Два метра висока ограда ќе добие депонијата со токсичен линдан во Пеленица, Драчево


Скопје, 11 февруари, 2019 - 13:59 (META) 

Тендерот за оградување на депонијата со линдан во излетничкото место Пеленица во Драчево ќе биде објавен деновиве, а оградувањето ќе се направи во најбрз можен рок, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета“.

Ана Петровска, државната секретарка во Министерството, вели дека спецификациите за оградата се готови и дека е прашање на денови кога ќе се објави тендерот.

– Оградата ќе биде од жица, два метри висока и долга 350 метри за да го опфати целиот простор на кој се претпоставува дека има складиран линдан – вели Петровска.

Иако првично беше најавено дека депонијата ќе биде оградена до крајот на минатата година, а потоа беше пролонгирано до крајот на јануари, Петровска уверува дека тоа ќе се направи набрзо. Тендерот ќе биде првна јавна набавка на министерството за оваа година.

-Веќе и времето се подобрува, претходно имавме проблеми со снегот, не можевме точно да ја одредиме локацијата. Прашање е на денови, ова за министерството е многу висок приоритет – вели Петровска за „Мета“.

„Мета“ во декември минатата година објави дека во месноста Пеленица, постои илегална депонија на која се наоѓаат неколку илјади тони токсичен отпад линдан кој потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката.

На ова место основните училишта редовно одржуваа детски екскурзии кои Министерството за образование и наука по пишувањето на „Мета“ забрани да се одржуваат.

Линданот е органско соединение кое од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Долготрајната изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.


ВМРО-ДПМНЕ побара референдум за седиштето на депонијата во Свети Николе


Свети Николе, 8 февруари, 2019 - 12:48 (META) 

Заедно со претседателските избори, да се одржи референдум, на кој граѓаните на Општина Свети Николе ќе се изјаснат дали сакаат или не да се гради регионална депонија во нивната општина. Ова, вчера попладне на вонредната седница на Советот на Општината го побара Бојан Митев, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

– Општината нема да има трошоци, бидејќи референдумот ќе биде заедно со претседателските избори во април. На следната седница на Советот на Општина Свети Николе ќе доставиме точка во која ќе има предлог за распишување на локален референдум, за да се слушне гласот на народот. Доколку граѓаните на Општина Свети Николе проценат дека нема потреба од депонија во Свети Николе, треба да се слушне нивниот глас – рече Митев.

Тој ова го побара пред претставниците на месните заедници на засегантите села, каде е предвидена изградбата на депонијата, пред граѓанските организации и останати граѓани.

Ана Петровска, државен секретар во министерството рече дека не е дефинитивна одлуката за локацијата на депонијата, дека претстојат разговори со сите заинтересирани страни, особено со жителите на засегнатите села.

Речиси сите говорници беа против локацијата на регионалната депонија за 18 општини да биде во Свети Николе, кое според нив е земјоделски регион, со над 5.000 регистирани земјоделци. Особено се загрижени производителите на органска храна, кои имаат договори за откуп на производите од Швајцарија.

Доколку Советот одлучи да да се распише референдум, тогаш, градоначалникот Сашо Велковски вели дека и ќе се одржи. Сепак, тој упати на загубеното време, кога во годините наназад, граѓаните немале никаква информација за овој проект вреден 35 милиони евра.

– Советот на Општината Свети Николе во мај 2017 година донел согласност депонијата да се гради во Свети Николе. Овој документ морав да го побарам од Министерството за животна средна, бидејќи го нема никаде во Општината. Ниту во архива, нити по фиоки. Потписници се претходниот градоначалник и директорот на јавното претпријатие Комуналец, Александар Давчев. Никој до сега не земал во предвид на пример, дека камионите со смет ќе ни поминуваат низ центарот на градот – рече Велковски.

На крај, беше заклучено дека е потребна кампања пред граѓаните со повеќе информации за проектот. Ќе биде вклучена и Делегацијата на Европската Унија, која го финансира овој проект од значење за над 330.000 жители во Северисточниот и Источниот регион.


