!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Стотици демонстранти уапсени во Москва


Москва, 5 ноември, 2017 - 17:44 (META) 

Стотици луѓе беа уапсени во центарот на Москва денеска, додека се собираа за протест кој беше забранет од власта. Протестот беше организиран од националистичка група.

Апсењата на плоштадот Манеж во непосредна близина на Кремљ се случија два дена откако агенција за домашна безбедност уапси некои од членовите на групацијата „Артподгатовка“, под сомневање дека сакале да извршат бомбашки напади на административни згради.

„Артподгатовка“ е прогласена за екстремистичка група од страна на суд. Нејзиниот водач Вјачеслав Маљцев, кој е во странство, повика на протести денеска, за да се побара оставка на претседателот Владимир Путин.
Според безбедносните агенции, денеска биле уапсени 376 луѓе во Москва и уште 36 лица во други градови.


Протест за „Диво Насеље“ дeнеска пред Кривичен суд во Скопје


Скопје, 5 ноември, 2017 - 10:39 (META) 

На потегот од плоштадот Скендер-бег до Основен суд Скопје 1, денеска со почеток од 13 часот, ќе се одржи протест против судската пресуда за случајот „Диво Насеље“.

Протестот го организира Здружението за албанска култура, коe вчера го пријави настанот во полициската станица Бит-пазар.

Во повикот за протестот што го пренесоа дел од медиумите е наведено дека треба да присуствуваат сите граѓани кои сметаат дека „изживувањето и самоволието на судот во изрекување на казните се уште еден пример за неправедна правда и за двојни аршини од страна на судот“.

Претходно, на социјалните мрежи се договараше учеството, а според тоа, се очекуваат и демонстранти од Косово и од Албанија, кои го најавуваа своето учество.

„Нашето учество само ќе укаже на тоа колку сите сме за соживот, без маски и агенди“, велат организаторите.


Меланија Трамп „заробена“ во вила во Хамбург поради демонстрациите против Г20


Хамбург, 7 јули, 2017 - 20:25 (META) 

Првата дама на САД, Меланија Трамп, останала заробена во луксузната вила-хотел во Хамбург, поради насилните демонстрации против самитот на Г20, кој денеска почнува во северниот германски град.

Меланија Трамп требало да учествува на настан за партнерите на лидерите што присуствуваат на самитот, а бил организиран од Јоаким Сауер, сопругот на германската канцеларка Ангела Меркел.

Сепак, поради насилните протести, не било дозволено првата дама на САД да излезе од вилата каде е сместена делегацијата што го придружува американскиот претседател.


Грчките земјоделци повторно на протести


Атина, 23 јануари, 2017 - 11:05 (META) 

Грчките земјоделци почнуваат со нов бран протести и со блокада на патиштата низ Грција во знак на револт против владината политика кон нив и укинувањето на дел од бенефициите што ги уживаа.

По заедничкиот состанок викендов, земјоделците одлучија од неделава повторно да се вратат на автопатиштата и делумно да ги блокираат, а се размислува и за протести и за демонстрации во Солун и во други градови во земјата.

Од денеска со блокади ќе почнат земјоделците од Крит и од Тесалија, а најдоцна до четврток кон блокадите се очекува да се приклучат и земјоделците од Лариса, Фарсала, Трикала и од други делови на Грција.

Дел од земјоделците од Серес размислуваат и за блокада на граничниот премин кон Бугарија, слично како и минатата година. Засега нема најави за блокирање на границата со Македонија, како што беше случај лани.

Земјоделците сè уште се организираат и не се сигурни дали ќе има силен одѕив на протестите како минатата година, бидејќи голем дел од реформите против кои реагираат веќе се усвоени од грчкото собрание. Велат дека се борат за преживување и за неопходните работи за да може да продолжат да се занимаваат со земјоделство.

Минатогодишните протести на земјоделците предизвикаа големи проблеми во Грција, отежнувајќи го главно транспортот на стоки од земјата кон Европа и причинувајќи големи штети за грчките и за странските превозници.


Трамп: Мали групи демонстранти страсно демонстрираат


Вашингтон, 11 ноември, 2016 - 15:00 (META) 

Новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, по повод демонстрациите против неговиот избор во САД, денеска на својот твитер-профил напиша дека му се допаѓа фактот што мали групи демонстранти покажуваат толку страст за сопствената земја.

„Го обожавам фактот што мали групи демонстранти имаат толку страст за сопствената земја. Заедно ќе победиме и ќе бидеме горди“, напиша Трамп.

Тој и претходно се огласуваше на оваа социјална мрежа во врска со протестите кои се организира во знак на противење на неговата изборна победа. Тој тогаш напиша дека не е фер да протестираат „професионални демонстранти поттикнати од медиумите“, како и тоа дека изборите биле отворени и успешни.


Инциденти во Солун и на Хиос поради бегалската криза


Солун, 8 октомври, 2016 - 15:39 (META) 

Два нови инциденти се случиja во Грција поврзани со огромниот број бегалци распоредени низ целата држава.

Во солунската населба Ореокастро, каде се наоѓа еден од големите бегалски центри во Северна Грција, избија судири меѓу националисти, полицијата и анархисти по протест против бегалците во државата, додека на островот Хиос повторно беше запален дел од бегалскиот камп Суда.

Во Ореокастро се судрија повеќе од 150 лица, дел од нив националисти кои го организираа и учествуваа во протестот против исламизацијата на грчкото општество, дел анархисти.

Улиците на населбата се претворија во бојно поле, со физички напади и со меѓусебни напади со камења. Во инцидентите веднаш интервенираа специјалните сили на полицијата, кои се обидоа да ги прекинат судирите со употреба на солзавец и на шок-бомби.

