Потрошените пари за „Ден на дрвото“ и ефектот од акцијата денеска на владина седница


Скопје, 13 февруари, 2018 - 11:05 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи својата редовна, 54 седница со 104 точки на дневен ред.

Како пред точки се најавени расправата за состојбите и напредокот во процесот на европска интеграција, користење и имплементација на фондовите од ЕУ, статус на реализација на приоритетите на Македонија за влез во НАТО и статус на реализација на Рамковниот договор.

На денешната седница повеќе точки од дневниот ред се посветени на информации за прогресот на активности во реализацијата на проектите за изградба, рехабилитација и реконструкција на повеќе делници на автопатски, експресни, регионални и локални патишта во Македонија.

На седницата на Владата денеска ќе биде одржана презентација на тема „Клучните аспекти на јавната внатрешна финансиска контрола и раководна отчетност и одговорност“, на иницијативата СИГМА на ЕУ која има за цел да дава препораки за приоритети за реформа на јавната администрација во земјите кандидати за членство во Европската Унија.

Јавно претпријатие за стопанисување со државните шуми „Македонски шуми“ пред министрите денеска ќе ја презентира информацијата за вкупно потрошени финансиски средства за спроведување на акцијата „Ден на дрвото-засади ја својата иднина”, од почетокот на акцијата до сега, со резултатите и ефектот од реализацијата на акцијата.


Владата ќе расправа за Денот на дрвото и за субвенции за соларни колектори


Скопје, 7 ноември, 2017 - 10:46 (META) 

Владата на Република Македонија на својата 36. седница денеска ќе разгледува повеќе точки, меѓу кои и доделување концесии за геолошки испитувања заради суровини, како и предлог за Ден на дрвото и информација за измена на програмата за субвенционирање соларни колектори и замена на прозорците.

Ќе се расправа и за ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“ Скопје, a на иницијатива на „Македонски шуми“, ќе биде разгледана информацијата за спроведување на пошумувањето на површините предвидени за акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ за есенскиот дел во 2017 година.

Управата за извршување санкции на денешната седница ќе ја презентира информацијата за напредокот на проектот за реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија, како и информацијата за изградба на притворско одделение со придружни објекти и судница во Казнено-поправната установа „Идризово“.

Министерството за животна средина и просторно планирање на седницата ќе ја презентира информацијата за напредокот во спроведување на ЕУ-ИПА проектот „Изградба на пречистителна станица за отпадни води Прилеп“.


„Денот на дрвото“ ќе се одработува следната година


Скопје, 1 декември, 2016 - 10:00 (META) 

Вчерашниот неработен ден, на кој беше спроведена акцијата „Ден на дрвото“, ќе се одработува во текот на следната година. Ваква одлука донела Владата на седницата одржана на 25 ноември, а конкретниот датум, кога ќе биде одработен вчерашниот ден, ќе биде дополнително утврден.

„На седницата одржана на 25 ноември 2016 година, Владата донесе одлука 30 ноември 2016 година да биде прогласен за неработен ден и да биде посветен на акцијата „Ден на дрвото“. На истата седница беше утврдено работниот ден за одработување акцијата да биде во текот на следната година и беше заклучено одлуката за конкретниот датум да се донесе дополнително во следниот период. По носењето на конкретната одлука, Владата соодветно ќе информира“, соопштија од Владата.

Граѓанската акција „Ние одлучуваме“ вчера предупреди дека одработувањето на акцијата „Ден на дрвото“ е можно да биде на 10 декември, ден пред изборите, што би влијаело на нормалниот тек на предизборниот ден, особено за администрацијата која е вклучена во изборните органи што го примаат изборниот материјал на избирачките места.


СДСМ најавува целосна ревизија на акцијата „Ден на дрвото“


Скопје, 30 ноември, 2016 - 15:44 (META) 

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска соопшти дека ако дојде на власт, по изборите на 11 декември ќе спроведе целосна ревизија на спроведувањето на акцијата „Ден на дрвото“.

„Како што предвидовме во нашиот „План за живот во Македонија“, ќе направиме комплетна ревизија на спроведување на акцијата „Ден на дрвото“ од стручен и финансиски аспект. Ќе утврдиме на кои површини се спроведуваше акцијата, колку средства се потрошени и колкав е ефектот од пошумувањето“, изјави денеска претседателот на комисијата за животна средина и просторно планирање на СДСМ, Пеце Мирчевски.

Мирчевски истакна дека актуелната власт потрошила милионски суми за проектот „Ден на дрвото“, кој не дал резултати.

„Според „Македонски шуми“, досега биле платени повеќе од 64 милиони садници кои чинеле повеќе од 10 милиони евра, а на терен нема никакви резултати. И покрај целата акција, и покрај потрошените пари, Скопје, Тетово, Битола и Кичево сè уште се едни од најзагадените градови во Европа. Единствената придобивка од оваа акција е што Никола Груевски може да се слика со лопата в рака додека безмилосно ги троши парите на граѓаните“, рече Мирчевски.


Судењето за случајот „Пуч“ презакажано за 21 декември


Скопје, 9 декември, 2015 - 15:29 (META) 

Судските рочишта во Основниот суд Скопје 1 што на 2 декември беа одложени поради Денот на дрвото, ќе се одржат в сабота, на 12 декември, освен рочиштето за случајот „Пуч“, кое е презакажано за 21 декември, соопштија попладнево од судот.