На депониите со линдан им нема крај: На просторот на ОХИС има и трета?


Скопје, 26 декември, 2018 - 8:02 (META) 

На територијата на фабриката ОХИС постои и трета депонија, покрај малата и големата, на која е можно да има складиран линдан, вели за „Мета“ министерот без ресор за странски инвестиции Аднан Ќахил кој е дел од работната група формирана од Владата за решавање на проблемот со линданот и воедно е поранешен вработен во фабриката ОХИС од 1984 до 1987 година како главен инженер.

Доколку се покаже дека и на таа депонија има линдан, заедно со другите две веќе потврдени депонии во ОХИС и можната депонија во излетничкото место Пеленица во Драчево прават вкупно четири депонии со канцерогената токсична супстанца линдан на територијата на Скопје.

Ќахил не исклучува дека е можно линдан да е закопан и на друга локација, но вели дека тоа е малку веројатно.

– Ние имаме информации дека постои депонија на крајот на ОХИС и дека на неа наводно има линдан, но додека не направиме егзактни испитувања да видиме што има на таа депонија со испитување на почвата, подземните води, околината, не можеме да кажеме. За овие две депонии, малата и големата, знаеме скоро сè. За третата, во кругот на ОХИС, која е оградена, не знаеме, постојат претпоставки ама не се работи со претпоставки – вели Ќахил за „Мета“.

Тој додава дека со дел од средствата што ќе се соберат преку Меморандумот кој го Владата го потпиша со министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, ќе се направат анализи и испитувања за таа, трета депонија на територијата на ОХИС.

– Не се знае колкаво количество е таму фрлено затоа што и тоа е измешано со почва. Во дупката може има 5 тона, а може има и 50, бидејќи не знаеме колку е длабока. Имаме намера да испитаме и јавноста ќе биде информирана за составот на таа депонија. Во Драчево, во Пеленица е четвртата можна депонија за која има сознанија само врз основа на разговори, кажани информации од луѓе, но не сме го испитале местото. Сега има две депонии што допрва треба да се испитаат, таа на крајот на ОХИС и таа надвор од ОХИС. За надвор од ОХИС имаме информација дека постои такво место, велат дека е фрлен линдан, но ние треба да испитаме. За тоа ни требаат средства и човечки капацитети. Не е исклучено да се појави и уште некоја депонија, иако е малку веројатно. Работиме по добиените информации, нема да бегаме од одговорноста – потенцира тој.

Работната група за решавање на проблемот со канцерогениот линдан подготвила извештај за реализирање на активности и планирани активности за ремидијација на депониите контаминирани со изомерите на линдан. Извештајот овие денови ќе биде ставен како точка на дневен ред на владата со заклучоци и доколку бидат одобрени од владата, во следниот период ќе се работи по нив.

lindan slika


Детална анализа на дивата депонија со линдан во Драчево, бара градоначалникот Темелковски


Скопје, 21 декември, 2018 - 13:27 (META) 

Притискаме да се испита дали има линдан во Пеленица, бидејќи не сакаме да остане дамка на тоа излетничко место, а уште помалку сакаме да имаме нетретирани хемикалии „во нашиот двор“, вели градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски во разговор за „Мета“.

Тој вели дека сите сознанија што ги има Општината се од разговори што се правени со вработени од ОХИС од минатото, но потенцира дека многу голем дел од документацијата од ОХИС повеќе не постои.

– Ние контактиравме со стечајниот управник да се види дали има некоја конкретна документација, нешто напишано. Во целосната документација за ОХИС нема никаква информација дека таму постои складиран линдан во било каков облик и форма. Целиот проблем е што поради начинот на кој што беше затворен ОХИС, голем дел од документацијата ја нема, некој во брзање не гледал што зема. Тука се изгубени и дел од документите кои што ја третирале депонијата. Според информациите на вработените, таму сигурно има депонија само треба да се испита што е ставено. За разлика од ОХИС, на оваа локација нема направено базени и бурињата се ставани директно во земја со тоа што, како што бев информиран, процесот на распаѓање на бурињата е многу побрз отколку во тие во базените во ОХИС – вели Темелковски.

