Растат тензиите околу Иловица: Екологистите со ултиматум, Владата повикува на дијалог


Струмица, 9 октомври, 2018 - 16:25 (META) 

Целта на Владата, но и на сите засегнати страни е да се отстранат ризиците и стравовите поврзани со животната средина и здравјето на граѓаните. Потенцираме дека Владата на Република Македонија и натаму ќе се води и ќе работи врз основа на принципот владеење на правото и дека сите политики на Владата се во насока, пред се, на заштита на здравјето на граѓаните. Ова е ставот на Владата во врска со отвореното писмо што и го упатија вчера струмичките екологисти собрани околу иницијативата за забрана за отворање на рудникот за бакар и злато Иловица.

Писмото содржи ултиматум според кој, доколку Владата до својата наредна седница, закажана за 16 октомври не донесе одлука за одземање на лиценцата за работа на рудникот на концесионерот „Еуромакс Рисорсис“, тие ќе го повикаат народот сам да се заштити и сам да го реши проблемот.

„Повеќе не прифаќаме никакви одложувања или оправдувања“, истакнуваат во своето обраќање до јавноста и до Владата на премиерот Заев организациите „Здрава котлина“, „Еко долина“ и „Спас за Струмичка котлина – стоп за рудникот на смртта“.

Повикувајќи повторно на дијалог, од Владата потенцираат дека само преку искрен и отворен разговор на сите засегнати страни „ќе може да се стигне до решенија кои се конструктивни и ќе го унапредат регионот“.

Истовремено, од концесионерот „Еуромакс Рисорсис“ пристигна реакција на писмото на струмичките еколошки друштва во која се вели дека сите обвинувања изнесени кон проектот се паушални и не се поткрепени со факти бидејќи проектот за бакар „Иловица-Штука“ е целосно безбеден и се развива според највисоките стандарди за животна средина и во согласност со домашната регулатива.

„Проектот „Иловица-Штука“ ќе биде модерен рудник кој ќе отвори многу можности за вработување, поддршка на земјоделството и развој на локалната и националната економија“, се вели во реакцијата на компанијата.


Успешен референдум ќе значи мир и за Косово, вели Тачи


Скопје, 12 септември, 2018 - 12:22 (META) 

Претседателот на Косово, Хашим Тачи по средбата со премиерот Зоран Заев ги повика граѓаните на Македонија да гласаат „за“ на референдумот и додаде дека успешен референдум ќе значи мир и за Косово.

-Иднината на Косово и Македонија е да се стремат кон ЕУ и НАТО. Косово дава поддршка да се движите напред кон НАТО за европска иднина. Ги повикувам граѓаните да учествуваат на референдумот и да гласаат за Македонија во НАТО. Овој е историски момент, кој треба да се искористи – рече Тачи.

Косовскиот претседател се осврна и на односите помеѓу Белград и Приштина, посочувајќи дека нема да биде лесен процесот да се донесе конечна историска одлука и да се затворат прашањата на Косово и Србија, но затоа тука е дијалогот.

– Вие ја завршивте спогодбата со Грција, сега следува Косово и Србија да го завршат дијалогот. Знаете дека ова нема да биде лесен процес да се донесе конечна историска одлука да се затворат прашањата на Косово и Србија, но затоа тука е дијалогот. Ние имаме многу бариери, но јас сум оптимист, бидејќи подобро сега да се постигне договор отколку по три децении. Јас ќе направам огромни напори за да се постигне договор со Србија што значи реципрочно признавање – додава Тачи, кој вели дека го осигурил Заев дека евентуалната спогодба меѓу Косово и Србија нема да биде со минирање на соседните земји.

Премиерот Зоран Заев најави интензивирање на економската соработка преку воспоставување на мешовит комитет, како и градење на стратегии за интеракција меѓу бизнис заедниците со Косово.

Тој изрази уверување дека новиот граничен премин и инфраструктурната поврзаност со патот Блаце – Скопје ќе има позитивно влијание врз обемот на трговијата.

– Косовскиот лигнит за македонските компании е од особено значење. Ние пак ќе ја поддржиме изградбата на гасовод кон Косово – рече Заев кој најави дека сите овие прашања ќе бидат разгледувани и на заедничка владина седница која треба да се одржи наскоро.

Тој додаде дека Македонија го поддржува позитивното решение за Косово кое ќе ја подобри благосостојбата во регионот и за сите засегнати страни.

-Македонија го поздравува дијалогот меѓу Приштина и Белград, кој го сметаме за клучен за стабилноста. Тоа ќе биде решение за зајакнување на мирот во Србија и Косово – додаде Заев.


Прекината изградбата на гасоводот на Водно, Шилегов повика на дебата в понеделник


Скопје, 31 август, 2018 - 13:42 (META) 

Градоначалникот на Скопје,Петре Шилегов, денеска информираше дека се прекинати сите градежни активности за изградба на гасоводот на Водно сè до завршување на процесот на дијалог и дебата. Тој ги повика претставниците на надлежните државни органи, како и претставниците на граѓанските здруженија на дебата в понеделник во 13 часот во просториите на Советот на Град Скопје.

