Влада: Дистрибуција на природен гас по пат на јавно-приватно партнерство


Скопје, 8 февруари, 2019 - 11:52 (META) 

Владата на вчерашната 119. седница донесе одлука за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас во земјава по пат на јавно-приватно партнерство, информираат од таму.

„Владата вчера ја разгледа и ја усвои информацијата за изготвување на предлог модел за развој на системи за дистрибуција на природен гас во Македонија, со предлог-одлука. Истовремено донесе одлука за започнување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас на територијата на Македонија“, се вели во соопштението.

Владата, на вчерашната седница, ги задолжи министерствата за животна средина и просторно планирање и за транспорт и врски, кабинетите на премиерот и на вицепремиерот за економски прашања, Регулаторната комисија за енергетика и АД МЕР Скопје, во рок од три дена до Министерството за економија да достават номинации за член и заменик член во Комисијата за спроведување на постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на нов систем за дистрибуција на природен гас на територијата на Република Македонија. Министерството за економија, пак, е задолжено до Владата да достави предлог решение за формирање Комисија за спроведување на оваа постапка.

Паралелно на ова, продолжува започната активност преку Европската банка за обнова и развој за изградба на гасоводната мрежа.


Државата ќе развива системи за дистрибуција на природен гас


Скопје, 19 декември, 2018 - 11:00 (META) 

На предлог на Министерството за економија, Владата на 110. седница ја прифатила информацијата за развој на системи за дистрибуција на природен гас во Македонија.

„Со цел да се изготви модел за развој на системи за дистрибуција на природен гас, Владата го задолжи Министерството за економија да формира работна група составена од двајца претставници на Министерството за економија, по еден претставник од кабинетот на премиерот, кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, по еден претставник од министерствата за финансии, за транспорт и врски, за локална самоуправа и еден претставник од МЕР АД Скопје. Рокот за номинирање членови и заменици на работната група е пет дена. Моделот за развој на системи за дистрибуција на природен гас во земјата, министерството за економија е задолжено до Владата да го достави во рок од 45 дена“, информираат од Владата.


МОН: Дистрибуирани учебниците за основно, средношколците ќе ги добијат до 15 октомври


Скопје, 3 октомври, 2018 - 15:01 (META) 

Учебниците за основно образование кои се откупени од издавачките куќи, ги испорачуваат до училиштата, а дистрибуцијата заврши минатата недела, информираат во Педагошката служба при Министерството за образование и наука.

– Испораката на учебници за средно образование пак, очекуваме да заврши до средината октомври. Во процесот на испорака на учебници, им укажуваме на училиштата да внмаваат на роковите за пополнување на формулари за нарачка како и на тоа да ги читаат дадените упатства од страна на Педагошката служба – велат оттаму.

Има едно апсурдно правило според кое, министерството бара од училиштата, во мај да достават број на потребни книги за идната учебна година, иако во мај никој не знае колку точно нови ученици би се запишале за да се знае колку учебници ќе бидат потребни.

На прашањето дали се планира ваквата практика да се промени, од Педагошката служба велат дека станува збор само за првооделенците и тука имаат можност до 20 септември да го корегират бројот кој го пријавиле во мај.

– Се размислува и за законски измени, но секое пролонгирање на нарачката значи и пролонгирање на дистрибуцијата, така што треба внимателно да се размисли за ова проблематика – додаваат од таму.

До минатата година, немаше можност да се купи учебник во слободна продажба зашто авторските права ги има министерството. Од оваа година, тоа е овозможено.

Оваа власт ја продолжува политиката на бесплатни учебници за сите ученици. Како што за „Мета“ изјави неодамна заменик министерот Петар Атанасов, ќе се настојува тие да бидат што подобри во однос на квалитет.

-Моја интенција е да во пониските нивоа на образование учебникот да биде главно помагало, но во секоја наредна година, мора да се изнаоѓаат и нови алатки и извори на информации. Учениците неопходно е сами да учат да експериментираат и да истражуваат – рече тој.

disklejmer1-01


Почна дистрибуцијата на гласачките ливчиња до ОИК за референдумот


Битола, 27 септември, 2018 - 9:45 (META) 

Од печатницата „Киро Дандаро“ од Битола утрово почна дистрибуцијата на гласачкиот материјал за референдумот за името закажан за в недела.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски изјави дека дистрибуцијата на гласачките ливчиња за референдумот започнало по проверката што членови на Комисијата ја направиле во печатницата „Киро Дандаро“. Оцени дека подготовката на референдумскиот материјал завршила одлично.

– Во текот на денот со помош на возила на Македонски пошти и наши екипи материјалот ќе биде дистрибуиран до ОИК – рече Деркоски.

Право на глас на плебисцитарното изјаснување имаат 1.806.336 гласачи, запишани во Избирачки список.
Гласачкиот материјал за референдумот се доставува директно до општинските изборни комисии, кои пак според роковникот на ДИК се должни еден ден пред денот на одржување на референдумот да го предадат на избирачкиот одбор.

Референдумот ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во 80 општини во земјата.
Болните, изнемоштемите, лицата во домашен притвор, затворениците и државјаните на Република Македонија во странство гласаат еден ден пред референдумот, односно на 29 септември.

