Рама: Двајца прогресивни лидери испишаа историја, Балканот сега е подобро место


Тирана, 13 јуни, 2018 - 12:37 (META) 

Двајца прогресивни лидери на соседните земји денеска испишаа историја и им покажаа на ЕУ и на светот како волјата и подготвеноста да се надмине минатото може да пронајде простор за иднината кога изгледа дека таков простор нема, напиша албанскиот премиер Еди Рама вчера на својот Твитер-профил, честитајќи им на македонскиот и на грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас за постигнатиот договор за спорот за името.

„Честитки, Балканот денеска е подобро место благодарение на двајцата вас“, напиша Рама на англиски јазик. Договорот преку својот Твитер-профил го поздрави и албанскиот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати, честитајќи им на македонскиот и на грчкиот колега, но и на македонскиот вицепремиер за евроинтеграции, Бујар Османи.  

„Честитки за нашите соседи и пријатели за постигнување решавачки договор за спорот за името. Тоа отвора пат не само за едно земја, туку за целиот регион, кон Евро-атлантското семејство. И покрај сите пречки, дипломатијата дејствува“, напиша Бушати.


Мета и Бушати: Законот за јазиците – значаен историски акт и знак за зрелост


Тирана, 15 март, 2018 - 11:39 (META) 

Официјална Тирана го поздрави донесувањето на законот за јазиците од страна на Собранието на Македонија. Албанскиот претседател Илир Мета изјави дека законот за јазиците претставува значаен историски акт.

-Овој акт е од големо значење не само за Албанците во Македонија туку претставува и европско достигнување на Македонија – рече Мета.

Албанската влада преку Министерството за надворешни работи исто така го поздрави донесувањето на законот за јазиците во Македонија.

-Донесувањето на Законот во Собранието на Македонија претставува потврда на политичка зрелост. Овој закон ги отвора патиштата за целосно интегрирање на Македонија во ЕУ – рече шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати.

Албанската опозиција оценува дека законот е од големо значење за Албанците и за земјата. Во соопштението на демократската партија се наведува дека ,,Донесувањето на законот е еден чекор напред за подобра клима за соживот во Македонија“.


Османи од Тирана: Проширувањето на ЕУ нема да биде кредибилно без Македонија и Албанија


Тирана, 17 јануари, 2018 - 15:20 (META) 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Албанија се сретна со министерот за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати со кого разговарал за развојот на билатералните односи меѓу двете земји.

– Сакаме јасно да истакнеме дека не постои кредибилност на процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, без јасни перспективи за напредок на европските интеграции за Македонија и Албанија – изјавил Османи, пренесува Секретаријатот за европски прашања.

Според Османи, Македонија и Албанија заслужуваат соодветно место во Стратегијата за проширување на Европската Комисија, најавена од нејзиниот претседателот Жан Клод Јункер, а која се очекува да биде објавена на почетокот на февруари.

Вицепремиерот побарал директна поддршка од Албанија за полноправно членство на Македонија во НАТО.

Покрај средбата со Министерот Бушати, вицепремиерот Османи оствари средба и со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, претседателот на Собранието Грамоз Ручи, а во агендата е предвидена и средба со претседателот на Демократската партија, Лулзим Баша.

Посетата на Тирана е дел од мини балканската турнеја која вицепремиерот Османи ја започна со посетата на Атина на почетокот на месецов и истата се очекува да продолжи со посета на Белград, а потоа и на Софија.


Димитров и Бушати разговараа за изградба на Коридорот 8


Скопје, 25 јули, 2017 - 18:27 (META) 

Интензивирање и зајакнување на политичката, економската и особено на инфраструктурната и на енергетската соработка, беше тема на денешната средба во Тирана, меѓу министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати, соопштија од македонското МНР.

Министрите разговарале за заедничкиот интерес за унапредување на состојбите во регионот и на регионалната соработка, во духот на европските и евроатлантските вредности.

„Се разговараше за можностите за реализација на заеднички проекти со користење на средства од ИПА-фондовите, особено во контекст на унапредување на интерконективноста. Министрите ја нагласија потребата од изградба на Коридорот 8, како и железничката пруга Кичево – Охрид, со крак до Лин. Беше потврден заедничкиот интерес за поскоро профункионирање на мешовитиот комитет за економска соработка“, стои во соопштението.