– Изградбата на гасоводот на Водно предизвикува загриженост и реакции во јавноста. Сакам да потенцирам дека пред почетокот на градежните активности претходеа интензивни разговори со активистите и со загрижените граѓани и се бараа заеднички алтернативни компромисни решенија. Токму како резултат на овие разговори успеавме да се избориме за намалување на ширината на трасата на гасоводот од 25 на 10 метри и измени на трасата во еден дел од четири километри. Но, и покрај тоа, очигледно е дека во јавноста сè уште постои загриженост за ваквата траса и за изградбата на гасоводот. Јас како градоначалник не можам мирно и немо да го набљудувам овој процес – рече Шилегов.


Иванов: Борисов одбивајќи да се сретне со мене зазема страна


Софија, 14 јуни, 2018 - 13:49 (META) 

Со овој гест Борисов зазема страна, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов кој е во дводневна официјална посета на Бугарија, како реакција на одлуката на бугарскиот премиер Бојко Борисов да не се сретне со Иванов кој е во дводневна посета на Бугарија.

Борисов и вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во последен момент ја откажаа средбата.

– Тоа е негова одлука и негова одговорност. Со овој негов гест тој зазема страна. Борисов не е само премиер на Бугарија, туку е и претседавач со ЕУ. Но, со овој гест тој учествува и не ја разбира главната цел на претседателствувањето. Европската Унија апелира за дијалог, а некој бега од него – изјави претседателот Иванов, одговарајќи на новинарско прашање во врска со одлуката на Борисов да не се сретне со него.

Иванов по средбата со бугарскиот претседател Румен Радев рече дека ние сме Македонци и тоа ќе останеме.

– Ние сме Македонци и тоа ќе останеме и не можеме да бидеме ништо поинаку. Ние сме тука да го чуваме континуитетот, тој што има проблем со името, тоа е негов проблем и треба да си бара решение – истакна Иванов.


Нова книга од академик Георги Старделов посветена на писателот Владимир Костов


Скопје, 4 јуни, 2018 - 10:02 (META) 

Во издание на „Везилка 2011“ излезе од печат најновата книга на академик Георги Старделов „Критика на деморализираниот ум“ посветена на истакнатиот македонски писател Владимир Костов.

На 165 страници, оваа книга содржи тринаесет секвенци за литературата и филозофијата во романескниот опус на Владимир Костов.

Оценувајќи дека „на страниците на литературата на Владимир Костов се води отворен дијалог со нашето време“, Старделов пишува дека „неговата литература, особено неговата прозна уметност, нé соочува со сознанието дека живееме во едно скудно време (Хајдегер) на доминација на распаметениот политички ум во сите сфери на животот, кој со неверојатна леснотија го употреби човекот против него самиот. Нашето време до невидени граници ги усвити спротивностите во општеството; тие се оттргнаа од нас и не можеме да ги хармонизираме, сé повеќе ги чувствуваме како сила против себе.”


Вучиќ: Ако идејата е дека Србија мора да го признае Косово, тогаш – фала, довидување


Давос, 25 јануари, 2018 - 20:37 (META) 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска во Давос изјави дека ако идејата на дијалогот меѓу Белград и Приштина и на процесот за нормализација на односите е само Србија да ја признае независноста на Косово, „тогаш – фала, довидување“, притоа истакнувајќи дека се потребни отстапки од двете страни.

Вучиќ, кој учествува на Светскиот економски форум во Давос, пред новинарите изјави дека е важно да се покаже добра волја и разбирање и дека е потребен компромис, додавајќи дека во таков случај Србија е подготвена на разговори.

– Ако кажете „Србија мора да го признае Косово и тоа е тоа“, тогаш „фала, довидување“ – рече Вучиќ.

Тој изјави дека со косовскиот претседател, Хашим Тачи во Давос разговарале за продолжување на дијалогот.

Тачи на својот фејсбук-профил напиша дека е неопходно да се постигне „историски договор меѓу двете држави“ и дека тоа е единствениот начин за зачувување на мирот и отворање на европските перспективи за целиот Западен Балкан.

Вучиќ во Давос имаше средба и со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, на која било разговарано за ситуацијата во регионот, европскиот пат на Србија, како и за дијалогот меѓу Белград и Приштина.


Заев и Брнабиќ договориле заедничка владина седница во февруари или март


Белград, 21 ноември, 2017 - 11:53 (META) 

Премиерот Зоран Заев и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на денешната средба во Белград се договориле владите на Македонија и на Србија на крајот на февруари или на почетокот на март да одржат заеднички седницa.

На пленарната средба, делегациите на двете земји разговарале за интензивирање на некои од заедничките проекти и за соработката на проектите за завршување на Коридорот 10, изградба на пруга Будимпешта – Белград – Скопје, како и за гасна конекција Врање – Куманово.

Заев, како што информира владината прес-служба, истакнал дека може да се продлабочи економската соработка во делот на инвестициите, како и да се засили поддршката на бизнис-иницијативите во информатичките технологии, иноватовните компании, технолошките паркови и во иновативните технологии.