Дивата депонија е спомната и во Локалниот еколошки акционен план (2016-2021) за Кисела Вода, каде што е констатирано дека постои но дека не се знае како е складирана токсичната материја.

„Еден од поголемите проблеми на животната средина во општината Кисела Вода, а може да се каже и на територијата на Македонија, кои досега не се евидентирани и обработени, претставува индустриската депонија на хемиската фабрика ОХИС и Стакларница Скопје на локалитетот Пеленица. Имено, во последните 40 години кога хемиската индустрија работеше со полн капацитет, големи количини на хемиски отпад со голема токсичност беше складиран на оваа локална депонија. Во периодот на изработка на ЛЕАП, општината не располага со потврдени податоци дали отпадот складиран пред повеќе години на оваа локација, се наоѓа сè уште во металните буриња плитко закопани под земја, или истите се излеани и претставуваат закана за подземните води и поширокиот регион. За таа цел потребно е да се направат темелни истражувања и студија со која би се дефинирала состојбата, би се направила проценка на ризикот и би се предложиле мерки за санација на евентуално настанатите штети“, стои во ЛЕАП.

Темелковски вели дека ЛЕАП-от бил објавен во 2016 година за време на владеењето на претходната локална власт.

– Јас имав разговор со службите кои што го напишале ЛЕАП-от и тие ги добиле информациите од дел од вработените во ОХИС. Сметам дека и тоа во тој момент било малку несериозно направено од страна на општината па и од државата. Кога веќе е констатирано, требало некој да се зафати да го испита тоа – вели тој.

Градоначалникот вели дека општината ја нема потребната механизација и кадар да истражи што точно има на таа локација.

– Доколку не дај боже се потврди дека има, одма ќе излеземе во јавност. Сепак ние немаме до толку стручни служби кои може да ни кажат кои се следните чекори или кои може да констатираат што и како има на лице место. Не сакаме да дигаме паника, но ќе испратиме допис до Министерството за животна средина, што побрзо да се констатира фактичката состојба – вели Телекмовски.

Тој за „Мета“ потврди дека Владата формирала работна група чие задолжение е да испита што има во Пеленица, но дека Општина Кисела вода не е дел од таа група туку дека се вклучени неколку ресорни министерства.


Министерството за образование ги забрани екскурзиите кај депонијата со линдан


Скопје, 20 декември, 2018 - 15:04 (META) 

Министерството за животна средина и просторно планирање испратило допис до Министерството за образование и наука да не се организираат екскурзии во Пеленица, Драчево, местото за кое „Мета“ пишуваше дека има сомневање дека се наоѓа необележана депонија со канцерогениот линдан кој потекнува од фабриката ОХИС.

„Во Министерството за образование и наука, стигна допис од МЖСПП по кое ќе постапиме, односно ќе им наложиме на општините како основачи на училиштата, таму да не се одржуваат екскурзии“, велат од МОН за „Мета“.

Министерството за животна средина, вети дека до крајот на годината ќе го огради просторот во Драчево за кој постојат сомневања дека се наоѓа дивата депонија со 8.000 тони токсичен линдан.

Државната секретарка во МЖСПП, Ана Петровска, во разговор за „Мета“ рече дека ќе биде испратено укажување до Министерството за образование и наука во Пеленица да не се организираат ученички екскурзии додека не се утврди опасноста.

-Алармирано е и до владата и до нас како Министерство и во овој момент ќе се преземе акција согласно член 42 од законот за отпад кој што не овластува нас како надлежен орган, пред да се докаже опасноста, бидејќи уште не е докажана, а за да ја докажеме ќе ни треба и време и ресурси, барем да го оградиме просторот за кој што се претпоставува дека е локација. Таа е во ненаселен простор, но е близу некој манастир, каде што деца одат на екскурзија. Со други зборови, ние како орган, до крајот на годината, имаме обврска да го оградиме тој простор и да поставиме одредена табла – рече Петровска.

