!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Ќе бараме меѓународна истрага и за Никола Младенов


Скопје, 24 ноември, 2017 - 13:58 (META) 

Граѓаните бараат одговор дали е убиен новинарот Никола Младенов, а ние бараме меѓународна истрага затоа што општеството е премногу исполитизирано и граѓаните немаат доверба во домашните институции, рече премиерот Зоран Заев, на прашањето на пратеникот Африм Гаши од Беса, дали Владата ќе побара меѓународни истраги за одредени случаи.

Заев рече дека за случаите „Смиљковско Езеро“, „Никола Младенов“, „Диво Насеље“ и „Сопот“ суштината е да се обезбеди меѓународна истрага за граѓаните да можат да ја дознаат целата вистина.

– Меѓународна истрага бараме за да има меѓународен претставник, кој ќе гарантира дека фактите што се презентираат во јавноста се навистина такви. Ако во процесот како за „Диво Насеље“ сега направиме меѓународна истрага, тоа ќе го дерогира правосудството и може да значи нарушување на независноста на судството и на процесот на жалбената постапка. Граѓаните не коментираат за високите казни туку затоа што бараат одговори, како, на пример, зошто групата влегла Куманово, дали некој нешто им кажал, дали намерно се случи тоа во сензитивен период. Владата бара меѓународна истрага затоа што од тоа на одредени луѓе им зависи дали ќе останат во Македонија или ќе ја напуштат – додаде Заев.


Кривична пријава за арачиновецот што обвиткан со петарди дојде на „Диво Насеље“


Скопје, 23 ноември, 2017 - 14:31 (META) 

СВР Скопје поднесе кривична пријава за загрозување на сигурноста против арачиновецот Е.И.(57), кој на 2 ноември дојде со појас со петарди пред Врховен суд, во текот на изрекувањето на пресудите за случајот „Диво Насеље“.

Тој првин отишол во адвокатска канцеларија во Стара чаршија, каде оставил лист испишани закани, а потоа се упатил кон судот.

Таму бил сопрен од полицијата, која по испитувањето утврдила дека прачките прицврстени на појасот за кои првично се мислело дека се динамит, биле петарди.


За семејствата на осудените во „Диво насеље“, косовската влада ќе даде по 10.000 евра


Приштина, 10 ноември, 2017 - 15:19 (META) 

Владата на Косово денеска додели вкупно 219.000 евра за семејствата на осудените за случајот „Диво насеље“ и на загинатите во инцидентот на 9 и 10 мај мај 2015 година, јави „Порталб“.

Мерката ја објави премиерот на Косово, Рамуш Харадинај.

– Доделени се 219.000 евра за покривање на трошоците на семејствата на осудените и на загинатите во кумановскиот случај – рече Харадинај, објаснувајќи дека тие пари ќе бидат распределени по 10.000 евра за семејство.

– Парите за обештетувањата ќе се земат од државните резерви на Косово, а ќе ги префрли министерството за финансии – објасни Харадинај.

Министерот за финансии на Косово, Бедри Хамза, побара семејствата да му достават банкарски сметки, појаснувајќи дека ќе нема никакви проблеми поради префрлањето на парите.

Првостепената пресуда за „Диво насеље“ беше изречена на 2 и 3 ноември, при што беа изречени осум доживотни затворски казни, 13 казни по 40 години затвор, шест по 20 години и уште седум казни од по 18, 14, 13 и 12 години затвор.


Се бараат начини за меѓународна истрага за „Диво насеље“, потврди Заев


Скопје, 10 ноември, 2017 - 14:45 (META) 

Владата и претставници на меѓународната заедница бараат начин за спроведување на меѓународна истрага за неразјаснетите околности поврзани со настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година, потврди премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција.

– Чекор кој што досега е направен е информирање на претставници на меѓунардната заедница околу чекорите и варијантите како тоа би се извело. Знаете дека и во владината програма е запишано дека треба да се расветлат сите работи кои што се неразјаснети. Сакаме да нема дилеми и дебати за се она што е неразјаснето, а е од интерес на граѓаните, а овој случај, и тоа како, е од интерес на граѓаните. Верувам дека ќе ги најдеме начините со меѓународната зедница како да се оформи меѓународна истрага – рече Заев.

Судскиот процес за случајот „Диво насеље“ заврши на 2 ноември, годинава, кога Кривичниот суд изрече осудителни пресуди за 34 обвинети за тероризам и терористичка организација, од кои осуммина добија доживотни, а 26 долгогодишни затворски казни – од 12 до 40 години, а четири лица беа ослободни од обвиненијата.

Адвокатите на обвинетите, но и коалициониот партнер во владата – ДУИ, веднаш побараа меѓународна истрага, која треба да ги разјасни дилемите околу организаторите и мотивите за настаните во Куманово, кои и натаму предизвикуваат контроверзи во јавноста поради наводна вмешаност и на официјални претставници на највисоките државни институции во комуникација со учесниците во настанот.


Ахмети: Меѓународна истрага и анкетна комисија во Собрание за случајот „Диво Насеље“


Скопје, 6 ноември, 2017 - 19:14 (META) 

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на средба со францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, му кажал дека очекува за случајот „Диво Насеље“ да биде вклучена меѓународна истрага, да биде формирана анкетна комисија во Собранието и да има целосно расветлување на вистината.

Како што се наведува во соопштението на ДУИ, соговорниците разговарале за локалните избори, политичката ситуација, реформските процеси во Македонија, како и за евроатлантската интеграција на земјата.

