Владите од регионот се обврзаа на поевтин роаминг и поголема дигитална поврзаност


Скопје, 19 април, 2018 - 22:48 (META) 

На крајот на дводневниот Дигитален самит на Западен Балкан, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски одржаа прес конференција на која ги пренесоа пораките и заклучоците кои произлегоа од првиот самит за дигиталната агенда на регионот.

Манчевски ги изнесе и конкретните заклучоци за кои се обврзаа сите земји од Западен Балкан.

– Ние сме подготвени да работиме и да ги искористиме можностите. Дадовме ветување дека ќе работиме на намалување на цените за роаминг во регионот и со ЕУ. Се обврзавме дека ќе го подобриме пристапот до широкопојасен интернет, како и да ја следиме имплементацијата на WiFi4EU во земјите членки на ЕУ за да бидеме подготвени за идно проширување во Западен Балкан. Изразивме подготвеност да работиме активно признавање на дигиталните сертификати, и олеснување на прекуграничните доверливи услуги. Заедно ќе работиме и на сајбер безбедноста и имплементација на директивата за мрежна и информациска безбедност. Договоривме креирање на политики за ИКТ образование и сертифицирање на сите групи на население, како и посветеност за подобрување на дигиталните вештини. Ќе ја зголемиме регионалната соработка и на полето на стартапи, а со размена на искуства ќе создаваме Технолошки паркови кои одговараат на критериумите поставени во ЕУ – рече Манчевски.

z7

Со панелот „Медиумите во дигиталната ера: Борбата против лажните вести“ заврши Самитот, еден најголемите регионални настани за оваа година, кој вчера и денеска се одржуваше во Скопје.

Модератор на оваа завршна сесија беше министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Министерот задолжен за отчетност, транспарентност и комуникации, Роберт Поповски, се осврна на изминатиот период и ефектите од системската дистрибуција на лажни вести во нашата земја и рече дека Велес, за жал, станал синоним на лажните вести.

– Ние ќе се обидеме Велес да стане синоним на борбата со лажните вести не само во тој град, туку и во Македонија – рече Поповски.

Според него, Велес не ги измислил лажните вести, туку „луѓе од Велес добро заработиле креирајќи лажни вести кои влијаеле на изборите во една огромна држава“.

Поповски говореше и за слободата на медиумите и генерално за слободата на говорот во Македонија.

– Минатата власт ги злоупореби сите алатки за да искриви вистината, беа креирани медиуми кои пласираа лажни вести. Лагите беа драматични. Беше тешко да се тужи портал, измислија форма на кајрони во турските серии. Надаполнување на лагите беше и ширењето на говорт на омраза – составен дел на лагите. Омразата беше форсирана во медиумите. Кога дојдовме на власт на лагата и ја спротивставивме вистината. Претходната власт ги криеше информациите. ние сега ги објавуваме – рече Поповски.

Метју Џејкобс од Бирото за Европа и Евроазија со американскиот Стејт Департмент, и одговорен за борбата против лажните вести во оваа институција, го дефинираше феноменот на “лажни вести” како намерно поткопување на демократски процеси. Тој истакна дека решението мора да биде фокусирано на корисниците, а не автоматските процеси. Џејкобс заклучи дека владите генерално мора да се подобрат во дигиталната комуникација и дека координирана дигитална соработка е клучна во овој процес.

Новинарката и филмски продуцент во Би-Би-Си, Рејчел Рајт,  рече дека во оваа медиумска куќа постои цел оддел кој работи на проверка на фактите за осигурување дека информациите кои се пласираат се точни.

– Работата на новинарите е да бидат објективен филтер на случувањата околу нас, но феноменот “лажни вести” го поткопува овој процес – рече таа.

Ерик Брнс, комуникациски и медиумски стратег смета дека лажните вести се всушност еволуција на дезинформациите и дека „Фејсбук“ денес е главен извор на вести. Тој кажа дека еден фундаментален проблем во целата ситуација е тоа дека луѓето не можат да се согласат околу тоа што се всушност “факти”.

