На „Блаце“ запленети 22 килограми марихуана


Скопје, 15 август, 2017 - 13:06 (META) 

Вкупно 22 килограми марихуана скриени во џип биле откриени од цариниците на граничниот премин „Блаце“ завчера вечерта, соопшти Царинската управа на Република Македонија.

Околу 18.30 часот во неделата за влез во државата на граничниот премин „Блаце“ бил пријавен спортски теренец со бугарски таблички, управуван од бугарски државјанин, жител на селото Белаковец, Бугарија. Возачот рекол дека нема ништо за царинење, но цариниците го ставиле автомобилот на детална контрола, по што бил откриен специјално направен бункер по целата должина на левата и десната страна од подот. Во левиот дел од бункерот биле пронајдени 12 паковки а во десниот дел биле пронајдени уште 13 паковки со непозната зеленкаста тревкаста материја, за која по извршената проверка со тестер за дрога се утврдило дека е марихуана. Вкупната маса изнесувала околу 22 килограми.

Во разговорот со возачот било утврдено дека тој со косовски државјанин се договорил за надомест од 3.000 евра да ја превезе дрогата до Западна Европа.


По Јанкулоска, сега Андонов се вози во украдениот џип на Бекам


Скопје, 4 октомври, 2016 - 11:06 (META) 

Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Оливер Андонов, се вози во џипот, марка „БМВ Х5“, што како службено возило, за време на речиси целиот свој мандат, го користеше поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, дознава „Мета“. Инаку, токму ова возило, во медиумите беше индентуфикувано и како џип на поранешната фудбалската ѕвезда, Дејвид Бекам, кој бил украден во Шпанија и, наводно, прошверцуван во земјава, каде потоа е запленет во полициска акција.

Дека Андонов, како службено возило, го користи „џипот на Јанкулоска“ за „Мета“ потврдија и високи извори од МВР.

Сребрено-сивиот „БМВ Х5“ вчера беше паркиран пред Музејот на ВМРО, каде Андонов беше еден од главните гости на промоцијата на едицијата „Црните страници на УДБА – Историја што чека да биде откриена“, во издание на Државниот архив на Република Македонија.

Приказната дека ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, како службено возило го избрала џипот на фудбалската ѕвезда се појави во 2007 година. Тогаш дел од светските медиуми објавија написи дека џипот на Бекам бил украден во Мадрид, а потоа, преку воден пат бил прошверцуван во Грција, а оттаму во Македонија. Македонската полиција го запленила во Дебар, во големата полициска акција „Југ“, во која цел беше меѓународна криминална група која шверцувала украдени луксузни возила.

По акцијата, возилото извесен период стоеше во судските депоа како доказ, а потоа Министерството за правда му го даде на МВР. Со тоа возилото стана државна сопственост, а според пишувањата на медиумите, тогаш Јанкулоска го одбрала за свое службено возило. Сепак, ниту од МВР, ниту од некоја друга институција немаше потрвда дека станува збор токму за џипот на Бекам.

Џипот на Јанкулоска беше споменат и во препирките меѓу министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и ВМРО-ДПМНЕ, за време на неговиот прв мандат по Договорот од Пржино, лани во ноември. Дел од провладините медиуми тогаш пишуваа дека Спасовски веднаш по доаѓањето во кабинетот барал луксузни и блиндирани возила. На ова, тој и СДСМ одговорија дека службеното возило што му е доделено од МВР го користеле и неговите претходници и обвинија, повикувајќи се на пишувањата на странскуте медиуми од 2007 година, дека Јанкулоска се возела во украден џип.

„Состојбата со овој џип ќе биде утврдена“, стоеше во реакцијата на СДСМ на пишувањата на провладините медиуми.


Полицијата спречила шверц на 1.500 штеки цигари без бандероли


Пехчево, 26 јуни, 2016 - 15:23 (META) 

Полициски екипи од Регионалниот центар за гранични работи Исток, во петокот оваа недела спречиле обид за шверц на поголемо количество цигари без бандероли на границата меѓу Македонија и Бугарија.

Како што соопшти денеска МВР, во петокот, околу 5 часот, во близина на местото Чемериков преслап, во близина на Пехчево, полициски екипи забележале џип без регистарски таблички, кој се движел по земјен пат кон местото Бреза, близу државната граница.

При обидот да го запрат џипот, двете лица што биле во него успеале да побегнат, а возилото го оставиле во близина на границата.

