!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Илјадници луѓе во Барселона извикуваа: „Не се плашам!“


Барселона, 18 август, 2017 - 16:01 (META) 

Повеќе илјади луѓе, меѓу кои и шпанскиот крал Филип Шести, премиерот Маријано Рахој и претседателот на Каталонија, Карлос Пуџдемон се собраа на главниот плоштада во Барселона, каде со минутно молчење им одадоа почит на жртвите на нападите.

По минутното молчење, на плоштадот одекна громогласен аплауз, а насобраните извикуваа „Не се плашам! Не се плашам!“.

Тие се собраа во близина на местото каде возачот на комби тргна во смртоносен напад, во кој најмалку 14 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени.


Најмладата жртва во Барселона е тригодишно девојче


Барселона, 18 август, 2017 - 10:18 (META) 

Меѓу загинатите и повредените во терористичкиот напад во Барселона има државјани од најмалку 24 земји, а најмладата жртва е тригодишно девојче.

Шпанската полиција потврдила дека меѓу убиените во Барселона, тројца се Германци и еден Белгиец.
Повредените се државјани на Франција, Германија, Холандија, Аргентина, Венецуела, Белгија, Австралија, Унгарија, Перу, Романија, Ирска, Грција, Куба, Македонија, Кина, Италија и Алжир, соопшти шпанската агенција за цивилна заштита.

Македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека македонски државјанин е пореден при нападот во Барселона, но е вон животна опасност. Тој е хоспитализиран со скршеница на зглобот, а претставник на македонската амбасада веднаш по добиената информација заминал во болницата каде се наоѓа повредениот македонски државјанин.

Во нападот, извршен со комби, кое влетало во пешаци во близина на плоштадот „Каталуња“, во центарот на Барселона, загинаа 13 лица, а повеќе од 100 се повредени. Одговорноста за нападот ја презеде терористичката група Исламска држава.

Шефот на каталонската полиција, Луис Траперо, соопшти дека две лица се приведени за учество во нападот во Барселона, а интензивно се трага по трето лице за кое се претпоставува дека е возачот на комбито. Еден од напаѓачите е идентификуван. Станува збор за Мароканецот Дриш Оукабир.

Шпанскиот премиер Мариано Рахој синоќа прогласи тридневна жалост во Шпанија и рече Каталонија била цел на напад на џихадистичкиот тероризам, како и други градови во светот.

Ова е најкрвавиот напад во Шпанија, после оној од 2004 година кога напаѓачи инспирирани од Ал каеда извршија координирани напади врз патнички возови во Мадрид, во кои загинаа 192 лица.


Понеделник ќе биде ден на жалост во Русија, соопшти Путин


Москва, 25 декември, 2016 - 12:55 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин го прогласи понеделник за ден на жалост поради падот на рускиот авион на министерството за одбрана, во кој загинаа 92 лица. Авионот падна во Црното Море во близина на Сочи, две минути по полетувањето.

– Утре ќе биде ден на национална жалост во Русија – им рече Путин на новинарите.

Рускиот претседател претходно изрази сочувство до семејствата на загинатите и му наложи на премиерот Димитри Медведев да застане на чело на државната комисија што ќе го истражува падот на авионот.

Премиерот Медведев соопшти дека Русија детално ќе ги истражи сите околности поврзани со падот на авионот.

– Оваа страшна трагедија однесе животи на луѓе кои беа енергични и имаа планови. Помеѓу загинатите има новинари, војници и музичари на познатиот „Ансамбл Александров“. Тие летаа во Сирија во мировна мисија на добрата волја – соопшти Медведев.

Рускиот премиер наведе дека сите погодени од оваа трагедија ќе примат неопходна помош и им испрати сочувство на семејствата на жртвите.

Портпаролот на руското министерство за одбрана, Игор Конашенков, соопшти дека кон падот на авионот се упатиле четири бродови, пет хеликоптери и неколку дронови.


Во Северна Кореја, три дена жалост за Фидел Кастро


Пјонгјанг, 28 ноември, 2016 - 11:11 (META) 

Во Северна Кореја почна тридневната жалост поради смртта на лидерот на кубанската револуција, Фидел Кастро, кој почина во петокот вечерта во Хавана, на 91 година.

Знамињата во земјата ќе бидат спуштени на половина копје во знак на почитување спрема револуционерниот лидер, а граѓаните се собираат на метро-станицата во Пјонгјанг, каде е поставена стаклена витрина со некролози за Кастро.

Во некролозите се наведува дека Кастро првпат ја посетил Северна Кореја во 1986 година, како и дека му била доделена наградата „Севернокорејски хрој“ за трудот и за напорите во зајакнување на врската помеѓу двете земји и за борбата против американската политика.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, вчера ѝ изрази сочувство на Куба поради смртта на Кастро.


