Ќе се укинува додатокот за трето дете, но само за новите случаи


Скопје, 8 ноември, 2018 - 16:18 (META) 

Министерството за труд и социјална политика со новиот предлог-закон, со кој треба да се измени Законот за заштита на децата, предвидува додаток за секое родено дете во семејството, а во иднина повеќе да не се исплаќа надомест за мајките на трето дете во период од 10 години, ако го родат повеќе од 10 месеци по стапувањето на сила на новиот закон.

Како што објаснуваат од министерството, сите мајки на трето и четврто дете кои досега стекнале право на родителски додаток, ќе добиваат месечен надомест сè до истекувањето на рокот прецизиран во сегашниот закон – 10 години, односно 15 години од раѓањето. Додаток за трето дете во период од 10 години ќе добиваат и мајките што ќе родат трета рожба најмногу 10 месеци откако ќе стапи на сила новиот закон, а потоа ќе се доделува  само еднократен надомест за бебето, односно 60.000 денари. За четврто дете не е предвиден еднократен надомест, додека за првородено бебе по стапувањето на новиот закон на сила ќе се доделуваат 5.000 денари, а за второ дете 20.000 денари.

Од Министерството велат дека иако постоечкиот закон имал за цел да го зголеми наталитетот, тоа не се случило.

„Додаток за трето дете беше наменет кон зголемувањето на наталитетот, но податоците покажуваат дека самата мерка нема никаков ефект врз наталитетот. Стапката на наталитет опаѓа, од 13,3 во 2001 година до 11,1 во 2016 година“, се вели во соопштението.

Од таму велат дека поддршката за семејствата со минимални приходи и за оние кои се корисници на социјална помош, во иднина ќе се остварува преку надоместоците за  детски и на образовен додаток, чија крајна цел е да се намали детската сиромаштија.

Дополнително, според Министерството, досегашната практика е неправедна, оти родителски додаток за трето и четврто дете добивале и семејства кои се во многу добра економска ситуација.


Социјалната помош од следната година трипати повисока


Скопје, 18 септември, 2018 - 14:38 (META) 

Трипати поголема социјална помош за најголем дел од семејствата во социјален ризик, преквалификација и доквалификација на работоспособните приматели со цел да можат да се вратат на пазарот на труд и да излезат од сиромаштија, како и олеснување на пристапот до детски додаток, предвидува реформата на социјалниот систем што треба да почне да се применува од 1 јануари наредната година, соопштија на прес-конференција премиерот Зоран Заев и министрите за труд и социјална политика и за финансии Мила Царовска и Драган Тевдовски,

Според најавите, четириричлено семејство, со едно работонеспособно лице ќе добива 11.700 денари, а семејство со двајца возрасни и две деца 10.600 денари.

– Четиричлено семејство со две возрасни деца и едно лице кое е неработоспособно месечно ќе добива 11.700 денари. Трите лица влегуваат во системот на активација, односно поддршка за подготовка за вработување. Типично четиричлено семејство со две малолетни деца ќе добива 10.600 денари од кои денес 70 отсто од овие лица имаат 3.029 денари, и тоа ги доведува во дополнителен ризик. Разликата е над 7.000 денари или 300 отсто – рече министерката Мила Царовска.

Таа рече дека ќе се зголеми и опфатот на детскиот додаток.

-Детски додаток сега примаат многу малку деца, вкупно 3.200 деца. Ваков додаток примаат само оние семејства кои имаа приход до 10.000 денари. Со реформата овој додаток ќе го примаат 73.500 деца – рече Царовска.

Во иднина детски и образовен додаток ќе добиваат и семејствата со едно вработено лице, односно оние кои примаат минимална плата.

– Семејствата со минимална плата од 12.165 денари во наредните години ќе имаат месечен приход од 15.465 денари. Во овие приходи влегуваат детскиот додаток од 1.600 денари и образовниот додаток од 1.700 денари. Оние пак со право на минимална гарантирана помош ќе земаат 10.600 денари, во кои влегуваат детскиот образовниот додаток, како и енергетскиот додаток – рече Царовска.