Околу 3 часот изутринава, пак, на Хиос еден бегалец со самостоен протест почнал демонстрации и судири во кампот. Иницијаторот бил приведен, а веднаш штом полицијата заминала, инцидентите се вжештиле.

Бегалците почнале да палат дел од кампот, а причината, според локалните медиуми на островот, е тензијата и нетрпеливоста кај бегалците која се прелеала поради обилните дождови вчера вечерта, кои само ги влошиле дополнително условите за живот во шаторите во кампот.

Во инцидентите кои стивнале по интервенција на полицијата се уништени повеќе шатори за живеење.


16 години од соборувањето на режимот на Милошевиќ


Белград, 5 октомври, 2016 - 9:31 (META) 

Денеска се одбележуваат 16 години од масовните демонстрации на 5 октомври во Белград, со кои заврши владеењето на Слободан Милошевиќ.

Протестите почнаа бидејќи Милошевиќ одби да ги признаe резултатите од изборите за претседател на СР Југославија од 24 септември 2000 година, на кои изгуби од кандидатот и лидер на Демократската партија на Србија, Војислав Коштуница.

Демонстрантите на 5 октомври стигнаа во Белград од цела Србија, со автобуси, автомобили и со камиони во колони долги десетина километри. Тие со булдожери ги пробиваа полициските блокади на патиштата и се собраа на платото пред Сојузното собрание во центарот на градот.

Во вечерните часови, од балконот на градското собрание на Белград, на граѓаните им се обрати новиот претседател на СРЈ, Војислав Коштуница, а наредниот ден, 6 октомври, Милошевиќ го призна избориниот пораз и му честиташе на Коштуница.

Слободан Милошевиќ беше уапсен во април 2001 година, под обвинение за финансиски малверзации, а два месеци подоцна беше испорачан на Хашкиот трибунал каде што му беше суден за геноцид во Босна и Херцеговина, воени и злосторства против човештвото во Хрватска и на Косово.

Почина на 11 март 2006 година од инфаркт, во притвор на Хашкиот трибунал.


Протести во Полска поради целосната забрана на абортусот


Варшава, 3 октомври, 2016 - 12:54 (META) 

Полјачките денеска со штрајк насловен „Црн понеделник“ и со демонстрации на улиците на Варшава, Ополе, Катовици, Краков и во другите поголеми градови, реагираат на реалната закана целосноно да им биде забрането вештачкото прекинување на бременоста.

Рано утринава, Полјачките излегоа на улиците облечени во црно, како израз за сочувство што пратениците на владејачката евроскептична конзервативна партија Прво и правда сака да го погреба нивното и онака ограничено право на абортус во случаи кога животот им е загрозен поради бременоста, кога плодот е неповратно оштетен или, пак, бременоста е плод на кривично дело, односно силување или инцест.

На иницијатива на славната актерка Кристина Јанда, да се угледаат на жените од Исланд, кои во 1975 година ја парализирале цела држава со тоа што не се појавиле на работа, а сите обврски околу домот и децата им ги препуштиле на мажите, многу Полјачки денеска зедоа слободен ден.

Десетина кафулиња и ресторани во Варшава се затворени со порака „Извинете за непријатноста, но ние се солидаризираме“ или во нив работат само мажи. Протестот го поддржаа некои факултети и градоначалници на неколку поголеми полски градови, кои ги повикаа градските и регионалните власти денеска работата на своите колешки да им ја префрлат на мажите.

Во црно, под паролата „За несаканата бременост и ние сме еднакво виновни“, облечени се и многу мажи.


Протести во Милвоки по убиство на Афроамериканец од страна на полицаец


Милвоки, 14 август, 2016 - 12:27 (META) 

Насилство избувна по улиците на американскиот град Милвоки во државата Висконсин, откако 23-годишен вооружен маж беше убиен при полициска потера.

Мажот избегал од возилото, откако бил запрен од сообраќајни полицајци во саботата попладне (по локално време). Подоцна починал од добиените повреди, се вели во соопштението од полицијата.

Околу стотина луѓе излегоа на улиците на Милвоки по убиството на младиот човек. Неколку возила и згради биле запалени.

Полицијата не го откри етничкото потекло на убиениот, ниту она на вработениот кој пукал, но појасни дека 23-годишниот бил вооружен и имал потера за апсење. За бојата на кожата се дознава подоцна од американските медиуми.

Во врска со фатално застреланиот Афроамериканец е почната истрага. Полицаецот, пак, кој пукал во 23-годишниот млад човек, е привремено суспендиран.


Курц: Турција да ја објасни врската меѓу Анкара и протестите во Австрија


Виена, 21 јули, 2016 - 12:34 (META) 

Австрија го повика на разговор турскиот амбасадор во Виена да ја објасни поврзаноста на Анкара со демонстрациите во Австрија во знак на поддршка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој спроведува остри мерки по неуспешниот обид за државен удар, изјави денеска шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц.

Тој изјавил дека амбасадорот ќе биде прашан дали турските официјални лица охрабриле илјадници луѓе во Австрија да излезат на улиците во знак на поддршка на Ердоган.

– Сакаме да разјасниме во кој правец ќе се движи Турција – изјавил Курц во иунтервју за радио ОРФ.

Тој истакнал дека имаат докази дека повикот за демонстрации во Виена во корист на Ердоган бил директно од Турција, поради што сакале да испратат протестна нота.

Ердоган синоќа прогласи тримесечна вонредна состојба, проширувајќи ги острите мерки против илјадници припадници на безбедносните сили и на судската администрација, цивилните служби, академските кругови.