Алжир прогласи осумдневна жалост поради смртта на Фидел Кастро


Алжир, 27 ноември, 2016 - 15:00 (META) 

Алжир прогласи осумдневна жалост поради смртта на кубанскиот револуционер и поранешен претседател Фидел Кастро.

Алжирските медиуми го опишаа Кастро како голем пријател на Алжир, кој дал голема поддршка на земјата во отпорот против Франција во периодот од 1954 до 1962 година.

Кабинетот на претседателот на Алжир соопшти дека претседателот Абдулазиз Бутефлик донел одлука за осумдневна жалост по повод смртта на Фидел Кастро, а одлуката стапува на сила утре.

Кубанската власт прогласи деветдневна жалост поради смртта на Кастро, која ќе заврши на 4 декември кога и ќе биде положена неговата урна во градот Сантијаго де Куба.


Ден на жалост во Италија, бројката на загинати достигна 290 лица


Рим, 27 август, 2016 - 13:50 (META) 

Бројот на жртвите од земјотресот што во средата го погоди централниот дел на Италија достигна 290 лица, откако во текот на ноќта во урнатините на градот Аматриче пронајдени се телата на уште три жртви.

Во Италија денеска е прогласен Ден на жалост, а одржани ќе бидат и првите погреби на жртвите.

Претседателот на Италија, Џорџо Матарела, го посети Аматриче, градот во централниот дел на земјата кој речиси целосно беше уништен во земјотресот.

Градоначалникот на Аматриче, Серџо Пироци, на Матарела му укажа на огромната штета што ја претрпе местото.

Претседателот се сретна и им се заблагодари на спасувачите кои од средата наутро работат 24 часа за да ги спасат граѓаните заробени во урнатините и да ги извлечат телата на загинатите.

Матарела подоцна во текот на денешниот ден ќе присуствува на погребот на некои од жртвите.


Во Италија утре Ден на жалост


Рим, 26 август, 2016 - 14:13 (META) 

Во Италија утре ќе биде Ден на жалост и ќе се одржи државен погреб, откако во силниот земјотрес што во средата ги погоди централните делови на Италија, загинаа 267 лица.

Италијанската влада одлучи утре да одржи државен погреб за поединечни жртви на земјотресот, на кој ќе присуствува и претседателот Серџо Матарела.

Исто така знамињата ќе бидат спуштени на половина копје на сите државни институции.
Италија прогласи вонредна состојба во областите што најтешко беа погодени од земјотресот.

Премиерот на Италија, Матео Ренци, рече дека ќе бидат издвоени 50 милиони евра за обнова.

Според најновите податоци, во силниот земјотрес загинаа 267 луѓе, а 400 лица се повредени.

Службата за цивилна заштита наведе дека областа и понатаму ја погодуваат потреси. Од средата до денеска регистрирани се повеќе од 900 потреси, а од полноќ 57.


Денеска е ден на жалост во Македонија


Скопје, 8 август, 2016 - 9:42 (META) 

Денеска е ден на жалост во Република Македонија. Одлуката ја донесе Владата на вчерашната вонредна седница.

„Владата донесе одлука за постоење кризна состојба во скопскиот и тетовскиот регион во траење од 15 дена, како и одлука за доделување еднократен паричен надомест во висина од 300.000 денари за семејствата на загинатите граѓани“, се вели во соопштението од Владата.

Како што се наведува, Дирекцијата за заштита и спасување е задолжена целокупната опрема, од сите региони во државата, да ја стави на располагање во кризните региони, а на општините кои располагаат со вакуум цистерни им се препорачува да ги стават на располагање на Град Скопје.

„Владата ја задолжи Дирекцијата за заштита и спасување веднаш да изврши ангажирање на дополнителна градежна механизација (скипови, багери и камиони), преку склучените договори за користење на градежна механизација од приватните фирми и веднаш да бидат пратени и ставени во функција во кризните подрачја“, се вели во соопштението.

Донесена е одлука за доделување нафта за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП „Македонија пат“, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи. Заклучено е Јавното претпријатие за државни патишта да изврши санирање на обиколницата која беше оштетена во невремето.

Од МВР информираат дека 22 лица загинаа во поплавте. Од нив, 20 лица се идентификувани, а за две лица се чека да биде потврден идентитетот. Починатите лица се пронајдени на подрачјето на Гази Баба односно: Ченто, Стајковци, обиколница Смилковци и селото Црешево. Првичните информации од трагичниот биланс говорат и дека шест лица се водат како исчезнати, дваесетина се повредени, поплавени се многу куќи и објекти, направена е голема материјална штета.