Паоло Чезарини од Европската Комисија на панелот изјави дека овој феномен на лажни вести е далеку поопсежен и подлабок отколку само брендирањето на самиот феномен и дека агендите зад овој феномен се политички и економски. Тој изјави дека лажните вести во голема мера влијаат не само врз новите медиуми, туку и врз традиционалните.

Новинарката Сашка Цветковска истакна дека секој ден се соочуваме со хиперпродукција на лажни вести и дека се работи за феномен кој се уште не го познаваме доволно. Најсташната последица од тоа е создавањето на недовреба – како меѓу новинарски колеги, така и од страна на граѓаните кон медиумите но и кон институциите.


Поповски: Ќе се обидеме Велес да стане синоним на борбата со лажните вести


Скопје, 19 април, 2018 - 16:03 (META) 

На панелот „Медиумите во дигиталната ера: Борбата против лажните вести“ на Дигиталниот самит кој денес завршува во Скопје, министерот за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, рече дека Велес, за жал, станал синоним на лажните вести.

– Ние ќе се обидеме Велес да стане синоним на борбата со лажните вести не само во тој град, туку и во Македонија – рече Поповски.

Според него, Велес не ги измислил лажните вести, туку „луѓе од Велес добро заработиле креирајќи лажни вести кои влијаеле на изборите во една огромна држава“.

Поповски говореше и за слободата на медиумите и генерално за слободата на говорот во Македонија.

– Минатата власт ги злоупореби сите алатки за да искриви вистината, беа креирани медиуми кои пласираа лажни вести. Лагите беа драматични. Беше тешко да се тужи портал, измислија форма на кајрони во турските серии. Надаполнување на лагите беше и ширењето на говорт на омраза – составен дел на лагите. Омразата беше форсирана во медиумите. Кога дојдовме на власт на лагата и ја спротивставивме вистината. Претходната власт ги криеше информациите. ние сега ги објавуваме – рече Поповски.


ЕИБ финансиски ќе го поддржи регионот за развој на дигиталните технологии


Скопје, 19 април, 2018 - 14:22 (META) 

Регионалниот директор од Европската инвестициона банка (ЕИБ), Мигуел Моргадо во дискусијата на панелите на Дигиталниот самит рече дека ЕИБ инвестирала повеќе од 10 милиони евра во нашиот регион во процесот на развој на клучните дигитални технологии во последните години.

– Планот е оваа помош да се зголеми во следниот период со оглед на тоа дека Европската инвестициона банка е финансиска алатка за постигнување на дигиталните цели на Европската унија – додаде Моргадо.

Наталија Гелвановска од Светската банка од Вашингтон, потенцираше дека телекомуникацискиот сектор во принцип е приватен и дека владите мора да помагаат во развојот на технологии исклучиво преку заемно разбирање и договор со нив.

– Комуникацијата меѓу овие два чинители е од клучна важност за да се продолжи со развојот на дигитализацијата, посебно во руралните региони – рече Гелвановска и додаде дека малопродажните цени за широкопојасниот интернет генерално се превисоки и дека без директна регулација, ќе биде тешко да се исполнат целите за комплетен развој на оваа технологија во руралниот сегмент.

Нивес Сандри, како претставник на компанијата „Нокиа”, истакна дека приватните компании и операторите имаат инвестирано многу во развојот на широкопојасниот интернет, но дека мор да се работи заедно со владите за да се изгради соодветна инфраструктура.

Претседателот на Телото на европските регулатори за електронски комуникации (BEREC) Јоханес Гангл, истакна дека ова европско тело работи на хармонизација на законите за телекомуникации на земјите од Западен Балкан, и дека здравата конкуренција е клучна во развојот на дигиталното поврзување во Европа.


Дигитален самит: Образованието треба да ги подготви младите за новите технологии


Скопје, 19 април, 2018 - 9:56 (META) 

На панелот „Дигитални разговори“ кој се одржа вчера во рамките на Дигиталниот самит на земјите од Западен Балкан, учесниците разговараа за потребата од следење на најновите трендови во дигитализацијата и истакнаа дека сè повеќе социјални интеракции, однесувања, одлуки, мислења и трансакции се дигитализирани и посредувани од онлајн платформи.

