Само 2.855 од 87.000 иселеници се пријавиле за гласање на референдумот


Скопје, 24 август, 2018 - 13:01 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница го усвои Предлог-кодексот за набљудување на референдумот. Според Кодексот акредитираните набљудувачи треба да го познаваат законот, да се придржуваат кон неговите одредби, да се непристрасни и секогаш со себе да го носат беџот за идентификација.

„За фер и коректно набљудување ДИК е должна да донесе рамка за правилно однесување при набљудувањето на референдумот. Согласно Кодексот, само акредитирани набљудувачи можат да информираат за текот на гласачкиот процес“, велат од ДИК.

Кодексот предвидува и ограничување за акредитираните набљудувачи – тие не смеат да влијаат при гласањето и пребројувањето на гласовите, ниту да носат какви било партиски симболи.

Како што информира претседателот на ДИК, Оливер Дерковски. се уште трае рокот за издавање акредитации за набљудувачи на референдумот.

ДИК на седницата го усвои и предлогот на Борис Кондарко, да се донесе комплетно нов правилник за приговори што ќе важи само за референдумот. Правилникот за изборниот процес нема да се менува.
Членовите на Државната изборна комисија ја поддржаа и одлуката да се ангажираат дополнителен број лица од Државниот завод за статистика со цел побрза обработка на податоците за излезноста на референдумот.

Последниот извештај доставен до ДИК покажува дека заклучно со денеска за референдумот во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија се пријавени вкупно 2.855 гласачи, од кои прифатени се 2.755.

Одбиени се 100 пријави со образложение дека дел од лицата кои ги поднеле имале истечени патни исправи, а дел немаат живеалиште во Македонија. Поради тоа, појаснија од ДИК, немаат право да гласаат. На избирачкиот список како иселени се запишани 87 илјади лица.

Пред почетокот на седницата, додека се утврдуваше дневниот ред, Кондарко информираше дека МВР ќе им издаде лични карти на вкупно 260 лица кои издржуваат казна затвор за да можат да го остварат своето право на глас.

На седницата на ДИК беше наведено дека гласањето за дијаспората ќе чини околу една третина од гласањето минатиот пат кога било 35 милиони денари.


До ДИК доставени 990 пријави од иселеници за референдумот


Скопје, 16 август, 2018 - 16:58 (META) 

Денеска до 13 часот, преку веб-апликацијата www.dijaspora.sec.mk до Државната изборна комисија доставени биле вкупно 990 пријави од граѓани за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.

ДИК информира дека од нив, 965 пријави биле прифатени, 23 се одбиени, а останатите се во обработка.

Најголем број пријави се доставени за гласање во Берн – 83, во Лондон – 77, во Торонто – 60, Љубљана – 62 и Канбера – 42.

„Во однос на податоците од јавниот увид во избирачкиот список, ве информираме дека заклучно со вчерашниот ден вкупно 2.179 граѓани извршиле јавен увид во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Од нив, најголем број граѓани увид извршиле во Битола – 337, Струмица – 200, во Радовиш – 140 и во Прилеп – 129“, соопштуваат од ДИК.


До ДИК доставени 862 пријави од иселеници за референдумот


Скопје, 15 август, 2018 - 14:20 (META) 

Дденеска до 13 часот, преку веб-апликацијата www.dijaspora.sec.mk до Државната изборна комисија доставени биле вкупно 862 пријави од граѓани за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.

ДИК информира дека од нив, 836 пријави биле прифатени, 19 се одбиени, а останатите се во обработка.

Најголем број пријави се доставени за гласање во Берн – 72, во Лондон – 69, во Торонто – 57, Љубљана – 48 и Канбера – 36.

„Во однос на податоците од јавниот увид во избирачкиот список, ве информираме дека заклучно со вчерашниот ден вкупно 1.967 граѓани извршиле јавен увид во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Од нив, најголем број граѓани увид извршиле во Битола – 295, Струмица – 148, во Радовиш – 128 и во Прилеп – 104“, соопштуваат од ДИК.