Во џипот, според МВР, биле пронајдени 1.505 штеки цигари од марките „грација делукс“ и „сани слимс“.

По спроведената истрага, полицијата го уапсила О.К. од Берово за кого постојат сомневања дека бил во возилото во кое е пронајдена акцизната стока. По другото лице полицијата сè уште трага.


Градоначалникот на Прилеп со џипот удрил мотоциклист


Прилеп, 2 јули, 2015 - 13:12 (META) 

Синоќа, околу 22 часот, во центарот на Прилеп, се случи сообраќајна несреќа во која градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, со својот џип, марка „киа спорт“, удрил во мотор што го управувало повозрасно лице.

Според очевидци на сообраќајката, вртејќи полукружно на булеварот, Ристески со своето возило удрил во веспата, а веднаш потоа го качил возачот на моторот во својот џип и го одвел во градската болница „Борка Талески“. На на местото на настанот, пак, не се појавила полиција, ниту јавен обвинител да извршат увид и да ја утврдат причината за несреќата.

Од СВР Битола, од каде побаравме информација за сообраќајката, не потврдија дека се случил ваков или сличен настан.

Вработени во градската болница го потврдија случајот, а во текот на денешниот ден се очекуваат повеќе информации за причините за несреќата, како и за повредите на возачот на моторот.

Б.Б.


Со џип убил три лица откако намерно влетал во толпа луѓе


Грац, 20 јуни, 2015 - 18:00 (META) 

Возач на џип со полна брзина влетал во толпа луѓе, при што убил тројца и повредил 50 лица во австрискиот град Грац. По ударот во луѓето, тој излегол и почнал да ги боде минувачите со нож.

Австриските медиуми тврдат дека возачот е 26-годишник од босанско потекло, кој бргу бил совладан и уапсен.

Австриската медиуми пренесуваат дека имало две тела покриени со ќебе во близина на нападот и дека една од жртвите е седумгодишно дете.


Двајца повредени во експлозија во Белград


Белград, 10 јуни, 2015 - 19:25 (META) 

Две лица биле повредени во експлозија на бомба поставена под џип во белрадската населба Банево Брдо, пренесуваат српските медиуми.

Од силната експлозија, возачот на џипот излетал од возилото.

Иако првичните информации беа дека во експлозијата едно лице го загубило животот, сепак од итната медицинска помош дополнително соопштиле дека нема загинати.

Очевидци изјавиле дека експлозијата се случила кога возачот влегол во џипот и го ставил во погон. Од силната експлозиција тој излетал низ ветробранското стакло на возилото.

Со тешки повреди, возачот бил пренесен во болница.

Покрај него, било повредено уште едно лице, кое најверојанто било погодено од некој од деловите од возилото по експлозијата.


Двајца припадници на АРМ повредени во сообраќајка


Гевгелија, 8 мај, 2015 - 17:45 (META) 

Двајца припадници на Армијата на Република Македонија (АРМ) денеска биле повредени во сообраќајна несреќа кога џипот „ланд ровер дефендер“, сопственост на АРМ, од неразјаснети причини се превртел на магистралниот пат Скопје – Гевгелија, кај манастирот „Свети Атанасиј“, соопшти Јавното обвинителство.

Повредени во сообраќајната незгода биле возачот на џипот и совозачот, а другите три лица, кои патувале со нив, се пожалиле на набиеници по телото. На повредените лекарска помош им била укажана од Медицинскиот центар во Гевгелија, а потоа биле префрелни на клиниките во Скопје.

„Од страна на надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија извршен е увид на местото, при што се издадени наредби за фотографирање, скицирање на местото на несреќата, вонреден технички преглед на возилото, земање крв на возачот и земени се првично искази од сите учесници во сообраќајната незгода“, стои во соопштението на Јавното обивнителство.

Оттаму додаваат дека воената оперма, која се наоѓала во џипот на АРМ, „по наредба на обвинителот со записник е предадена од страна на Полициската станица – Валандово на службените лица на АРМ“, кои дошле на местото на несреќата.


Џип на граничната полиција се превртел на автопатот Тетово – Гостивар


Тетово, 26 ноември, 2014 - 10:22 (META) 

Џип на граничната полиција вчера се превртел на автопатото Тетово – Гостивар. Во сообраќајната несреќа биле повредени четворица полицијаци, кои се надвор од животна опасност.

Според првичните неофицијални информации, несреќата се случила кога возачот, обидувајќи се да се избегне пешак кој претрчувал на автопатот, ја изгубил контролата врз џипот.