– Една третина од вештините потребни денеска, веќе нема да бидат корисни за неколку години и дигиталното учење, ќе стане дигитално живеење во иднината – рече Ана Алибегова, директор за развој на програмите на „Младиинформ интернешнл“.

За потребата од ефикасни образовни програми за интернет, дигитални технологии и комуникации зборуваше и Никола Јовановиќ од Србија.

Тој се фокусираше на фактот дека во моментов образовниот систем е насочен исклучиво на процедури, а не на децата, и дека наставните програми се бавни и застарени. Заклучи дека образовните програми мора да се обноват со корисни, реални дигитални вештини.

Креаторот на апликацијата „Мој Воздух”, Горјан Јовановски откри дека секојдневно се собираат огромни количества дигитални податоци.  Тој констатираше дека доколку овие податоци почнат масовно да се користат, тие можат да се трансформираат во корисни информации, кои понатаму би можеле да ги подобруваат животите на граѓаните.

Денеска во 13.30 часот министрите Дамјан Манчевски и Никола Димитров ќе ги презентираат заклучоците од Самитот, а ќе се одржат и панели посветени на дигиталната економија и лажните вести.


Владите од региoнот ќе работат на дигитална трансформација за квалитетен живот


Скопје, 18 април, 2018 - 15:03 (META) 

Во рамките на  Дигиталниот самит за Западен Балкан имаше и работен ручек на премиерот Зоран Заев, еврокомесарите Јоханес Хан и Марија Габриел, претседавачот на министерскиот совет на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, заменик-претседателката во Владата на Албанија, Сенида Меси, државниот секретар во министерството за економија и енергетика во Владата на Германија, Томас Берејс, претставници на Европската инвестициона банка и претставници на Советот за регионална соработка на земјите од Западен Балкан.

На работниот ручек централна тема била важноста од интеграцијата на земјите од Западен Балкан во единствениот дигитален пазар на Европската унија.

На средбата се разговарало и за иницијативата за институционализација на Платформата за бизнис пријателска средина (Business Friendly Environment, BFE) како мултилатерална организација која што ќе биде поддржана од владите во регионот.

Претходно, на прес-конференцијата на министерот за информатичко општество и технологија и администрација, Дамјан Манчевски, еврокомесарката Марија Габриел и генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ беше истакнато дека Дигиталниот самит е потврда дека сите држави работат во иста насока.

„Дигиталната трансформација е неопходна за зголемување на квалитетот на животот на граѓаните. Ова е шанса да Западен Балкан да биде дел од ЕУ, независно од политичката агенда. Овој настан е ретка можност за да се дефинираат заедничките цели“, рече Свилановиќ.

Тој додаде дека придобивките од дигитализацијата се во сите аспекти на живеењето, вклучително и намалувањето на корупцијата.


Поевтиниот роаминг и дигиталното поврзување во фокусот на Дигиталниот самит


Скопје, 18 април, 2018 - 11:43 (META) 

Очекувам намалување на цените на роамингот помеѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ, заедно да настапиме за подобар пристап до широкопојасен интернет, да има меѓусебно признавање на дигиталните печати како и земјите од Западен Балкан дигитално побрзо да влезат во ЕУ отколку политички.

Ова го истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на отворањето на Дигиталниот самит на земјите од Западен Балкан кој денеска и утре се одржува во Скопје.

На Самитот присуствуваат еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, косовскиот премиер Рамуш Харадинај, претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Дениз Звиздиќ, заменик премиерката на Албанија, Сенида Меси, министри за економија, за информатичко општество на земјите од Западен Балкан, многу политичари и амбасадори.

Еврокомесарката Марија Габриел рече дека намалувањето на цените на роамингот е сложена тема и во ЕУ тоа бил процес кој траел 10 години.

– Ја поздравувам волјата на мобилните оператори од регионот кој учествуваат во конструктивните дијалози за намалување на цените на роамингот кој во земјите од Западен Балкан и ЕУ се многу високи. Прашањето за роамингот е неопходно и корисно за бизнисот и граѓаните – рече Габриел која најави дека за намалувањето на цените на роамингот ќе биде соопштено на самитот во Софија.

