Димитров: Постигнавме рамка за компромис за името, но треба да се доработи


Брисел, 28 мај, 2018 - 10:54 (META) 

Никос Коѕиас и Никола Димитров до доцна синоќа преговарале и постигнале рамка за компромис за името.

– Имавме продуктивна средба, имаме рамка што треба да се доработи и на неа во моментов правни тимови од двете министерства во Атина работат, се планира важен разговор на премиерско ниво, Заев со Ципрас кон средината на оваа недела, каде се надеваме дека ќе се пресечат некои важни работи од опциите што се во игра – изјави Димитров за МИА.

Шефот на македонската дипломатија утрово имаше неформален појадок со министри за надворешни работи на ЕУ или нивни заменици. Франција и Холандија биле најтврди во однос на почетокот на преговори, како што беше очекувано.

– Убаво е да знаеме дека ова не е едноставно… Внатрешната консолидација во ЕУ е комплементарна а не спротивна на консилидацијата на Балканот, а доколку се случи овој историски пробив ќе биде шанса и за цела Европа да се создаде успех. Не сме во ситуација да имаме луксуз да пропуштаме историски шанси – изјави Димитров за МИА.


Нимиц: Уште нема решение за името, но проблемите се дефинирани и стеснети


Њујорк, 25 мај, 2018 - 20:22 (META) 

Се уште немаме конечно решение, но двете страни се решени да направат доволно за да постигнат договор и работат напорно, рече медијаторот Метју Нимиц по дводневните средби во Њујорк со преговарачите Димитров и Коѕијас.

– Со министерот Димитров и со министерот Коѕијас имавме многу сериозни разговори за името. Проблемите се јасно дефинирани и стеснети. Се уште немаме конечно решение, но двете страни се решени да направат доволно за да постигнат договор и работат напорно. Двајцата министри ќе одат во Брисел и ќе го продолжат дијалогот таму. Разговорите се значајно интензивирани и двете страни имаат цврсти позиции и национални интереси, но се свесни за важноста на постигнувањето на договор и одлучни се да го направат тоа – рече Нимиц.

Според грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој денеска беше во Солун, одредница пред името Македонија ќе биде голема победа за Грција.


Во Скопје и Атина се пребројуваат раните и се лечат повредите од „Илинденска“


Скопје, 21 мај, 2018 - 10:19 (META) 

За помалку од 48 часа од промоцијата на „новото“ име, и во Скопје и во Атина се бара излез и од оваа нова ситуација. Премиерот Зоран Заев, на лидерската средба доби поддршка (значајна) само од коалицискиот партнер ДУИ, но изостанаа другите чинители.

Неговиот грчки колега, Алексис Ципрас, помина уште полошо – доби цврсти четири „не“ од партиите и едно завиено „не“ од претседателот на државата. Внатрешната штета за Ципрас допрва ќе се мери, оти ниту една партија од коалицијата не застана зад него, а во последните мигови од новиот предлог се дистанцираа и Мицотакис, па дури и комунистите, кои ја држат анти-НАТО линијата.

Што ќе се случува оваа недела на полето на преговорите?

Министрите за надворешни работи – Димитров и Коѕиас – ќе имаат нова средба во САД. Коѕиас таму ќе одржи серија разговори в четврток и в петок – 24 1 25 мај. На средбата со Димитров ќе присуствува и медијаторот Метју Нимиц.

Грчката влада еден ден по обелоданувањето на предлогот за „Илинденска“ излезе со воопштено соопштение.

Во него се вели „го поздравуваме тоа што од страна на БЈРМ е прифатено дека решението на проблемот со името не може да биде без ерга омнес, односно употреба на новото име насекаде и од сите“.

Грчката влада повика „да се продолжи со соработка во барањето на заедничко прифатливо име со временска или географска одредница“ и потсети дека секое решение подразбира и промена на Уставот.

Премиерот Заев во саботата по лидерската средба ги повика „сите политички сили во општеството, сите групи и заедници да се приклучат за да ја искористиме оваа историска шанса за дефинитивен заеднички успех за Македонија“.

