!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Разрешена директорката на Филхармонија, Маја Чаначевиќ


Скопје, 28 јули, 2017 - 15:08 (META) 

Министерството за култура на Република Македонија донело решение за разрешување на Маја Чаначевиќ од функцијата директор на Националната установа Македонска филхармонија – Скопје. За вршител на должноста директор во оваа установа е назначен Виктор Илиески, член на ансамблот на филхармонијата.

Во соопштението од Министерството за култура се вели дека според наодите на инспекциските служби, директорката на установата не го усогласила работењето со законските одредби и со статутот на установата. Според соопштението, Чаначевиќ не донела годишна програма за работа на филхармонија во 2016 и 2017 година, делела повеќе гратис билети отколку што ѝ било дозволено со одлука на управниот одбор, односно за отворањето на новата концертна сала директорката поделила дури 636 гратис билети од вкупно 960 билети, без прецизна евиденција кому се доделени билетите. Инспекциите утврдиле, велат од Министерството за култура, дека за двајца вработени музичари, кои според евиденцијата подолг временски период не доаѓале на работа, директорката не презела мерки во согласност со законот и со статутот, а на едниот од нив, за вршење работни задачи што не се во описот на неговото работно место, покрај платата, дополнително му исплатила 550.683 денари.
Во образложенијата за смената се вели и дека директорката Чаначевиќ нема подготвено решенија за распоредување на вработените на работни места во согласност со новите акти за систематизација и за внатрешна организација на работните места, а направила трошок за мобилен телефон над одобрениот максимум и разликата не ја надоместила од својата плата. Како вина ѝ се припишува и тоа што не спровела постапка за реаудиција, а филхармонијата нема воведено електронски систем за евиденција на работното време на вработените.

Министерството вели дека оваа и другите смени на раководни кадри се прават заради „ослободување од партиски кадри“.

„Министерството за култура потсетува дека именувањето на в.д. директори се прави за што поскоро ослободување на клучните институции, кои досега беа заробени од партиски кадри. Ја информираме јавноста дека наскоро време ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, за да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори. По исполнување на законските услови, низ целосно отворен и транспарентен процес, Министерството за култура ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и за именување на нови директори на националните установи“, соопштува Министерството за култура.


Почнува судењето на директорката на ММФ, Кристин Лагард


Париз, 12 декември, 2016 - 11:29 (META) 

Денеска во Париз почнува судењето на генералната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, која е обвинета за небрежност во случај на арбитража, додека беше министерка за финансии на Франција, јавуваат светските агенции.

Лаград, која е под истрага од 2014 година, најавила дека за време на судењето, кое треба да трае до 20 декември, ќе земе отсуство од ММФ.

На директорката на ММФ ѝ се суди поради последиците од спорот што во 2008 година го водеше францускиот бизнисмен Бернард Тапие против банката „Кредит Лион“, во врска со продажбата на компанијата „Адидас“, чиј сопственик беше Тапие од 1989 година.

Тапие во 2007 година продажбата на компанијата ѝ ја довери на банката, но потоа ја тужеше банката бидејќи, како што тврдеше, го оштетила во продажбата.

Кристин Лагард, која во тоа време беше министерка за финансии на Франција, одобри судскиот спор да се реши со арбитража, по што државата на Тапие во 2008 година му исплати отштета од 400 милиони евра.

На Лагард ѝ се става на товар тоа што случајот на Тапие го доверила на арбитражниот панел, потоа не ја утврдила независноста на еден од арбитрите и што не се жалела на одлуката на арбитражата, која пресуди во корист на Тапие.

Доколку Лагард биде осудена, ѝ се заканува затвор од една година и парична казна од околу 15.000 евра.


Чавков и Илиеска на министерски состанок во Братислава


Скопје, 6 јули, 2016 - 15:21 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, и државниот секретар на МВР, Анастасија Илиеска, денеска и утре се во Братислава, каде ќе учествуваат на неформалниот министерски состанок на земји кандидати за членство во Европската Унија, соопштија попладнево од МВР.

Како што информираат оттаму, состанокот на кој ќе присуствуваат министри за внатрешни работи и за правда, е во рамките на словачкото претседавање со ЕУ, а учесниците ќе разговараат на тема „миграциите и границите“.

„Предвидено е вечер, на маргините од неформалниот состанок, министерот Чавков да оствари билатерална средба со неговиот домаќин, министерот за внатрешни работи на Словачка, Роберт Калинак“, стои во соопштението на МВР.

Инаку, државната секретарка на МВР, Анастасија Илиеска денеска беше именувана за директор на Управата за јавни приходи (УЈП).