Линданот на оваа локација потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката каде што се проценува дека има помеѓу 40-50.000 тони контаминирана почва со линдан.


Општина Свети Николе не се согласува регионалната депонија да биде таму


Штип, 19 декември, 2018 - 15:06 (META) 

Куманово е предлог-општина за седиштето на новата регионална депонија, каде ќе се транспортира сметот од 18 општини од Источна и Североисточна Македонија.

Проектот на кој се работи веќе осум години, предвидува со 34 милиони евра од ЕУ, да се гради депонија со фабрика за преработка на отпад на пасиштата во близина на Свети Николе, додека седиштето на јавното претпријатие да биде во Куманово. Со ова не се согласува Општината Свети Николе.

Аргументите на оваа општина се дека треба да се промени локацијата кај Богословец, бидејќи на сега предвидената локација се зафаќа простор што го користат земјоделците. Освен тоа, ако веќе се носи сметот од четвртина Македонија во Свети Николе, тогаш и седиштето на регионалното јавно прептријатие треба да биде во оваа општина. Вчера попладне на заеднички состанок во Штип се разговараше за проблемот со седиштето на јавното претпријатие.

– Во неколку наврати по мое инсистирање имавме состаноци со Министерството за животна средина и Делегацијата на ЕУ во Скопје и се договоривме сите тие недоразбирања да ги надминеме. Беа посочени сите недостатоци што се предложени од претходното општинско раководство и се сложивме преку еден транспарентен однос граѓаните и земјоделците бидат запознати околу депонијата, да се реагира што побргу од страна на Министерството за животна средина, но и Министерството за транспорт и врски, бидејќи оние патишта кои што водат кон таа депонија моментално треба да поминуваат низ градот Свети Николе. Се надеваме дека овој проблем ќе биде надминат“, изјави Сашо Велковски, градоначалник на Свети Николе.

Градоначалниците се договорија во тоа дека активностите околу депонијата мора да се интензивираат, затоа што се ближат роковите дадени со проектот. До сега не е ништо направено и освен изработената техничко-правна документација ништо друго не е ништо направено.

– Најважно е сега да се формираат регулаторните тела, регионални центри по еден во двата региони, како и тело кое што ќе го води тој регионален систем за да може сите проекти што се изработени и да се реализираат – рече Живка Михајлова, раководител на стручната служба за регионалната депонија.

Од Источно-планскиот регион, што го води овој проект од 2009 година, сметаат дека доцна е да се менува локацијата туку сега треба да се разговара за конкретни активности. Нема многу време, бидејќи депонијата треба да се отвори во 2020 година.

Градоначаниците одлуката за седиштето на регионалното претрипјатие ја одложија за следен состанок, заеднички на Источниот со Северо-источниот плански регион и да се одбере меѓу Штип, Свети Николе и Куманово. Градоначалниците не се согласуваат со инсистирањето на општина Куманово седиштето на телото што ќе управува со регионалната депонија,да биде таму, врз основа на тоа што таму имало најмногу отпад за депонирање. Куманово веќе има пет општински јавни претпријатија и сите работат со загуба, беа дополнителните аргументи.


Необележана депонија со 8.000 тони канцероген линдан од ОХИС ја труе околината на Драчево


Скопје, 17 декември, 2018 - 14:39 (META) 

Во околината на Драчево, во месноста Пеленица, постои илегална депонија на која се наоѓаат неколку илјади тони токсичен отпад линдан, потврдуваат за „Мета“ од Министерството за животна средина. Депонијата, е необележана, неоградена и не постои знак кој информира дека на тоа место се наоѓа токсичен канцероген отпад кој влијае и на животната средина, но и на човековото здравје.

Линданот на оваа локација потекнува од фабриката ОХИС и таму го фрлале работници пред да се направат големата и малата депонија на територијата на фабриката каде што се проценува дека има помеѓу 40-50.000 тони контаминирана почва со линдан.

