Дипломатски клуб: Иванов ја уништува дипломатијата


Скопје, 26 јуни, 2018 - 10:06 (META) 

Дипломатски клуб – Скопје се огласи со реакција, за како што се вели, блокада во професионалниот развој на дипломатската структура во Министерството за надворешни работи и во несоодветното претставување на земјата во странство. Вината ја ставаат врз претседателот Ѓорге Иванов.

„Евидентно е дека заради блокадата за неименување на шефови на Диломатско-конзулрните претставништва на Република Македонија во странство од страна на претседателот Ѓорге Иванов, несоодветно се претствуваат, афирмираат и бранат интересите на Република Македонија. Со таквиот однос на Иванов доаѓа до уназадување на нивото на односите на Република Македонија со државите со кои сме потпишале и договори за отворање на амбасади со именување на амбасадори“, се вели во соопштението.


Дипломатски клуб – Скопје: Спогодбата е потврда на стратешките определби на Македонија


Скопје, 13 јуни, 2018 - 15:59 (META) 

Дипломатски клуб – Скопје ја поздрави, како што вели, спогодбата, постигната помеѓу македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас за решавање на спорот за името, нарекувајќи ја „настан без преседан во историјата на македонската дипоматија“.

„Самиот чин на потпишувањето и ратификацијата на оваа Спогодба сметаме дека ќе биде во рамките и потврда на реализацијата  на стратешките определби на Македонија за интеграција во евроатланските структури, за што во државата постои масовна подршка од самото нејзино осамостојување во 1991 година. Воедно сметаме дека оваа Спогодба го докажува и историски ќе го потврди самопрегорот и државничката храброст на актуелната генерација на граѓаните и политичарите, а со нејзиното целосно имплементирање, нашата држава како потполн суверен меѓународен субјект ќе може да ги искористува сите придобивки на современите цивилизациски вредности и достигнувања“, стои во соопштението.


Дипломатскиот клуб Скопје предлага скопскиот аеродром да се вика „Киро Глигоров“


Скопје, 10 ноември, 2017 - 10:54 (META) 

Дипломатскиот клуб Скопје ја поддржува иницијативата скопскиот аеродром да го носи името на поранешниот македонски претседател Киро Глигоров.

Од Дипломатскиот клуб велат дека со именувањето на аеродромот со името на претседателот Глигоров „на најдостоен начин ќе се материјализира оценката за неговата голема улога во процесот на создавањето на Македонија како современа држава“.

„Нагласуваме дека од скопскиот аеродром отпочнуваа и на него завршуваа бројните ‘походи’ на претседателот Глигоров во светот, неговите патувања посветени на мирот и пријателството, а за меѓународно етаблирање на македонската држава. Во негово присуство овде, прв пат, во практика се воведени протоколарните манифестации како што се веење на државното знаме, интонирање на химната, постројување на почесната гарда, со кои пред светот Република Македонија се претстави како самостојна и независна држава. Од овој аеродром полетаа и првите авиони со македонски државни ознаки“, се наведува во соопштението на Извршниот одбор на Дипломатскиот клуб.

Инаку, преименувањето на скопскиот аеродром, кој сега го носи името „Александар Велики“ и на автопатот со истото име во јавноста се почесто се поврзуваат со новата клима во македонско-грчките односи и интензивирањето на преговорите меѓу двете држави за решавање на спорот за името.

Дипломатскиот клуб Скопје, како што стои на нивната интернет страница, е „невладина, доброволна, професионална и непрофитна организација на граѓани во Република Македонија со цел, како активни или поранешни дипломати, да се здружуваат за да работат за општото добро и интересите на Република Македонија и на држави чии дипломатии се залагаат за демократски и современи меѓународни односи“.