– Република Илинденска Македонија е име со кое го зајакнуваме темелот на нашата Република, a Илинден значи историски континуитет на нашите стремежи, нашата државност и нашата гордост. Илинден е нашето славно минато, Илинден е и нашата светла иднина – рече Заев.


Лидерска средба за името ќе има, но во термин кој на сите им одговара


Скопје, 13 мај, 2018 - 21:58 (META) 

Лидерска средба ќе се одржи во термин кој им одговара на сите политички субјекти кои се дел од овој вид средби. Додека се утврди термин кој одговара за сите, лидерот на опозицијата може да побара средба со премиерот, велат за МИА од Владата во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за итна лидерска средба за преговорите за името.

– Владата на Република Македонија како и секогаш досега кога има значаен развој во текот на преговорите за проблемот кој го има Република Грција со нашето уставно име, навремено и целосно ги информира сите засегнати политички субјекти. Истовремено, транспарентно и одговорно ја информира и јавноста, односно граѓаните – наведуваат од Владата.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев денеска на прес-конференција рече дека бараат итна лидерска средба, на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров во присуство на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името.

По средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, близу до Атина, посредникот во преговорите Метју Нимиц рече дека разговорите биле сериозни, со позитивни моменти.

Министрите за надворешни работи треба да ги информираат своите премиери пред самитот во Софија каде што двајцата премиери ќе имаат средба на 17 мај.


Нимиц: Имавме сериозна средба со позитивни, но и тензични моменти


Атина, 12 мај, 2018 - 21:18 (META) 

По средбата на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска во Сунио близу до Атина, посредникот во преговорите Метју Нимиц рече дека разговорите биле сериозни, со позитивни, но со тензични моменти.

– Имавме сериозна средба на која се обидовме да најдеме решение за спорот за името. Во разговорите имаше позитивни моменти, но и тензични моменти, а за она што се разговараше денеска министрите за надворешни работи треба да ги информираат своите премиери пред самитот во Софија каде што двајцата премиери ќе имаат средба на 17 мај – рече Нимиц.

Ниту тој, ниту Димитров и Коѕиас не одговараа на нивинарски прашања.

Димитров вчера на министерскиот состанок на проширената Вишеградска група и земјите од Западен Балкан, изјави дека средбата со посредникот Нимиц е многу важна во преговарачкиот процес.

– Факт е дека сме во најделикатната и последната фаза. Факт е дека има многу прашања за кои има разбирање, тоа разбирање е врзано со крај. Значи, тоа што е договорено, не е договорено, ако не е договорено сè, и факт е дека утрешниот ден е многу важен, неколку дена е пред Самитот во Софија, и наша должност е да најдеме едно решение кое што е можно повеќе ќе ги покрива потребите на двете страни, за да им овозможиме на премиерите прво да се сретнат, и после тоа да си подадат рака, ама мора да понудиме некакви опции, таа ни е задачата утре – рече Димитров.


Димитров: Ќе сториме се што можеме во јуни да добиеме датум за преговори


Скопје, 29 април, 2018 - 20:11 (META) 

Успеавме да добиеме досега најуспешен извештај од Европската комисија и ќе сториме се што можеме во јуни да го преточиме во политичка одлука, порачал вечерва шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на свеченото одбележување на Денот на Министерството за надворешни работи, јави МИА.

Министерот нагласил дека Македонија сега е модерна, стабилна и европска демократија која секогаш го бира патот на мирот и дијалогот.

Предизвиците остануваат, рекол Димитров, и потсетил дека на 27 април беше одбележана една година од нападите во Собранието кога, како што рече, демократијата на земјата беше ставена до бездна.

Министерот потсетил дека на 29 април 1969 година било формирано Биро за односи со странство кое со текот на годините стана денешното Министерство за надворешни работи.

Денот на МНР беше одбелжан во присуство на претставници на дипломатскиот кор, вработени во Министерството и претставници на медиумите.

 


Владите од регионот се обврзаа на поевтин роаминг и поголема дигитална поврзаност


Скопје, 19 април, 2018 - 22:48 (META) 

На крајот на дводневниот Дигитален самит на Западен Балкан, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски одржаа прес конференција на која ги пренесоа пораките и заклучоците кои произлегоа од првиот самит за дигиталната агенда на регионот.