Таа додаде дека процесот на дигитална трансформација е скап, но дека за тоа се предвидени фондови од ЕУ кои ќе ја унапредат дигиталната инфраструктура на земјите од Западен Балкан.

Габриел вели дека во фокусот на овој Дигитален самит се граѓаните за тие да ги почувствуваат бенефитите од дигитализацијата. Таа најави дека ќе биде изработена дигиталната агенда за Западен Балкан која ќе биде презентирана на самитот во мај во Софија.

Во однос на дигитализацијата во ЕУ, Габриел најави дека до 2025 година, сите институции, влади, училишта во ЕУ ќе имаат можност за конекција која ќе се мери во гигабајти. Она што исто така ќе се работи во овие земји е образованието, односно образовниот процес да се прилагоди на времето и на дигитализацијата и да се зголеми дигиталната писменост.

Премиерот Зоран Заев учествувајќи на првиот панел, рече дека државата е подготвена да партиципира во намалување на загубите на мобилните оператори доколку ги намалат цените на роамингот.

– Треба да определиме буџетски пари, ако сакаме да побараме поддршка од европските фондови. Преку интернет сакаме да им овозможиме на граѓаните да не го трошат времето на шалтерите за да добијат услуги од администрацијата. Нема да измислиме топла вода туку ќе имплементираме тоа што се спроведува во западниот свет – додаде Заев.

Во рамки на Дигиталниот самит, ќе се дискутира за дигиталното образување на земјите од Западен Балкан, подобрување на инфраструктурата како и зголемување на сајбер безбедноста во овој регион.


Герберих на Заев му ја пренел поддршката од Германија за евроатлантските аспирации


Скопје, 16 април, 2018 - 11:51 (META) 

Премиерот Зоран Заев претпладнево се сретна со амбасадорот на Германија, Томас Герберих кој пренел поддршка од Германија за евроатлантските аспирации на државата.

Герберих го информирал Заев дека Македонија ја има мнозинската поддршка и од германскиот Бундестаг за пристапување на земјава во Европската унија.

„Амбасадорот Герберих соопшти дека пратениците од германскиот Бундестаг се вратиле во Германија со позитивни импресии од посетата на Македонија, за конструктивните политики низ кои што се решаваат прашањата важни за напредок на Македонија“, се вели во соопштението на Влада.

На состанокот се разговарало и за важноста на Дигиталниот самит што ќе се одржи оваа недела во Скопје, како и за инвестициските можности што треба да придонесат кон економски развој.


Хан, Габриел, седум премиери ќе учествуваат на првиот Дигитален самит во Скопје


Скопје, 12 април, 2018 - 15:16 (META) 

Македонија ќе биде домаќин на еден од најголемите регионалните настани за оваа година, Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан, кој ќе се одржи на 18 и 19 април во Скопје.

Настанот претставува дел од Берлинскиот процес и има за цел регионална координација за приближување на регионот до Европската Унија.

– Во последната Стратегија за Западен Балкан и за проширувањето на Европската унија, за прв пат значајно место има развојот на дигиталната агенда. Дигиталниот самит претставува единствена можност каде ќе се разговара за сите прашања нотирани во Стратегијата, како што се: намалување на цените на роамингот, сајбер безбедност, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните. Официјалната програма на Самитот содржи четири панел дискусии за дигитални вештини, ИТ безбедност, дигитално поврзување и дигитална економија и општество – изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

На овој самит, сите земји од Западен Балкан ќе излезат со заедничка иницијатива пред Европската комисија за меѓусебно признавање на дигиталните сертификати.

– Тоа значи меѓусебно признавање на дигиталните потписи и печати, меѓусебно признавање на документите и „one stop царински прегледи, односно многу поволности на граѓаните од сите земји. Покрај одлуката за значително намалување на цените на роаминг со земјите од ЕУ и целосно укинување на цените на роамингот на Западен Балкан, ова ќе биде еден од најголемите резултати на Дигиталниот самит – објасни Манчевски

На самитот ќе учествуваат премиерите на шесте држави од Западен Балкан, премиерот на Бугарија и министри одговорни за дигиталната агенда, но исто така ќе присуствуваат и еврокомесарите Мариа Габриел и Јоханес Хан.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини на 18 април ќе организира вечера за сите премиери од регионот во Скопје, но надвор од рамките на Дигиталниот самит.