 


Владата прогласи Ден на жалост и кризна состојба во Скопско и Тетовско


Скопје, 7 август, 2016 - 21:57 (META) 

Владата на вечерашната вонредна седница донесе одлука за прогласување на 8 август за Ден на жалост на Република Македонија, како и одлука за постоење на кризна состојба во скопскиот и во тетовскиот регион, кој најмногу беа погодени од невремето, соопштија доцна вечерва од Владата.

На седницата донесена е и одлука за доделување на еднократна парична помош во висина од 300.000 денари (околу 5.000 евра) за семејствата на жртвите од невремето.

„Владата ја задолжи Дирекцијата за заштита и спасување целокупната опрема на Дирекцијата од сите региони во државата да ја стави на располагање во кризните региони, а препорача на општините кои располагаат со вакум- цистерни, истите да ги стават на располагање на град Скопје. Владата ја задолжи Дирекцијата за заштита и спасување веднаш да изврши ангажирање на дополнителна градежна механизација (скипови, багери и камиони) преку склучените договори за користење на градежна механизација од приватните фирми и истите веднаш да бидат пратени и ставени во функција во кризните подрачја. Владата донесе одлука за доделување на нафта за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување, ЈП Македонија пат, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, а беше заклучено Јавното претпријатие за државни патишта да изврши санирање на обиколницата која беше оштетена во невремето“, стои во соопштението на Владата.

Заради поефикасно и побрзо проценување на штетите од невремето, Владата ги задолжила државните институции да делегираат лица кои ќе бидат ставени во функција на општинските комисии за проценка на штетите.

Владата, како што информираат оттаму, ќе одржи уште една седница на која повторно ќе биде разгледана моменталната ситуација и се очекува да бидат утврдени нови мерки и заклучоци во врска со справувањето со последиците од невремето.

Според последните информации во невремето животите ги загубија 21 лице, а околу 70 се повредени и побарале лекарска помош.

Најмногу погодени од вчерашното невреме се жителите на Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново, каде се пронајдени телата на загинатите, а пријавени се и големи штети, односно срушени и поплавени куќи и возила.

Според Законот за управување со кризи, состојбата предизвикана од ризици и опасности кои можат да ги загрозат добрата, здравјето и животот на луѓето и животните и безбедноста на Републиката, за чија превенција или справување е потребна употреба на поголем обем на ресурси, се дефинира како кризна состојба.

Законот предвидува дека во случај на кризна состојба со дел од своите сили може да учествува армијата, како поддршка на полицијата.

Одлуката за постоење на кризна состојба не може да трае подолго од 30 дена, а во случај да биде надминат овој период, владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот. Во случаи на кризна состојба можат да се употребат и ресурсите на јавните претрпијатија, установи и служби, како и на приватни фирми (трговските друштва) „кои се од пособено значење за работа во кризна состојба, како и за управување со нив во случај на кризна состојба“.

Лани во август, Владата поради мигранската криза прогласи кризна состојба во регинот на јужната и на северната граница, која по последното продолжување е предвидено да трае до крајот на оваа година.


Ден на жалост во Штип по трагичната сообраќајка во која загинаа две лица


Штип, 5 јануари, 2016 - 11:46 (META) 

Општината Штип денешниот ден (5 јануари) го прогласи за ден на жалост, откако двајца штипјани ги загубија животите во тешка сообраќајна несреќа, што се случи синоќа на патот Штип – Софилари.

Телата на 30–годишниот Ристе Шалев и 41-годишниот Коце Петров, двајцата затворски чувари од Штип, ќе бидат погребани денеска попладне.

Како што синоќа објави „Мета“, Петров и Шалев ги загубија животите, кога одејќи на работа во ноќна смена, возилото што го управувал Петров, излетало од коловозот, се превртело на покрив и завршило во реката Брегалница.

Според очевидци, први на помош притрчале нивни колеги, кои се возеле во возилото зад нив. Успеале да го дочекаат жив Петров, кој набргу им починал на раце, додека Шалев веќе бил починат.

Лекар од итната медицинска помош констатирал смрт, а телата, по налог на јавен обвинител, биле предадени на обдукција, соопшти полицијата.

Местото каде излетало возилото е пред мостот на реката Брегалница, што го спојува излезот на Штип со регионалниот пат што води од Штип кон Радовиш.

Загинатите Шалев и Петров се добро познати на штипската јавност. Шалев е претседател на урбаната заедница Железничка и пред осум месеци стана татко. Коце Петров кој е брат на загинатиот бранител од конфликтот во 2001 година, Влатко Петров, уште еднаш ги зави во црнина родителите, кои го загубија и вториот син.

В.К.