ЕФБ: Декларација за европско партнерство со Балканот, се бара искреност и брзина


Белград, 17 април, 2018 - 10:23 (META) 

Европското партнерство со Балканот мора да се темели на поискрени и потранспарентни односи кои и даваат предност на демократската трансформација, се наведува во Декларацијата за европско партнерство со Балканот, која беше промовирана синоќа на регионална конференција по повод 10-годишнината од Европскиот фонд за Балкан (ЕФБ) во Белград.

На одбележувањето и на промоцијата присуствуваше и шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кој беше и еден од главните говорници синоќа и рече дека „сите сме во ист чамец“.

„Крајно време е подрачјето на Западен Балкан во процесот на пристапување кон Европската унија храбро да се соочи со проблемите што го оптоваруваат и заеднички да гради иднина“, рече Димитров.

Во Декларацијата, меѓудругото се наведува дека „членството во ЕУ не е прашање на политички опортунизам, туку генерациска политичка и социјално-економска определба“.

„Сто години по завршувањето на Првата светска војна, 2018 година треба да значи историска пресвртница. Новата стратегија на Европската комисија и самитот за Западен Балкан закажан во мај 2018 година, ја потврдуваат цврстата определеност на ЕУ за исполнување на оваа цел“, се вели во Декларацијата.

Но, истовремено се предупредува од можна дестабилизација доколку не се искористи моментот.

„Ако регионот ја искористи оваа шанса, тој може да стане дел од ЕУ. Но, ако Западен Балкан ја испушти оваа шанса, ризикува да заостане зад ЕУ, без јасна визија, изложен на дополнителна дестабилизација“, се додава во неа.

На перспективите, но и можните негативни сценарија за Балканот, се осврна и поранешниот потпретседател на Европскиот парламент Ханес Свобода, кој се заложи за брзо „условено членство“.

„Помалку права и обврски, а доколку државата кандидат ги исполни сите услови успешно, станува полноправен член. Во спротивно ќе се случи катастрофа“, рече Свобода.

Конференцијата продолжува и денеска со учество на повеќе познати сегашни и поранешни политичари, меѓу кои се Димитров, Свобода, Ерхард Бусек, Горан Свилановиќ, како и околу 200 други угледни јавни личности, претставници на тинк-тенк организации или вработени во министерствата од земјите од регионот.


Трајанов: Македонија треба да се воздржи од реципрочни мерки кон Србија


Скопје, 22 август, 2017 - 13:44 (META) 

Повлекувањето на персоналот од амбасадата на Србија во Македонија е сценарио за дестабилизација на Балканот од пошироки размери, каде се испреплетуваат геостратешките интереси на повеќе центри на моќ, сметаат од Демократскиот сојуз.

Од партијата на поранешниот пратеник и министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, велат дека со овој непромислен, избрзан и неавтентичен акт на Србија, главната цел е да се блокираат евроатланските процеси на Македонија и да се спречи или забави приемот на земјата во НАТО и почетокот на преговорите за влез во Европската Унија.

„Повеќе од сигурно е дека Србија со поддршка од странство е ‘вовлечена’ во оваа непромислена авантура, која има поткрепа и од политички структури во Македонија. Македонија треба да се воздржи од реципрочни мерки и да се залага за продлабочување на соработката со Република Србија и при тоа, да не отстапува од нашите национални, државни и стратешки интереси за членство во НАТО и во ЕУ“, велат од партијата.

Оттаму додаваат дека наводните офанзивни разузнавачки активности можеби се резултат на добро смислена стратегија со „поддршка и инволвираност на припадници на безбедносни служби во Македонија, кои не се сложуваат со политиката на новата Влада и реформите кои се одвиваат“.


Плевнелиев: Од Москва доаѓаат тезите на противниците на договорот со Македонија


Скопје, 7 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Бугарија нема повисок интерес од тоа да има мир на Балканот и се залага за траен и одржлив мир и за добрососедство, изјави поранешниот бугарски претседател, Росен Плевнелиев, коментирајќи го развојот на бугарско-македонските односи во емисијата „Денот почнува“ на „Бугарската национална телевизија“.

Според Плевнелиев, Бугарија има историска шанса да биде патот по кој Европската Унија ќе се прошири, а Македонија треба да влезе во Европа, но најголем нејзин проблем, како што рече, е идеологијата на македонизмот.

– Тоа е една целосно антибугарска идеологија, која нас нè прави фашисти. Тоа е една идеологија на бришење, тоа е една идеологија на манипулирање на историјата. Бугарија треба да излезе и јасно да каже дека ние сме за обединета и неделива Македонија. Тоа е една млада држава и ние треба да ѝ помогнеме да оди напред. Бугарија нема потреба од повеќе територија, Бугарија е за тоа границите да паднат, а не да се поместуваат. Бугарија е за траен и одржлив мир и за добрососедство – изјави Плевнелиев.