Еко-активистите од „О2 Иницијативата“ велат дека според нивните сознанија на таа површина биле фрлени околу 8.000 тони линдан.

– Линданот е од фабриката ОХИС, а информацијата која ја имаме потекнува од работниците вработен во фабриката. Депонијата не е соодветно обележана и нема никаква информација која би укажала дека таму се наоѓа токсична супстанца и каде не би смеело да се движат луѓе. Минатата година и ова лето МЖСПП ја има споделено информацијата со ЦУК за обележување, односно оградување на просторот и донесена е одлука дека таму не смеат да циркулираат луѓе, но еве до денес тоа не е направено. Токму во Пеленица се организираат многу училишни екскурзии, што мора да се смени – вели Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“.

Дека постои дива депонија на која што најверојатно има линдан, за „Мета“ потврдува и Сузана Андонова од канцеларијата за ПОПс (Persistent organic pollutants) – неразградливи органски загадувачи при Министерството за животна средина.

– Информацијата е произлезена од дел од вработените во ОХИС, кои што точно знаеле каде на која локација го истурале линданот и тоа било сукцесивно, се додека не сфатиле дека количеството ќе биде многу големо и нема да можат да продолжат да го складираат отпадот таму. И тогаш во соработка со германската компанија која ја има дадено лиценцата за производство на линдан, одлучиле да направат бетонски базен за складирање во кругот на ОХИС. Така ова складирање на илегални количества се во суштина случено во период кога никој не знаел дека е толку токсичен, туку го сметале за обичен прашок и не знаеле дека треба со внимание да се работи. За среќа навреме се мобилизирале дека не треба да продолжат да складираат таму – вели Андонова.

Таа смета дека прво од таму треба да се извадат неколку примероци, да се направи идентификација што има во почвата и потоа соодветно да се обележи и да се огради таа територија со знак за опасност за луѓе, за да не се пристапува таму.

– Треба да се формира екипа составена од повеќе институции и да излезе на терен. Има стручни екипи од министерство за одбрана, од МВР кои работат со хемиско, биолошко оружје, опасен материјал кои можат да помогнат во тој дел. Ние како министерство немаме капацитети и стручна екипа која знае да излезе на терен заштитена со целосна опрема и да ракува со тоа. Тоа треба да бидат обучени лица, ние немаме ниту такво одделение во министерството, ниту оперативна екипа која на терен може да земе да копа и да прави испитувања – вели таа.

Андонова за „Мета“, посочува и друг проблем со линданот, а тоа е нелегално складирање на помали количини во индивидуални штали кои го користат линданот како инсектицид, а притоа не знаат дека е канцерогена супстанца.

– Порано си биле научени да си го користат линданот како средство против вошки и болви. Си го купиле одамна, не ни знаат дека е толку опасно и се уште го користат – додава Андонова.

Линданот од Меѓународната асоцијација за истражување на канцер е класифициран во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом.

Тој е перзистентна хемикалија која долг временски период не се распаѓа во животната средина. Бидејќи е испарлива супстанца, се расејува од контаминираната почва и се содржи и во ПМ честичките.

Изложеноста на линдан може да се појави од консумирање на контаминирана храна или преку дишење на воздух загаден со линдан. Хроничната (долготрајна) изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Линданот е вклучен во Стокхолмската конвенција во 2009 година кога е класифициран во група А, супстанца која мора да се елиминира и да престане да се произведува. Македонија конвенцијата ја потпиша на 23 мај 2001, а на 19 март 2004 година таа беше ратификувана во Собранието на Република Македонија.


Проблемот со градежниoт отпад во Тетово уште долго нема да се реши


Тетово, 12 ноември, 2018 - 12:14 (META) 

Проблемот со фрлањето и отстранувањето на градежниот отпад во Тетово нема да се реши наскоро. Oпштинските власти ветија дека во 2019 година ќе го решат ова прашање, но моментално нема проект за изградба на депонија од ваков вид. Владата, пак, ќе  отвора нови депонии по еколошки стандарди, но тие ќе бидат единствено за комуналниот отпад, не и за цврстиот. Стручњаците велат дека просечниот трошок за изградба на материјална депонија за шут е 25 милиони евра, износ кој општините не се во состојба да го покријат, пишува Порталб.мк.