Манчевски ги изнесе и конкретните заклучоци за кои се обврзаа сите земји од Западен Балкан.

– Ние сме подготвени да работиме и да ги искористиме можностите. Дадовме ветување дека ќе работиме на намалување на цените за роаминг во регионот и со ЕУ. Се обврзавме дека ќе го подобриме пристапот до широкопојасен интернет, како и да ја следиме имплементацијата на WiFi4EU во земјите членки на ЕУ за да бидеме подготвени за идно проширување во Западен Балкан. Изразивме подготвеност да работиме активно признавање на дигиталните сертификати, и олеснување на прекуграничните доверливи услуги. Заедно ќе работиме и на сајбер безбедноста и имплементација на директивата за мрежна и информациска безбедност. Договоривме креирање на политики за ИКТ образование и сертифицирање на сите групи на население, како и посветеност за подобрување на дигиталните вештини. Ќе ја зголемиме регионалната соработка и на полето на стартапи, а со размена на искуства ќе создаваме Технолошки паркови кои одговараат на критериумите поставени во ЕУ – рече Манчевски.

z7

Со панелот „Медиумите во дигиталната ера: Борбата против лажните вести“ заврши Самитот, еден најголемите регионални настани за оваа година, кој вчера и денеска се одржуваше во Скопје.

Модератор на оваа завршна сесија беше министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Министерот задолжен за отчетност, транспарентност и комуникации, Роберт Поповски, се осврна на изминатиот период и ефектите од системската дистрибуција на лажни вести во нашата земја и рече дека Велес, за жал, станал синоним на лажните вести.

– Ние ќе се обидеме Велес да стане синоним на борбата со лажните вести не само во тој град, туку и во Македонија – рече Поповски.

Според него, Велес не ги измислил лажните вести, туку „луѓе од Велес добро заработиле креирајќи лажни вести кои влијаеле на изборите во една огромна држава“.

Поповски говореше и за слободата на медиумите и генерално за слободата на говорот во Македонија.

– Минатата власт ги злоупореби сите алатки за да искриви вистината, беа креирани медиуми кои пласираа лажни вести. Лагите беа драматични. Беше тешко да се тужи портал, измислија форма на кајрони во турските серии. Надаполнување на лагите беше и ширењето на говорт на омраза – составен дел на лагите. Омразата беше форсирана во медиумите. Кога дојдовме на власт на лагата и ја спротивставивме вистината. Претходната власт ги криеше информациите. ние сега ги објавуваме – рече Поповски.

Метју Џејкобс од Бирото за Европа и Евроазија со американскиот Стејт Департмент, и одговорен за борбата против лажните вести во оваа институција, го дефинираше феноменот на “лажни вести” како намерно поткопување на демократски процеси. Тој истакна дека решението мора да биде фокусирано на корисниците, а не автоматските процеси. Џејкобс заклучи дека владите генерално мора да се подобрат во дигиталната комуникација и дека координирана дигитална соработка е клучна во овој процес.

Новинарката и филмски продуцент во Би-Би-Си, Рејчел Рајт,  рече дека во оваа медиумска куќа постои цел оддел кој работи на проверка на фактите за осигурување дека информациите кои се пласираат се точни.

– Работата на новинарите е да бидат објективен филтер на случувањата околу нас, но феноменот “лажни вести” го поткопува овој процес – рече таа.

Ерик Брнс, комуникациски и медиумски стратег смета дека лажните вести се всушност еволуција на дезинформациите и дека „Фејсбук“ денес е главен извор на вести. Тој кажа дека еден фундаментален проблем во целата ситуација е тоа дека луѓето не можат да се согласат околу тоа што се всушност “факти”.

Паоло Чезарини од Европската Комисија на панелот изјави дека овој феномен на лажни вести е далеку поопсежен и подлабок отколку само брендирањето на самиот феномен и дека агендите зад овој феномен се политички и економски. Тој изјави дека лажните вести во голема мера влијаат не само врз новите медиуми, туку и врз традиционалните.