За Плевнелиев, потпишувањето на договорот за добрососедство со Македонија ќе претставува сигурна основа за развој на меѓусебните односи и напорите во таа насока треба да бидат поздравени.

Плевнелиев, исто така, посочи дека сериозно ги анализирал „главните тези“ на противниците на договорот меѓу двете земји во дебатите што се водат во Македонија, Бугарија, но и во Србија.

– Главните точки се исти. Според мене, тие доаѓаат од Москва. Москва ја користи секоја можност и секој начин да ја дестабилизира ЕУ. Најлесниот пат за тоа е преку Балканот. Тука останува на бугарските политичари, независно од која политичка партија доаѓаат, да не одат по точките од една или друга сила, туку да направат дебата во парламентот за суштината на националната стратегија на Бугарија –додаде Плевнелиев.


СДСМ: Го осудуваме инцидентот за кој соопшти Милошоски, МВР бргу да го расветли


Скопје, 14 мај, 2017 - 13:02 (META) 

Најостро го осудуваме инцидентот што се случил во домот на родителите на Антонијо Милошоски. МВР мора веднаш да го расветли случајот со поставената бомба, а извршителите мора да бидат најдени и соодветно казнети, реагира СДСМ.

Партијата вели и дека „дстабилизацијата во државата мотивирана и креирана од Груевски и од соработниците мора веднаш да престане, бидејќи таа не носи ништо добро за никого“.

„Доаѓа одговорна влада што ќе се грижи за сите граѓани, независно од нивната политичка, етничка и друга припадност, наместо како досега да се поттикнува насилство омраза и нетрпеливост како што прави раководството на ВМРО-ДПМНЕ во обид да разгори тензии меѓу граѓаните“, се вели во реакцијата од СДСМ.


Лавров се надева дека Западот ја сфаќа опасноста од дестабилизација на Македонија


Москва, 23 март, 2017 - 13:10 (META) 

Москва се надева дека западните земји ја сфаќаат опасноста од обидите за дестабилизација на ситуацијата во Македонија, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пренесува „Спутник“.

Според Лавров, чудно е што Балканот се перципира како регион на руски „провокативни активности“, а секои нормални релации меѓу Русија и балканските земји предизвикуваат загриженост кај Западот.

– Сегашната ситуација во Македонија е малку покомплицирана, дури би ја нарекол и криза, во голем дел предизвикана вештачки, која води до ситуација за обиди за поделба на општеството – вели Лавров, изразувајќи надеж дека „Западот ја сфаќа опасноста од таквите обиди“.

Според пишувањата на „Спутник“, официјална Москва неколкупати повикала на запирање на странското мешање во внатрешните работи на Македонија. Рускиот портал пишува дека декемвриските предвремени парламентарни избори во Македонија резултирале со победа на ВМРО-ДПМНЕ, која освои 51 пратеничко место, додека 49 од вкупно 120 места ги доби опозицискиот СДСМ и дека оттогаш партиите се обидуваат да формираат коалиции, но досега без успех.

Руското МНР во март оцени дека македонската опозиција „отворено е поддржана од ЕУ и од САД“ и дека еврокомесарот Јоханес Хан, високата претставничка Федерика Могерини и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вршат „невиден притисок“ врз македонскиот претседател Ѓорге Иванов да ѝ даде мандат за формирање влада на опозицијата.

На запирање на странското мешање во внатрешните работи на Македонија, претходно повика и постојаниот руски претставник во ОБСЕ, Александер Лукашевич, пишува „Спутник“.


Москва: Бесрамното манипулирање со гласачите може да ја дестабилизира Македонија


Москва, 2 февруари, 2017 - 14:16 (META) 

Констатираме сериозно продлабочување на политичката криза во Република Македонија и станува очигледно дека „вештачки предизвиканите“ предвремени парламентарни избори одржани на 11 декември 2016 година не придонесоа за решавање на ситуацијата, се вели во денешниот коментар на одделот за информации и за печат на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.

Според руското МНР, под „псевдодемократски слогани“ продолжува длабокото надворешно влијание врз политичките сили во Македонија.

„Целта е очигледна – Западот да расчисти со македонските политичари кои не му се омилени и покрај јасно изразената волја на граѓаните на изборите во полза на Коалицијата за подобра Македонија на чело со Никола Груевски и со ДУИ на Али Ахмети“, стои во соопштението.

Оттаму велат дека особен немир „предизвикува фактот што во мултиетничка и мултикултурна Македонија, каде имаше тежок меѓунационален конфликт, политичарите од една етничка заедница врз основа на надворешно диктирани ултимативни барања фактички решаваат кој од блоковите на другата заедница да влезе во составот на идната владина коалиција“.

„Бесрамното макијавелистичко манипулирање со волјата на гласачите може да предизвика ескалација на состојбата во Македонија и да ја наруши кревката стабилност во целиот регион. Убедени сме дека само со целосно отфлање на штетните надворешни влијанија и со фокусирање на вистинската демократија и самостојно решавање на внатрешните проблеми се основа за зацврстување на довербата меѓу народите што живеат тука и формирање регионална клима за безбедност“, велат од руското МНР.