Заев до дијаспората: Ако си ја сакате државата, излезете на референдумот


Скопје, 15 август, 2018 - 14:09 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со претставници на дијаспората од Македонија во Италија, Швајцарија, Луксембург, Германија, Словенија, Хрватска, САД, кои изразиле поддршка на владините политики за членство на Македонија во НАТО и во Европската Унија, соопшти владината прес-служба.

На состанокот се разговарало за повеќе актуелни прашања, меѓу кои и за важноста на претстојниот референдум и за потребата од проактивна улога на сите граѓани, вклучително и на дијаспората за успешен референдум.

Заев на средбата рекол дека НАТО и ЕУ за Република Македонија значат економија, стабилност и безбедност и изрази очекување за успешен референдум.

– Убеден сум дека на референдумот ќе биде потврдена одлуката за евро-атлантска иднина на Македонија, што ќе донесе и европски живот во Македонија и стабилност и безбедност. Ве повикувам, како што си ја сакате државата, да излезете на престојниот референдум и со тоа и вие како дијаспора, да дадете значаен придонес во овој историски момент за напредок на – рече Заев.

Премиерот и претставниците на дијаспората зборувале и за придобивките од реформските процеси во државата, од воспоставувањето добри односи со соседите и од евро-атлантските интеграции.

– Вистински патриот е оној кој ќе ја обезбеди иднината на државата. Тоа е придобивка за нашите деца, за сегашните генерации и остварување на вековниот стремеж на нашите претци за потврда на идентитетот на граѓаните Македонци, на македонскиот јазик и поставување на Македонија како држава, еднаш засекогаш, во светското семејство на држави – рече премерот Заев и им се заблагодари на претставниците на дијаспората за желбата да го помогнат остварувањето на стратешките цели на државата, членство во НАТО и ЕУ, а со тоа и за економски просперитет на Македонија.


За гласање на референдумот до сега се пријавиле 742 иселеници


Скопје, 14 август, 2018 - 15:44 (META) 

Од Државната изборна комисија информираат дека денеска до 14 часот преку веб-апликацијата dijaspora.sec.mk до ДИК доставени се вкупно 742 пријави од граѓани за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство.

Од нив, 702 пријави се прифатени, 11 се одбиени, а останатите се во обработка.

Во однос на податоците од јавниот увид во избирачкиот список, од ДИК соопштуваат дека заклучно со вчерашниот ден вкупно 1.216 граѓани извршиле јавен увид во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Од нив, најголем број граѓани увид извршиле во Битола – 188, во Радовиш – 104 и Струмица – 101.


До 13 часот 542 пријавени за гласање во амбасадите


Скопје, 13 август, 2018 - 15:19 (META) 

Заклучно со денеска до 13 часот, преку веб апликацијата dijaspora.se​c.mk до Државната изборна комисија (ДИК) доставени се вкупно 542 пријави од граѓани за гласање на референдумот во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) на Македонија во странство, соопштија од ДИК.

Од тие пријави, 473 се прифатени, девет се одбиени, а останатите се во обработка.

Најголем број пријави се поднесени за гласање во Лондон – 50, во Берн – 44, Торонто – 36, Виена – 31 и во Љубљана – 29.

Тие што ќе гласаат во ДКП ќе бидат ставени на посебен список, а ќе бидат извадени од генералниот список, па нема да може претходно да гласаат во некоја амбасада, а потоа да допатуваат во Македонија и да гласаат на избирачкото место според нивната адреса во Македонија.

Заклучно со вчерашниот ден вкупно 821 граѓани извршиле јавен увид во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Од нив, најголем број граѓани увид извршиле во Битола – 95, во Радовиш – 83 и Струмица – 78, велат од ДИК.


Министерот за дијаспора ги повика иселениците да гласаат на референдумот


Скопје, 10 август, 2018 - 15:38 (META) 

Министерот задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, упати јавен повик до иселениците да го искористат своето право и да гласаат на претстојниот референдум.

„Имаме граѓанска одговорност да донесеме правилна одлука, да излеземе и со нашиот глас да придонесеме кон заедничка, подобра иднина. Сплотени, со здружени сили, заедно можеме да ја обезбедиме иднината на нашите деца. Одлуката зависи исклучиво од нас самите, наша е одговорноста. Вие одлучувате, дали Република Македонија ќе биде членка на Европската Унија (ЕУ) и НАТО, со прифаќање на договорот со Република Грција. Имаме граѓанска одговорност. Сега е време за одлука“, се вели во повикот на Адеми.