Владата го презеде управувањето со депониите низ земјата, а Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) со средства од ИПА фондовите, ги врши подготовките за изградбата на шест регионални депонии за комунален отпад, кои ќе ги заменат актуелните локации со насобран отпад, кои не ги исполнуваат стандардите. Но изградбата на обичните депонии нема да го реши проблемот со шутот, односно градежниот отпад.

– Шесте регионални депонии кои се планираат да се изградат се само за комунален отпад и во овие депонии не се предвидува изградба на депонии за инертен отпад и за опасен отпад. Депониите за инертни материјали предвидуваат поинакви стандарди и не може на нив да се фрла комунален отпад или опасен отпад – објаснува Беса Татеши од МЖСПП.

Според тоа, ветувањето на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, дека во текот на 2019 година ќе го реши ова прашање, најверојатно нема да се оствари.

– Депонијата за цврст материјал претставува проблем сам по себе и разгледуваме неколку локации, се надеваме дека во текот на 2019 година ќе изнајдеме решение за овој проблем – изјави Арифи на 24 септември, кога со фонд во износ од 7,8 милиони франци од Швајцарија, општините Тетово, Гостивар, Желино и Боговиње заеднички го почнаа проектот за стандардизација на депонијата во Русино.

Инертниот отпад е категорија отпад која не подлегнува на физичка, хемиска и биолошка промена по неговото фрлање, односно не се раствора, не се пали и не се распаѓа сам од себе. Најчест пример се шутот и песокот.

Депонија за инертен материјал може да се изгради со пари од државниот буџет, во соработка на Владата со општините, но и преку наоѓање странски фондови. Во овој момент, за Полошкиот регион нема план за изградба на депонија на шут.

Експертите велат дека цената за една ваква депонија е превисока за локалните власти и затоа треба да интервенира Владата или да се бараат фондови надвор од земјата.

– Систем за управување со градежен отпад чини над 25 милиони евра. Општините немаат можност да покријат такви трошоци ниту одделно, ниту пак ако се организираат на регионално ниво – вели Блаже Јосифовски од организацијата „Ајде Македонијо“.

Од друга страна, универзитетскиот професор и експерт по екологија, Муртезан Исмаили вели дека е потребна е волја од општинското раководство, а нагласува уште неколку критериуми кои треба да се исполнат за да има таква депонија во Тетово.

– Депониите за тврди отпадоци, за да се лоцираат во одреден град, треба да исполнуваат неколку критериуми, како на пример да има соодветно место, бидејќи не се штетни за градот и животната средина но треба да се има доволно простор, од причина што дел од отпадот може и да се рециклира и повторно да се употреби, како се железото и асфалтот, но и деловите од бетон можат да се преработат и да се претворат во песок. Ако погледнеме од овој аспект, ова би било многу поеколошко решение, но доколку е скапо и чини премногу, тогаш би било доволно да има само доволен простор за тврдите отпадоци да се управуваат на организиран начин и да не се фрлаат хаотично и потоа да претставуваат проблем – вели Исмаили.

Во општина Тетово градежниот отпад се фрла со трактори и камиони на јавниот простор, а надлежните на општина Тетово од почетокот на годината до крајот на септември казниле ниту едно лице за фрлање градежен отпад.

„E-report” е апликација со  граѓаните можат до Општина Тетово да пријават неодговорно однесување на правни и физички лица кои со своето однесување ја загадуваат животната средина.


Првата депонија целосно изградена по ЕУ-стандарди, подготвена за употреба во Гевгелија


Гевгелија, 24 октомври, 2018 - 15:26 (META) 

Депонијата во Ново Коњско, Гевгелија, прва во земјата изградена комплетно по стандарди на Европската унија денеска беше предадена во употреба на општина Гевгелија. Изградбата на депонијата, вредна еден милион американски долари е финансирана од јапонската влада, а проектот е имплементиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Со пуштање во употреба на оваа депонија ќе се затвори сегашната нелегална депонија, која се протега по брегот на Сува Река, чиј капацитет е одамна надминат и претставува сериозна закана за животната средина и здравјето.

