Штипската Клиничка болница плати над 346.000 евра долг кон вработените


Штип, 18 октомври, 2018 - 14:04 (META) 

Со аванс од Фондот за здравствено осигурување, Клиничката болница од Штип им го плати долгот на болничарите, медицинските сестри и докторите, кои во периодот 2015-2017 година не добивале надоместок за дежурство. Над 80% од персоналот ангажиран во дежурствата имаше извршни решенија за наплата, со што на болницата и се закануваше блокада на сметката. Покрај основниот долг од 364.000 евра, болницата платила уште дополнителни околу 80.000 евра за извршување.

Директорот Ален Ѓеоргијев вели дека парите што ги позајмиле, сега Фондот за здравствено осигурување ги сопира на неколку рати. Веќе се минусирани 8 милиони денари од парите што ФЗОМ ги префрла на болницата за редовно работење.

-Ќе го стегнеме ременот, ќе се трудиме и натаму да останаме ликвидни како што сме до сега, бидејќи сè уште не сме навлегле во должничка криза. Можеби овие месец- два ќе имаме некои доцнења во исплатата, меѓутоа, јас сум оптимист дека ќе успееме да го пребродиме овој економски удар – изјави Ѓеоргијев.

Проблемот со неплатените дежурства се провлекуваше со години, за да кулминира кога вработените тужеа на суд, по што се наталожија над 450 извршни решенија.

Директорот Ѓеоргијев вели дека ако имало волја, претходното раководство на болницата лесно можело да го реши проблемот.

-Јасно е кој не ги исплаќал парите. Во законот јасно си пишува како треба да одат исплатите. Гледате колку сето ова нè чини. Некој друг, не знам од кои причини, не плаќал. На крај, по сумирањето на бројките, може ќе побараме одговорност – рече Ѓеоргијев.

Тој се заблагодари на поголемиот дел од вработените, кои по серија преговори, сепак одлучиле да почекаат и не ги активираат извршните решенија, кои, според директорот Ѓеоргијев, сигурно ќе им ја блокирале сметката.

Дежурствата ја чинат Клиничката болница во Штип значаен дел од месечните издатоци, особено со зголемувањата кои ги добија лекарите и средниот персонал. Сепак, повисоките плати не го решаваат проблемот со недостиг на лекари с- пецијалисти, кои акутно, штипската Клиничка болница го решава со позајмици.

Во моментов во Штип секоја недела дежураат специјалисти од Клиничкиот центар од Скопје и од Општата болница од Кочани. Во Штип доаѓаат 5 неврохирурзи од Клиниката за неврохирургија од Скоје, кои освен дежурство преземаат и редовни операции, а има договор за еден детски хирург. Од Општата болница од Кочани дежураат по еден  невролог и еден анестезиолог.


Во Охрид и Струга нема аптека со 24-часовно работно време и дежурни матични лекари


Охрид, 10 октомври, 2018 - 14:40 (META) 

Во Охрид и Струга каде што нема аптека со 24-часовно работно време, Приватните здравствени установи аптеки, кои имаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување спроведуваат дежурства на повик или состојба на готовност. Граѓаните реагираат дека ваквата состојба за нив претставува проблем, зошто понекогаш се приморани да чекаат до наредниот ден. Тие велат дека и туристите имаат потреба аптеките да работат цела вечер.

Во Охрид и Струга слична е ситуацијата и со матични лекари во вечерните часови и за време на викендите, бидејќи нема дежурни матични лекари. Поради тоа, итните случаи се препраќаат во градските болници, а најтешко е со болните деца.

– Јас ги жалам колегите кои се на детско одделение. Дали да ги гледаат тешките деца кои се болни и кои сакаат интензивен надзор или да решаваат проблем со пациент со дијареа. Се знае како се решава таа работа. Треба да има еден посебен оддел кој ќе биде како дежурна педијатриска амбуланта  –  изјави Никола Филев, лекар по семејна медицина од Охрид.

И матичните лекари велат дека фармацевтите и институциите мора да најдат начин како да го решат овој проблем, во интерес на пациентите.

„Навистина во лето има потреба од дежурна аптека, барем тоа да биде аптеката која работи во состав на Медицинскиот центар во Струга. Не можам да навлезам во тоа, како ќе го изведат“, рече Хаџер Алиед, лекар по семејна медицина.