Од МНР наведуваат дека министрите договориле оваа есен да се одржи прва заедничка владина седница помеѓу Македонија и Албанија, како и одржување на редовни политички консултации по прашања од билатерален и од регионален интерес.
За време на посетата на Тирана, која доаѓа на покана на албанскиот министер за надворешни работи Бушати, Димитров се сретна и со албанскиот претседател, Илир Мета, кој истакна дека двете држави треба да покажат соработка и солидарност.

– Стабилна Македонија значи стабилност и за Албанија, просперитетна Македонија значи и просперитетна Албанија – рече Мета.


Бушати и Димитров договорија заедничка владина седница наесен


Тирана, 25 јули, 2017 - 14:22 (META) 

Албанија и Македонија немаат отворени прашања, истакнаа на заедничката прес-конференција во Тирана министрите за надворешни работи на двете земји, Дитмир Бушати и Никола Димитров, и додадоа дека ќе работат на подобрување на соработката, која е клучна за евроатлантските интеграции.

Бушати и Димитров најавија дека наесен во Подградец ќе се одржи заедничка седница на двете влади, на која ќе се разговара за заеднички проекти.

Албанскиот министер за надворешни работи, Бушати, рече дека официјална Тирана сака добри односи со Македонија, бидејќи таа претставува важен сосед за Албанија.

– Во минатото имаше некои заблуди во врска со нашите ставови. Македонија е важен сосед за нас и демократската стабилност, меѓуетничката хармонија, особено меѓу македонската и албанската заедница, се од исклучително значење и за Македонија и за Албанија, но исто така и за стабилноста на целиот регион и за неговата европерспектива – рече Бушати.

Тој, исто така, истакна дека Македонија може да смета на поддршката од Албанија за членство во НАТО.
– Албанија не сака и нема да биде пречка за која било земја во нејзините евроатлантски аспирации. Тирана е многу заинтересирана за стабилност на Македонија и на регионот – рече Бушати.

Димитров, од друга страна, истакна дека со својот албански колега се согласиле да направат повеќе од само политички изјави и да се интензивира соработката преку конкретни проекти. Тој истакна дека новата владата работи забрзано на усвојувањето на законот за употреба за јазиците, бидејќи тоа е во интерес не само на Албанците во Македонија туку и на стабилноста на целата држава.

– Оваа влада има заложба да стори сѐ што е во корист на нашите сограѓани Албанци, но и на оние што се припадници на другите етнички заедници во согласност со Уставот на Македонија. Овој процес не само што не се забавува, туку работиме да го забрзаме. Имплементацијата на Рамковниот договор и овој закон се во интерес на Македонија бидејќи нашата визија за Македонија е колку повеќе сите ја чувствуваат државата како своја толку сме постабилни. Затоа на овие прашање гледаме како на прашања што не се во интерес само на нашите сограѓани Албанци, туку како на прашања што се во интерес на целата држава – изјави Димитров.

Шефот на македонска дипломатија во текот на посетата на Тирана ќе има средби и со албанскиот премиер, Еди Рама, и со претседателот на Република Албанија, Илир Мета.


Димитров утре во Тирана на средби со Бушати, Рама и со Мета


Тирана, 24 јули, 2017 - 14:44 (META) 

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, утре во Тирана ќе има официјална средба со албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати, по што соговорниците ќе имаат и заедничка прес-конференција, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.

За време на посетата, која е на покана на Бушати, Димитров ќе се сретне и со албанскиот премиер, Еди Рама, како и со претседателот на Република Албанија, Илир Мета.


Бушати до Димитров: Aлбанија ќе остане најдобар сосед на Македонија


Тирана, 2 јуни, 2017 - 20:16 (META) 

Шефот на албанската дипломатија, Дитмир Бушати, му го честита изборот на Никола Димитров за министер за надворешни работи на Македонија.

„Честитки до Никола Димитров. Албанија ќе остане најдобар сосед на Македонија. Се радувам на заедничката работа“, напиша Бушати на својот профил на социјалната мрежа „Твитер“.

Димитров, веднаш по свечената заклетва, изјави дека неговата прва посета ќе биде во земјите во регионот, каде ќе работи на подобрување на добрососедските односи.


