!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Во Бозовце, пожар пеплоса три плевни, дел од куќа и шест грла добиток


Тетово, 12 јануари, 2017 - 11:42 (META) 

Ноќева околу 3 часот, пожар целосно пеплоса три плевни и дел од куќа во шарпланинското село Бозовце. Во пламените јазици изгореле и три крави и три коњи, кои се чувале во една од плевните. Противпожарната единица Тетово цели четири часа се борела целосно да го локализира пожарот, за да не се прошири на другите објекти.

– Откако ни јавија за пожарот, ние со специјални џипови стигнавме за 40 минути до Бозовце. За среќа, во вакви временски услови патот беше прооден. Интервениравме повеќе со противпожарни апарати, затоа што горе темпраттурата е под минус 20 Целзиусови степени и водата замрзнува. Успеавме да го локализираме пожарот – рече Ука Алити, командир на ТППЕ Тетово.

Командирот Алити вели дека и покрај ладното време, во Тетовско, во последно време, има честа појава на пожари во објекти.

– Ова е невообичаена појава, да има пожари на вакво студено време. Поради поларниот студ, луѓето се греат на повеќе грејни тела, палат сè и сешто, користат секакви печки. Затоа апелираме да внимаваат како и на кој начин се загреваат. Поради неправилното користење на овие печки, може да настанат големи пожари – додава Алити.

Во последниве неколку дена, во пожар изгоре плевна во шарпланинското село Ѓермо, а куќа изгоре во село Боговиње.


Почна со работа добиточниот пазар во Кривогаштани


Прилеп, 25 август, 2016 - 16:15 (META) 

Добиточниот пазар во општина Кривогаштани денеска продолжи со работа по пауза од три месеци. Агенцијата за храна и ветеринарство ја укина забраната за продажба на добиток, која стапи на сила откако во земјава се појави болеста јазлеста кожа и беше забранета продажбата на добиток на целата територија на Македонија.

Од ЈП „Пелагонија“, под чија надлежност е пазарот, упатуваат апел до сточарите сите животни што се носат на пазарот да ги имаат потребните документи, а во спротивно тие немало да бидат пуштени внатре.

Во Кривогаштани се изгради најсовремениот добиточен пазар во Македонија, кој се очекува официјално со работа да почне в среда, на 31 август.

Вкупната инвестиција е околу 16 милиони денари.


Сточарите од Малешевијата ги блокираа патиштата, бараат итни мерки за болеста кај добитокот


Берово, 16 мај, 2016 - 14:29 (META) 

Сточарите од Малешевијата денеска излегоа на протест и ги блокираа патот Берово – Виница и патот Берово Пехчево, кај селата Мачево, односно Смојмирово. Тие бараат од надлежните власти да не се уништуваат грлата добиток заболени од јазлеста кожа и итно да се преземат превентивни мерки.

Сточарите што денеска протестираа го изразија револтот од, како што рекоа, непостапувањето на надлежните институции по појавата на болеста кај говедата. Тие бараат да не се уништува здравата стока и итно да се преземат превентивни мерки за заштита на добитокот.

Засега, според сточарите, надлежните доцнат со превентивните мерки, како што се најавената вакцинација и прскањето против комарци бидејќи, поради што, велат, трпат големи штети.

Блокадите денеска ќе траат до 16 часот.

Досега во Малешевијата поради болеста јазлеста кожа, уништени се педесетина грла добиток, а во Делчевско дваесетина.