!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Од работа избркани 1.500 луѓе оти немаат членски книшки на СДСМ


Скопје, 15 јули, 2017 - 16:23 (META) 

Неспособната антиреформаторска влада на СДС почна со чистките и со бруталната партизација на државата преку вработување партиски војници на СДСМ: 1.500 луѓе беа избркани од работа само затоа што немаат членски книшки на СДСМ, како што бара пратеникот од редовите на СДСМ, Курто Дудуш, обвини денеска на прес-конференција Димче Арсовски, потпретседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека поради „фрустрациите и комплексите на новата владејачката гарнитура и носењето одлуки без размислување“, во Фондот за здравство во моментов не постои одбор кој може да носи одлуки околу лекување на осигурениците во странство.

– Почна и смената на директори на институции преку јавно декларирана фашизоидна и тоталитарна предумисла: сменети се многу успешни директори на театри само затоа што немаат членска на СДС и не размислуваат како Зоран Заев и Роберт Алаѓозовски. Од друга страна, масовно се вработуваат неквалификуваните кадри на Сорос кои со години одработуваа за политичките интереси на Зоран Заев и на СДС – рече Арсовски.

Тој на прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ рече дека „со нивното ставање на платен список на владата на Република Македонија се покажа дека цело време ги бранеле само интересите на Заев и на СДС, за што дебело биле платени и тогаш и сега“.


ВМРО-ДПМНЕ: Сорос влезе длабоко во владата на Заев и СДС


Скопје, 8 јули, 2017 - 16:20 (META) 

Таканаречените невладини организации на Сорос кои се под директна контрола на СДС си го покажаа уште еднаш и дефинитивно своето вистинско лице. Тие никогаш не беа никаков невладин сектор, туку само слуги на политичките интереси на спрегата помеѓу СДС и Сорос изјави денеска Димче Арсовски, потпретседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ пред просториите на фондацијата „Отворено Општество“.

-Поранешните невладини, а сега владини советници и чиновници докажаа дека нивната цел никогаш не била да се биде граѓански коректив на власта, туку само да се доберат до фотелји и до позиции. Нивните принципи никогаш не биле одбрана на државата и нејзините интереси, туку личниот бенефит и личниот профит. Токму затоа во владата на Заев веќе се вработени десетици т.н. граѓански активисти кои цело време, изминативе години одработуваа за интересите на СДС, лажејќи ги граѓаните на Република Македонија дека застапуваат некаков граѓански интерес. Сорос влезе длабоко во владата на Заев и СДС и докажаа дека битката никогаш не била за слобода, демократија и правда, туку за доаѓање на власт со лаги, интриги и манипулации – изјави Арсовски.


ВМРО-ДПМНЕ: Од подготовките на арената „Филип Втори“, остана уште паркиралиштето за репортажни возила


Скопје, 23 јуни, 2017 - 16:12 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска порача дека ако не се одржи Суперкупот на УЕФА на Национална арена „Филип Втори“, виновна за тоа ќе биде власта на СДСМ.

– До последниот извештај на УЕФА, Владата на ВМРО-ДПМНЕ редовно добиваше позитивни извештаи. Сè што беше побарано од стручните лица на УЕФА беше реализирано од наша страна. Единствените обврски што остануваат да се реализираат пред да дојде последната најавена посета од стручните лица на УЕФА се тековни работи околу климатизацијата и средување на просторот, таканаречен ТВ-компаунд, каде што треба да бидат сместени репортажните возила за ТВ-преносот на Суперкупот – рече Димче Арсовски, потпретседател на Унијата на млади сили на партијата, на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека нема сериозни пропусти во поглед на подготовките правени од претходната власт.

– Единствено треба да се обезбеди буџет за Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор со што сè би било реализирано во наредните 10 дена. Одржувањето на Суперкупот не смее во ниту еден случај да биде загрозено. Време за губење нема – рече Арсовски.