Меѓу судењата што беа откажани поради денот на дрвото беше и рочиштето за случајот „Пуч“.

Сепак, како што информираат од судот за „Мета“, судското рочиште за „Пуч“ нема да одржи в сабота, туку е презакажно за 21 декември.

Како причина од судот го наведуваат краткиот рок за доставување на поканите до обвинетите.

На последното одржано рочиште за случајот „Пуч“, кој неколкупати се одложува поради недоаѓањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој е еден од обвинетите, судијката Љубинка Башеска реагираше на тоа што тој не се појавува во судот и рече дека ќе мора за наредното рочиште да издаде наредба за негово стражарно приведување.

Од СДСМ реагираа дека Заев ќе се појави на судењето кога случајот ќе го преземе специјалната обвинителка, Катица Јанева.

Специјалното обвинителство пред две недели, меѓу другите, од Јавното обвинителство го побара и го доби предметот „Пуч“, за кој Јанева и нејзиниот тим треба да утврдат дали се надлежни за него и што понатаму.


Денеска ќе бидат засадени три милиони дрвца


Скопје, 2 декември, 2015 - 10:18 (META) 

Под мотото „Засади успех“, денеска на повеќе од 100 локации на целата територија на Република Македонија ќе се одржи 16. акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, во рамките на која ќе бидат засадени три милиони дрвца на 930 хектари земјиште.

Како што информираат од Граѓанското здружение „Ден на дрвото – засади ја својата иднина!“, ќе бидат засадени и 7.000 леандри покрај автопатот Гевгелија – Смоквица и 3.000 чемпреси покрај другите автопатишта низ земјава. Од „Македонски шуми“, за сите општини во Република Македонија ќе бидат доделени уште 67.000 дрвца.

Според нив, досега граѓаните во Македонија засадиле околу 50 милиони дрвца, а од Испекторатот за земјоделство е потврдено дека зафатени се околу 60 проценти од нив.

Со организиран превоз од 9 и од 11 часот за граѓаните во сите општини да можат да ги посетат одредените локациите и да засадат дрвце. Враќањето назад е предвидено во 14 часот, информираат од Здружението.

 


На „Денот на дрвото“ редовно ќе се извршуваат закажаните прегледи


Скопје, 30 ноември, 2015 - 11:17 (META) 

В среда сите јавни здравствени установи ќе работат редовно и ќе се реализираат закажаните прегледи и интервенции, информираат од Министерството за здравство. Поради спроведувањето на акцијата „Ден на дрвото“, нема одложување и на закажаните хируршки интервенции. Во рамките на проектот „Мој термин“, за тој ден се закажани повеќе од 8.000 прегледи на пациенти и повеќе од 500 операции.

Преостанатите служби во установите кои не се поврзани со закажани термини, ќе се приклучат на акцијата „Ден на дрвото“, и овој ден дополнително ќе го одработат, информираат од Министерството за здравство.


Денот на дрвото го одложи рочиштето за случајот „Пуч“


Скопје, 26 ноември, 2015 - 17:03 (META) 

Поради акцијата „Ден на дрвото“, сите судења во Основниот суд Скопје 1, закажани за 2 декември, меѓу нив и рочишето за случајот „Пуч“, се одложени и пезакажани за друг ден, соопштија попладнево од судот.

„Заради одржување на акцијата „Ден на дрвото“, на 2 декември 2015 година, кој ќе биде неработен ден за сите граѓани на Република Македонија, ја информираме јавноста дека сите судења во Основниот суд Скопје 1, закажени за овој ден, ќе бидат одложени и презакажани за друг ден. Сите граѓани кои се странки во одредена постапка за која е закажана главна расправа токму на овој ден, дополнително ќе бидат известени за кога се презакажуваат судењата“, стои во соопштението на судот.

На последното одржано рочиште за случајот „Пуч“, кој неколкупати се одложува поради остуството на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој е еден од обвинетите, судијката Љубинка Башевска реагираше на тоа што тој не се појавува во судот и рече дека ќе мора за наредното рочиште да издаде наредба за стражарно приведување.

Од СДСМ реагираа дека Заев ќе се појави на судењето кога случајот ќе го преземе специјалната обвинителка, Катица Јанева.

Од кабинетот на Јанева, денеска соопштија дека меѓу предметите што специјалното обвинителство ги побарало од обвинителствата кои досега постапуваа по нив, е и предметот за случајот „Пуч“.


Ден на дрвото, 2 декември, е неработен ден


Скопје, 24 ноември, 2015 - 9:54 (META) 

Владата на Република Македонија донесе одлука следната среда, 2 декември, да се одржи традиционална акција „Ден на дрвото“.

Три милиони садници на површина поголема од илјада хектари ќе бидат засадени во рамките на 16. по ред „Ден на дрвото“.

Годинешното мото „Засади успех“ се однесува на сите досега реализирани акции, во кои процентот на зафатеност на засадените дрва изнесува 60 отсто, што според организаторите е импресивна бројка и за европски рамки.

Истиот ден ќе биде неработен за сите граѓани на Република Македонија, а дополнително ќе биде утврден денот кога ќе се одработува овој ден.