Министерство за здравство со забрана: Нема МРП вакцина – нема градинка


Скопје, 2 јануари, 2019 - 15:42 (META) 

Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници на ниво на Скопје, поради  12 нови случаи.

Министерот Венко Филипче на прес-конференцијата денеска порача дека шест од новите случаи се потврдени преку лабораториски анализи, а за другите шест случаи анализите се очекуваат утре. Овие нови 12 случаи се надоврзуваат на седумте случаи во градинка во Радишани пред десетина дена.

Министерството денеска донесе и забрана за носење во градинка на деца кои не примиле МРП вакцина (за морбили, рубеола и паротитис), соопшти министерот Филипче.

– Информираме дека за жал на територијата на градот Скопје има нови 12 случаи. Шест се дефинитивно потврдени со соодветните анализи, за останатите шест ги очекуваме во текот на следниот ден. Сите нови случаи се невакцинирани лица со МРП вакцината. Затоа е прогласена е епидемија на мали сипаници во Скопје и принудени сме од утре да донесеме привремена мерка – забрана за носење на деца кои не се вакцинирани во градинките – изјави Филипче.

Во Скопје 15.000 деца се невакцинирани од морбили. Филипче вели дека со повиците за вакцинирање, од тие 15.000, само 310 деца биле однесени на вакцинација, што според него, е многу мала бројка.

-Од 15.000 невакцинирани деца со повиците од вакциналните пунктови, само 310 се вакцинираа, што е мала бројка. Добра околност е што училиштата не работат, поради распустот. Но, секако состојбата ја имаме под контрола. Станува збор за исклучително сериозно заболување што за жал понекогаш е фатално по животот на децата. Секое непочитување на препораките е дополнителен ризик по здравјето на целото население – порача министерот за здравство.

Од новите 12 случаи, најголемиот број се деца на возраст за посетување градинка.


По инспекцијата во гевгелиската градинка, директорката ќе го решава случајот


Скопје, 7 август, 2018 - 14:56 (META) 

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) соопшти дека по извршената инспекција во градинката „Детска Радост“ во Гевгелија, директорката на установата ќе треба да утврди дали има прекршување.

Министерството вчера испрати инспекција во градинката по видеото објавено на социјалните мрежи, кое беше пренесено во медиумите, а во кое, наводно воспитувачка, вика и ги навредува децата.

Од МТСП велат дека се земени изјави од вработените и директорката и таа е задолжена да ја утврди фактичката состојба, а доколку најде докази дека е сторен некаков прекршок, да поднесе иницијатива за покренување на дисциплинска постапка или пријава за сторено кривично дело.


МТСП: Самохраните родители со ниски примања нема да плаќаат за градинка


Скопје, 20 март, 2018 - 12:57 (META) 

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информира дека од денеска сите самохрани родители кои имаат плата и месечни приходи во износ до минималната плата утврдена со закон, ќе бидат ослободени од плаќање на партиципацијата за сместување на дете во детска градинка.

Тоа е овозможено со измените на Правилникот за условите, критериумите и начинот на остварување на правото на партиципација во трошоците за згрижување, воспитание, одмор и рекреација на деца во јавните установи за деца. Измененетиот правилник стапува на сила денеска, со неговото објавување во Службен весник на Република Македонија.


Скопјанка пријавила дека воспитувачка го тепала нејзиниот шестгодишен син


Скопје, 7 февруари, 2018 - 14:17 (META) 

Скопјанка во Полициската станица Аеродром вчера пријавила дека нејзиниот шестгодишен син бил тепан од воспитувачка во градинка, соопшти СВР Скопје, појаснувајќи дека се работи на расчистување на случајот.

Жената кога завчера попладнето дошла да го земе синот од градинка забележала дека има оток на десниот образ и го прашала од што му е, на што детето рекло дека неговата воспитувачка неколку пати го удрила по образот. Мајката потоа го информирала директорот на градинката кој и кажал да пријави в полиција. Жената од градинката го однела детето на лекарски преглед, со кој е утврдено дека детето има оток, а вчера попладне го пријавила случајот в полиција.


Министерката Ременски најави поддршка за отворање на нова детска градинка во Тетово


Тетово, 29 март, 2016 - 15:36 (META) 

Тетовската локална самоуправа одговорила позитивно на писмениот допис на Министерството за труд и социјална политика, кое побарало Општина Тетово да изнајде соодветна локација за изградба на нова детска градинка.

Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски, изјави дека во завршна фаза е административната процедура за изградба на три центри за ран детски равој во Тетово.

– Идејата за ваквиот поттик и иницијатива дојде од причина што последниве четири години Тетово и некои други општини, не биле влезени во капиталните расходи за згриживање на деца. Исто така сакам да истакнам дека вчера во Министерството за труд и социјална политика е потпишана дополнителна согласност за одлуката на Советот на Општина Тетово за отворање на три центри за ран детски развој – изјави министерката Ременски.

Министерката Ременски денеска во Тетово најпрвин оствари средба со Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, а потоа беше во Центарот за социјални работи Тетово.

– Со директорот на Центарот за социјални работи Тетово, разговаравме за проблемите во неговата установа. И тука констатиравме низа проблеми во однос на немање на доволно возила, кои се неопходни за теренска работа на вработените во центарот, нема доволлно компјутери, скенери, принтери и слично – изјави Ременски.