Референдумското прашање гласи: Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“, а гласачите што ќе излезат на референдумот со заокружување со сино хемиско пенкало треба да се изјаснат дали се „за“ или „против“.

Гласањето на 30 септември почнува во 7 часот наутро и завршува во 19 часот.

ДИК првичните резултати од референдумот добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците и целокупниот гласачки материјал од ОИК, во рок од 24 часа по приемот на записниците и целокупниот гласачки материјал од сите ОИК.

Резултатот од гласањето, ДИК го објавува во „Службен весник“ во рок од 15 дена од денот на одржување на референдумот


Приведени диви продавачи на стока со брендовите на тимовите од Супер купот


Скопје, 8 август, 2017 - 14:43 (META) 

Полицијата денеска на Плоштад Македонија привела две лица поради продажба и дистрибуција на неавторизирана стока со брендови на фудбалските клубови „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

„Денеска, околу 12 часот, на Плоштад Македонија две лица се приведени во Полициската станица Центар, поради продажба и дистрибуција на неавторизирана стока со брендови на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтед“. Од страна на Пазарна инспекција, ќе им биде поднесена прекршочна пријава во согласност со Законот за трговија по член 2, став 2 – вршење дејност без регистрирано правно лице“, информираат од МВР.

Од таму додаваат дека ангажирани се 2.600 полициски службеници кои се задолжени за безбедноста на присутните во фудбалската арена „Телеком“, реонот околу фудбалскиот стадион и зоните за обожаватели, каде што поголем дел од денот престојуваат навивачите на двата клуба.

Според инструкциите на УЕФА, на стадионот може да се внесат само знамиња на фудбалските клубови „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“ и знамиња на Шпанија и на Англија.


Кљусев се изјаснил за виновен за нелегална дистрибуција на наркотици


Хартфорд, 30 ноември, 2016 - 23:23 (META) 

Људмил Кљусев, син на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев, пред Окружниот судија Алвин Томпсон во Хартфорд се изјаснил за виновен за нелегална дистрибуција на наркотици, како и за вршење измама со здравствена заштита, велат во соопштение за „Мета“ од Министерството за правда на САД.

Според судските документи и изјави дадени во суд, Кљусев, кој имал психијатриска установа во Милфорд, ги препишувал лековите „адерал“ и „занекс“ на пациенти кои за рецептите плаќале во готово.

„Истрагата, која вклучува доверливи сведоци и полицаец на тајна задача кој се претставувал како пациент, откри дека Кљусев ги препишувал лековите без целосен медицински преглед на пациентите, препишувал рецепти без потврда на состојбата која бара медицински третман со овие лекови и издавал рецепти во замена за пари на пациенти кои покажувале злоупотреба на дроги и зависничко однесување. Тој, исто така, им наредувал на вработени да потпишуваат рецепти од него, кога тој бил надвор од земјата. Во 2014 и 2015 година, Кљусев незаконски фактурирал од приватни здравствени осигурителни компании околу 76.983 долари за извршени медицински услуги кога тој бил надвор од земјата“, се вели во соопштението.

Кљусев се изјаснил за виновен дека имал намера да дистрибуира наркотици, што носи максимална казна затвор од 20 години и за измама со здравствена заштита за што е предвидена максимална казна затвор од 10 години. Кљусев се наоѓа во притвор откако беше уапсен на 12 ноември 2015 година.

– Овој доктор продавал строго контролирани лекови за пари како да е обичен дилер на дрога. Откривме дека видот на апчињата што тој ги препишувал придонесуваат за смртни случаи предизвикани од предозирање. Тие се многу опасни ако не се земаат соодветно и се практично токсични ако се мешаат со опијати – вели државниот правобранител за дистриктот Конектикат, Деирдре Дали.

Страните се согласиле дека соодветната казна затвор во овој случај е помеѓу 26 и 77 месеци. Кљусев се согласил да му ја одземат ординацијата. Од неговата канцеларија на денот на апсењето биле запленети 173.095 долари. Тој, исто така, се согласил да се откаже од дополнителни 117.431 долари кои биле на неговата службена сметка, и да плати надомест во износ од 76.983 долари.

Судијата Томпсон закажа изрекување на пресудата на 22 февруари следната година.


Грејната сезона може да почне порано од 15 октомври


Скопје, 29 септември, 2016 - 14:24 (META) 

Дистрибуција на топлина „Балкан енерџи“ од 1 октомври ќе почне со секојдневни ладни проби на системот за топлинска енергија, а целта е да се подготви и да се провери целосно системот за топлинска енергија за претстојната грејна сезона, информираат од компанијата.

– Имајќи предвид дека доколку се случи пад на температурата, грејната сезона може да почне порано од 15 октомври, проверката на системот преку ладните проби ќе овозможи навремено отстранување на сите евентуални пречки што ќе се појават во текот на овие проверки – велат од Дистрибуција на топлина „Балкан енерџи“.

Според последните податоци за временската прогноза, во текот на следната недела се очекува значаен пад на температурата.

