Повеќе од еден милион патници патувале преку двата аеродрома, првите шест месеци


Скопје, 10 јули, 2018 - 13:56 (META) 

Повеќе од еден милион патници патувале преку двата аеродроми во Скопје и Охрид во првите шест месеци од годината, што претставува годишен пораст од 21 процент, во споредба со првата половина од 2017 година, информираат од „ТАВ Македонија“.

Во истиот период, бројот на летови на двата македонски аеродроми достигнал 9.033, со годишен пораст од 16 проценти.

– Додека европските аеродроми имаат просечен пораст на бројот на патници од 6,1 процент во 2018 година, „ТАВ“ продолжува да бележи високи двоцифрени стапки на пораст на патничкиот сообраќај на македонските аеродроми. Овој позитивен тренд во порастот на воздушниот сообраќај, го потврдува големиот потенцијал што го има македонскиот воздухопловен пазар. Ќе продолжиме да правиме максимални напори за развој на аеродромите во Скопје и во Охрид, со привлекување на нови авиокомпании и проширување на мрежата на дестинации, во соработка со сите надлежни државни институции – изјави генералениот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Најфрекфентните дестинации според патничкиот сообраќај во првите шест месеци на Меѓународниот Аеродром Скопје се Истанбул, Цирих, Базел, Виена, Малме и Братислава.

Во однос на учеството на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, „Виз ер“ превезува најголем број патници со 63,3 проценти пазарен удел, а потоа следуваат „Туркиш ерлајнс“ (8,1 процент), „Аустриан ерлајнс“ (5,1 процент), „Германија флуг“ (4,6 проценти), „Еделвајс“ (3,8 проценти), „Кроација ерлајнс“ (3,1 процент), „Пегасус ерлајнс“ (3 проценти).

Меѓународниот Аеродром Скопје, моментално е поврзан со 38 дестинации, кои се опслужуваат од 13 авиокомпании. Охридскиот аеродром Свети Апостол Павле има три редовни авиолинии кои функционираат во текот на целата година и осум сезонски дестинации, опслужувани од 11 авиокомпании.


Бројот на патници во јануари е зголемен за 18,7 отсто во однос на истиот месец лани


Скопје, 20 февруари, 2018 - 14:53 (META) 

Во јануари годинава, од двата аеродроми превезени се вкупно 151.381 патници, што претставува зголемување од 18,7 отсто споредено со истиот месец лани, информираат од Министерство за транспорт и врски.

На скопскиот аеродром, регистрирани се вкупно 145.592 патници што во споредба со јануари 2017 година, кога биле превезени 123.118 патници, се забележува зголемување од 18,3 отсто.

На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, бројот на превезени патници е зголемен за 30,8 проценти во однос на бројот на патници во јануари, лани.


Грција годинава ќе биде поскапа, но останува најпосетена дестинација


Скопје, 25 мај, 2017 - 15:48 (META) 

Туристичко-угостителската комора на Македонија (ТУК) пред почетокот на летната сезона оцени дека дел од аранжманите за летување се продадени, поради попустот за предвремена резервација. Сепак, поголем дел од аранжманите се очекува да се продадат во претстојниот период.

Како резултат на случувањата и неизвесноста поголем дел од граѓаните се уште не се одлучиле каде ќе летуваат годинава и термините за одмор ги добиваат подоцна во текот на сезоната. Туристичката понуда за оваа летна сезона е различна, од вообичаените аранжмани за Грција, Турција, па се до понуди за Азурниот брег, Шпанија, Малдиви, Сејшели, Маурициус, Бали, Куба и останати поегзотични и нетрадиционални дестинации. Најбарани се аранжманите за Грција и Турција,“ вели Аркан Керим, претседател на Туристичко – угостителската комора при Сојузот на стопански комори (ССК).

Од ТУК очекуваат дека поради близината и атрактивноста, Грција и годинава да биде најпосетена дестинација за македонските туристи, но велат дека има мало зголемување на цените.