Бушати: Се надеваме дека нема да дојде до етничка криза во Македонија


Тирана, 2 мај, 2017 - 16:51 (META) 

Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, во емисијата „Топ стори“ на албанската телевизија „Топ ченел“, изјави дека, за среќа, ситуацијата во Македонија не резултирала во внатрешно-етничка криза, јавувата дописничката на „Мета“ од Тирана.

– Ние ја поддржавме платформата на албанскиот политички фактор во Македонија како напор за имплементација на неспроведениот Охридски рамковен договор, за отворање на евроатлантскиот пат на Македонија и за создавање подобра клима со нејзините соседи. Корените на кризата се политички и демократски. Засега не можеме да зборуваме за внатрешно-етничка криза и се надеваме дека нема да дојде до тоа ниво – рече Бушати.

Шефот на албанската дипломатија истакна дека кризата ги разобличила лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, како противници на албанскиот јазик и третманот на Албанците како сезонски работници во својата земја.

Тој додаде дека платформата на албанските партии била искористена како алиби од ВМРО-ДПМНЕ и од претседателот на државата.

– Албанските партии имаа разговори со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ. Платформата беше прифатена од ВМРО-ДПМНЕ, но не беше постигнат договор поради позициите поврзани со Специјалното јавно обвинителство и продолжувањето на неговиот мандат – рече Бушати.

Министерот за надворешни работи на Албанија додаде дека немало упатства од меѓународните партнери до албанските партии да формираат коалиција со СДСМ. Според него, дури и со ваква коалиција, за целосна реализација на платформата на албанските партии ќе биде потребно разбирање и согласност од сите партии од македонскиот блок.

– Голем дел од прашањата во платформата не можат да бидат постигнати доколку за тоа нема разбирање од македонскиот фактор. Во дел од случаите, потребни се уставни промени, поради што е потребно двотретинско мнозинство, кое новата коалиција го нема – рече Бушати.


Бушати: Имаше договор со Груевски кој беше одбиен од причини неповрзани со Албанија


Тирана, 20 април, 2017 - 10:12 (META) 

Албанскиот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати, кој престојува во Вашингтон, негира дека постои „тиранска платформа“ и дека Албанија се меша во внатрешните работи на Македонија.

Бушати, кој беше гостин на тинк-тенкот „Германски Маршалов фонд“, одби да одговори на прашањето од американските експерти што значи изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за единство на Косово и Албанија, пренесе „Македонската радио-телевизија“.

– Не е прецизно да се каже дека има тиранска платформа. Нема тиранска платформа. Има платформа на албански политички партии за која се дискутираше со Груевски и со Заев. Имаше договор со Груевски, но потоа беше одбиен од причини што немаат врска со Албанија, Тирана или премиерот Рама. Никогаш не сме се мешале во домашните работи во Македонија и многу сме внимателни при советувањето на пријателски начин – вели Бушати.

Бушати избегна да одговори на барањето од претседателката на американскиот „Германски Маршалов фонд“, Карен Донфилд, да ја објасни изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за потребата за единство на Косово и на Албанија ако не влезат во Европската Унија.

– Мислам дека ја објаснував позицијата на Албанија, на позицијата на албанскиот премиер за стратешкото партнерство што го имаме со Косово. Не можам да додадам ништо друго на тоа – рече Бушати.

Според Бушати, Албанија била најдемократската држава на Западниот Балкан и бедем против руското влијание, а дека во Србија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина и во Хрватска имало назадување на демократијата.


Бушати се сретна со Габриел и со Кундерс во Тирана


Тирана, 17 април, 2017 - 16:09 (META) 

Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, денеска се сретнал со министерот за надворешни работи на Германија, Зигмар Габриел, како и со министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Кундерс, јавува дописничката на „Мета“ од Тирана.

На заедничка прес-конференција Кундерс ја истакнал важноста од спроведување на реформи во судството.

„Сметам дека е важно да се има дијалог, слобода, слободни и фер избори, како и реформи во правосудството“, истакнал Кундерс.

Германскиот министер за надворешни работи, Габриел, пак, бил подиректен во својата порака кон Тирана. Тој посочил дека судските реформи биле блокирани, а Германија не можела да го разбере бојкотот на опозицијата.

Бушати, пак, истакнал дека „тие што го бојкотираат парламентот, ги попречуваат реформите во државата“ и ја повикал опозицијата да го прекине бојкотот.