Банкарите бараат одложување на оданочување на каматите од депозитите до влез во ЕУ


Скопје, 9 ноември, 2018 - 11:13 (META) 

Македонската банкарска асоцијација бара одложување на оданочувањето на каматите на депозитите на граѓани најавено за од 2020 година, до влезот на земјата во ЕУ.

Ова е заклучокот од седницата на Собрането на оваа асоцијација на која биле разгледани предложените законски измени што се однесуваат на оданочување на доходот од камати на депозити на граѓаните.

-Ставот на Македонската банкарска асоцијација е дека нивната примена треба да се одложи до влез на нашата земја во Европската унија, со цел да се задржи позитивниот тренд на штедењето, да се обезбеди свеж капитал за стопанството, како и да се одржи стабилноста на банкарскиот сектор – велат од МБА.

Во однос на воведувањето прогресивно одданочување, ценат дека е потребна поширока расправа заради унапредување на предлогот со вклучување на позитивни искуства од земјите каде веќе е во примена.

Македонската банкарска асоцијација најавува дека ќе побара средба во Министерството за финансии за подетално да ги презентира своите ставови.

Според предложеното законско решение од Министерството за финансии, каматите од депозитите треба да се оданочуваат од 2020 година со стапка од 15 проценти, но на износот над 15.000 денари. Оданочувањето денес изнесува 10 проценти.


Депозитите во јули под очекуваниот пораст од 7,4 проценти


Скопје, 26 септември, 2016 - 10:54 (META) 

Вкупните депозити во јули забележаа пораст по намалувањето во претходните три месеци, се вели во најновиот извештај на Народна банка.

„Повисокото ниво на вкупната депозитна база на банките претставува сигнал за понатамошно видливо стабилизирање на очекувањата на економските субјекти. Анализирано по сектори, порастот речиси во целост произлегува од зголемувањето на депозитите на домаќинствата, при мал пораст и на депозитите на корпоративниот сектор, додека кај депозитите на другите финансиски институции се забележува умерено намалување“, се додава во извештајот на банката.

Годишната стапка на пораст на вкупните депозити во јули изнесува 3,4 проценти и е понизок од порастот од 7,4 проценти што Народната банка го проектираше за третиот квартал на 2016 година.

„Во јули се зголеми придонесот на денарските депозити во годишниот пораст на вкупните депозити. Депозитите на домаќинствата во јули и понатаму се зголемуваат, речиси двојно посилно во однос на претходниот месец,“ се додава во извештајот.