Пријавувањето на иселениците започна вчера и ќе трае до 23 август, на веб-страната на Државната изборна комисија. Референдумот ќе се одржи на 30 септември. Прашањето ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.


Во избирачкиот список има 1.805.707 гласачи


Скопје, 9 август, 2018 - 15:40 (META) 

Бројот на гласачи во избирачкиот список е 1.805.707, а јавниот увид ќе трае до 23 август, информираше денеска Државната изборна комисија.

По завршувањето на јавниот увид, а најдоцна до 7 септември, ДИК ќе го заклучи избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид и оттаму очекуваат бројката од 1.805.707 гласачи да се промени.

Јавниот увид ќе се врши во просториите на подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, низ целата територија на Република Македонија, како, како и електронски на официјалната интернет страница на ДИК.

Увидот во подрачните одделенија и канцеларии ќе може да се врши секој ден од 9 до 19 часот, а на 23 август до 24 часот.

Денеска започна и пријавувањето за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство кое ќе трае до 23 август.

Државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство, за гласање во странските држави можат да се пријават директно во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство, или електронски, преку веб апликацијата dijaspora.sec.mk објавена на интернет страницата на ДИК.

Од ДИК информираат дека до денеска можноста за пријавување преку веб-апликацијата ја искористиле вкупно 19 граѓани.

ДИК ќе отвори избирачки места во сите ДКП каде за гласање ќе се пријават над 10 избирачи, додека во ДКП во кои ќе има над 1.000 пријави ќе бидат отворени и дополнителни избирачки места.

Гласањето во странство ќе се одржи на 29 септември, еден ден пред денот определен за референдумот, од 7 до 19 часот според временската зона во ДКП.


ОМД бара импичмент за Џафери, оставка на Заев и на владата и предвремени избори


Вашингтон, 15 март, 2018 - 9:46 (META) 

Обединета македонска дијаспора (ОМД) преку соопштение до медиумите информираше дека најостро го осудува „неуставното и собраниското отстапување од деловникот“ при донесување на законот за јазици и ги повика политичките субјекти кои се произнесоа против Законот за употреба на јазиците, да поднесат собраниска иницијатива за импичмент на и така, како што велат, незаконски избраниот претседател на Собранието, Талат Џафери.

ОМД информира дека од вчера, 14 март, ги прекинува сите комуникации со сегашната Влада и бара импичмент на Талат Џафери и колективна оставка на владата и владината коалиција

Според ОМД, премиерот Зоран Заев и владата повеќе немаат интегритет и ингеренции да ја водат државата бидејќи наместо да ја извадат државата од политичка криза, од дијаспората сметаат дека ја втурнале во подлабока. Од ОМД бараат итна оставка на премиерот и на владата на Република Македонија, како и распишување на предвремени парламентарни избори.

„Ја поздравуваме реакцијата на претседателот Ѓорѓе Иванов, да не го потпишува овој закон, и го повикуваме да ги искористи сите средства во одбрана на македонските национални интереси. Го повикуваме македонскиот народ во државата да го искористи своето демократско право на мирен протест како начин за искажување на незадоволство кон политиките на Владата и Парламентот. Го повикуваме Уставниот суд во најкраток можен рок да се произнесе по основ законот за употреба на јазиците“, велат од ОМД.


Анѓушев во официјална посета на САД


Скопје, 13 ноември, 2017 - 11:05 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, од денеска до четврток ќе претстојува во официјална посета на Вашингтон, соопштија од неговиот кабинет.

Анѓушев во главниот град на САД ќе учествува на Трансатлантскиот форум во организација на „Школата за напредни меѓународни студии“ на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, Стопанската комора на САД и Центарот за трансатлантски односи.

„За време на посетата планирано е вицепремиерот да оствари средби и со претставници на Конгресот на САД, Стејт департментот, меѓународни финансиски организации, како и со претставници од организации на македонската дијаспора во САД“, стои во соопштението од кабинетот на Анѓушев.