Посебно оваа година, заради цената, атрактивни се понудите за одмор во Египет и Тунис и за младите, дестинации како Крит и Родос.

Според ТУК, годинешната летна туристичка сезона, согласно првичните проценки кои се направени и покрај влијанието на политичката криза и воздржаноста на граѓаните како резултат на неизвеснота, очекуваат да биде успешна со стабилизацијата на пазарот.

Од таму порачуваат, граѓаните да патуваат со етаблирани туристички агенции добро да се разгледаат аранжманите за да не се најдат во ситуација кога се изманипулирани и не ги добиле услугите кои претходно им биле ветени.


„Виз ер“ воведува нова линија Скопје – Хановер


Скопје, 28 октомври, 2016 - 13:27 (META) 

„Виз ер“ ќе воведе нова авиолинија на релација Скопје – Хановер од 31 октомври. Летовите ќе се одвиваат во понеделник и во петок од аеродромот „Александар Велики“ кон Хановер и во вторник и во сабота до Скопје.

Хановер е 23. дестинација со која „Виз ер“ оперира од скопскиот аеродром „Александар Велики“, а истовремено деветта дестинација од Скопје и од Македонија до Германија.

– Очекуваме оваа авиолинија да се покаже како успешна и да ги поврзува нашите патници со Германија, од деловни и образовни причини или, пак, за одмор и за релаксација, а во исто време да донесе и германски туристи и бизнисмени во Македонија – истакна генералениот директор на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски.

Скопскиот аеродром „Александар Велики“ нуди директни линии до 33 дестинации, а заедно со охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, Македонија во моментов има авионска врска со вкупно 35 дестинации.

Првите девет месеци имало 17 проценти повеќе патници превезени на двата македонски аеродрома „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, споредено со истиот период минатата година, достигнувајќи вкупно 1.382.714 патници.


Туристичката соработка на земјите од регионот е важна за развојот на туризмот


Скопје, 18 јули, 2016 - 14:56 (META) 

За креирање заеднички туристички понуди за настап на трети пазари, за зголемување на бројот на туристи и за туристичката соработка помеѓу земјите, разговараа претседателот на туристичко-угостителската комора при Сојуз на стопански комори ССК, Аркан Керим, и амбасадорите на Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и на Албанија во Македонија.

– Нашата цел е продлабочување и интензивирање на туристичката соработка помеѓу земјите и подготвување квалитетни туристички услуги заради привлекување туристи од трети земји. Авиолинија Скопје – Подгорица – Сараево, како и автопат Скопје – Приштина ќе овозможат зголемување на бројот на туристи од Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Албанија, а со Србија потребна е поголема заедничка промоција на туристичките дестинации во двете земји – изјави Керим.

Соговорниците истакнале дека за државите е многу значајно создавање на заедничка агенда за развој на туристички продукти и менаџмент–дестинации, бидејќи заедничкиот настап овозможува поатрактивна понуда за туристите чиишто дестинации се европските и балканските земји.

Земји со најголем потенцијал за дојдовен туризам сметаат дека се Кина, Јужна Кореја, Малезија, Иран, Хонг Конг, Канада и Америка.

Туристичко-угостителската комора при Сојуз на стопански комори во блиска иднина ќе потпише договор за соработка со туристичките комори од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и од Албанија со што ќе се овозможи понатамошна уште поинтензивна меѓусебна соработка.


„Виз ер“ ќе лета и до Братислава, Копенхаген и до Берлин


Скопје, 2 декември, 2015 - 13:13 (META) 

Братислава, Копенхаген и Берлин се новите дестинации до кои нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ ќе лета од Скопје.

Новите летови ќе се воспостават во март следната година.

„Виз ер“ сега нуди 24 рути кон 11 земји од двата македонски аеродроми, во Скопје и во Охрид.