!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

МВР поднесе кривична пријава против полицаецот што пукаше во малолетниците


Скопје, 13 август, 2017 - 14:57 (META) 

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава и поведе дисциплинска постапка против полицаецот кој застрела и рани двајца малолетници во Струмица.

Како што соопштија денеска од МВР, одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по извршените проверки утврдил дека „полицаецот неосновано, неоправдано и неправило употребил огнено оружје врз лицата Д.Т. и А.Г., односно постапил спротивно на одредбите од Законот за полиција“.

„Против полицискиот службеник е поведена дисциплинска постапка пред надлежната комисија во МВР и со решение на министерот Оливер Спасовски полицискиот службеник ќе биде отстранет од работното место до завршувањето на дисциплинската постапка. До надлежниот јавен обвинител во Струмица е поднесена и кривична пријава поради основано сомнение дека полицискиот службеник сторил кривично дело убиство во обид, предвидено и казниво по член 123 и член 19 од Кривичниот закон на Република Македонија“, стои во соопштението на МВР.

Оттаму додаваат дека ги осудуваат обидите за манипулација со овој настан од страна на одредени политички субјекти.


Нухиу побарал дисциплинска постапка против началникот на СВР Охрид за заканите до СЈО


Скопје, 1 март, 2017 - 13:58 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, побарал дисциплинска постапка против началникот на Секторот за внатрешни работи Охрид, Гоце Недески, во врска со заканите кон обвинителите на Специјалното јавно обвинителство, кажани во негово присуство, јавува порталот „СДК“.

Во постапката што ја побарал Нухиу, се истражуваат и елементи за сторено кривично дело од страна на началникот на СВР Охрид.

„Пред две недели добив известување од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за закани кон обвинителите од ова обвинителство, упатени од организаторите на протестите во Охрид, во присуство на началникот на СВР Охрид. Јас известувањето го анализирав и веднаш побарав од службата за внатрешна контрола на МВР да го испита случајот. Побарав внатрешната контрола да го извести задолжително и Јавниот обвинител на РМ, ако има елементи за кривично дело од страна на началникот. Значи, тое што е поведена итна дисциплинска постапка против него е едната работа, а втората е дека се испитува дали во ситуацијата началникот сторил кривични дела“, изјавил Нухиу за „СДК“.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, на вчерашната прес-конференција, на која беше објавена новата истрага „Труст“, во врска со испрашувањето и со повикувањето на распит на голем број лица за партиски донации во Охрид, рече дека таму се соочиле со непријатна ситуација и со закани во присуство на началникот на СВР Охрид, за кои, како што реше Ристоска, го известиле министерот за внатрешни работи.


Суспендиран главниот обвинител на БИХ


Сараево, 28 септември, 2016 - 21:05 (META) 

Дисциплинската комисија на Високото обвинителство и на Судскиот совет денеска го суспендирала главниот обвинител на Босна и Херцеговина, Горан Салиховиќ.

Против Салиховиќ е поведена дисциплинска постапка поради сомневање дека ги злоупотребил службените овластувања.

Постапката против Салиховиќ е поведена по наводи во медиуми дека тој преку посредник до претседателот на Република Српска, Милорад Додик, оддавал податоци за текот на истраги што против него се водат во државното обвинителство поради сомневање за финансиски малверзации.

Како доказ се понудени телефонски разговори прислушувани од Државната агенција за истрага и за заштита, а еден е објавен и во медиумите.

Салиховиќ смета дека Високиот совет сака да го смени поради истрага што ја повел против Додик, во врска со организирањето референдум за Денот на Република Српска.