Манчевски ја претстави и финансиската конструкција на Самитот која ќе чини 411.000 евра.

– Од буџетот ќе бидат потрошени 79.000 евра, 166.000 евра доаѓаат од различни помагатели, 111.000 евра доаѓаат од компаниите кои што ќе учествуваат на експо кое ќе се одржува паралелно со самитот, 50.000 од Регионалниот совет за соработка, 5.000 од Германска меѓународна фондација за соработка ГИС – објасни Манчевски.


Прифаќањето на дигиталните сертификати во регионот ќе биде во фокусот на Самитот


Софија, 27 март, 2018 - 13:23 (META) 

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во рамки на меѓународната конференција на тема „ИТ Хаб Конект 2018 – иновации, регулатива, инвестиции“, што се одржува во Софија, се сретна со еврокомесарката за дигитална економија и општество, Мариа Габриел и министерот за иновации и технолошки развој на Србија, Ненад Поповиќ.

Манчевски на Габриел и ги претставил активностите кои МИОА ги превзема во делот на мапирање на територијата за широкопојасен интернет, подготовката на стратегија за сајбер-безбедност, како и заложбите за вклучување на трет мобилен оператор во Македонија.

„Што се однесува до поддршката во делот на драстично намалување на цените за роаминг, ова останува да биде високо на агендата на еврокомесакрата, и ќе биде една од главните теми за кои ќе се разговара на престојниот Дигитален самит, што ќе се одржи на 18 и 19 април во Скопје“, информираат од МИОА.

Состанокот со српскиот министер, Поповиќ бил посветен на соработката и размената на искуства помеѓу двете држави во делот на технолошкиот парк и иновациите.

Двајцата министри се согласиле дека Дигиталниот самит е одлична можност каде ќе можат да се разговара за поврзаност во иновациските системи, како и организирање на заедничка конференција во регионот, посветена на предизвиците во ИТ-сферата.

„Прифаќањето на дигиталните сертификати во регионот ќе биде во фокусот на Дигиталниот самит. На состанокот, министерот Манчевски и министерот Поповиќ се согласија дека Македонија и Србија можат да бидат државите каде ќе се развие пилот-проект, што понатаму ќе биде превземен како успешна приказна и во другите земји во регионот“, се додава во соопштението.


Пониски цени на роамингот помеѓу Македонија и Бугарија, тема на Дигиталниот самит


Скопје, 19 февруари, 2018 - 10:36 (META) 

Регулаторните тела за електронски комуникации на Македонија и на Бугарија разгледуваат можности за намалување на цените на роаминг на услугите помеѓу двете држави, информираат од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Новини за најавеното намалување на цените во роаминг помеѓу двете држави се очекуваат на претстојниот Дигитален самит, чиј домаќин ќе биде Македонија во април, и на Самитот за Западен Балкан, што треба да се одржи во мај во Бугарија.

– Се разгледаа и дополнителни можности за владина и/или регулаторна интервенција за намалување на цените на роаминг услугите на претплатниците во овие две држави – се додава во соопштението.

Сега за минута разговор во роаминг од Бугарија во Македонија се плаќа меѓу 90 и 210 денари и 750 денари за мегабајт интернет.

При посетата на претседателот на регулаторното тело надлежно за електронски комуникации во Бугарија, Росен Жељазков на македонската Агенција за електронски комуникации (АЕК) се разговарало за активностите на двете регулаторни тела во изминатиот период и за продолжување на соработката согласно потпишаниот Меморандум за разбирање со цел да се продлабочи размената на искуство во областа на регулацијата на пазарот за електронски комуникации.

По Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, на 23 ноември лани, македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и бугарскиот министер за транспорт и информатички технологии, Ивајло Московски, потпишаа меморандум за разбирање со кој, како што беше најавено, ќе ги поттикнат операторите да склучат договори за пониски цени при разговор, пораки и интернет во роаминг.