Иако во минатото и во Охрид и во Струга имаше дежурни аптеки, во 2013 година, ФЗОМ донесе одлука за градовите кои имаат помалку од 15 аптеки и помалку од 30.000 жители, да има обезбедено дежурна аптека која ќе биде достапна на повик, а информациите на кој телефон ќе може да се повика аптеката во овие градови ќе ја има на веб-страницата на Фондот, како и во дежурните служби.


Филипче: Исплатата на зголемениот додаток за дежурства треба да почне во април


Штип, 31 декември, 2017 - 14:51 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче, заедно со државниот секретар во Министерството, Влатко Милошев денеска беа во посета на штипската болница, каде направија увид во изградбата на новиот објект на болницата.

Како што изјави Филипче, новиот објект треба да биде завршен и опремен во текот на следната година, а ќе биде пуштен во употреба во 2019 година.

Тој изјави дека исплатата на зголемениот додаток за дежурства најверојатно ќе почне во април, следната година, посочувајќи дека зголемувањето нема да се однесува само на лекарите, туку и на медицинските сестри.

– Значајно е зголемувањето, некаде околу 100 проценти. Сè уште се изработуваат точните анализи за да процениме кога тоа ќе може да се почне. Но, најверојатно дека зголемувањето на дежурствата ќе почне во априлската исплата, односно за мартовската плата – рече Филипче.

Прашан за коментар за најавите на дел од лекарите дека ќе поднесат тужби, бидејќи не биле исплаќани според колективниот договор, министерот за здравство рече дека во наредниот период ќе има промена на колективниот договор.

Филипче, кој на функцијата министер за здравство беше именуван на почетокот на оваа недела, вчера беше во посета на Општата болница во Струмица, каде изврши увид во граденжните работи на новото крило на болницата.


Судот ќе дежура за да можат кандидатите да добијат уверенија за неосудуваност


Скопје, 8 ноември, 2016 - 16:15 (META) 

Основниот суд Скопје 1 попладнево соопшти дека е подготвен, доколку е потребно, да воведе и дежурства за да можат кандидатите за пратеници да извадат уверенија за неосудуваност и партиите навреме да ги поднесат пратеничките листи.

Од судот ги отфрлаат обвинувањата на дел од политичките партии дека судот им правел проблеми околу издавањето на уверенијата и нагласуваат дека винатата треба да ја бараат кај себе поради ненавременото доставување на барањата за издавање потврда од кривичната и од казнената евиденција.

„Почитувајќи ги законските рокови и целта за која се вадат уверенијата, сите реакции во врска со нашето соопштение не треба да бидат насочени кон судот, туку барателите да ја побараат вината во ненавременото доставување на барањата за издавање на потврда за кривична и за казнена евиденција. Судот не може да биде виновен за личната неажурност на барателите до последен момент да не поднесуваат барања и судот да биде виновникот. Дополнителен проблем на судот е што одредени поединци кандидати на листи за претстојните парламентарни избори се обидуваат да го заобиколат законот со најразлични ургенции и повторно преку медиумите да извршат притисок и да ја сокријат својата неажурност… И покрај сето наведено и сите манипулации во врска со нашето соопштение, ја уверуваме јавноста дека доколку е неопходно, судот ќе воведе и дежурства за кандидатите да го запазат законскиот рок за поднесување кандидатски листи“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје.

Основниот суд Скопје 1 денеска соопшти дека поради предвремените парламентарни избори и зголемениот број на барања, наместо како досега за три дена, ќе издава уверенија од казнената и од кривичната евиденција во рок од пет до седум дена.

Кандидатите што ќе се најдат на пратеничките листи треба да извадат уверенија за неосудуваност, а крајниот рок за поднесување на пратеничките листи е петок на полноќ.

Либералната партија денеска испратила известување до Држваната изборна комисија, во кое навеле дека при доставувањето на документите во Основниот суд Скопје 1, им било кажано дека судот веројатно нема да биде во можност да ги издаде потребните документи во следните седум дена. Партијата од ДИК побара да ги преземе сите потребни мерки за да не се прават „административно-политички пречки“ на партиите.