!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Граѓаните лани имале разнишана доверба во банките и во денарот


Скопје, 4 мај, 2017 - 13:53 (META) 

Граѓаните имале разнишна доверба во банките во вториот квартал од 2016 година, што било изразено преку повлекувањето на депозити, преку недоверба за стабилноста на домашната валута, како и преку засилена побарувачка на девизи, се вели во извештајот за ризиците во банкарскиот систем на Македонија за 2016 година на Народна банка.

Како резултат на тоа, банкарските депозити повеќе биле во странски валути отколку во денари, наспроти практиката од претходните години.

„Годишната стапка на пораст на денарските депозити речиси се преполови во однос на 2015 година. Ова предизвика да се намали учеството на денарските во вкупните депозити, од 57,6 проценти во 2015 г. на 56,9 проценти на крајот на 2016 година. Лани, порастот на денарските депозити (кој изнесуваше 4,1 отсто), најмногу беше условен од порастот на корпоративните депозити. Денарските депозити на домаќинствата се зголемија за само 0,7 отсто, што е повеќекратно забавување во однос на 2015 година, кога порастот изнесуваше 14 проценти“, се вели во извештајот.


НБРМ: И покрај политичката криза, банкарскиот систем ја задржа стабилноста


Скопје, 27 април, 2017 - 14:03 (META) 

Советот на Народната банка на Македонија го усвои годишниот извештај за 2016 година, при што се вели дека девизниот курс останал стабилен, стапката на реален пораст на економијата изнесувала 2,4 проценти и е умерено пониска во споредба со 2015 година.

На крајот на 2016 година, надворешниот бруто-долг изнесува 7.253,2 милиони евра, или 73,5 отсто од домашниот бруто-производ, што претставува пораст од 4,1 процентен поен од домашниот бруто-производ во споредба со крајот на 2015 година.

„И покрај силното влијание на нестабилната политичка состојба во земјата, придружена со шпекулации за девалвација на курсот на денарот и за стабилноста на домашните банки и депозитите вложени кај нив, што беше особено изразено во првата половина од годината, банкарскиот систем ја задржа стабилноста“, велат од Народна банка.

Според Народна банка, повлекувањето на депозити од банкарскиот систем, присутно во второто тримесечје од 2016 година, претставувало вистински стрес-тест за соодветноста на обемот на ликвидните средства на банките, кои се намалиле за повеќе од 10 проценти за само еден квартал.

„Сепак, со повисокиот износ на претходно акумулирани ликвидни средства, како и инструментите на Народната банка за креирање ликвидност, успешно се амортизираше оваа кризна епизода во домашниот банкарски систем и дури се овозможи остварување позитивни стапки на кредитен пораст, како главен извор на приходи за банкарскиот систем“, велат од Народна банка.


Банките го намалија кредитирањето, а ја зголемија ликвидноста во јануари


Скопје, 15 февруари, 2017 - 16:21 (META) 

Народна банка нотираше намалување на вкупните кредити во јануари како резултат на пониското ниво на кредити на претпријатијата, при умерен раст на кредитирањето на населението.

– На годишна основа, според првичните податоци, кредитната активност во јануари расте со солидно темпо, што е блиску до проектираниот раст за првиот квартал на 2017 година, согласно со октомвриската проекција – велат од Народна банка.

Во истиот период, ликвидноста на банките се зголемила како резултат на пониската побарувачка на готовина во економијата по новогодишните и божиќните празници.

– Во такви околности, дел од вишокот денарски ликвидни средства на почетокот на годината беше повлечен преку основниот инструмент – благајничките записи. Краткорочните промени кај ликвидноста банките ги усогласуваа преку пласирање средства во расположливите депозити кај Народната банка, чијашто состојба се задржа на релативно високо ниво – додаваат Народна банка.


Се зголемуваат заштедите на населението и депозитите, оцени Народна банка


Скопје, 15 февруари, 2017 - 15:59 (META) 

Вчера се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка, на која беа разгледани состојбите и показателите за домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари.

Од Народна банка соопштуваат дека има сигнали за стабилизација во економијата и тоа го гледаат преку штедењето на населението и склоноста за располагање со девизи.

Kаматната стапка на благајничките записи се намали за дополнителни 0,25 процентни поени и таа сега изнесува 3,25 проценти.

– Првичните јануарски податоци упатуваат на понатамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, со што тие се зголемуваат осум месеци последователно. На девизниот пазар, по високиот износ на откуп во изминатите шест месеци, во јануари позицијата на НБРМ беше неутрална. Девизните резерви и понатаму остануваат на адекватно ниво. Солидната динамика на зголемување на депозитите на годишна основа продолжи и во текот на јануари – се вели во соопштението на Народна банка.


НБРМ: Банките се изложени на ризик од идно зголемување на каматните стапки


Скопје, 16 декември, 2016 - 12:23 (META) 

„Банките се изложени на ризик од идно зголемување на каматните стапки, но широката примена на прилагодливите каматни стапки во договорите за кредити и за депозити вршат замена на овој вид ризик. Притоа се презема индиректен кредитен ризик поради чувствителноста на кредитоспособноста на клиентите од нагорни промени на каматните стапки“, се вели во соопштението на Народна банка.

Во текот на првите девет месеци од 2016 година, според народна банка, банките покажале повисок износ на добивка од работењето споредено со истиот период минатата година, а со тоа се подобриле и стапките на поврат на капиталот и средствата.