„Современата депонија е од клучна важност за нашата општина. Со нејзиното отворање, конечно ќе ги решиме проблемите со цврстиот комунален отпад, а наскоро ќе почнеме да ги гледаме и еколошките придобивки“, изјави градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков и додаде дека штом ќе почне да работи депонијата, од граѓаните ќе се побара да го сортираат отпадот.

Депонијата е дел од поголем проект од 2,2 милиони американски долари, поддржан од јапонската влада, а спроведуван од УНДП како поддршка за општините кои беа најмногу погодени во бегалската криза во 2015-2016 година.


Немањето депонија за градежен шут во Тетово, предизвика хаос со фрлањето на отпадот


Тетово, 24 октомври, 2018 - 11:06 (META) 

Општината Тетово нема депонија за тврд отпаден материјал поради што градежните отпадоци се исфрлуваат со трактори и камиони по јавни локации. Властите треба да се ангажираат што поскоро да го остварат ветеното, со што би се спречил хаосот со неконтролираното исфрлување на овој вид отпадоци, известува „Порталб.мк“.

Недостатокот од една ваква депонија, ги принудува граѓаните кои во текот на градежните работина на нивните имоти, остатокот од материјалите да го фрлат насекаде по јавни простори, а понекогаш дури и да ги оставаат пред контејнерите за отпадок, за потоа комуналните работници за јавна хигиена да имаат проблем при чистењето на секојдневниот отпад.

Истото го прават и претпријатијата кои изведуваат градежни работи, за што покажуваат сликите обезбедени од „Порталб.мк“ во кои, како што може да се види, е исфрлен асфалт. Такви отпадоци, обично се фрлаат на периферијата на градот, во одредени локации покрај реката Пена, во близина на муслиманските и православните гробишта, но и на различни места во планинските предели на Тетово.

Жителите велат дека отпадот вообичаено се фрла за време на викендите кога полицијата, но и општинскиот инспекторат не се многу активни, а во тие денови не работат и претпријатијата во близина на овој центар.

„Отпадот бил фрлен в недела, не сме биле на работа и никој не видел кога биле фрлен. Загадувачите немаме моќ да ги сопреме, се додека Општината или полицијата не преземат мерки“, вели еден од вработените во близина на спортскиот центар на Тетово.

Општина Тетово, нема некоја понуда или можност за тоа каде граѓаните би требало да се јават за да ги фрлат градежниот шут, заради тоа што нема депонија. Но, постои онлајн апликација „E-репорт” каде што граѓаните може да известуваат за секое неодговорно однесување на физички и правни лица кои со нивните дејствија ја загадуваат животната средина.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи вети дека проблемот ќе се реши следната година, но до денес нема преземено дејствија околу тоа каде и кога ќе започнат работните активности.

„Проблемот со депонијата со тврд отпадок е проблем сам по себе и разгледуваме неколку локации, па се надеваме дека во текот на 2019 година ќе изнајдеме решение за овој проблем“, рече Арифи неодамна кога со фонд од 7,8 милиони франци од Швајцарска агенција, Општина Тетово, Гостивар, Желино и Боговиње заеднички го започнаа проектот за стандардизација на депонијата Русино.

Жителите бараат Општината да се заложи што поскоро да се исполни ветувањето да се изгради депонија за тешки материјали.

Инаку, според законот, лицата кои ќе се фатат како фрлаат градежни отпадоци ќе се казнат со парични глоби од 150 до 200 евра, а правните лица со глоби од 4.000 евра.

Во апликацијата  „Е-репорт” граѓаните исто така може да известуваат за секое неодговорно однесување на физички и правни лица кои со нивните дејствија ја загадуваат животната средина.