Соопштението на руското МНР доаѓа по вчерашната средба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со амбасадорот на Русија во земјава, Олег Шчербак.


Груевски: Со 63 пратеници нема да дозволиме дестабилизација на државата


Скопје, 8 декември, 2016 - 20:48 (META) 

СДСМ ќе го доживее десеттиот пораз од овој народ, кој гласот ќе го даде за тие што отворија повеќе од 160.000 работни места, тие што создадоа најдобра бизнис-клима и за тие што направија држава со најниски даноци во светот, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на митингот на Коалицијата за подобра Македонија во општина Бутел.

– Народот нема да дозволи двојазичност, кантонизација и промена на Уставот. Но, за да ја има народот оваа сигурност, потребни се 63 пратеници, а 11 декември е шансата за референдум и само така нема да дозволиме дестабилизација на нашата држава – изјави Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, митинзи вечерва ќе одржат и во Гази Баба и во Шуто Оризари.


Ахмети за РСЕ: Има многу центри што работат на создавање хаос во Македонија


Скопје, 13 ноември, 2016 - 11:11 (META) 

Има многу центри кои работат на штета на интегрирањето на нашата земја во ЕУ и особено во НАТО, оцени лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за „Радио Слободна Европа“.

– Има многу центри што работат во насока на создавање хаос, недоверба меѓу двете најголеми етнички заедници во нашата земја, т.е. Албанците и Македонците, бидејќи тие центри сигурно дека не се без искуство и знаат дека хармонијата, блискоста и довербата меѓу Албанците и Македонците за да се придвижи земјата напред е многу добра работа, ова е за доброто на Република Македонија и, како да речам, фрлаат искри за да се влошат овие односи – вели Ахмети.

Лидерот на ДУИ во интервјуто наведува дека во соседните земји постојат структури и групации кои сакаат да ја поделат земјата за сопствени интереси.

– Јас тука не зборувам и не ги обвинувам владите на соседните земји, но во сите соседни земји има групи и групации кои не ги интересира добрата иднина на Македонија, не сакаат Република Македонија да е дел од НАТО, да е дел од Европската Унија. Значи има групи и групации во сите соседни земји во регионот кои се заинтересирани да ја поделат оваа земја за одредени интереси но тука без лошо да бидам сфатен не се работи за влади на земјите од регионот, но зборувам за групи и групации кои не се без влијание во земјите каде што работат навлегувајќи со нивните идеи и во нашата земја, во Скопје и во многу други градови на Република Македонија, промовирајќи ја нивната идеја, платформа на некој начин преку легалните патишта и преку полулегалните и делумно работејќи илегално – вели Ахмети.


Вучиќ на Македонија ѝ посака мир и успех во решавањето на проблемите


Белград, 16 април, 2016 - 11:50 (META) 

Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска изјавил дека Владата на Србија посакува актуелните проблеми во Македонија што побргу да се решат, пишува српски „Блиц“.

– Му посакуваме мир на нашиот братски народ, сакаме стабилност, не сакаме да се мешаме во внатрешните односи, но им посакуваме успех во решавањето на проблемите – изјавил Вучиќ при отворање на нов производствен погон во Ниш.

Тој додал дека Србија е стабилна и сигурна земја, на која ѝ е важна стабилноста во регионот.

– Србија е сигурна, за Србија нема проблеми, но за нас е важно проблемите во Македонија што побргу да бидат решени – изјавил Вучиќ и додал дека каква било дестабилизација не е потребна.

„Блиц“ потстетува дека во изминатите неколку денови во Македонија се одржуваат протести поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да аболира политичари вмешани во аферата со прислушување.


Лајчак: Можна е дестабилизација ако не се реши кризата во Македонија


Брисел, 16 март, 2015 - 19:06 (META) 

Словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, за „Мета“ денеска изјави дека е многу загрижен за ситуацијата во земјава.

– Со голема загриженост ги следам случувањата затоа што наводите презентирани од страна на лидерот на опозицијата се многу сериозни и бидејќи Македонија е земја-кандидат за ЕУ, мислам дека тоа е прашање кое министрите за надворешни работи на ЕУ треба да го дискутираат. Мораме да откриеме каде е вистината. Тоа е важно, не само за нас, туку и за граѓаните на Македонија. Потребна е непристрасна и објективна истрага – вели Лајчак.

За Лајчак истрагата ќе биде добар начин да се спречи дестабилизација.

– Ако тоа не се направи, ќе има многу интерпретации за тоа што се случило и тоа може да доведе до дестабилизација. Тоа не е нешто за што сакам да зборувам, но мислам дека мора да реагираме. Обвинувањата се многу сериозни, затоа мора да ја етаблираме вистината – рече Лајчак.