Од компанијата ги повикуваат потрошувачите навреме да ги завршат почнатите интервенции во внатрешната инсталација, да обезбедат непречен пристап за екипите на компанијата до топлинските станици и постојано напојување со електрична енергија на топлинските станици, со што ќе се овозможи нивно непречено функционирање.


Владата не сака проектот за гасоводот да се политизира и да се злоупотребува


Скопје, 18 септември, 2016 - 0:50 (META) 

За нас е очекувана ваква реакција на СДСМ полна со дезинформации, погрешни податоци и пристап и тие се резултат или на нивното непознавање на тематиката и материјата или, пак, се обид за груба манипулација на граѓаните, реагираат од Владата на соопштението на СДСМ за проектот за гасификација.

– Нашите анализи на фактичката состојба говорат дека тезите со кои СДСМ настапува во јавноста, а кои претпоставуваат некаква наводна успешност на проектите за гасификација во Струмица и во Куманово, за жал, се неточни и невистинити, затоа што податоците од објективната реалност покажуваат дека претпријатието „Струмица гас“, за жал, е во огромни долгови и има сериозни проблеми со ликвидноста и со рентабилноста, додека во Куманово нема сериозна апликација на овој проект, што значи дека од овие проекти во Струмица и во Куманово, за жал, граѓаните немаат значителна корист – пишува во реакцијата од Владата.

Во реакцијата е наведено дека нема да навлегуваат во понатамошни дискусии кои значат политизација и злоупотреба на темата и очекуваат и СДСМ да се осврне кон реална работа наместо кон критика без аргументи.


Двајца браќа од Грчец осомничени за дистрибуција на детска порнографија


Скопје, 30 август, 2016 - 14:08 (META) 

Единицата за економски и компјутерски криминал на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство поднела кривична пријава против 19-годишиниот С.М. и неговиот 15-годишен брат, двајцата од селото Грчец, кои се товарат дека во текот на јули и на август годинава, преку социјалната мрежа „Фејсбук“ примиле, а потоа на повеќе лица им испратиле порнографски материјал со 12-годишно девојче од Скопје, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Двајцата браќа, според МВР, се осомничени за прикажување порнографски материјал на дете и за производство и дистрибуција на детска порнографија. На постариот од браќата, судија на претходна постапка му го одзел пасошот и му одредил забрана за напуштање на домот и задолжително јавување во надлежен суд.

Според МВР, осомничениот малолетник кон крајот на јуни годинава, на „Фејсбук“ почнал да контактира со 12-годишното девојче, а потоа двајцата почнале да си разменуваат и пораки.

„По одреден временски период, истиот остварил и неколку физички контакти со девојчето, при што повеќепати барал од неа да се слика и да се снима во компромитирачка положба и сликите и видеозаписите со порнографска содржина да му ги прати во порака на неговиот фејсбук-профил“, стои во соопштението на МВР.

Кон средината на август момчето ја прекинало комуникацијата со девојчето и почнало да ѝ се заканува дека снимките ќе ги испрати на нејзините пријатели, а снимените материјали му ги покажал и на својот постар брат. И тој му се заканил на девојчето дека ќе го објави целиот материјал, ако таа не се сретне со него.

Девојчето, по ова, за заканите ѝ кажало на својата мајка, која случајот веднаш го пријавила во полиција.

„Од извршените проверки, во присуство и со дозвола на пријавените, полициски службеници од единицата извршиле преглед на содржината на телефонските апарати, како и на електронската комуникација што пријавените ја воделе на социјалната мрежа „Фејсбук“, при што се откриени поголем број фотографии и видеоматеријали со порнографска содржина“, стои во соопштението на МВР.


Собрани 588.415 евра на солидарната сметка на Црвен крст и од телефонските броеви


Скопје, 15 август, 2016 - 16:18 (META) 

На жиро сметката на Фондот за солидарност на Црвен крст до денеска се уплатени 23.298.578 денари или 378.838 евра, а од донирањето на 100 денари со повик на телефоните: 075/070/077 143 400 собрани се 12.889.000  денари или 209.577 евра, или вкупно 588.415 евра.

Од Црвен крст информираат дека акцијата на собирање на средствата е планирана да трае 15 дена од денот на отварање на сметките, (7 август), а продолжувањето на истата ќе зависи од заинтересираноста на граѓаните и правните субјекти за донации.

– По завршување на акцијата средствата ќе бидат префлени на сметките на граѓаните погодени од поплавите согласно проценката на овластени комисии кои дејствуваат на терен – велат од Црвен крст.

Во текот на изминатите денови,нивните тимови дистрибуирале:

23.954 пакети со храна (еден пакет е наменет за 4 лица)
21.000 дневни оброци
9.700 топли оброци
9.519 литри млеко
13.322 литри јогурт
3.740 пакети со хигиена
732 бебешки пакети
191 тон вода
732 пакети пелени
556 душеци
3.708 ќебиња
600 килограми облека
491 чифт чизми
332 литри дезинтал

Од Црвен крст апелираат во активностите за донирање на хуманитарна помош да се следат инструкциите на надлежните институции и од нив, со цел поефектно справување со последиците од природната катастрофа.