Според него, соработката во дигитализацијата има потенцијал да ги олесни царинските формалности, роаминг-комуникацијата и во голема мера да ги олесни врските меѓу двете економии, бизниси и други проекти.

Двајцата лидери разговарале за соработката помеѓу двете министерства за внатрешни работи, за заедничка контрола на границите и справување со мигрантските процеси, како и за унапредувањето на заедниците на Србите и на Македонците во Република Македонија и во Република Србија.

Српската премиерка по средбата истакна дека посетата на Заев е важна за целиот регион.

– Регионалната соработка и регионалното поврзување е многу важно, затоа што без регионален мир и стабилност нема европска интеграција на Западен Балкан – изјави Брнабиќ која додаде дека на заедничката владина седница ќе бидат потпишани неколку важни договори.

Според Брнабиќ, посетата на македонскиот премиер е добар сигнал, кој говори за тоа дека сите меѓусебно отворени прашања треба да се решаваат со дијалог.


Иво Вајгл со политичките партии разговара за проектот „Жан Моне“


Скопје, 10 ноември, 2017 - 9:54 (META) 

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, денеска ги продолжува средбите со координаторите на пратеничките групи во Собранието, по што ќе следува брифинг со претседателот на Собранието Талат Џафери и со амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар.

– Би сакал да разговараме за проектот „Жан Моне“ на Европскиот парламент што значи покренување на дијалогот на политичките играчи во Македонија и интеракција со парламентарците од Европскиот парламент – изјави синоќа Вајгл.

Како симбол за ЕУ интеграцијата, овие состаноци би се одржувале во Франција, во куќата на Жан Моне.

Вообичаено во оваа вила се одржуваат неформални средби за отворање на процес на дијалог, без присуство на камери, во обид да се најдат некакви заеднички решенија за одредени прашања. Според Вајгл во вилата на Жан Моне треба да се разговара за клучните теми за процесот на евроинтеграција на Македонија.

Денеска Вајгл ќе има средби со координаторот на пратеничката групи на СДСМ, Томислав Тунтев, на ДУИ, Ејуп Алими и со Сурија Рушиди од Алијанса за Албанците.

Вчера Вајгл вчера имаше средби со претседателот на Собранието Талат Џафери, со координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, со Африм Гаши од Беса и со Мерал Узеири Ферати од ДПА.


ЕП ќе помага во дијалогот меѓу власта и опозицијата во Собранието


Скопје, 9 ноември, 2017 - 18:15 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери и европратеникот и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, кој е во дводневна посета на земјава, на денешната средба разговарале за можноста за отпочнување на дијалог меѓу различните пратенички групи во Собранието, под покривителство во Европскиот парламент.

Ваквиот дијалог, како што се наведува во соопштението од средбата, има за цел да придонесе кон создавањето на позитивна атмосфера во Собранието и подобрена комуникација меѓу опозицијата и власта по одредени прашања.

На средбата, Џафери го информирал Вајгл за актуелните случувања на политички план и за планираните активности на Собранието до крајот на оваа календарска година.

Вајгл истакнал дека Европскиот парламент ја поддржува Македонија на патот кон Европската Унија и работи на тоа земјите од Западен Балкан да имаат еднаков третман во регионален контекст.

Собранието и понатаму останува посветено на реформите кои се неопходни за приближување до Европската Унија и добивање на позитивна препорака од страна на Европската комисија во првата половина од следната година, нагласил претседателот на законодавниот дом на средбата.


Пучдемон ја потпиша декларацијата за независност на Каталонија, Мадрид најави одговор


Барселона, 11 октомври, 2017 - 10:31 (META) 

Претседателот на каталонската регионална влада, Карлес Пучдемон, доцна синоќа ја потпиша декларацијата за прогласување на независност на Каталонија, но го одложи нејзиното стапување на сила.

„Ја создаваме Република Каталонија како независна, суверена, правна, демократска и социјална држава“, се наведува во текстот на декларацијата.

Претставник на каталонската влада, по потпишувањето на декларацијата, изјави дека Пучдемон го одложува нејзиното стапување на сила за да остави простор за дијалог со Мадрид.

Според најавите, Пучдемон ќе ја стави декларацијата на усвојување во каталонскиот парламент, доколку централните власти во Мадрид одбијат дијалог или ако евентуалните преговори не резултираат со договор за надминување на кризата.

Пучдемон синоќа во регионалниот парламент во Барселона рече дека Каталонија ги почитува резултатите од референдумот одржан на 1 октомври, но предложи „суспендирање на прогласувањето независност, за во пракса да се работи на спроведување на резултатите од референдумот“ и ги поздрави повиците за дијалог со Мадрид.

Шпанската влада, во првата реакција на одлуката на Пучдемон, соопшти дека го отфрла „молчеливото“ прогласување на каталонската независност. Во владиното соопштение се наведува дека е неприфатливо да се објави „тивка независност“, а потоа да се суспендира на таков експлицитен начин.

Владата во Мадрид денеска претпладне ќе има состанок, на кој ќе одлучи за одговорот во врска со обраќањето на Пучдемон во каталонскиот парламент.