!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Изградбата на џамијата на Попова Шапка продолжува, иако нема дозвола за градба


Тетово, 14 јуни, 2017 - 16:33 (META) 

На Попова Шапка деновиве повторно продолжија градежни активности за изградба на џамија која нема дозвола за градба. Инвеститорот не се откажува од изградбата на џамијата дивоградба, иако тетовскиот општински инспекторат во изминативе две недели, двапати бил на местото каде што се гради и му наложил да го запре градење.

Иако и двете забрани беа испочитувани неколку дена, ископите за поставување на темелите продолжиле уште во текот на вчерашнот ден. Денеска, местото каде што треба да се гради џамијата беше израмнето и се носеше градежен материјал.

Од секторот за урбанизам при Општина Тетово велат дека на таа локација нема издадено никакво одобрение за изградба на верски објект ниту, пак, за каков било објект. Од тетовски општински инспекторат имаат отворено предмет во кој е констатирано дека џамијата е дивоградба.

Во случајот е вклучен и државниот градежен инспекторат, кој само врши надзор на работата на тетовскиот инспекторат. Но, денеска ниту од Општина Тетово ниту од државниот градежен инспекторат не ни одговараа на повиците да објаснат што ќе преземат против инвеститорот, кој и понатами го крши законот.

Од тетовското муфтиство при Исламската верска заедница денеска не беа достапни за коментар.

Претходно за дел од медиумите негираа дека вршат градежни активности за изградба на џамија на Попова Шапка, иако на повеќе билборди поставени на патот кон Попова Шапка пишува дека во туристичкиот центар ќе се гради џамија, а како инвеститор се наведува ИВЗ.

Планот е џамијата најверојатно да биде на три ката, со големо минаре, а локација се наоѓа веднаш над главниот пат на туристичкиот цетнар, на само десетина метри од викендички.


Без дозвола за градба, се подготвува теренот за изградба на џамија на Попова Шапка


Тетово, 30 мај, 2017 - 15:03 (META) 

Без дозвола за градба, во туристичкиот центар Попова Шапка, се вршат градежни активности за изградба на џамија, потврдуваат од секторот за урбанизам при Општина Тетово.

– Викенд-населбата на Попова Шапка е под надлежност на Општина Тетово. За оваа викенд-населба сè уште не е изработен детален урбанистички план и секоја нова градба што се гради е дивоградба. За парцелата каде што сега се изведуваат градежни активности, нема издадено одобрение за градба. Кога ќе се изработи нов детален урбанистички план, тогаш ние имаме право да издаваме дозволи за градба – велат од секторот за урбанизам при Општина Тетово.

Од Општина Тетово засега не кажуваат какви мерки ќе преземат во врска со овој верски објект.

Според неофицијални информации, општинскиот инспекторат деновиве ги запрел градежните активности, но денеска граѓани ни испратија фотографии на кои се гледа дека градежна механизација работи на проширување на парцелата.

Од тетовскотo муфтиство при Исламската верска заедница (ИВЗ), од каде побаравме став околу изградбата на џамијата, кусо одговорија дека не вршат никакви градежни активности на Попова Шапка.

Инаку, веќе неколку месеци покрај патот кон Попова Шапка, поставени се повеќе билборди со насликана џамија која треба да се гради на Попова Шапка. На билбордот пишува дека инвеститор на овој верски објект е тетовското муфтиство при Исламската верска заедница, а наведени се неколку жиро-сметки на кои граѓаните можат да донираат за изградба на џамијата.


Градел хотел на диво, на земјиште на МПЦ


Струга, 14 октомври, 2016 - 12:42 (META) 

Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против М.Ќ. (56) од струшкото село Биџево, за кого, според полицијата, постои основан сомнеж дека бесправно градел.

Пријавениот, без одобрение за градење, продолжил со градба на туристичко-угостителски објект во местото Еленско, во близина на хотелот „Макпетрол“ на струшкото крајбрежје.

Се работи за доградба на 11 единични објекти, исто така бесправно почнати со градба во 1993 година. Пријавениот сакал да ги догради и да прикаже дека се изградени пред 2011 година, за да ги легализира во согласност со Законот за постапување со бесправно изградените објекти, кој важи за објекти изградени пред оваа година.

Градежен инспектор на Општина Струга извршил инспекциски надзор на објектите градени на државно земјиште, при што било констатирано дека инвеститор на доградбите е сега пријавениот и дека градбите немаат градежно-техничка документација и одобрение за градба.

Уште во 1993 година, од страна Републичкиот инспектор за градежништво и урбанизам, е донесено решение за запирање на бесправно почнатата градба, како и решение за уривање на дополнително изградените делови од објектот.

Од увидот во имотниот лист, утврдено е дека предметната катастарска парцела кај селото Калишта е предмет за денационализација, по барање на МПЦ, односно манастирот „Св. Богородица“.


Дивоградба во центар на Тетово на само два метри од станбени објекти


Тетово, 18 јуни, 2016 - 16:41 (META) 

Станари од зградата 25 на булеварот Маршал Тито во Тетово, реагираа на неажурноста на институциите, кои изминатите пет месеци дозволиле до нивните тераси и прозорци да се изгради дивоградба.

Една од сопствениците на становите, Гордана Младеновска, вели дека тетовскиот инспекторат во февруари годинава е информиран дека почнала градба на нелегален објект. Но, инспекторатот не презел никакви мерки.

Дури во јуни институциите донеле решение дека објектот до нивната зграда е дивоградба и дека во рок од седум дена треба да се урне.

– За овој објект, тетовскиот инспекторат требаше веднаш да донесе решение да престане да се гради уште во февруари, кога го пријавивме. Но, инспекторатот не презеде ништо и го охрабри инвеститорот да го изгради овој нелегален објект, кој е сега на само два метри до нашите прозорци и тераси – изјави Младеновска.

Тетовскиот инспекторат на 9 јуни има донесено решение, со кое на инвеститорите им се наложува да ја отстранат дивоградбата во рок од седум дена, а во спротивно, како што стои во решението, институциите ќе преминат кон отстранување на истата.

Но, од донесеното решение заклучно денешниот ден, има поминато 10 дена, а градбата сè уште стои.

Од тетовскиот инспекторат велат дека ќе се пристапи кон присилно извршување од страна на Општината во извршна управна постапка, со фирма која е овластена за уривање дивоградби, за која во моментот се води постапка за јавна набавка во Општината за избор на најповолен понудувач.


Продолжен рокот за легализација на дивоградбите


Скопје, 11 ноември, 2015 - 15:22 (META) 

Рокот за достава на елаборатите за легализација на дивоизградени објекти се пролонгира до 31 март 2016 година. Граѓаните што поднеле барање може да достават геодетски елаборати до 31 декември 2016 година.

Ова денеска го соопштија министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпевски.

Според надлежните, пролонгираниот рок е во интерес на граѓаните, со што се очекуваат нови барања во текот на годината.

Првичниот датум за легализација беше до 31 декември, а досега се доставени 360.000 барања. Од нив 175.000 се поднесени елаборати, додека 135.500 барања се запишани во катастарот и се легализирани.