1 јануари до 30 септември 2014 година, остварила нето-добивката од 24.526.000 денари, додека поединечната добивка на„ Топлификација“ АД изнесува 7.670.000 денари, соопштија од компанијата.

„Во 2014 година, во согласност со сметководствената политика, заклучно со септември 2014 година, „Топлификација“ АД има евидентирано исправка на вредноста на побарувања врз основа на камати во износ од 42.080.000 денари и амортизација на основните средства за девет месеци од 2014 година во износ од 43.849.000 денари. За истиот период во 2013 година „Топлификација“ АД нема евидентирано исправка на вредност на побарувања и амортизација на основните средства е евидентирана како трошок на крајот на 2013 година за цела година“, стои во соопштението од компанијата.


„Алкалоид“ со зголемени извоз и добивка


Скопје, 3 ноември, 2014 - 10:18 (META) 

Фармацевтската компанија „Алкалоид“ од Скопје во периодот од јануари до септември годинава оствари позитивни финансиски резултати, а според неревидираните единечен и консолидиран биланс на успех, објавени на Македонска берза, компанијата остварила пораст на извозот од 11 отсто, на добивката за 4 отсто и вработила 54 лица во производните погони во земјава.

Во единечниот биланс на успех, остварените единечни продажби во износ од 4.344 милиони денари, бележат зголемување за 2 отсто во споредба со остварените во истиот период во 2013 година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) изнесува 801 милиони денари што претставува зголемување од околу 10 отсто. Нето-добивката изнесува 457 милиони денари, што претставува зголемување за 4 отсто.

Според консолидираниот биланс на успех, остварените продажби во износ од 5.550 милиони денари бележат зголемување од 8 отсто во споредба со остварените во истиот период во 2013 година, при што е реализиран пораст на консолидираните извозни продажби од 11 отсто. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) изнесува 833 милиони денари, што претставува зголемување за околу 10 отсто. Нето-добивката изнесува 440 милиони денари, што претставува зголемување од 4 отсто.

Во периодот од јануари до септември 2014 година, во „Алкалоид“ се реализирани 54 нови вработувања.