Новинарката Сашка Цветковска истакна дека секој ден се соочуваме со хиперпродукција на лажни вести и дека се работи за феномен кој се уште не го познаваме доволно. Најсташната последица од тоа е создавањето на недовреба – како меѓу новинарски колеги, така и од страна на граѓаните кон медиумите но и кон институциите.


Теодоракис: Следната недела е клучна дали ќе се реши или нема проблемот со името


Атина, 3 април, 2018 - 9:56 (META) 

Лидерот на грчката партија Река, Ставрос Теодоракис, кој е еден од политичарите со кои Никос Коѕиас имаше средби за да ги информира за текот на преговорите во Виена, по средбата изјави дека „следната недела ќе биде клучна дали ќе се реши или нема да се реши проблемот со името“.

Шефот на грчката дипломатија Коѕиас по разговорите во Виена со македонскиот колега Никола Димитров и со медијаторот Метју Нимиц, одржува серија средби со лидерите на грчките политички партии.

– Коѕиас ме информираше детално, а се надевам и искрено. Си ги кажавме нашите познати ставови. Мислам дека следната недела ќе биде клучна дали прашањето за името ќе се реши или нема да се реши – изјави кусо по средбата Теодоракис.

Денес Коѕиас треба да има уште две средби со лидерката на ПАСОК и на Движењето за промени, Фофи Јенимата и со претседателот на Унијата на центристите, Василис Левендис, додека лидерот на конзервативната Нова Демократија, Кирјакос Мицитакис, одби да се сретне со него и бара за текот на преговорите да биде информиран лично од премиерот Алексис Ципрас.


Атина: Изјавата на Димитров фрла сенка врз преговорите и посетата на Коѕиас


Атина, 19 март, 2018 - 12:02 (META) 

Изјавата на министерот за надворешни работи Никола Димитров кој наводно, при контактитe со европски колеги рекол дека некои грчки ставови за името се „блиску до апсурдни“ го намалија оптимизмот во Атина за брз исход од преговорите.

Оваа изјава грчките медиуми ја припишуваат на „добро информирани дипломатски извори“ и сметаат дека ќе фрли сенка, или како што вели „Катимерини“, „облаци на хоризонтот“ врз преговорите.

Оваа игра топло–ладно во рамките на генералната полуинформираност или клишеата за состојбата во Македонија, се толкува и по малку комично, па, на пример,  се вели дека изјавата на Димкитров не треба да се гледа изолирано од улогата што тој ја игра во владата на Зоран Заев, „иако тој доаѓа од националистичката ВМРО-ДПМНЕ и неговите позиции се далеку од тие на Никола Груевски, сепак се различни и од оние на Заев“.

Во Атина се смета дека сега, по настаните околу  усвојувањето на Законот за употреба на јазиците, атмосферата во Скопје е „особено тензична“, и симлифицирано се прикажува со сликата дека “Владата на Заев успеала да го донесе законот, но не успеала тоа да го стори зна начин кој е во согласност со парактиката на парламентите на европските држави, како и дека улогата на Груевски била негативна“.

 


Коѕиас ѝ го претставил подновениот договор на владата, следната недела слетува во Скопје


Атина, 8 март, 2018 - 10:51 (META) 

Според грчките медиуми, шефот на дипломатијата Коѕиас, на вонредна владина седница ја преставил грчката верзија на нацрт-договорот околу проблемот со името, во кој наводно, се додаден и нови елементи.

Според последните информации, можно е Коѕиас со документот да допатува во Скопје кон средината на следната недела.

За сега, наспроти минатите искуства, содржината на договорот, се држи во тајност и далеку од медиумите.

Грчката страна по секоај цена сака да одбегне содржината на документот да протече и „дипломатските консултации да ги врши преку насловните страници на весниците“.

Премиерот Алексис Ципрас во последно време води политички битки на многу полиња, а оваа околу името е една од најсериозните.

Ципрас и покрај тоа тврди дека е решителен да го затвори проблемот, вели весникот „ИЕфимерида“.

Се очекува Коѕиас договорот прво да му го презентира на неговиот македонски колега, Никола Димитров.

Главната пречка, сепак, според Атина, е нивното инсистирање на промената на уставот, за што засега нема согласност од македонска страна.