Показателите за солвентноста на банките во третиот квартал од 2016 година покажаа мало подобрување. Стапката на адекватност на капиталот на крајот од третиот квартал на 2016 година изнесува 15,7 проценти и овозможува доволен простор за апсорбирање на евентуалните неочекувани загуби на банките. Поволен факт е и доминацијата на основниот капитал во структурата на основните средства.


Се зголемуваат корпоративните и депозитите на домаќинствата


Скопје, 16 декември, 2016 - 10:38 (META) 

Стабилизацијата на очекувањата на економските субјекти во третиот квартал позитивно се одрази на банкарското работење во целина, соопшуваат од Народна банка.

– Квартално зголемување е забележано како кај корпоративните, така и кај депозитите на секторот домаќинства. Речиси еднаков придонес за зголемувањето на вкупните депозити забележаа и денарските и девизните депозити – се вели во соопштението на Народна банка.

Намалувањето на ризиците по економијата во третиот квартал се гледа и од зголемувањето на ликвидните средства на банките од 5,5 проценти во третиот квартал.

Тоа овозможи речиси целосно обновување на ликвидните средства што се употребија во текот на вториот квартал за амортизирање на кризата со одливот на депозитите.


Народна банка ја намали основната каматна стапка од 4 на 3,75 проценти


Скопје, 15 декември, 2016 - 13:57 (META) 

Каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, Народна банка ја намали за 0,25 процентни поени, и таа сега изнесува 3,75 проценти.

– Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на видливото стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, кое во континуитет е присутно во последните шест месеци, и на значително повисоката структурна ликвидност на банкарскиот сектор. Сигналите за стабилизација се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем – се вели во соопштението на Народна банка.

Каматната стапка на благајничките записи, како основна каматна стапка, беше зголемена за 0,75 процентни поени, од 3,25 на 4 проценти на 4 мај, како реакција на Народна банка на зголемената побарувачка на девизи и на притисоците врз депозитната база на банките.

Ова намалување на каматната стапка, според некои од банките, нема значително да влијае врз намалување на каматите на кредитите и на заштедите.


Наумов: Миноски ги задолжи граѓаните со 18 милиони евра


Скопје, 8 ноември, 2016 - 15:58 (META) 

На денешното задолжување на домашниот пазар на капитал министерот за финансии, Кирил Миноски, иако побаруваше 12,1 милиони евра, ги задолжи граѓаните со нови 18 милиони евра, се вели во реакцијата од дополнителниот заменик-министер за финансии Кире Наумов, на денешното задолжување на државата.

Во него се додава дека јавниот долг поради ова темпо на задолжување ги надминал критичните 50 проценти од домашниот бруто-производ, граница која Меѓународниот монетарен фонд препорача да не се надминува.

– Министерот за финансии јавно се обврза дека по секое ново задолжување ќе ја објавува состојбата на државните депозити. Досега ниту еднаш го нема сторено тоа – се додава во соопштението.


Наумов: Јавниот долг и во ноември продолжува да се зголемува


Скопје, 4 ноември, 2016 - 14:39 (META) 

„И покрај тоа што во периодот од 8 до 15 ноември, за кога е планирано ново задолжување на домашниот пазар на капитал, не доспеваат долгови за враќање, министерот за финансии на аукцијата на домашни хартии од вредност на 8 ноември побарува 12,2 милиони евра. Jавниот долг ќе го зголеми за нови 12,2 милиони евра“, се вели во соопштението од кабинетот на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Во него се додава дека јавниот долг поради ова темпо на задолжување ќе ги надмине критичните 50 проценти од домашниот бруто-производ БДП, граница која Меѓународниот монетарен фонд препорача да не се надминува.

– Министерот за финансии јавно се обврза дека по секое ново задолжување ќе ја објавува состојбата на државните депозити, но досега ниту еднаш го нема сторено тоа – се додава во соопштението.


Богов: Инвестициите потфрлија, БДП ќе се зголеми за 2,3 проценти


Скопје, 3 ноември, 2016 - 15:03 (META) 

Годинава инвестициите потфрлија, што влијаеше на проекцијата на порастот на домашниот бруто-производ на 2,3 проценти за 2016 година, изјави денеска гувернерот Димитар Богов, на презентацијата на октомвриските макроекономски проекции.

– Потфрлија сите вкупни инвестиции: јавни, приватни, странски и домашни. Општиот амбиент поради политичката криза не беше најсоодветен и влијаеше врз довербата на инвеститорите. Зголемувањето на нивото на инвестициите не е како што очекувавме при априлската проекција – информираше Богов.

Тој додаде дека сè уште постојат неповолни ризици по економијата, а се поврзани со политичката криза, но и со надворешното опкружување.

– Порастот на БДП во 2016 година ќе биде помеѓу основното и алтернативното сценарио од априлската проекција. Постојат внатрешно-политички ризици, има пониски остварувања кај инвестициите, наспроти солидните остварувања кај личната потрошувачка и повисокиот извоз – оцени Богов.

Гувернерот на Народната банка се надева дека по изборите ќе дојде до стабилизација на состојбите на домашната политичка сцена и поради тоа развојот ќе се забрза и ќе достигне 3,5 проценти во 2017 година и 3,7 проценти во 2018 година.

Порастот на депозитите во 2016 година ќе забави и ќе се сведе на 2,6 проценти поради последиците од шокот во април и во мај, кога граѓаните повлекоа рекордни 58,5 милиони евра (3,6 милијарди денари) од банките, по што Народна банка интервенираше со 77 милиони евра на пазарот.

Во однос на објавата на јавниот долг, кој изнесува 50,6 проценти од БДП, Богов само накратко искоментира дека е потребна фискална консолидација и стабилизација на јавниот долг.