Уапсена директорката на украинската библиотека во Москва


Москва, 29 октомври, 2015 - 17:16 (META) 

Рускиот истражен комитет денеска соопшти дека ја уапсил директорката на украинската библиотека во Москва, откако при претрес ѝ била најдена „антируска пропаганда“, јавуваат светските медиуми.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, Наталја Шарина, која ја води библиотеката за украинска литература, била обвинета за потикнување етничка омраза.

Од рускиот истражен комитет велат дека нивните истражители нашле книги од радикалниот украински националистички автор Дмитро Корчински, чии дела се забранети во Русија.

Во врска со случајот веднаш реагирало украинското министерство за надворешни работи, во чија изјава било наведено дека не е првпат Кремлин да ги етикетира украинските работи како „русофобични“ и „екстремистички“.

„Ги повикуваме руските власти да го запрат притисокот врз работата на библиотеката“, било наведено во реакцијата.

Од истражниот комитет, пак, велат дека против Шарина е отворен криминалистички случај и дека продолжуваат со истрагата.


ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски треба да се разреши самиот себеси


Скопје, 23 септември, 2015 - 20:36 (META) 

Андреј Жерновски, разрешувајќи ја директорката на училиштето „11 Октомври“, денеска единствено покажа дека се плаши од својата лична одговорност за скандалот во Општина Центар, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Градоначалникот на општина Центар сноси одговорност за случувањата во образовната установа бидејќи таа надлежност ја има со закон. Градоначалникот на општина Центар треба да одговори дали инвестирал еден денар во подобрување на условите на ова училиште или сите пари завршија под калдрмата на Боемската улица. Градоначалникот на општина Центар треба да знае дека постои вакво училиште во неговата општина, а не да се сети на него откако деца ќе имаат здравствени проблеми поради негрижата на главниот патрон на училиштата и директно одговорен за она што се случува во нив – Општина Центар, со која раководи Андреј Жерновски“, стои во реакцијата на партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Жерновски треба да одговори дали отишол еднаш да го посети ОУ „11 Октомври“ кога нема камери пред кои ќе може политички да поентира врз невиниот грб на малите деца што се соочиле со здравствени проблеми и да ги види условите во кои функционираат децата за кои мандаторно мора да се грижи.

„Ако навистина сака лоцирање на вината, Андреј Жерновски треба да се разреши самиот себеси, пред на Општина Центар да ѝ се случат уште поголеми несреќи од оваа. Тој не може себеси да се прогласува и за обвинител и за судија и за јавност. Жерновски заборавил дека е градоначалник и дека вакви катастрофи се случуваат само во општината со која тој раководи“, стои во реакцијата.


Костадинова: Жерновски ниту ме поставил, ниту може да ме разреши


Скопје, 23 септември, 2015 - 15:39 (META) 

Директорката на основното училиште „11 Октомври“, Даниела Костадинова, по одлуката на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, да ја разреши од функцијата, за „Мета“ изјави дека тој ниту ја поставил, ниту може да ја разреши.

– Јас на ова место сум поставена со решение од Министерството за образование. Како може решението на Општината да е поголемо од она на министерот. Сепак, чекам и официјално до мене да стигне допис, па потоа ќе одлучам како ќе реагирам – ни изјави Костадинова.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска донесе решение со кое ја разрешува Даниела Костадинова од должноста директор на општинското основно училиште „11 Октомври“.

„Советот на Општина Центар вчера расправаше за состојбата во училиштето и констатираше сериозни нарушувања на санитарно-хигиенската состојба, со што е загрозено здравјето на учениците. Градоначалникот ја утврди личната одговорност на директорката Даниела Костадинова за нанесената штета по здравјето на учениците и го донесе решението за нејзино разрешување, во согласност со член 133, став 2, алинеја 3 од Законот за основно образование. Градоначалникот Жерновски оцени дека директорката Костадинова, како одговорно лице за правилно и законито раководење на училиштето, ги занемарила своите законски обврски и должности и придонела за нарушување на санитарно-хигиенската состојба и за загрозување на здравјето на учениците“, стои во соопштението од Општината.

 


Советниците од Центар се фатија за гуша за училиштето „11 Октомври“


Скопје, 22 септември, 2015 - 18:15 (META) 

Во бурна атмосфера помина расправата по првата точка од дневниот ред на седницата на Советот на Општина Центар, на која се расправаше за состојбата во училиштето „11 Октомври“. На почетокот, директорката на училиштето, Даниела Костадинова, хронолошки ги објасни случувањата од средата, кога почна масовното заболување на учениците во училиштето.