„Во однос на реформите, Ахмети рече дека ДУИ останува посветена да ги води реформите во Собранието и во Владата, како услов за продолжување на реформскиот процес со истиот интензитет по завршувањето на изборите. Ахмети говореше и за интензивирање на напорите за надминување на споровите со соседите и за отворање на нашиот пат кон Брисел. Периодот пред нас припаѓа на спроведувањето на политиките кои се поддржани од граѓаните“, се вели во партиското соопштение.


Протестот за „Диво Насеље“ мирен, се скандираше „УЧК“


Скопје, 5 ноември, 2017 - 14:54 (META) 

Со скандирања, во кои главно се слушале „УЧК“, под силно полициско обезбедување, заврши протестот против пресудите за „Диво Насеље“. Нема забележани инциденти.

Во толпата што тргна од плоштадот Скендер-бег и се упати кон Основен суд Скопје 1, каде беше изречена пресудата за обвинетите, се слушаа скандирања, од кои предничеше „УЧК“. Иако првично беше најавено дека ќе се оди и до Собранието на Република Македонија, тоа не се случи, туку од плоштадот, поворката се упати кон судот.

Протестот беше поддржан од семејствата на обвинетите, кои на плоштадот Скендер-бег се обратија пред помала група поддржувачи. Толпата беше под силно полициско обезбедување.


Протест за „Диво Насеље“ дeнеска пред Кривичен суд во Скопје


Скопје, 5 ноември, 2017 - 10:39 (META) 

На потегот од плоштадот Скендер-бег до Основен суд Скопје 1, денеска со почеток од 13 часот, ќе се одржи протест против судската пресуда за случајот „Диво Насеље“.

Протестот го организира Здружението за албанска култура, коe вчера го пријави настанот во полициската станица Бит-пазар.

Во повикот за протестот што го пренесоа дел од медиумите е наведено дека треба да присуствуваат сите граѓани кои сметаат дека „изживувањето и самоволието на судот во изрекување на казните се уште еден пример за неправедна правда и за двојни аршини од страна на судот“.

Претходно, на социјалните мрежи се договараше учеството, а според тоа, се очекуваат и демонстранти од Косово и од Албанија, кои го најавуваа своето учество.

„Нашето учество само ќе укаже на тоа колку сите сме за соживот, без маски и агенди“, велат организаторите.


Најави за масовен протест пред Кривичен суд поради пресудите за „Диво Насеље“


Скопје, 4 ноември, 2017 - 12:03 (META) 

Медиумите на албански јазик најавуваат дека утре пред Основниот суд Скопје 1 (Кривичен суд), ќе се случат протести на коишто ќе биде изразено незадоволство од пресудата изречена во случајот „Диво Насеље“.

„Некои невладини организации и граѓански иницијативи организираат протест против казните со кои судот во Скопје ги осуди осудените лица во случајот „Диво Насеље“ во Куманово. Протестите ќе почнат во недела, со почеток во 13 часот“, објави албанскиот портал „Телеграф“.

Протестите ќе почнат од плоштадот Скендер-бег и ќе завршат пред Основниот суд Скопје 1, се вели во соопштението на невладините организации, кое е испратено до албанските медиуми.

Демонстрантите ќе бараат меѓународна истрага и ревизија на случајот кој според нив е уште една неправда кон Албанците во Македонија. Покрај за „Диво Насеље“ се бара слобода и за други осудени Албанци за случаите „Монструм“, „Бродец“ и други.


Протести пред македонската амбасада во Приштина, Харадинај ги смирува тензиите


Скопје, 3 ноември, 2017 - 17:07 (META) 

Неколку десетици лица, членови на семејствата и пријатели на косовските државјани осудени на доживотен затвор за настаните во кумановско Диво Насеље, денеска излегоа на протест пред македонската амбасада во Приштина, барајќи ослободување на нивните најблиски.

Како што јавуваат косовските медиуми, ситуацијата пред амбасадата е тензична, но полицијата ја држи под контрола.

косово протести харадинајПред демонстрантите се појави и косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој се обиде да ја смири ситуацијата. Тој ги повика демонстрантите и семејствата на затворените да останат смирени, да внимаваат на своите дејства и порача дека тој е подготвен да разговара со нив и да им помогне.

На новинарско прашање како планира да им помогне, Харадинај не даде прецизен одговор, но рече дека тие што ги бараат не се наоѓаат во амбасадата, туку дека се во затвор во Скопје.
Протестот пред македонската амбасада доаѓа неполн ден откако косовски државјани во Пеќ и во Гњилане запалија македонски знамиња во знак на протест поради изречените доживотни казни за осумте обвинети, од кои повеќето се државјани на Косово.


Министерството за правда може да ангажира меѓународни експерти за „Диво Насеље“


Скопје, 3 ноември, 2017 - 16:13 (META) 

За сите случаи за кои постојат одредени сомневања за нерегуларности, односно не се докрај расветлени, Владата ќе вклучи меѓународни експерти од одредени области за нивно расветлување, изјави министерот за правда Билен Саљији, одговарајќи на новинарско прашање за барањата меѓународна експертска група да го истражи случајот „Диво Насеље“.

– Министерството за правда, во согласност со неговите ингеренции, како составен дел од Владата на Република Македонија, активно ќе помага во тоа – рече Саљији по презентацијата на извештајот за соработката меѓу Академијата за судии и француската Национална академија за правосудство, во Амбасадата на Франција во земјава.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние смета дека решенијата треба да се бараат првенствено во внатрешниот правосуден систем во Македонија.

– Јас, како набљудувач, можам да ви кажам дека ги следиме сите аспекти од тоа прашање. Од она што го читаме од медиумите дека се бара своевидна ревизија на судската одлука, милам дека тоа е можност која е отворена. Но, пред да бараме да се решаваат прашања во меѓународни рамки, треба да се обидеме да ги решиме во постојниот правосуден систем – рече Тимоние.