Според неа, симптомите со главоболки, гадење, болки во стомакот и со повраќање се појавиле кај 109 деца, од кои само 49 донеле потврда од матичен лекар за здравствени проблеми. Другите ученици своето отсуство го оправдале со изјава од родител. Таа рече дека хигиената во училиштето е добра и ги прочита анализите од Центарот за јавно здравје за исправноста на водата и на воздухот.

Советниците од СДСМ за целата состојба во училиштето ја обвинија директорката. Тие набројаа и други нејзини пропусти, како што се разрешување на наставници и нејзиниот незаконски избор за раководител на училиштето.

Директорката ги отфрли сите обвинувања и побара да се разговара аргументирано и со докази.

Поради расправата на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, која на моменти беше тензична, претседателот на Советот, Мирослав Шиповиќ, повеќепати даде пауза за смирување на страстите.


Доделени наградите на скопскиот Саем за мебел


Скопје, 26 март, 2015 - 13:33 (META) 

На 41. по ред Саем за мебел, на кој своите асортимани ги изложија повеќе од 400 домашни и странски фирми, доделени се наградите за најдобрите производители и трговци, во вкупно 20 категории.

На присутните им се обрати Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски саем, која напомена дека овој настан се претвори во една прекрасна традиција, убаво дружење и соработка, која од година во година добива нови димензии и нуди нови освежувања и новитети.

– Саемот за мебел веќе години наназад поставува нови критериуми, ги дефинира трендовите во оваа гранка и сосема заслужено го носи епитетот на најпрепознатлива марка во оваа индустрија. Нашите партнери и посетители тоа го препознаваат, нè наградуваат за вложувањата и за макотрпната работа, а ние ги наградуваме нивната лојалност и довербата. Продолжуваме понатаму со истото темпо – рече Глигоровска.


Маја Парнаџиева-Змејкова си поднесе оставка: не сум ладен бирократ


Скопје, 24 февруари, 2015 - 12:14 (META) 

Маја Парнаџиева-Змејкова, директорка на Фондот за здравствено осигурување, денеска си поднесе оставка од функцијата. Таа оставката ја образложи дека е од човечки причини.

– Човек сум што сум воспитан да помогам на другите, а не сум ладен бирократ. Денеска објавувам дека од човечки причини решив да се повлечам од функцијата директор на ФЗОМ – изјави Змејкова.

Таа рече дека во нејзината кариера никогаш немала дамка во своето работење и изминативе две недели, покрај една лична семејна трагедија биле најтешкиот период во нејзиниот живот.

-Чекав да се добијат резултатите од судска медицина, за да се констатира причината за смртта, и да се види вистината за овој случај, кој заради се што се случи и пеколот низ кој поминувавме, но и напорите кои претходно ги правевме, а дел од јавноста не ги вреднуваше, сепак целиот мој живот ќе го носам со себе и покрај тоа што сум свесна дека се што можевме, се сторивме, буквално се. Уште еднаш ќе кажам, го разбирам гневот на луѓето, и јас бев гневна, бев буквално срозена. Ве молам овој и вакви случаи да не се политизираат, навистина нема нешто поболно од тоа да се гледа низ призма на политика на ова. Никој не сака вакви работи да се случуваат. Никој. И не е добро да се злоупотребуваат вакви моменти. На семејството им е најтешко и никој не ни може да ја претпостави нивната болка и нивниот гнев, и без разлика на исходов, нивната болка, но и нашата, на сите нас што сме некако инволвирани во ова, ќе продолжи. Длабоко жалам-истакна Змејкова.


СДСМ во Центар ќе бара разрешување на директорката на основното училиште „11 Октомври“


Скопје, 23 јануари, 2015 - 13:59 (META) 

Советничката група на СДСМ и на коалицијата, денеска во Советот на Општина Центар ќе предложи заклучок за разрешување на директорката на основното училиште „11 Октомври“, која, според советничката група на социјалдемократите, била незаконски поставена на функцијата.

– До градоначалникот беше доставен предлог за избор на директор од двајца кандидати за коишто членовите на училишниот одбор гласале двапати, а дозволено е само еднаш. Градоначалникот Андреј Жерновски го одби предлогот, но министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, изврши незаконскиот избор на директор на основното училиште во Центар – изјави денеска на прес-конференција, советничката во Општина Центар од редовите на СДСМ, Билјана Чурилова.

Во изјавата се додва и дека Општина Центар поднела кривична пријава против инволвираните во случајот поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела спречување за учество во управувањето, злоупотреба на службената положба и овластување и употреба на исправа со невистинита содржина.

– Не е првпат власта на Никола Груевски да направи директен упад во правата и во надлежностите на Општина Центар – рече Чурилова.